!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев: Моделот за иднината почнува со почитување на сите заедници


Битола, 22 ноември, 2017 - 23:11 (META) 

Со чествувањето на Денот на албанската азбука ја потврдуваме заедничката определба за почитување и за унапредување на етничката и на културната разноличност, односно богатството на Македонија, истакна премиерот Зоран Заев во своето обраќање на свеченоста по повод Денот на албанската азбука, што се одржа во Битола.

– Прогласувањето на денешниот ден за официјален празник на албанското писмо е составен дел од јазичното и од културното богатство на Република Македонија. Одбележувањето на културните вредности, датуми и традиции на сите етнички заедници, вклучувајки ја и албанската, придонесува за просперитетна иднина и за благосостојба на сите граѓани. Градиме едно и единствено општество, еднакво за сите. Градиме граѓанско општество, истовремено со почит кон етничките, националните, верските и културните разлики. Затоа сме горди и затоа етничката и јазичната разноличност ги сметаме за наша предност, за наше заедничко богатство. Затоа велиме: Кога денеска го одбележуваме и славиме Денот на албанската азбука, заеднички го прославуваме и постоењето и зближувањето на две културни традиции кои опстојувале заедно со векови – рече Заев.

Тој упати порака до сите граѓани на Македонија дека моделот за иднината почнува со почитувањето на сите заедници.

– Тој модел повикува да градиме држава и општество за сите, во кои културите ќе соработуваат, ќе се дополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат – подвлече Заев во своето обраќање.


Заев: На идните генерации треба да им дадеме причини за да го слават нашиот патриотизам


Скопје, 11 октомври, 2017 - 13:43 (META) 

Нашиот патриотизам идните генерации ќе го слават само ако им дадеме повеќе причини за тоа, истакна премиерот Зоран Заев во својот говор на централниот настан од одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание, кој се одржа пред Споменикот на ослободителите на Скопје, во дворот на Владата.

– Празнувањето на големите датуми и оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата на Македонија е само мал дел од нашата должност кон достојното минато – рече Заев, нагласувајќи дека патриотизмот не завршува тука.

Тој додаде дека патриотизмот идните генерации ќе го слават само ако им се дадат повеќе причини за тоа, како што тоа го направила генерацијата на партизаните од антифашистичката и народноослободителната борба.

– Пред 76 години нашите сограѓани во Прилеп и во Куманово се одважија и презедоа акции со кои го означија почетокот на востанието на македонскиот народ и на сите други граѓани во Македонија против фашистичкиот окупатор и почетокот на завршните процеси во впишувањето на македонската држава на мапата на народите во светот – рече Заев.

Покрај владина делегација, пред Споменикот на ослободителите на град Скопје, свежо цвеќе положија и делегација на
Собранието предводена од пратениците Јулиана Николова и Диме Велковски, на Армијата на Република Македонија, предводена од заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Мухамет Рацај, на Сојузот на борците предводена од Никола Стојановски и други делегации на државниот и на дипломатскиот кор.


Шеснаесет години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор


Скопје, 13 август, 2017 - 9:56 (META) 

Денеска се одбележуваат 16 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на воениот конфликт во Македонија во 2001 година и се постави рамка за меѓуетички соживот.

Преговорите, почнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и тогашен премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.

Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на Европската Унија и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.

„Овој Рамковен договор ќе го промовира мирниот и хармоничен развој на граѓанското општество, истовремено почитувајќи го етничкиот идентитет и интересите на сите македонски граѓани“, стои, меѓу другото, во текстот на договорот.

По повод 16-годишнината од потпишувањето на договорот, под покровителство на вицепремиерот задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор, Хазби Лика и на претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери вечер ќе се одржи свеченост во хотелот „Александар палас“ во Скопје.


ДИК утре свечено ќе ги врачи уверенијата на новоизбраните пратеници во Собранието


Скопје, 27 декември, 2016 - 16:14 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) утре свечено ќе им ги врачи уверенијата на претставниците на коалициите и на политичките партии кои освоија пратенички мандати на предвремените парламентарни избори, кои се одржаа на 11 декември. Ова го отвора патот за свикување конститутивна седница на новото собрание.

„Ве известуваме дека уверенијата за пратениците избрани на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, Државната изборна комисија ќе им ги врачи на овластените претставници на коалициите и на политичките партии кои освоија пратенички места, на свечен настан закажан за 28 декември 2016 година (среда) со почеток во 14 часот. Настанот ќе се одржи во седиштето на Државната изборна комисија (во зградата на поранешниот НИП „Нова Македонија)“, стои во соопштението на ДИК.

На предвремените парламентарни избори Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, Коалицијата предводена од СДСМ – 49, ДУИ – 10, Движење Беса – 5, Алијанса за Албанците – 3 и ДПА – 2 пратенички места.

По прогласувањето на конечните резултати и врачувањето на уверенијата, според Уставот, крајниот рок за конституирање на новото Собрание е 31 декември, односно 20 дена од одржувањето на изборите, кои во овој случај беа на 11 декември.

Се очекува претседателот на претходниот собраниски состав, Трајко Вељаноски, следните денови да ја свика конститутивна седница, а доколку тоа не го направи од некоја причина, честа да ја свика и да ја води првата седница, според Деловникот на Собранието, ќе ја има највозрасниот пратеник од новоизбраниот состав – Бранко Маноиловски од ДУИ.


Признание „Пријател на Македонија“ за поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ


Шибеник, 1 декември, 2016 - 10:23 (META) 

Граѓанското здружение „Хрватско-македонска тангента“, вечерва, во 19 часот, во Шибеник, на поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ, ќе му го врачи признанието „Пријател на Македонија“.

Во таа пригода Месиќ ќе одржи предавање за македонско-хрватските културни врски, од Штросмаер и Миладиновци до денес.

Поранешните хрватски претседатели Стипе Месиќ и Иво Јосиповиќ, се почесни членови на „Хрватско-македонската тангента“.

Традиционалните годишни признанија ќе им бидат врачени и на новинарите Марина Јурковиќ од весникот „Слободна Далмација“ и на Ксенија Билан од „Шибенски неделник“, како и на Вилијам Лукиќ, директор на шибеничката градска книжарница.


Иванов ќе присуствува на 70-годишнината од доселувањето на Македонците во Војводина


Белград, 27 октомври, 2016 - 10:24 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов ќе присуствува на свечена академија по повод 70-годишнината од доселувањето на Македонците во Војводина, на 30 октомври во Панчево, јави дописничката на „Мета“ од Белград.

Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија најавил дека на централната свеченост во Центарот за култура на Панчево ќе присуствува и српскиот претседател, Томислав Николиќ.

Пред одржување на свеченоста, двајцата претседатели ќе посадат дрво на пријателство во паркот на градското собрание.

Николиќ и Иванов ќе присуствуваат и на потпишувањето на документ за збратимување на македонската општина Македонски Брод и на српската месна заедница Јабука.


Канческа-Милевска и Бејли ја претставија реставрираната „Св. Богородица Перивлепта“


Охрид, 26 октомври, 2016 - 13:33 (META) 

Со свеченост на која присуствуваа министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли, како и митрополитот дебарско-кичевски, г. Тимотеј, денеска во Охрид беше претставен на јавноста комплетно конзервираниот и реставриран фрескоживопис во црквата „Св. Богородица Перивлепта“.

Конзервацијата траеше точно три години, додека истражувачките работи на архитектурата и на фрескоживописот се почнати уште во 2010 година.

Во овој период, поставен е натпокрив на објектот, комплетно е конзервирана и истражена архитектурата на црквата, конакот и на манастирската камбанарија, а допоплнително треба да биде конзервирана и реставрирана и камбанаријата на црквата.

За време на конзерваториските и на истражувачките работи на црквата, откриени се значајни археолошки наоди, кои ќе бидат изложени на увид на јавноста.

На самата конзервација и реставрација на фрескоживописот работеа 14 конзерватори од Заводот и музеј во Охрид, од Националниот конзерваторски центар од Скопје, како и експерти од странство, дојдени по препорака на УНЕСКО.

Вкупно на проектот беа ангажирани околу 70 лица.

Целиот проект за заштита на вредната црква „Св. Богородица Перивлепта“, со грант од 650.000 евра, беше поддржан од Амбасадата на САД во Скопје.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, говорејќи за значењето на зафатот, рече дека сега се вратени сјајот и колоритноста на фрескоживописот.

– На увид на јавноста сега го имаме првото автентично дело на зографите Михајло и Евтохија, уметничка творба препознатлива во меѓународнми рамки и која е предмет на меѓународни проучувања – рече Канческа-Милевска.

Владиката Тимотеј потсети дека црквата првпат е фрескоживописана во 1265 година и дека пред околу шест децении првпат се вршени заштитни конзерваторски зафати.

Црквата „Св. Богородица Перивлепта“ се смета за врвно дело на византиската архитектура. Ја изградил војсководецот Прогон Згур во 1295 година.

Амбасадорот Џес Бејли, Канческа-Милевска и владиката Тимотеј, не сакаа да одговараат на новинарски прашања.

Како што официјално беше соопштено, амбасадорот Бејли денеска ќе престојува и во посета на локалното седиште на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.


Пуштена во употреба нова градинка во Јагуновце


Тетово, 22 мај, 2016 - 16:36 (META) 

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот на Општина Јегуновце Тони Коцевски, попладнево на свечен начин ја пуштија во употреба новата детска градинка „Јаболчиња“ во Јегуновце.

Новата градинка, како што беше речено, ќе ги подобри условите за престој на најмладите од Општина Јегуновце, кои до сега беа згрижени во руиниран објект стар половина век. Градинката располага со капацитет за 50 деца.

Ваква установа според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој беше присутен на денешниот настан се планира да се отвори и во село Прељубиште, кое е оддалечено на неколку километри од Јегуновце.

Груевски, по обиколката на новиот објект, одби да одговори на новинарски прашања поврзани со политичката криза во земјата.


Вељаноски: Да оставиме да нè оценуваат генерациите што доаѓаат


Скопје, 7 септември, 2015 - 20:30 (META) 

„Референдумот од 8 септември 1991 година е нашата најголема современа победа, а изразената волја на граѓаните претставува заокружување на стремежите, принципите и на сонувањата на генерациите од двата Илиндена. Денес, поради нас самите и евроинтегративните процеси, продолжуваме со реформите“, рече претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, на свечениот прием во пресрет на празникот 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија.

– Во овие 24 години, верувам дека се направени многу позитивни работи кои се во корист на нашите граѓани. Дали можеше повеќе и подобро? Да, секогаш може. Но, сепак, мислам дека на ова може подобро да се одговори од една историска дистанца, односно да оставиме да нè оценуваат генерациите што доаѓаат по нас. Верувам дека сите ќе се сложиме дека успесите многу полесно ги правиме кога имаме висок степен на единство околу конкретни прашања, без разлика дали станува збор за внатрешни прашања или за остварување на стратешката цел, интеграција во ЕУ и во НАТО – рече Вељаноски.

Тој додаде дека во овие 24 години на самостојност во ова мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество создадени се услови за целосна рамноправност на сите етнички заедници за зачувување на нивниот идентитет и дека сите ја чуствуваат Република Македонија како своја татковина.

На приемот присуствуваа и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, пратеници од првиот собраниски состав, актуелни пратеници, министри, претставници на верските заедници, на АРМ, на дипломатскиот кор и други гости.


Премиерот Груевски денеска ќе пушта пат и водовод во Елшани


Охрид, 14 јуни, 2015 - 10:02 (META) 

Претседателот на Владата, Никола Груевски, и охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески, денеска, свечено, ќе го отворат новиот асфалтиран пат и ќе го пуштат во употреба новиот водоводен систем во надезерското село Елшани.

Реконструкцијата на патната делница, од автокампот Елешец на меѓународниот пат Охрид – Свети Наум до Елшани, е во должина од 2.258 метри.

Вкупната вредност на проектот е 7,6 милиони денари, а изведувач е акционерското друштво „Илинден“ од Струга.

Проектот е на Општина Охрид, со поддршка на Владата и на Светска банка.

Со реконструкцијата на патниот правец и на водоводот, се решава повеќедеценискиот проблем на жителите на Елшани, а истовремено, се создаваат услови за иден развој на ова населено место, како туристичка населба.