Французите се тепаа и си пуштаа крв поради евтината „Нутела“


Париз, 26 јануари, 2018 - 14:53 (META) 

Откако францускиот синџир супермаркети „Интермарш“ вчера воведе попуст од 70 отсто на популарниот крем „Нутела“, па теглите со тежина од 950 грама беа поевтинети од 4,5 на 1,4 евра, во голем број супермаркети избија тепачки.

Некои муштерии буквално се фрлале на вработените кои ги носеле палетите.

– Беа како животни. Една жена ја кубеа за коса, друга постара жена носеше цела палета на глава, трета беше со раскрвавени дланки – раскажува една жена која пазарувала во супермаркетот „Интермашр“ во Рив де Жир во централна Франција.

Купувачите постојано се туркале и се тепале, па морала да интервенира и полицијата, како во Острикур, каде избила тепачка меѓу купувачите, а исто било и во Рубо, Марл ле Мин и Па де Кале. Во Сен Сипријан купувачите се фрлале врз вработените што донесувале палети со тегли.

Според производителот „Фереро“, малку повеќе од една четвртина од светската потрошувачка на „Нутела“ отпаѓа на Франција.


Еден убиен и неколку повредени во напад со нож во супермаркет во Хамбург


Хамбург, 28 јули, 2017 - 17:10 (META) 

Едно лице е убиено, а неколку се повредени при напад со нож кој се случил во супермаркет во Хамбург, соопшти полицијата.

Осомничениот е уапсен, а властите засега не ги коментираат мотивите за нападот.

„Немаме јасна информација за мотивот на нападот, ниту за бројот на повредени“, соопшти полицијата на „Твитер“.
Нападот се случил во дисктриктот Бармнек, а полицијата го опколила подрачјето.


Во авионска несреќа во Лисабон загинаа пет лица


Лисабон, 17 април, 2017 - 16:24 (META) 

Мал авион денеска се урна во населено место во Лисабон, во близина на супермаркет. Според пишувањата на медиумите, загинале пет лица, од кои четворица кои биле во авионот и едно лице кое се нашло на местото на несреќата.

Авионот се урнал по полетувањето од аеродромот, кој е се наоѓа на дваесетина километри западно од Лисабон.

Пилотот на авионот бил Швајцарец, а патниците Французи.


Париз: Под супермаркет пронајдени 200 черепи


Париз, 4 март, 2015 - 14:07 (META) 

Работници кои копале под супермаркет во Париз, пронашле повеќе од 200 скелета, јавува „Си-Ен-Ен“. Работниците, кои го реновирале супермаркетот, под подот наишле на дел од некогашните болнички гробишта, а истражувачите и археолозите спроведуваат карбонски и ДНК-тестови за да утврдат кога лицата биле погребани.

Археологот Изабел Абади вели дека според начинот на кој телата се поставени, јасно се гледа дека луѓето умреле отприлика во исто време.

– Тоа што изненадува е дека телата не се фрлени во гробницата, туку внимателно се положени во неа – вели Абади, додавајќи дека гробиштата се затворени пред неколку века, кога повеќето посмртни остатоци биле пренесени во Париските катакомби – подземна костурница во која има остатоци од повеќе од шест милиони тела.

Париз претрпел неколку епидемии на чума во времето кога работела болницата „Свето Тројство“, на која ѝ припаѓале гробиштата.