!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Геологот Боев тврди дека сушата нема да ја остави Македонија без вода за пиење


Штип, 16 мај, 2017 - 16:37 (META) 

Сушата нема да влијае врз питката вода со која се снабдуваат македонските градови, бидејќи водата е длабоко складирана во карстните резервоари. Ова го тврди ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, геологот Блажо Боев. Според него, овие води се едни од поквалитетните природни питки води во Европа.

– Безмалку сите населени места во земјава се снабдуваат од вакви природни резервоари. Што се однесува до заканата од суша на Македонија, како резултат од глобалниот феномен, наречен климатски промени, засега со овој природен потенцијал на складирани води во македонските карстни резервоари, градовите ќе го немаат тој проблем, во однос на другите делови на Балканот и на Европа – вели Боев.

Според неговата колешка, геологот Билјана Гичевска, 40 отсто од градовите се снабдуваат од пештерски извори или, стручно, од природни карстни врела.

– Дел од македонските населби се снабдуваат со исправна вода за пиење од карстни извори и тоа доволно говори за тоа колку Македонија е високо на листата на еко-земји во Европа, во поглед на чистотата на својата околина – вели Гичевска.


За два дена повеќе од 100 лица починале од глад во Сомалија


Могадишу, 4 март, 2017 - 19:00 (META) 

Премиерот на Сомалија, Хасан Али Каире, денеска соопшти дека во последните 48 часа 110 лица умреле од глад само во регионот Бај и дека ваква опасност им се заканува на милиони луѓе во земјата, јавуваат светските агенции.

Станува збор за прв извештај за луѓе починати од глад, откако во вторникот Сомалија прогласи национална катастрофа поради сушата што им се заканува на милиони луѓе.

Според проценките на Обединетите нации, итна помош во храна им е потреба на околу пет милиони жители на оваа земја.

Сомалија, заедно со Нигерија, Јужен Судан и со Јемен, е еден од четирите региони за кои генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, минатиот месец побара помош од 4,4 милијарди долари за да се избегне глад од катастрофални размери.

За околу 363.000 акутно изгладнети деца „потребен е итен третман и нутритивна поддршка“, а поради недостиг од чиста вода, постои опасност од појава на болести како колера, велат од ОН.