Истражувањe: Антикорупцијата и компромисите – невозможна мисија


Скопје, 18 февруари, 2019 - 11:13 (META) 

Изградба на целосен систем за интегритет на централно и локално ниво; заострување на прекршочната политика во основниот антикорупциски закон и дополнување на постојниот закон за заштита на укажувачите се само дел од препораките кои произлегоа како заклучоци во истражувањето што го спроведе Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ на тема Антикорупција и борба со организиран криминал.

Оваа област можеби е клучна за владеењето на правото во една држава и ги допира буквално сите власти и институциите што произлегуваат од нив, а со тоа ги допира сите граѓани кои постепено ја губат довербата во државата во која живеат доколку гледаат дека нема промени и искрена желба да се стави крај на лошите практики.

Насловот на изданието „Антикорупцијата и компромисите – невозможна мисија“ призлегува од состојбата што е констатирана при проверката на индикаторите кои покажуваат до каде сме стигнале на ова поле. Имено, и покрај силната декларативна заложба за бескомпромисна борба, секојдневието во политиката покажува дека креаторите на клучните закони и практики се подготвени на компромис поради ова или она, па во последен момент се носат непринципиелни одлуки од извршната или законодавната власт, која пак, влијае понатаму и врз правосудството.

Со такви компромиси во последен момент, каква што беше на пример амнестијата, или пак, амандманските промени во главниот антикорупциски закон, кои одат на ублажување на одредбите што се клучни за една силна антикорупциска комисија, борбата со корупцијата или организираниот криминал стануваат невозможни мисии.

Целосниот документ можете да го преземете од следниот линк.


Истражување: Нема реформа на правосудството без политичка волја


Скопје, 14 јануари, 2019 - 14:57 (META) 

Мора да има политичка волја за реформи во правосудството и цврсто опстојување на имплементацијата на законските реформи, со што ќе се демонстрира дека политичката елита цврсто стои зад принципот на поделба на власта во земјата.

Ова е најважната препорака од истражувањето на Фондацијата „Метаморфозис“, во рамките на регионален проект за оцена на исполнувањето на политичките критериуми за пристапување на земјите од Западен Балкан кон Европската унија.

Ова второ по ред истражување од големиот проект беше посветено на реформите во правосудството и како тие би можеле да се подобрат. Главниот заклучок наведен погоре произлегува од општо констатираниот факт на експертите, дека и најдобриот закон може да биде потиснат од носителите на политичката или од други центри на моќ.

Препораките произлезени од истражувањето се следни:

  • Континуирано изразување на силна политичка волја за промени во законите што ќе гарантираат независност, непристрасност и ефикасност на правосудниот систем, но и доследна имплементација на законските решенија без обиди за злоупотреби;
  • Обезбедување цврсти законски инструменти и нивна имплементација со кои ќе се спречи политичката корупција во Јавното обвинителство;
  • Обезбедување континуитет на автономноста на Специјалното јавно обвинителство;
  • Обезбедување силни законски инструменти и политичка волја за нивна имплементација за да се спречи политичката корупција во основните судови и фактичката корупција, за која, за дел од нашите експерти, нема дилема дека постои кај апелациските судови;
  • Промена на законската рамка за темелна проверка на вистинитоста на анкетните листови на судиите и обвинителите и нејзино доследно спроведување;
  • Задржување на концептот за именување судија или обвинител само преку Академијата за судии и јавни обвинители, како најмалку штетен модел од другите што се во опција, преку интерни именувања, преку Собрание, итн.;
  • Натамошна професионализација на судиите и јавните обвинители преку континуиран систем на обуки и образование;
  • Унапредување на Информациско-комуникациските технологии во правосудството, обединување на информацискиот систем на судството со обвинителството и централните регистри и други дигитални бази на податоци, унапредување на функционалноста на е-судството, што подразбира и поголеми вложувања на државата и во судството и во обвинителството, зголемена транспарентност при објавувањето и достапноста на судските одлуки и на записниците од рочиштата;
  • Промена на законските решенија за помилување и нивна доследна имплементација, со цел, амнестиите или аболициите да не се злоупотребуваат во мерка што ќе го загрози интегритетот на правосудството или на важењето на принципот на еднаквост на законите за сите и на владеење на правото;
  • Промена на мрежата на судството и преиспитување на потребата од постоење на Вишиот управен суд;
  • Отворена јавна расправа за влијанието на меѓуетничките (кадровски) политики врз судството, кои штетно влијаат врз правната држава.

Истражувањето е второ од петте што се планирани во рамките на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми“, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора.

Следните истражувања ќе се однесуваат на реформите во борбата против оргaнизираниот криминaл и корупцијата, на реформата во медиумскиот сектор и на реформата во јавната администрација.

Целосното истражување можете да го погледнете на следниот линк.

Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД.


Бејли: Длабоко сум вознемирен од лажните гласини дека САД влијае на судството


Скопје, 28 декември, 2018 - 11:56 (META) 

Кривичниот суд го објави писмото на американскиот амбасадор Џес Бејли до претседателот на Судот, Иван Џолев, во врска со како што вели, „постојаните, лажни гласини со наводи дека Амбасадата на САД има за цел да влијае на судии“.

Тој вели дека каква било сугестија дека САД сакаат да управуваат со некоја судска разрешница, е лажна.

„Длабоко сум вознемирен од ваквите постојани лажни гласини, со оглед на нашата посветеност за независно судство. Со цел да помогнете да се разобличат ваквите лажни наводи, ве молам да ја споделите содржината на ова писмо до вашите колеги судии, со цел тие да се уверат дека нашата позиција е, и ќе остане иста, а тоа е дека тие се независни во применувањето на законот и дека ништо друго освен фактите и законот, не треба да влијае на нивните одлуки“, се вели во писмото од Бејли.

Тој потенцира дека САД поддржуваат и се залагаат за независност на македонското судство и дека тоа е нивна порака јавно и приватно.

„Ние веруваме дека судиите треба да носат одлуки врз основа на важечките закони и дозволени докази, а не врз основа на какви било политички проценки или интервенции од некоја политичка или владина личност. Тоа е наша конзистентна порака, јавно и приватно“, вели тој.

Американскиот амбасадор додава дека останува посветен на соработката со Џолев и другите судии во Македонија со цел земјата да ужива во придобивките од целото независно судство, и права и слободи кои што суштински зависат од вистинско владеење на правото.


Заев – Туск: Ако се продолжи со ова темпо, ќе се надомести изгубеното време за ЕУ-интеграција


Брисел, 19 декември, 2018 - 17:10 (META) 

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров ја започна работната посета на Брисел со средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

На средбата било констатирано дека определбата за решавање на крупните политички прашања со соседите и носењето на реформите во клучните области правосудството, безбедносните служби, јавната администрација, медиумите, борбата против корупцијата, ја поставиле Македонија на вистинскиот пат во европските интеграции.

„Пораката е дека ако Македонија продолжи со ова темпо, ако се реализира Договорот од Преспа и ако има имплементација на клучните реформски приоритети, може да надомести дел од изгубеното време во интеграцискиот процес и со право да се надева на почеток на преговорите во јуни 2019 година“, информираат од Владата.

Заев на средбата со Туск информирал дека државата напорно работи за целосно исполнување на Договорот од Преспа и очекува еднакво залагање и кај Грција.

„Очекуваме, со двотретинска поддршка во Парламентот, до крајот на јануари 2019 година, да имаме усвоени уставни амандмани, што ќе го заокружат процесот кај нас и ќе овозможат Грција да го започне процесот на ратификација на Договорот од Преспа и на усвојување на протоколот за пристапување кон НАТО. Процесот на зачленување во НАТО е наш фокус во 2019 година. Исто така напорно работиме на клучните реформски приоритети, што излегоа како порака од Европскиот совет во јуни 2018, како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ, во јуни 2019 година. Знаеме дека имплементација е важна во процесот и правиме се да ја осигураме, посебно во делот на владеењето на правото“, изјавил Заев.

Заев, работната посета на Брисел ја продолжува со работен ручек на лидерите на државите од Западен Балкан, со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.


ВМРО-ДПМНЕ: Веќе година ипол се неразјаснети девет убиства


Скопје, 14 ноември, 2018 - 10:18 (META) 

Зоран Заев и Оливер Спасовски знаеја дека Никола Груевски не е во партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, но одлучија да претресуваат и заплашуваат партиски членови и активисти, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека „злоупотребата на наредбата за потрага по Никола Груевски за опсада на штабот на партијата е одраз на црни и недемократски методи несвојствени за Европа и цивилизираниот свет.“

„Власта со злоупотреба на органите на прогонот сака да ги заплаши сите слободомислечки граѓани. Органите на прогонот повеќе од година дена не можат да го пронајдат убиецот на младиот Мартин Јанушев, додека убиецот на младиот Саздо е исто така сеуште не е пронајден. Нема ни трага ни глас од убијците на „Рузвелтова“. Не може ни да има бидејќи Спасовски е зафатен со крими афери од типот „набавки на шкоди кои чинат 15.000 евра за 25.000 евра“ и доделување на лиценците за милионски бизниси поврзани со испитните центри на момчиња кои ден претходно оснивале фирма. Вкупно девет нерасчистени убиства веќе година ипол се неразјаснети, а властите не придвижија ниту една десетина од полициските сили кои беа злоупотребени за опсада на штабот на  ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека година ипол правосудните органи немаат преземено ниту едно дејствие против сомнежите за криминал на високите претставници на власта.


Дескоска: Скринингот ќе помогне да се создаде нова реформска динамика


Брисел, 27 септември, 2018 - 15:50 (META) 

Владино-државна делегација составена од 40 експерти и предводена од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерката за правда Рената Дескоска и шефот на техничкиот преговарачки тим Бојан Маричиќ денеска формално го започна објаснувачкиот скрининг за Македонија и Албанија, како подготовка за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската унија.

Дескоска рече дека делегацијата е подготвена да ги вложи напорите во процесот на скрининг, а потоа во процес на преговори.

„Почитувањето на човековите права, независното судство, владеењето на правото и демократијата не се само барања што треба да се исполнат при пристапувањето во ЕУ. Тие се, исто така, стратешките цели на Владата, тие се наши цврсти и недвосмислени цели. И ова беше потврдено во нашата Владина програма и во плановите за реформи, План 3-6-9 и План 18“, рече Дескоска.

Таа потенцираше дека владеењето на правото не значи само усвојување на законодавство во согласност со ЕУ, туку и негова конзистентна имплементација на одржливи решенија.

Дескоска смета дека скринингот ќе помогне да се создаде нова реформска динамика која ќе ја унапреди консолидацијата на Македонија како стабилна, модерна демократија, која ги поддржува и го зајакнува владеењето на правото и целосно ги опфаќа европските вредности.

Маричиќ укажа дека Македонија е во клучна фаза на градење на преговарачката структура која ќе го води процесот на општествена трансформација и промена на однесување, кој е потребен за пристапувањето кон ЕУ, но верува дека партнерски однос со Европската комисија ќе помогне во исполнување на стратешката цел.


Груевски: Власта води политичка хајка, нема да се појавам во суд


Скопје, 4 септември, 2018 - 15:45 (META) 

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска на прес-конференција во Собранието најави дека утре нема да се појави во Апелацискиот суд, а на седницата за „Тенк“ нема да присуствуваат ниту неговите адвокати зашто, како што рече, и онака одлуката е политички веќе донесена.

Груевски обвини дека власта води политичка хајка против него, а судиите се професионални, но работат под притисок.

– Ниту јас, ниту моите адвокти нема да се појавиме утре на седница. И нивното присуството во Апелација не може ништо да промени. Никакви правни аргументи не се доволни на однапред политички договорена пресуда и однапред донесена политичка одлука. Ако судиите се толку исплашени и подлегнале на политичка нарачка, ете им можност без мене да донесат каква сакаат пресуда. Ниту едно незаконско ставање во затвор нема да ги избрише од меморијата на граѓаните делата кои сум ги направил за оваа држава и овој народ, за бранењето на државните интереси – рече Груевски.

Тој додаде дека нему не му суди судот, туку политиката.

– Судството ме товари зашто бев водач на ВМРО-ДПМНЕ и зашто на некого му пречам. Судиите се професионални и стручни, но работат под голем притисок, а некои се блиски и до Зоран Заев – додаде Груевски и се пожали и дека во петокот му бил закажан термин за седница кога сите негови адвокати учествувале на рочиште за настаните во Собранието на 27 април, а тој сам во Апелација поминал 11 часа.

Во однос на документите објавени од „Викиликс“ во кои се тврди дека тој се согласил за промена на името во Република Северна Македонија, Груевски ги оцени како „јалови обиди на власта“ и „глупости“.

– Ова се јалови обиди на власта, и веројатно ќе има уште многу вакви. Тие се сега во кампања и ќе се изнаслушаме разни глупости. Јасно е зошто сум во суд и зошто ми се случува овој класичен политички прогон и тортура. Ако се согласев со Грците друга ќе беше песната, ја сум човек со принципи и достоинство – додаде Груевски.


Демократската фракција повика „под итно“ да се расчистат структурите во ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 18 мај, 2018 - 9:52 (META) 

Недозволиво е, па макар тоа било и под диригентска палка на наметнат лидер, ВМРО ДПМНЕ и понатаму да се обезличува и да биде во служба и заштита на обвинетите партиски криминални структури, наместо во служба и заштита на државните и национални интереси. Партијата не смее и понатаму да се става во улога на заложник за нечиј спас, за на крајот членството и сите граѓани да ги платат сите нивни цехови и гревови, порача Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи го Христијан Мицкоски „наметнат лидер“.

Фракцијата повикува на „лустрација“ на партиските структури и побара итно да прекине притисокот врз судството заради заштита на поранешните криминални партиски раководители и порача дека сега партијата служи за потсмев и за поранешните и сегашните коалициски партнери.

„Приоритет на една државотворна партија како ВМРО ДПМНЕ не е заштита, уцена, пазарење и притисок врз судството за ослободување на сторители на кривични дела. Криминалните и квази патриотски структури кои и понатаму ја обезличувааат и девалвираат партијатата под итно мора да се минато за ВМРО ДПМНЕ. За ВМРО ДПМНЕ – Демократска фракција сè додека наметнато раководство на партијата, анатемисаните членови на ИК, како и ново назначените невмровски и некадарни претседатели на ОК, се во длабока закрила и под стегите на поранешните партиски функционери, сè дотогаш партијата ќе биде основ и мета за потсмев од довчерашни и сегашните партиски коалициони партнери и некредибилен европски партнер“, се вели во соопштението.


Рот: Истрагите да продолжат, СЈО да стане дел од Обвинителството


Скопје, 10 мај, 2018 - 11:50 (META) 

Државниот министер за европски прашања во МНР на Германија, Михаел Рот порача дека мора да продолжат истрагите поврзани со прислушуваните разговори и Специјалното јавно обвинителство да се интегрира во редовните структури на Обвинителството.

На средбата со премиерот Зоран Заев во Владата, тој бил информиран дека опозицијата била против продолжување на мандатот на СЈО.

– Морам да подвлечам дека двотретинското мнозинство е предуслов за продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство, но ме информираа дека опозицијата е против продолжување на мандатот и затоа треба СЈО да го интегрирате во редовните структури на обвинителството. Тоа е проблематично решение, но ако функционира, сосема е во ред – рече Рот на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

Заев додаде дека во Стратегијата за реформи во правосудството е предвидено СЈО да биде дел од Јавното обвинителство, како посебно одделение кое ќе ги продолжи своите надлежности. Рот порача дека важно за државата е да постигнува конкретни резултати во однос на доброто владеење и владеењето на правото.

– Спроведувањето и конкретните резултати се суштински. Ова е задача на Владата, меѓутоа не е само Владата одговорна за промени, туку сите во земјата имаат задача да придонесуваат за промените, особено опозицијата. Вистински независно судство заедно со органите за спроведување на законот имаат клучна улога во борбата против корупцијата – додаде Рот кој денеска ќе се сретне и со опозицијата и со невладините организации.


Владиниот правосуден совет, со забелешки, „ги помина“ судските закони


Скопје, 5 април, 2018 - 9:35 (META) 

Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, предводен од премиерот Зоран Заев, вчера ги разгледал предлог-законите за судовите и за Судскиот совет, при што се изнесени забелешки. Сепак, според соопштението од Владата, тие предлог-закони следната седмица ќе се најдат во Собранието. Имено, заменик-министерот за правда, Оливер Ристевски, рекол дека следната среда пратениците во Собранието ќе расправаат по предложените измени.

На својата втора седница, на која ѝ претходеше Конститутивната седница минатата недела, Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор се дискутирало најмногу за предложените законски одредби кои се однесуваат на одговорноста на судиите, како и на предложените членови во предлог законот кои се однесуваат на нивната заштита. Членовите на советот имале одредени забелешки и за Предлог-Законот за Судски совет на Република Македонија, се дознава од владиното соопштение.

На вчерашната, втора седница на Советот присуствувале и претставници на ОБСЕ, кои и во иднината ќе ги следат седниците.