!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Спотот на ФФМ за Суперкупот на УЕФА како реклама за „Скопје 2014“


Скопје, 3 јули, 2017 - 14:01 (META) 

Натпреварот од Суперкупот на УЕФА, кој на 8 август во Скопје ќе го играат „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“, повторно ја подгреа страста кај вљубениците во фудбалот, откако медиумите информираа дека „УЕФА го објавила“ промотивниот видеозапис.

На јутјуб-каналот на УЕФА, пак, како и на нејзината веб-страница нема тако нешто. Последната информација на веб-страницата на Унијата е објавена на 17 јуни, а вели дека во Скопје ќе се игра натпреварот меѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“, но – видеозаписот го нема.

Тој е објавен од Фудбалската федерација на Македонија, која, иако членка на УЕФА, сепак не ја претставува целата европска фудбалска федерација.

Видеозаписот, инаку, е во манирот на класичните промоции за телевизиската публика веќе видени во изминатава деценија, кога се промовираше Македонија како туристичка дестинација или винските ресурси на Македонија, но за разлика од тие спотови, овојпат доминираат градбите од „Скопје 2014“.

Во видеозаписот е претставена и Националната арена „Филип Втори“, каде би требало да се игра натпреварот, ама претежно се гледаат Матка, Скопје од Водно, но и споменикот на Филип Втори, Владата, Милениумскиот крст, црквата „Свети Спас“, кадри од центарот на градот… Во втората половина следува поопсежно претставување на стадионот, испресечено со кадри од Порта Македонија, Археолошкиот музеј, и т.н. сува фонтана на плоштадот Македонија.


Владата ќе им помогне на овоштарите и ќе ги стопира парите за невладините


Скопје, 23 јуни, 2017 - 9:22 (META) 

Владата на вчерашната осма седница донела две одлуки, за помош на производителите на праски кои протестираа против ниските цени на откупот, како и за укинување на одлуката на претходниот состав на владата за доделување пари на невладините организации.

„Владата на Република Македонија донесе одлука за дополнителна финансиска поддршка на земјоделците – прозводители на праски со слаб квалитет. Станува збор за финансиска поддршка на производителите на праски, со откупна цена до  5 денари, што во периодот од 12 јуни до 30 јуни ќе се искористат во преработувачките капацитети. За да им помогне на овие земјоделци, Владата одлучи да обезбеди дополнителна финансиска поддршка за произведувачите на праските со ниска цена поради лошиот квалитет, од 6 денари по килограм“, се вели во соопштението.

Истовремено, на седницата вчера била дискутирана одлуката на Генералниот секретаријат на Владата од претходниот состав за финансирање здруженија и фондации со средства од буџетот во висина од околу 50 милиони денари или 850.000 евра. Бил задолжен  Генералниот секретаријат да ги преземе сите потребни чекори за запирање на постапката за распределба средства од буџетот на овие здруженија и фондации.

„Одлучено е да се извести Државниот завод за ревизија да ја преиспита претходната одлука за доделувањето на овие средства, а доколку постои основа за сомнеж за сторени злоупотреби, да се отвори истрага за обид за ненаменско трошење буџетски пари“, соопшти Владата.

Донесени се и одлуки за новиот тендер на ЕЛЕМ во вредност од 34 милиони евра, при што е наложено тој да се поништи. Станува збор за тендер за набавка на опрема за ископ на јаловина, а Владата му наложила на надзорниот одбор на ЕЛЕМ да ја поништи одлуката за распишаната јавна набавка и за тоа да биде известена.

Исто така, на осмата седница на Владата вчера констатирани се сериозни пропусти од страна на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор и на претходата Влада, во реализацијата на преземената обврска за одржување на УЕФА Супер купот 2017 на Арената „Филип 2“, со оглед дека стадионот не е подготвен согласно бараните стандарди на УЕФА. Задолжен е Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, во соработка со другите надлежни министерства да ги преземе сите потребни мерки во рок од три дена и да најдат начин за одржување на УЕФА Супер купот, за што, како што е најавено претставници на УЕФА ќе дојдат во Скопје на 21 јули да ги проверат условите за одржување на натпреварот меѓу „Манчестер јунајтед“ и „Реал Мадрид“.

Истовремено, министрите биле задолжени да ги декласифицираат сите информации за службени патувања и репрезентации што претходните нивни колеги ги воделе како класифицирани, како и отсега тие информации да бидат јавни, освен ако не станува збор за информации што мора да останат заштитени по сила на закон.


Спасовски се сретна со претставници на УЕФА


Скопје, 10 јуни, 2017 - 16:33 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска одржал работна средба со Жељко Павлица и со Франк Вијнвелд, претставниците на Европската фудбалска федерација (УЕФА), кои се вклучени во организацијата на претстојниот Супер куп на УЕФА, што треба да се одигра на 8 август во Скопје, помеѓу екипите на „Реал Мадрид“ и на „Манчестер јунајтед“.

Спасовски на претставниците на УЕФА им соопштил дека сите капацитети на МВР ќе бидат ставени на располагање за успешна организација на овој настан.

Претставниците на УЕФА го нагласиле огромното значење на МВР за организација на овој натпревар.