!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Брнабиќ: Србија ќе даде сѐ од себе за да има најдобри односи со Македонија


Белград, 9 септември, 2017 - 11:50 (META) 

Српската премиерка Ана Брнабиќ вчеравечер на приемот организиран во Белград по повод Денот на независноста на Република Македонија. порача дека Србија ќе даде сѐ од себе за со Македонија да има само најдобри односи. Таа рече дека не разговарала со својот македонски колега Зоран Заев, ниту со амбасадорката на Македонија во Белград, Вера Јовановска-Типко околу можноста Македонија да го поддржи членството на Косово во Интерпол.

– Вечерва не сакам да зборувам за тоа. Вечерва ги славиме нашите добри односи и Денот на Македонија. Србија е отворена, флексибилна и ќе дадеме сè од себе да имаме најдобри односи – истакна Брнабиќ, која во име на српската Влада го честиташе празникот на Република Македонија.

Таа нагласи дека завчера разговарала со амбасадорката Јовановска-Типко за натамошната соработка меѓу двете земји и потсети дека му упатила официјален повик на македонскиот премиер Зоран Заев да го посети Белград во ноември.

На приемот што го организираше во Белград, македонската амбасадорка во Србија, Вера Јовановска-Типко рече дека трајна определба на Македонија е развој на добрите односи со сите соседи.

– Тие добри односи не подразбираат илузија за некоја идилична атмосфера, туку односи во кои отворените прашања се решаваат преку искрен дијалог, заемно почитување и меѓусебна доверба. Токму кон такви односи стремиме со пријателска Србија, со која не поврзуваат многу елементи од минатото, сегашноста и иднината, а најмногу човечките релации и взаемните симпатии кои се трајна вредност и поттик за континуирано подобрување на односите – порача Јовановска-Типко.

Покрај српската премиерка, на приемот беа и претседателката на српскиот парламент Маја Гојковиќ, како и министерот за труд Зоран Ѓорѓевиќ и претставници на дипломатскиот кор.


Тимоние: Франција ги поддржува изградбата на правната држава и унитарноста на Македонија


Скопје, 15 јули, 2017 - 14:45 (META) 

Четвртина век како Франција е на страната на Македонците за да се зајакне државата и нејзината унитарност и ги придружува во изградбата на правната држава, што е услов кој важи за сите идни интеграции кон кои земјата легитимно се стреми, порача амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, на вчерашниот говор на свечениот прием на Националниот ден на Франција.

На приемот во Македонско село, Тимоние ги нагласи заложбите на Франција за спроведување на неопходните реформи во Македонија и за Европа, која ќе стане целосна кога ќе се приклучат земјите од Западен Балкан.

– Оваа година, францускиот празник е во знакот на споделената надеж која уште повеќе ќе нè обедини, надежта за европска иднина за која се изјаснија нашите два народa, со која им се дава нов патоказ, оној за спроведување на неопходните реформи, за изградба на простор за мир и за просперитет, колективна амбиција за она што треба да биде Европа. Европа, која нема да биде целосна, како што напиша нашиот претседател Макрон во писмото до претседателот Иванов, сè додека не се приклучат земјите од Западен Балкан. Тоа е огромната задача која ни престои на сите и поради која сè уште сме и ќе бидеме секогаш на ваша страна. Тоа не е само Европа на автопатишта и на тендери, на помош и на субвенции, туку Европа на заеднички вредности кои посакуваме да ги имаме сите, а кои ние Французите ги славиме денес заедно со Вас. Вредностите на нашата девиза: слобода, еднаквост, братство – рече, меѓу другото, францускиот амбасадор.

На приемот беа и премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и министри, странски амбасадори, градоначалници и верски великодостојници.