!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Пријава за скопјанец што препродавал билети за Супер купот


Скопје, 8 август, 2017 - 13:24 (META) 

СВР Скопје извести дека почнала постапка против еден скопјанец за препродажба на билети за Супер купот, по новиот став во Кривичниот законик со кој станува кривично дело препродажбата на билети за спортски и за културни манифестации.

Скопската полиција вчера идентификувала еден скопјанец кој на интернет нудел билети за вечерашниот Супер куп на УЕФА, на кој ќе се соочат „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“. Со наредба од Основен суд Скопје 1 извршен е претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени билети кои ќе бидат дадени на вештачење.

СВР Скопје против скопјанецот ќе поднесе пријава според член 277, став 2 од Кривичниот законик, кој беше внесен во законот на 28 јули годинава.


Џафери го критикуваше Тунтев, пратениците изгласаа казни за препродажба на билети


Скопје, 28 јули, 2017 - 18:11 (META) 

Во десетината минути од продолжението на 10. собраниска седница попладнево, на која единствена точка беше измената на Кривичниот законик со која станува кривично дело препродажбата на билети за спортски и за културни манифестации, во Собранието пред 17 часот повторно имаше мала препирка, па интервенираше и претседателот на Собранието, Талат Џафери, заканувајќи му се на Томислав Тунтев дека ако го троши времето на реплицирање на Илија Димовски, ќе закаже продолжение на седница во 23 часот.

Законот, инаку, беше изгласан со 89 гласа „за“ и немаше воздржани пратеници или такви што гласаа против. Според амандманот што беше прифатен од Законодавно-правната комисија и од Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, измените ќе стапат на сила со објавувањето во „Службен весник“. Тие предвидуваат парична казна или казна до една година затвор за тој што препродава билети, а за тој што организира мрежа за препродажба – парична казна или затвор до три години.

Измените се прават поради барањата на УЕФА за Супер купот, кој ќе се одржи на 8 август во Скопје.

Иако предлог-законот со кој ќе стане казнива препродажбата на билети беше поднесен од координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, Беса и на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, пред конечното гласање, Томислав Тунтев, координаторот на СДСМ, се зафати да му реплицира на Илија Димовски, координатор  на првата пратеничка група на опозицијата.

Додека Тунтев реплицираше зошто и овој закон првично поднесен од Владата влегува во процедура како предлог на пратеничките групи, претседателот на Собранието се уфрли за да му укаже дека нема потреба од докажување и натпреварување и дека сите пратеници знаат дека предлог-законот е во скратена постапка и треба побрзо да се пристапи кон гласање.

– Ние баш поради тоа свикавме итна седница и тоа не е седница на која ќе се натпреваруваме, на која ќе се докаже што е што. Мислам дека се договоривме до 17 часот да биде завршена и сега јас Ви укажувам, ако не се заврши до 17 часот, ќе се вратите во 23 часот – рече Џафери.


Иницијатива за бесплатно сместување за обожавателите што ќе дојдат за Суперкупот


Скопје, 25 јули, 2017 - 10:26 (META) 

Поради огромниот пораст на цените за сместување во хотелите во Скопје и кај некои станоиздавачи поради претстојниот Суперкуп на УЕФА, неколку млади луѓе почнаа акција да го обелат образот на Скопје пред фудбалските обожаватели. Со нивниот проект „Суперкуп Скопје“ SuperCupSkopje, членовите на заедницата WeTalkIT ги поврзуваат фудбалските обожаватели на кои им треба сместување со луѓе од Македонија кои имаат желба да им понудат бесплатен престој.

Целта на овој проект е што поголем број граѓани да бидат домаќини на еден или двајца гости во својот дом, за да им овозможат место за преноќување на обожавателите кои ќе дојдат да го следат натпреварот помеѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

За да му овозможите сместување на некој од обожавателите, сè што треба да направите е да се логирате на специјалната веб-страница и да наведете каков тип сместување може да понудите. Гостите заинтересирани за сместувањето преку е-маил директно ги контактираат оние тие што објавиле сместување, а домаќинот потоа самиот одлучува кој гостин или гости сака бесплатно да ги прими во својот дом.


ВМРО-ДПМНЕ: До последниот извештај на УЕФА, редовно добивавме позитивни извештаи


Скопје, 24 јуни, 2017 - 16:40 (META) 

СДСM, Зоран Заев и Драги Рашковски сè уште се однесуваат како опозиција, а не како власт која треба да работи за доброто на граѓаните, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на генералниот секретар на Владата.

„До последниот извештај на УЕФА, Владата на ВМРО-ДПМНЕ редовно добиваше позитивни извештаи. Сè што беше побарано од стручните лица на УЕФА беше реализирано. Единствените обврски кои остануваат да се реализираат до последната најавена посета од страна на УЕФА се тековни работи околу климатизацијата и средување на просторот, таканаречен ТВ-компаунд, каде што би се сместувале возилата преку кои би се вршел преносот“, стои во реакцијата.

Од партијата наведуваат дека и покрај тоа што Општина Центар, која е, како што се истакнува, под контрола на СДСМ, го повлекла одобрението за градба за просторот за репортажни возила, владата на ВМРО-ДПМНЕ успеала да ги надмине проблемите и да ги исполни барањата на УЕФА.

„ВМРО-ДПМНЕ бара Владата на СДС да не си поигрува со угледот на Република Македонија. Одржувањето на Суперкупот не смее да биде загрозено. Време за губење нема. Одржувањето на Суперкупот е многу поважно од сите манипулации со кои се занимава Владата на СДС“, стои во реакцијата.


Рашковски: Владата ќе направи сè Суперкупот да се одржи во Скопје


Скопје, 24 јуни, 2017 - 16:20 (META) 

Владата ќе направи сè за навреме да ги отстрани сите забелешки од УЕФА и финалето на европскиот Суперкуп во фудбал да се одржи во Скопје, изјави денеска генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.

– Владата сака да ја промовира Република Македонија во најдобро светло и затоа и покрај сите сопки што се прават внатрешно од некои структури, Суперкупот, сепак, ќе се одржи во Скопје. Сме ја имале привилегијата да го добиеме организацискиот дел на Суперкупот и она што како информација и забелешка е давано до ФФМ и од ПУИГ, односно Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, навреме ќе го отстраниме – рече Рашковски, додавајќи дека сè мора да биде завршено до 21 јули бидејќи на 23 јули доаѓа финалната контрола, која ќе одлучи дали Суперкупот ќе се одржи во Скопје или не.

Тој истакна дека забелешките на УЕФА за состојбата на Арената „Филип Втори“ во Скопје се нотирани во сите извештаи од септември 2015 година и дека истите се наведени и во последниот извештај, кој бил испратен до ФФМ на 15 јуни годинава.

– Федерацијата го чувала седум дена по што го пратила до Владата. Сите работи можеле да се направат навреме, а во последните шест месеци поради неразбирливи причини воопшто не се работело ништо – рече Рашковски, истакнувајќи дека ФФМ со чувањето на извештајот не ѝ нанесува штета само на Владата, туку и на хотелиерите, угостителските објекти и на репутацијата на земјата.

УЕФА во својот извештај забележува дека на стадионот нема климатизација, простор за стационирање на репортажни возила, инфраструктура за интернет-мрежа и пристап до интернет во согласност со капацитетот на стадионот, планови за евакуација, соодветно напојување во случај да снема електрична енергија и други недостатоци.


ВМРО-ДПМНЕ: Од подготовките на арената „Филип Втори“, остана уште паркиралиштето за репортажни возила


Скопје, 23 јуни, 2017 - 16:12 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска порача дека ако не се одржи Суперкупот на УЕФА на Национална арена „Филип Втори“, виновна за тоа ќе биде власта на СДСМ.

– До последниот извештај на УЕФА, Владата на ВМРО-ДПМНЕ редовно добиваше позитивни извештаи. Сè што беше побарано од стручните лица на УЕФА беше реализирано од наша страна. Единствените обврски што остануваат да се реализираат пред да дојде последната најавена посета од стручните лица на УЕФА се тековни работи околу климатизацијата и средување на просторот, таканаречен ТВ-компаунд, каде што треба да бидат сместени репортажните возила за ТВ-преносот на Суперкупот – рече Димче Арсовски, потпретседател на Унијата на млади сили на партијата, на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека нема сериозни пропусти во поглед на подготовките правени од претходната власт.

– Единствено треба да се обезбеди буџет за Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор со што сè би било реализирано во наредните 10 дена. Одржувањето на Суперкупот не смее во ниту еден случај да биде загрозено. Време за губење нема – рече Арсовски.


Арената „Филип Втори“, домаќин на Европскиот суперкуп во 2017


Скопје, 29 јуни, 2015 - 19:25 (META) 

Извршниот комитет на Европската фудбалска унија (УЕФА) на денешниот состанок во Прага одлучи националната арена „Филип Втори“ да биде домаќин на Европскиот суперкуп во 2017 година, пишува „Спортмедиа“ (sportmedia.mk).

Скопје ја доби честа да ги угости најдобрите два тима за сезоната 2016/17 и во август за две години да биде домаќин во воведната пресметка на лауреатите од сезоната претходно, дуелот помеѓу европскиот првак и победникот во Лига Европа. Ова е најголем фудбалски и спортски настан што Македонија воопшто ќе го организира.

Со овој дуел и официјално почнува сезоната во европските натпреварувања, а македонската престолнина ќе ја има честа да биде домаќин на најдобрите во 2017 година.