Судските закони денеска на владина седница


Скопје, 12 декември, 2018 - 10:22 (META) 

На 108. седница која ќе се одржи денеска во 13 часот, Владата ќе ги разгледува предлог-законите за судството.

Министрите ќе одлучуваат за предлог – законите за изменување и дополнување на Кривичниот законик, на законот за судовите, законот за Судскиот совет, законот за извршување на санкциите и за предлог – законот за изменување и дополнување на законот за прекршоци.

Владата денеска ќе ја разгледа и информацијата за потребата од донесување на закон за изменување и дополнување на Законот за поштенски услуги.

За седницата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја предлага информацијата за распишување на јавен повик за прибирање на понуди за давање во закуп земјоделско земјиште во државна сопственост за површини до 3 хектари, со предлог – решение.


Дескоска најави целогодишна контрола на АКМИС-от во 16 судови


Скопје, 11 декември, 2018 - 16:28 (META) 

Министерката за правда Рената Дескоска соопшти дека донела решение со кое во текот на целата наредна година ќе се врши надзор на работењето на АКМИС системот во 16 судови.

Проблемите со информатичкиот систем за автоматска прераспределба на предмети (АКМИС), неговото нефункционирање и преголемото влијание на човечкиот фактор беа утврдени со извештајот на Работната група за овој систем формирана од министерството за правда. Наодите за неправилностите беа објавени летоска.

Дополнително Дескоска најави и дека измените на Законот за судови и Законот за Судски совет оваа недела влегуваат во собраниска процедура. Како што кажа министерката на денешната тркалезна маса на која беше презентирана работната верзија на анализата за проценката на влијанието на регулативата на Законот за судови, во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ), речиси сите препораки од Венециската комисија се применети во новите предлог-закони.

-Дополнителните препораки кои ги добивме од Венециската комисија овој месец се имплементирани. Со целосно затворен пакет одиме во Собранието. Се надевам дека сите 120 пратениците ќе имаат доблест и сила да ги поддржат овие измени, бидејќи тие се веќе верификувани од Венециската комисија, којашто ја цени усогласеноста на законската регулатива со европските стандарди – потенцираше Дескоска.

Како клучни измени во делот на Законот за судови, министерката Дескоска ги наведе измените коишто се однесуваат на основите за утврдување дисциплинска одговорност кај судиите. Во главните измени на Законот за Судскиот совет, е и основата за утврдување на одговорност на членовите на Судскиот совет за нивното работење. Се поедноставуваат постапките за утврдување на дисциплинска одговорност, но и разрешување на судиите.


Венециската комисија со добра оценка, но и забелешки за судските закони


Скопје, 19 октомври, 2018 - 16:54 (META) 

Министерката за правда Рената Дескоска учествува на 116-та пленарна сесија на Европската комисија за демократија преку правото (Венециска комисија), на која е разгледано и усвоено Мислењето на Венециската комисија за Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет и Законот за судовите, извести Министерството за правда.

„Според мислењето на Венециската комисија, кое е неодамна доставено до Министерството за правда, последните измени и дополнувања на Законот за Судски совет и Законот за судови се оценети позитивно, но се укажува и на потребата од понатамошно подобрување на текстовите на законите“, стои во соопштението за јавноста.

Во мислењето е истакнато дека двата закони поставуваат цврсти темели за добро функционирање на судството, но се препорачуваат и измени и дополнувања. Венециската комисија посочува во Законот за Судски совет да се наведе кој ја има функцијата на филтрирање во новиот систем за дисциплински постапки и да се допрецизира дисциплинската постапка и постапката за одговорност на судиите.

Дополнително, се бара и да се прецизира разликата направена помеѓу нестручно и несовесно вршење на судиската функција и она што претставува сериозен дисциплински престап.

Венециската комисија препорачува и укинувањето на основот за разрешување на судиите доколку се утврди повреда на Европската конвенција за човековите права, информираат од Министерството за правда.

Министерката Дескоска изразила подготвеност на Владата за спроведување на сите препораки на Венециската комисија за подобрување на законските текстови, но посочила дека за усвојување на ваквите измени ќе биде потребно двотретинско мнозинство во Собранието.


Собранието ги донесе законите за судовите, за Судски совет и за високотo образование


Скопје, 2 мај, 2018 - 14:26 (META) 

Собранието на Република Македонија на денешната 45. седница ги донесе Законот за високото образование и измените и дополнувањата на законите за судовите, за Судскиот совет, за оружјето и за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и за НБРМ, за класифицирани информации, за оружје и за ловство.

Процедурално координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, рече дека нема да гласаат за Законот за високото образование бидејќи не бил прифатен ниеден од амандманите што ги поднеле како партија. Според него, многу аналитичари и експерти во оваа област сметаат дека со ова законско решение, високообразовниот систем во Македонија се враќа триесетина години наназад. Тој на почетокот на денешната седница порача дека власта мора да престане со „штанцање“ закони, за што, како што рече, предупредила и Европската Комисија.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, реплицирајќи му на Данев рече дека во однос на пакетот на реформски закони што Република Македонија го прифати како задача и пред домашната и меѓународната јавност, добро е што опозицијата дала свој конструктивен придонес.

Собранието по скратена постапка ги донесе измените и дополнувањата на законите за ревизија, за хартии од вредност, за Кредитно биро и за технолошки индустриски развојни зони.

На денешната седница претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја констатираше оставката на Ѓорги Сламков од функцијата претседател на Комисијата за заштита на првото за слободен пристап до информациите.


Заради интегритетот на судиите, извештајот за АКМИС-от ќе се разгледува зад затворени врати


Скопје, 14 март, 2018 - 12:03 (META) 

Членовите на Судскиот совет на предлог на претсeдателот Зоран Караџовски ја исклучија јавноста кога ќе се расправа за извештајот за АКМИС-от со местење предмети.

Според Караџовски, со тоа ќе се зачувал интегритетот на судиите бидејќи ќе се споменувале со име и презиме. Влатко Самарџиски, пак, како член на Советот предложи точката да биде јавна, но неговиот предлог не помина. Ова е поради фактот дека извештајот за АКМИС-от е декласифициран и како таков ѝ е познат на јавноста. Владе Богдановски рече дека темата била чувствителна и затоа јавноста треба да биде исклучена.

На седницата присуствува и претседателот на Врховен суд Јово Вангеловски.


Владата бара правна рамка за стопирање на изградбата на рудникот Казандол


Скопје, 14 март, 2018 - 10:25 (META) 

На 58. седница, Владата ја разгледала и усвоила информацијата за степен на изграденост на рударскиот комплекс Казандол.

Од Влада соопштуваат дека го задолжиле Министерството за економија во рок од седум дена да информира условите за раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро Казандол и за одземање на дозволата за експлоатација на минерални суровини доделена на 20 јули 2015 година.

Владата исто така го разгледала и утврдила новиот текст на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судски совет.

„Со измените што се предлагаат се зајакнува квалитативниот критериум во оценувањето на судиите и претседателите на судовите во однос на квантитативниот. Истовремено се направени и вградувања на препораките од Венецијанската комисија дадени во последните изменувања и дополнувања на Законот за Судски совет на Република Македонија, за транспарентното работење на Советот. Се внесуваат и измените предвидени согласно Стратегијата за реформа на правосудниот сектор“, се вели во соопштението на Владата.

Двата предлог-закони, за Судскиот совет и за судовите, ќе бидат доставени до Собранието. На усвојување во Собранието, владата го пушти ново-усогласениот текст на предлог-законот за финансиска поддршка на инвестиции.

„Со овој закон се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на инвестициите на деловните субјекти кои ќе инвестираат во Македонија. Овој закон претставува своевидна шема за поддршка согласно прописите со кои се уредува контролата на државната помош за инвестициите“, информираат од Влада.


Владата утре ќе усвои предлог-законите за судовите и за Судскиот совет


Скопје, 5 март, 2018 - 16:42 (META) 

На својата 57-ма седница, утре Владата  ќе ги усвои и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судски совет на Република Македонија, како и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите.

Измените на овие два закона се дел од реформите во правосудството од планот „3-6-9“ на Владата.

Со измените на законот за судовите се предвидува судија да може да биде разрешен и ако не носи судиска тога, а наспроти досегашните санкции за примање мито, судиите дополнително ќе треба да одат на стручна дообука во Академијата за судии и јавни обвинители.

Со измените се менуваат и условите за судиите-поротници. Поротник ќе може да се стане и со средно образование, наместо со високо, како што е сега.  Со новите предлог-решенија, Министерството за правда ќе врши надзор над спроведувањето на Судскиот деловник, конкретно на функционирањето на Автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС).

Според дневниот ред, владиниот кабинет утре ќе решава и неколку други крупни работи, како што се спојување на Здравствениот дом Кочани со Општата болница, но и за концесии за експлоатација на минерални суровини, а како 48-ма точка ќе се дискутира и за „Иловица“, односно за предлог-одлука за изменување на Одлуката за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на „Еуромакс Рисорсис ДОО Скопје“ на локалитетот во Општина Босилово и Општина Ново Село.

Ќе се расправа и за квалитетот на воздухот во јануари годинава, како и за работите на автопатот Демир Капија – Смоквица.


Контролорите на судството од порано знаеле што се случува во Кривичниот суд во Скопје


Скопје, 1 март, 2018 - 8:00 (META) 

Извештајот за состојбите во Кривичниот суд во Скопје што го испратил Стојанче Рибарев – в.д. претседател на судот од март до крај на октомври 2017 година, потврди дека тие што се задолжени да ги контролираат судовите, а тоа се Врховниот суд и Судскиот совет знаеле се од порано, та сепак даваат изјави, „ништо помпезно, ништо страшно“, пишува „Вистиномер.мк

Новинарите од ТВ „Телма“ објавија извештај до кој дошле од судски извори за состојбата во Основниот суд Скопје 1 од Скопје, кој само ја потврдува лошата состојба и неделовничкото распоредување на судските предмети во овој суд, а кој бил испратен уште на почетокот на октомври до Врховниот суд на РМ, до Судскиот совет и до Министерството за правда. Извештајот го напишал Стојанче Рибарев, судија и докорешен в.д. претседател на Кривичниот суд во Скопје.

Во извештајот се наведува дека дел од предметите во судот уште од пред неколку години се распоредувале преку друг систем што бил изработен по барање на судот, значи еден вид „паралелен АКМИС“, како што и изјавил Рибарев и на Комисијата од Министерството за правда, која нешто подоцна ги истражуваше состојбите:

Со тој систем, предметите по заведувањето во соодветниот уписник не се распоредувале по судија. Тие предмети биле распоредувани кај стручните соработници, а судијата се запишувал во системот, дури откако предметот ќе бил завршен. По околу 200 предмети дури и по завршувањето не бил определен судија и предметите биле архивирани без означување на судија. Како судија известител се запишувал судијата кој бил претседател на советот, а предметот го работеле судии по распоред по денови. Кој предмет кој ден ќе се работи, одлучувале стручните соработници, а не судиите. Ваквиот начин на распоред е во целосна спротивност со судскиот деловник и поради тоа во судот имаше 790 предмети од овој вид кои не беа рспоредени по судии. (2.47 мин.)

Повеќе прочитајте на „Вистиномер.мк“.


Судии се јавувале кај Караџовски да прашаат дали навистина ќе има масовни разрешувања


Скопје, 15 февруари, 2018 - 13:04 (META) 

Судскиот совет на денешната седница нема да одлучува по барањата за разрешување на судии, туку ќе ја почне постапката со избор на членови на Советот кои ќе ги застапуваат барањата за разрешување и ќе се бираат комисии кои ќе истражуваат дали има основи за разрешување, по што ќе реферираат до Судскиот совет.

Ова денеска го соопшти претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, кој ги оцени како „лажни вести“ информациите во медиумите дека Советот ќе расправа за разрешување на над 100 судии и појасни дека станува збор само за пет барања за утврдување на одговорност на судија, односно за разрешување.

Шпекулациите дека Судскиот совет ќе расправа за разрешување над сто судии ги вознемирило судиите и претседателите на судовите, кои, како што рече Караџовски, се јавувале во Советот за да прашаат дали е ова точно.

– Денеска за оние предмети за кои е доставено барање за утврдување на одговорност на судија од веќе укинатиот Совет за утврдување на факти ќе одлучуваме кој член на судскиот совет ќе го застапува соодветното барање бидејќи тој орган не постои. Потоа се формира комисија од три члена по пат на жрепка, која понатаму ќе има обврска да расправа да поканува, да истражува. Кога ќе ја заврши работата ќе треба да достави извештај до сите членови на судскиот совет на седница – изјави Караџовски.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека нема рокови до кога треба комисиите да ја завршат работата, меѓутоа, како што додаде, во измените на Законот за Судскиот совет се предвидени добри механизми, поради што смета дека постапката во комисиите нема да трае долго.

– По завршувањето на работата на комисијата, рокот во којшто треба да достави извештај до Судскиот совет е 15 дена. Јас, како претседател на Судскиот совет ќе инсистирам, не да се мешам во работата на таа комисија што ќе ја избереме денеска, меѓутоа во најкраток можен рок да си ја заврши својата работа, за сите предмети – појасни претседателот на Судскиот совет.

Инаку, како што појасни Караџовски до овој момент до Судскиот совет има вкупно 217 претставки и поплаки доставени од граѓани и правни лица за работата на судии или претседатели на судови, а во оваа бројка се и незавршените и незапочнати поплаки и претставки од веќе укинатиот Совет за утврдување на факти.

Тој појасни дека претставки и поплаки се една работа, а барања за утврдување на одговорност на судија, односно разрешување е друга работа.

Просекот на разрешени судии во изминатите 4-5 години, изјави Караџовски, бил еден до еден ипол судија, за разлика од, како што додаде, претходниот период пред десеттина година, кога имало „поголем број на такви разрешувања“.


Судскиот совет треба да одлучува по 110 барања за разрешување на судии


Скопје, 13 февруари, 2018 - 12:52 (META) 

Судскиот совет на седници во наредниот период, од кои првата е закажана во четврток, траба да расправа за 110 барања за поведување на постапка за утврдување на одговорност, односно за разрешување на судии, пренесува „Телма“.

Најмногу иницијативи за разрешување на судии се поднесени од Советот за утврдување на факти и за поведување постапка за утврдување одговорност на судија, но и од други подносители.

Како што пренесува телевизијата, три претставки од Специјалното јавно обвинителство и уште неколку од адвокати и други странки во постапките има против судијката Моника Бахчовановска.

Судскиот совет треба да расправа и по иницијативите за утврдување на одговорност и разрешување на членовите на петчлениот Кривичен совет на Врховниот суд – Јово Вангеловски, Рахилка Стојковска, Ристо Катавеновски, Фаик Аслани и Џемали Саити.

Според најавата за седницата в четврток на веб-страницата на Судскиот совет, расправата по барање за поведување на постапка за утврдување на одговорност за судија и донесување одлука е шеста точка на дневниот ред на седницата.

Расправата по оваа точка, како што стои во соопштението, ќе се води зад затврени врати, односно нема да биде дозволено присуство на медиумите.