Бошкоски: При апсењето, од полицајците слушнав „ова ти е поздрав од шефот“


Скопје, 3 септември, 2018 - 11:57 (META) 

Mногу ми е жал што се случи таков настан, настан што сакам да го избришам од мојата меморија, но еве со денешново судење ми се враќа како нова епизода од мојот живот, рече Љубе Бошкоски на денешното рочиште во Кривичниот суд, на кое се сослушува во својство на сведок.

Одговарајќи на прашање од обвинителот на СЈО, Љубомир Лапе, Бошкоски рече дека на 6 јуни 2011 година, ден по изборите, бил повикан од негов пријател во ресторанот „Воденица“ за да решат должничко-доверителски односи што ги имале од претходно.

Кога го завршил разговорот со тоа лице, кого, како што рече Бошкоски, го сметал за пријател, со него носел кеса со пари што не ги броел, иако биле изложени пред него, излегол и тргнал кон автомобилот на паркингот.

– Само што излегов слушнав како некој вика „стој полиција“. Некои од полицајците носеа капи фантомки. Почнаа да викаат „легнете го ѓубрето“ и во еден момент ме легнаа на асфалтот како најголем криминалец –  рече Бошкоски и додаде дека од полицајците слушнал дека „ова му е поздрав од шефот“ и дека „не му бегаат седум-осум години затвор.“

„Некој рече да не се спомнува името Саша, туку шеф, издигнувајќи го како библиска личност, затоа што во Библијата стои „не го споменува залудно Бога“, дополни Бошкоски.

Тој оцени дека апсењето било политички реваншизам што произлегол од неговите јавни настапи по напуштањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ и формирањето на Обединети за Македонија. На денешното рочиште на „Тортура“ се присутни првоосомничениот Сашо Мијалков и останатите обвинети во овој случај.


Со сведочење на Љубе Бошкоски, денеска продолжува судењето за „Тортура“


Скопје, 3 септември, 2018 - 9:53 (META) 

Судењето за предметот „Тортура“ на СЈО продолжува денеска со сведочење на оштетениот Љубе Бошкоски.

Во воведните зборови, обвинителот Љубомир Лапе денеска рече дека СЈО ќе докаже дека по основ на политичка определба првообвинетиот Сашо Мијалков ги навел останатите обвинетите при апсењето на Бошкоски тој душевно да страда, а сето тоа поради политичка одмазда за упатени пораки за време на изборна кампања.

Според Лапе, полицајците, спротивно на уредбата за средства за присилба, употребиле прекумерна сила.

Полицајците, рече тој, ја послушале наредбата и ги пренеле заканите од Мијалков, а еден од обвинетите му ставил пиштол на глава и му рекол „бел ден нема да видиш“.

Како докази, обвинителот Лапе рече дека ќе бидат приложени снимки од неколку телевизии и видео снимки од МВР од денот на апсењето, како и писмените докази поткрепени од т.н. „бомби“.

Во „Тортура“ обвинети поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петмина припадници на единицата и сите пред судот се изјаснија за невини.


Загрозениот сведок во „Монструм“ кажа дека видел четири тела кај Смилковско езеро


Скопје, 24 август, 2018 - 12:20 (META) 

Во Кривичниот суд за време на сослушувањето на загрозениот сведок од предметот „Монструм“, тој кажа дека на 12 април 2012 година кај Смилковското езеро видел четири тела.

Претходно адвокатот Алмир Алиспахиќ се обиде да ја провери и оспори меморијата на загрозениот сведок прашувајќи го како на претходното рочиште биле облечени тој и неговиот колега Насер Рауфи.

Загрозениот сведок, кој исказот го дава од друга просторија со мутиран глас и засенчена слика, точно кажа како биле облечени адвокатите и обвинетите, за кои уште кажа дека ги препознал, дека биле на езерото непосредно пред да се случат убиствата.

Воедно тој појасни дека кај Смилковско езеро тој кобен 12 април, освен „голф 3“ видел уште две патнички возила, едно со сина боја, а второто со бела. Автомобилот „Голф 3“, со затемнети стакла, го гледал претходните четири дена, од 9 до 12 април, на различни локации.

Судијата Огнен Ставрев рече дека денеска добил писмо од министерката Рената Дескоска-Тренеска дека постапката за екстрадиција на двајцата избегани е во процедура.

На 12 април 2012 кај скопското Смилковско езеро беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски (на возраст од 18 до 21 година), сите од Радишани, Скопје, и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од Црешево.


Продолжува сведочењето на загрозениот сведок во „Монструм“


Скопје, 24 август, 2018 - 9:57 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје денеска со сведочење на загрозениот сведок продолжува судењето за предметот „Монструм“ на Специјалното јавно обвинителство, за петкратното убиство кај Смилковско езеро, сторено на 12 април 2012 година.

Претседателот на судечкиот совет Огнен Ставрев, претходното рочиште го прекина поради замореност на загрозениот сведок, по неговото сослушување од страна на СЈО и еден од адвокатите од одбраната.

Загрозениот сведок на минатото рочиште кажа дека си останува на исказот даден на претходна постапка. Тој во судницата препозна неколкумина од обвинетите и ги опиша.

Одбраната смета дека загрозениот сведок е конфузен во одговорите и затоа се сомневаат во вистинитоста на неговите искази. Посочуваат дека на истото негово сведоштво била базирана и претходната пресуда за „Монструм“ што беше укината на Врховен суд, а предметот вратен на повторно одлучување.

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници. Судот на минатото рочиште, информира дека се во контакт со косовските власти за постапката за екстрадиција.


Азири, обвинетиот во „Монструм“ тврди дека бил тепан за да го признае делото


Скопје, 23 мај, 2018 - 12:49 (META) 

Обвинетиот во „Монструм“ Хаки Азири, кој првично бил загрозен сведок, на денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1 раскажа како на први мај 2012 година бил брутално апсен, тепан, плашен, носен по полициски станици низ Македонија, но и во МВР, присилуван да признае дека помогнал тероризам, поради што и на крајот пред истражен судија дал изјава под притисок на инспектори од МВР.

-Дента кога дојдоа да ме уапсат, татко ми лежеше на подот, а полицијата го тепаше мојот малолетен брат. Кога побарав да стане татко ми, ме удрија со клоца во лице. Потоа ме однесоа во полициска станица и ме распрашуваа за 12 април. Кажував што правев дента, но ми велеа дека тоа не е вистина и дека заедно со сега обвинетите сме го извршиле убиството. Ми рекоа дека се уапсени моите роднини и дека дел од нив ќе ги убијат. Потоа ме тепаа, по што ме однесоа во една зграда, ме ставија во една канцеларија и ме врзаа за еден столб со лисици. Подоцна ми викаат дека нема да ме остават жив мене и моето семејство ако не признаам дека Алил Демири со неговите другари го извршиле убиството. Продолжија да ме малтретираат и да ми кажуваат како да сведочам – рече Азири.

Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи побара да се чита изјавата на Хаки Азири од 2 мај таа година пред истражен судија, а и да се прегледа аудиовизуелната снимка по пет дена што ја дал, за да се види, како што рече, дали имало некакви промени и повреди кај него, зашто тврдеше дека на први и деновите потоа бил брутално тепан и малтретиран.

Азири рече дека во МВР инспектори и еден со повисок чин и функција му кажале што треба да кажува пред истражен судија, ако сака да ги види живи членовите на неговото семејство.

-Ми рекоа истражниот судија е наш човек, обвинителот е наш човек, а ние ќе им речеме како да прават. Ми рекоа и да не ангажирам адвокат. Било кој од присутните во судница да го земат и да му го направат тоа што мене ми го направија ќе го признае не само ова убиство, туку и секое друго, бидејќи ми вршеа физички и психички тортури – рече Азири.

Кога се предомислил дека не сака да биде загрозен сведок рече дека бил однесен во притвор, а по шест месеци нашле друг заштитен сведок.

На 12 април, вечерта кога се случи петкратното убиство, посочи дека имал слободен ден, а инаку работел како шофер. Посочи и дека е можно тој ден да ја садел бавчата, бидејќи секој април го правеле тоа. Рече и дека е можно истиот ден да се видел и со обвинетиот Алил Демири, а за останатите средби не се сеќава. Вечерта пак бил кај негов роднина каде што играле друштвена игра.

Според обвинението тој со свое возило ги презел од „опел омегата“ прво и второобвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ веднаш по убиството. Биле со црни ракавици и фантомки, му кажале: „Направивме гомнарија, убивме човек“.

Обвинителката Фетаи побара пауза, најавувајќи дека распитот на Азири ќе трае долго. Судијата Огнен Ставрев, пак, рече дека поради тоа што на снимката не се гледа дали Азири има повреди од тепањето, на следното рочиште со посебна техника тој ќе биде зумиран.


Зекири во судница препозна двајца напаѓачи на Села, кои барале „албанска крв“


Скопје, 16 април, 2018 - 14:02 (META) 

Пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири, во сведочењето во Основен суд Скопје 1 за обидот за убиство на Зијадин Села што се случи на 27 април минатата година во Собранието, рече дека во обвинетите препознал двајца што го извлекле Села од групата пратеници.  Друг сведок пак рече дека од насилниците се слушало дека бараат „албанска крв“.

Закири рече дека човекот што го одвоил Села од другите пратеници е обвинетиот Александар Јанески – Тоста. Рече дека му помогнале уште двајца во извлекувањето на Села од толпата, опишувајќи ги по облеката, едниот со црно елече, а другиот со качулка. Тој со црното елече е меѓу присутните обвинети, рече Зеќири, покажувајќи кон обвинетиот Сашо Сенков – Сенко.

Зекири рече дека откако Села бил извлечен на страна, салата се преполовила, и притисокот врз останатите пратеници спласнал.

Претходно сведочеше полицаецот Абдулфетах Алими, кој рече оти слушнал дека насилниците барале „албанска крв“.

– Во салата во која се одржуваше прес-конференцијата видов бесни демонстранти кои со тврди предмети гаѓаа кон пратениците. Слушнав како велеа дека бараат албанска крв, меѓу кои и на Зијадин Села, Талат Џафери и Зоран Заев. Ние се обидовме да ги заштитиме, но ситуацијата излезе од контрола – изјави Алими, кој во моментов се наоѓа во притвор.


Навремената лекарска помош го спасила Села од смрт, судењето продолжува на 19 март


Скопје, 20 февруари, 2018 - 15:39 (META) 

Навремената медицинска помош го спасила лидерот на Алијанса за Албанците и пратеник, Зијадин Села од смрт на 27 април, минатата година кога беше нападнат во Собранието, рече доктор Здравко Чакар, кој заедно со уште двајца колеги од Институтот за судска медицина сведочеше на денешното рочиште од судскиот процес против десетмината обвинети за обид за убиство на Села.

Покрај нагмечување на мозокот, пратеникот Зијадин Села на 27 април добил уште неколку тешки повреди во пределот на главата, односно крвен подлив на очите, скршеница на носот и повреди на левата страна на главата.

Докторката Верица Поповска појасни дека најтешката повреда, подлив на мозокот, Села ја добил од десната страна на главата и тоа додека лежел или пак можеби додека стоел со главата потпрена на ѕид.

Од повредите на Села во мозокот влегол воздух поради што како што рече докторката ова можело да предизвика воспаление на мозокот.

На прашање на обвинителот, дали повредите можат да предизвикуваат трајни последици, вештакот рече дека и по неколку години од нападот може да се појави неврлошки испади.

– Затоа оштетениот и денеска прима терапија која го штити мозокот од епилептични напади – рече докторката.

Адвокатите на обвинетите приговараа дека вештаците во периодот кога го правеле вештачењето минатата година биле со истечени лиценци кои се продолжени во 2018 и најавија дека за три дена до судот ќе достават документи од Министерството за правда и од Централниот регистар што ќе го потврдат тоа.

Обвинителот, пак рече дека нема потреба од тоа бидејќи вештачењето е направено од Институтот за судска медицина, кој е највисока институција во државата за ваква проблематика.

Судењето за нападот врз Села ќе продолжи на 19 март, кога треба да бидат сослушани тројца сведоци меѓу кои и новинари.


Села: Од Собранието ме извлекоа маскиран како полицаец


Скопје, 19 февруари, 2018 - 13:37 (META) 

Лидерот на Алијанса за Албанците и пратеник, Зијадин Села на 27 април во прес-центарот во Собранието добил неколку удари во главата со монитор, со копје од знаме и со даска, слушајќи закани дека ќе биде убиен.

Села денеска сведочеше во Кривичниот суд во Скопје на судењето во кое десет лица се обвинети за обид за убиство врз него.

Од ударите Села бил зашеметен и дезориентиран, а последно на што се сеќава од случувањата во прес-центарот е дека паднал на колега и дека почнале да го удираат по главата и телото од сите страни и слушнал извици „Убиј го“.

Тој посочи дека пред него како жив-штит стоеле пратениците Сурија Рушити од Алијанса за Албанците и Реџаил Исмаили од ДУИ, кои во еден момент се повлекле и тогаш Села добил удари со клоци и тупаници.

– Последниот момент што го паметам е како паднав на колена и тогаш почнаа да ме удираат по глава и насекаде по телото. Пред да паднам, човек со кожно елече и со очила на главата рече „Еве го Села, ајде!“ – рече лидерот на Алијанса за Албанците.

Одговарајќи на прашање на обвинителот, Села рече дека не се сеќава на ликовите на напаѓачите.

– Ова треба да го утврди истрагата. Не е можно од сите напади да има снимка, само од мојот напад да нема. Не е можно при толку телефони, мојот напад да не бил снимен – рече Села.

Села во судот го појасни и моментот кога се освестил и кога бил изнесен од Собранието, маскиран како полицаец.

– Се освестив во соба 334 во Собранието. Собата беше темна, а јас бев под бирото. Абдул Фета, вработен во собрание беше со мене и ми се претстави, а со него беше и друго лице. Фета ми кажа дека телефонот постојано ми звони и го земав и се јавив на сопругата и и кажав дека сум жив. Тогаш влегоа полицајци во цивилка. Ми облекоа дуксер и ми дадоа полициска значка, буквално ме маскираа. Ме изнесуваа викајќи повреден полицаец, повреден полицаец – рече Села, одговарајќи на прашања на обвинителот.

Тој се присети дека за време на насилствата, во прес-центарот имало некоја жена која била со новинарите и го снимала, а откако влегле насилниците зборувала со еден од нив кој носел црна фантомка.


Почнува судењето на Талевска за „Тифани“, Села треба да сведочи за нападот од 27 април


Скопје, 19 февруари, 2018 - 10:20 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани три рочишта од судските процеси по обвиненија на Специјалното јавно обвинителство, а треба да продолжи и судењето на напаѓачите на пратеникот и лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, за време на насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

На денешното рочиште против напаѓачите на Села, кои се товарат за обид за убиство, како што најавено, треба да сведочи лидерот на Алијансата за Албанците.

На претходното рочиште, адвокатот на Села, Абедин Абдули соопшти дека неговиот клиент бара отштета од 30 милиони денари или половина милион евра. На истата расправа, еден од сведоците на нападот на пратеникот, ја смени изјавата дадена во истрага.

Денеска во Кривичниот суд треба да се одржи и првото рочиште, односно да почне и судскиот процес против новинарката и уредничка во „Сител“, Ивона Талевска, која е обвинета дека, во периодот од 2008 до 2014, со намера таа и нејзини фирми да одбегнат плаќање даноци, давала лажни податоци до надлежните институции. Фирмите на Талевска, според СЈО, одбегнале да платат даночни обврски во износ од 37.634 евра, а таа одбегнала да плати данок во износ од 16.924 евра.

Во Кривичне треба да продолжи и судењето за набавката на 300 возила за МВР, случај кој во јавноста е познат како „Триста“, а во кој обвинет е поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски. Инаку, судењето треба да продолжи со нов судија, на местото на Лидија Петровска, поради новиот распоред за работа кој го донесе претседателот на судот, Иван Џолев.

За денеска е закажано рочиште против Димче Крстев, кој е обвинет за насилствата пред општина Центар во јуни 2013 година. За него судот ја издвои постапката, и му се суди одделно од останатите обвинети, меѓу кои се и поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште десетина лица.


Бенон и Левандовски добиле повик за сведочење


Вашингтон, 23 декември, 2017 - 16:07 (META) 

Поранешниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Бенон и поранешниот шеф на кампањата Кори Левандовски, повикани се да сведочат пред конгресмените во истрагата за вмешаност на Русија во претседателските избори во 2016 година.

Двајцата добиле писма од одборот за разузнавачи работи на Конгресот, барајќи од нив да сведочат на почетокот на јануари.

Одборот се уште нема добиено одговор ни од Бенон ни од Левандовски.

Во писмото не се наведени конкретни причини поради кои одборот сака да ги интервјуира, ниту се наведени прашањата кои ќе им бидат поставени.