Нимиц: Имавме сериозна средба со позитивни, но и тензични моменти


Атина, 12 мај, 2018 - 21:18 (META) 

По средбата на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, денеска во Сунио близу до Атина, посредникот во преговорите Метју Нимиц рече дека разговорите биле сериозни, со позитивни, но со тензични моменти.

– Имавме сериозна средба на која се обидовме да најдеме решение за спорот за името. Во разговорите имаше позитивни моменти, но и тензични моменти, а за она што се разговараше денеска министрите за надворешни работи треба да ги информираат своите премиери пред самитот во Софија каде што двајцата премиери ќе имаат средба на 17 мај – рече Нимиц.

Ниту тој, ниту Димитров и Коѕиас не одговараа на нивинарски прашања.

Димитров вчера на министерскиот состанок на проширената Вишеградска група и земјите од Западен Балкан, изјави дека средбата со посредникот Нимиц е многу важна во преговарачкиот процес.

– Факт е дека сме во најделикатната и последната фаза. Факт е дека има многу прашања за кои има разбирање, тоа разбирање е врзано со крај. Значи, тоа што е договорено, не е договорено, ако не е договорено сè, и факт е дека утрешниот ден е многу важен, неколку дена е пред Самитот во Софија, и наша должност е да најдеме едно решение кое што е можно повеќе ќе ги покрива потребите на двете страни, за да им овозможиме на премиерите прво да се сретнат, и после тоа да си подадат рака, ама мора да понудиме некакви опции, таа ни е задачата утре – рече Димитров.


Димитров зборуваше за „Убавата Македонија“, Коѕиас дофрли дека и Албанија е убава


Атина, 11 мај, 2018 - 14:06 (META) 

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во обраќањето пред неговите колеги во Сунио се осврна на насловот на конференцијата „Иднината на Европа“ велејќи дека за земјите кандидати за членки во ЕУ од Балканот, „иднина“ и „Европа“ се два збора синоними, јави дописничката на МИА од Атина.

– За нас на Балканот, државите кандидати, земјите аспиранти, иднината на Европа, двата збора од насловот на сесијата се речиси синоними. Кога мислиме на нашата иднина мислиме на Европа, кога мислиме на Европа се работи за нашата иднина. Ние исто така се чувствуваме и препознаваме дека се обидуваме да фатиме подвижна цел – рече Димитров во почетното обраќање.

Шефот на македонската дипломатија додаде дека оваа е важна година за регионот.

– Мислам и верувам во многу историска година поради бугарското претседателство, поради различни елементи што го одново го вратија вниманието на Европа кон регионот и дека имаме можност да успееме и имаме опасност да паднеме – рече Димитров и додаде дека на сите им е јасно дека членството во ЕУ нема да се случи преку ноќ, туку дека се потребни години, но како што наведе „треба да инвестираме политичка енергија и политички капитал во процесот што на некој начин ќе ја комплетира Европа“.

„Beautiful Macedonia“ е терминот што го искористи шефот на македонската дипломатија говорејќи за нашата земја, на што неговиот грчки колега Никос Коѕиас, неофицијално, односно не зборувајќи во микрофон, му дофрлил дека и Албанија е исто така убава, а Димитров одговори дека постои поубава.

На конференцијата за иднината на Европа во Сунио, освен Македонија и домаќинот Грција, учествуваат и министри од Словачка, Унгарија, Црна гора, Босна и Херцеговина, Полска, Романија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Чешка и Косово.

На маргините на конференција, се очекува министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров да одржи повеќе билатерални средби