Судењето за „Монструм“ одложено, се разболел судијата


Скопје, 11 јули, 2018 - 11:28 (META) 

Поради болест на судијата Осман Шабани, денешното рочиште на случајот на СЈО „Монструм“, на кое требаше преку видеоврска, со затемнет лик и изменет глас, да се сослуша загрозениот сведок Е1, е одложено, јави „Порталб“.

Родителите и роднините на убиените четири момчиња од Радишани и на рибарот од Црешево, реагираа на одложувањето на судењето, кое треба да продолжи на 22 и 24 август. Тие обвинија дека центар на моќ влијае на судскиот процес, оти во случајот со масакрот биле вмешани шестмина функционери на ДУИ, како и дека судијата Шабани намерно избегнал да дојде поради инструкции од ДУИ, извести „Порталб“.

Случајот е за убиството на Александар Наќевски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Кире Тричковски, на возраст од 18 до 21 година, сите од Радишани, и на Борче Стевковски од Црешево, на Смилковско Езеро на 12 април 2012 година.


Суд во Албанија пресуди во корист на новинари тужени од богат судија


Тирана, 1 јуни, 2018 - 17:11 (META) 

Суд во Тирана ги отфрли обвинувањата за „морална повреда“ на судијата на Апелацискиот суд, Ѓин Ѓони и неговата сопруга, кои ја тужеа БИРН Албанија и новинарите на оваа мрежа, јави БИРН.

По неколку одлагања, вчера судот во Тирана донесе ослободителна пресуда во процесот што судијата и неговата жена-бизнисменка го почнаа поради известувањето на БИРН за богатството на Ѓони.

Претседавачкиот судија Астрит Фаќоли при соопштувањето на одлуката рече дека упорното непојавување на Ѓин и неговата жена Елона Чауши во судот е „исмевање“ на судот. Процесот се развлече на 12 месеци и имаше 11 рочишта.  Апелацискиот судија и неговата жена не беа на изрекувањето на пресудата, со која покрај БИРН Албанија, од вина се ослободени и новинарите Бесар Ликмета и Александра Богдани.

Тужбата беше поднесена поради три статии објавени на „Reporter.al“ посветени на затворањето и на повторното отворање на истрагата на јавното обвинителство за Ѓони, откако Високиот инспекторат за анкетирање и ревизија на имот и за конфликт на интереси поднесе пријава за прикривање богатство, фалсификување официјални документи и перење пари.

Третата статија ги навела десетте најбогати судии во Албанија според анкетниот лист што го поднел Ѓони, кој исто така е член на Високиот правосуден совет. На тој список апелацискиот судија бил на првото место.

Со тужбата Ѓони и Чауши бараа надомест од 52.000 евра од тужената организација и нејзините новинари.


„Паднаа“ кривичните пријави на Владимир Панчевски


Скопје, 7 мај, 2018 - 16:49 (META) 

Основното јавно обвинителство – Скопје соопшти дека ги отфрлила трите кривични пријави што против Специјалната обвинителка Катица Јанева, судијката Злата Попова од Основен суд Гевгелија и вработени во СЈО и МВР, односно вкупно 10 лица ги поднесе судијата во Основен суд Скопје 1, а поранешен претседател на судот, Владимир Панчевски.

„Надлежен обвинител оцени дека во дејствијата на пријавените нема битни елементи на кривични дела наведени во пријавите, ниту на други дела што се гонат по службена должност и со Решение ги отфрли пријавите“, соопштија од јавното обвинителство, каде Панчевски ги поднел пријавите.

Тој ги товарел за Злоупотреба на службена положба и овластување, а три лица за Противправно присвојување на предмети при претрес, поради претресите што во октомври минатата година беа извршени во неговата канцеларија во судот и во неговиот дом.

„Според прибавените докази, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникации во тек на истражна постапка, доставило барање за издавање на наредба за претрес на дом и лице, како законски предвидено истражно дејствие. Со оглед на тоа што лицето за кое е побаран претрес е судија во Основниот суд Скопје 1 Скопје, а заради постоење на висок ризик од нарушување на тајноста на дејствието и на предистражната постапка, барањето за издавање на наредба било поднесено до Основниот суд – Гевгелија, што е во согласност со воспоставената практика на Европскиот суд за човекови права. Обвинителството утврди дека истражните дејствија на пријавените биле преземени согласно Законот за кривична постапка“ се вели во соопштението.


Заев: Ме местеа за поткуп за да ги спречат „бомбите“


Скопје, 30 април, 2018 - 13:38 (META) 

Ме местеа за ги спречат „бомбите“, рече премиерот Зоран Заев, кој е обвинет за случајот „Поткуп“, по денешното судско рочиште во Основен суд Скопје 1.  Тој смета дека најверојатно станува збор за пазерање со одредени политички структури за да биде спречено објавувањето на „бомбите“.

Откако на почетокот на денешното рочиште судијата Дарко Тодоровски соопшти дека Апелацискиот суд Скопје ја прифатил жалбата на Обвинителството, видео снимката од кабинетот на Заев да биде пуштена во судницата без присуство на новинарите, премиерот рече дека ќе бараат начин исечените делови од видеото да ги пуштат во јавноста.

– Станува збор за моето достоинство и углед – рече Заев.

Тој вели дека снимките што биле пуштени во судницата го докажуваат тоа што го тврделе, дека станува збор за местенка за да се оцрни неговиот углед.

Следното рочиште е закажано за 7 мај, кога Заев треба да биде распрашан, а ќе бидат изведувани и докази од одбраната.

На претходните рочишта Заев бараше снимката од ПИ-мерките да се пушти јавно, но Апелацискиот суд не го дозволи тоа.

Премиерот Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Сачевалиев Николов.

По судењето, одговарајќи на новинарски прашања, премиерот Заев рече дека е можна реконструкција на владата, но исто така постои опција да не се случи никаква промена.

– Течат во континуитет разговорите за проширување на владината коалиција и сакам да успее овој процес онака колку што постои подготвеност од двете страни, односно од помалите опозициони партии со кои преговарам и нашата владејачката страна – рече Заев пред Кривичниот суд во Скопје, прашан до каде е најавената реконструкција во Владата.

Притоа потсети дека ова прашање ќе ја информира јавноста по првомајските празници.


Блокирана одлуката на Трамп за укинување на програмата за помош на младите имигранти


Вашингтон, 10 јануари, 2018 - 10:34 (META) 

Американскиот судија Вилијам Алсап синоќа привремено ја блокирал одлуката на администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп за укинување на програмата која ги штити младите имигранти од депортација.

Како што пренесуваат светските агенции, Алсап го одборил барањето на сојузната држава Калифорнија и на другите тужители да се спречи укинувањето на програмата која ги штити децата кои со родителите илегално дошле во САД, се додека не бидат завршени судските постапки по тужбите на засегнатите.

Алсап рекол дека адвокатите кои ја поддржуваат програмата јасно покажале дека младите имигранти можат да сносат озбилна и неповратна штета доколку судот би донел поинаква одлука. Судијата, исто така, рекол дека адвокатите имаат големи шанси да успеат во тие судски постапки.

Инаку, програмата заштитува околу 800.000 лица кои се доведени во САД илегално како деца или дошле со своите семејства кои останале во САД и по истекот на визите. Програмата вклучува стотици илјади млади на факултетска возраст, кои медиумите во САД ги нарекуваат „Сонувачи“ (Dreamers).

Програмата ја иницираше поранешниот американски претседател, Барак Обама во 2012 година.

Американскиот министер за правда, Џеф Сешонс во септември, минатата година објави дека програмата ќе биде постепено укината, наведувајќи дека поранешниот претседател Обама ги пречекорил своите овластувања кога го применил во 2012 година, заобиколувајќи го Конгресот.


Мукоски: Нема основа за судот да ни додели притвор


Скопје, 5 декември, 2017 - 11:23 (META) 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, на доаѓање во Кривичниот суд на распит кај судија на претходна постапка, рече дека нема основа за судот да му одреди притвор.

– Нема основа за притвор, но оставаме судот да цени и да го каже последниот збор – рече кратко Мукоски и додаде дека редовно се јавувал во судот и дека верува во правдата.

Претходно, во судот пристигнаа и пратеничката Жаклина Пешевска и пратеникот Јохан Тарчуловски на распит кај судијката Весна Димишкова.

Во 12 часот во судот треба да пристигнат и пратениците Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски на распит кај судијата Ненад Савески.

Основното обвинителство за организиран криминал и за корупција ги гони шесте пратеници за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста, за време на насилството во Собранието на 27 април годинава.


Панчевски: Судските предмети не сум ги распределувал рачно


Скопје, 18 октомври, 2017 - 20:57 (META) 

Судијата Владимир Панчевски во вечерашното гостување на „Топ тема“ на телевизија „Телма“, уште еднаш повтори дека како поранешниот претседател на Кривичниот суд не го злоупотребил автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС). Тој додаде и дека во врска со овој случај се работи за предистражна постапка за друго лице, а не за него.

На новинарско прашање дали судските предмети ги распределувал рачно, тој негираше.

„База на податоци на сите предмети има во Врховен суд и никој не може да интервенира по завршување на тековниот месец. Потребно е посебно барање до Судскиот совет за да се изврши интеревенција. Не сум Џемс Бонд да правам паралелен систем и да местам случаи“, одговори Панчевски.

Во врска со објавување на снимката од претресот на Специјалното јавно обинителство во неговиот дом во медиумите, тој рече дека „во неговиот дом има налепница“ која информира за постоење на видеонадзор и во домот „може да снима и да прави што сака“.

На прашањето, дали додека бил претседател на Кривичниот суд трпел притисоци од политичарите, рече дека тој не познава политичари, немал контакти со нив, не бил фаворизиран од никого и на функцијата бил избран од Судски совет поради постигнати резултати во работата.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, со истражители од МВР, на 5 октомври изврши претрес во канцеларијата на Панчевски, против кого, како што тогаш изјави таа, СЈО води предистражна постапка поради злоупотреби на системот за распределба на судски предмети и за оддавање службена тајна.

Претрес беше извршен и во домот на Панчевски, за што тој изјави дека тогаш настапил целосен мрак за правдата во Македонија.


Притворениот турски судија Мурат Арслан, добитник на наградата „Вацлав Хавел“


Стразбур, 11 октомври, 2017 - 16:42 (META) 

Поранешниот турски судија и поборник за независност на судството во Турција, Мурат Арслан, кој се наоѓа во притвор уште од минатата година, е добитник на наградата за човекови права „Вацлав Хавел“, што ја доделува Парламентарното собрание на Советот на Европа на предлог на Меѓународното здружение на судии, пренесува ХРТ.

Петтата награда „Вацлав Хавел“ за промовирање на човековите права е доделена во понедленикот оваа недела, на свечена церемонија во Палатата на Европа во Стразбур, на првиот ден од заседанието на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Мурат Арслан е поранешен судија и известител на Уставниот суд на Турција, претседател на сега забранетото здружение на судии и на јавни обвинители на Турција и голем поборник за независност на турското правосудство, кој се наоѓа во притвор од 2016 година, кога десетици илјади лица во земјата беа задржани во притвор по неуспешниот обид за воен удар.

Тој е награден за храбрата борба за судска независност во својата земја.

Наградата се доделува од 2013 година во спомен на Вацлав Хавел – писател, противник на тоталитаризмот, иницијатор на Кадифената револуција, претседател на Чехословачка и прв претседател на Чешката Република.


Судот го одобри обвинението, случајот „Триста“ на СЈО оди на судење


Скопје, 3 октомври, 2017 - 14:41 (META) 

Советот за оценка на обвинителен акт го одобрил обвинението за случајот „Триста“ на Специјалното јавно обвинителство, кое сега треба да биде распределено кај судија кој треба да закаже тремин за почеток на судскиот процес.

Како што соопштија денеска од Основниот суд Скопје 1, Советот, составен од судиите Верка Петковска, Горан Бошевски и Татјана Михајлова, донел решение со кое приговорот на одбраната на обвинението го одбил како неоснован и го одобрил обвинителниот акт во целост.

„Оценетиот обвинителен акт, согласно автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС), електронски ќе биде распореден на судија за понатамошно постапување, кој треба да закаже термин за одржување главна расправа по предметот, за што јавноста ќе биде навремено информирана“, стои во соопштението од Кривичниот суд.

Инаку, Апелацискиот суд кон средината на септември соопшти дека донел одлука прислушуваните разговори да се користат како доказ во судската постапка за случајот „Триста“. Одлуката на Апелација беше донесена откако СЈО претходно поднесе жалба на решението на Основниот суд Скопје 1, кој ги отфрли „бомбите“ како доказ во постапката.

Во случајот „Триста“, обвинет е помошник-министерот во МВР, Ѓоко Поповски, кој се товари дека со набавка на 300 возила за МВР го оштетил буџетот за 453.570 евра, бидејќи тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на компании кои не дале најевтина понуда.


Препродавачите на билети за Супер купот се спогодиле со ОЈО да платат казни по 500 евра


Скопје, 9 август, 2017 - 18:01 (META) 

Петмината препродавачи на билети за Супер купот, за кои МВР поднесе кривични пријави, денеска се спогодиле со Основното јавно обвинителство Скопје, да платат парични казни во висина од 500 евра, информираат од таму.

„Еден од осомничените е државјанин на Република Србија, двајца се државјани на Велика Британија, додека двајца имаат двојно државјанство и на Република Македонија и на САД. Со сите нив, надлежните обвинители постигнаа спогодби за одмерување на видот и на висината на кривичната санкција, со кои секое од лицата прифати да плати парична казна во висина од 500 евра. Дополнително, за лицата кои немаат македонско државјанство е предвидена и мерка протерување од земјата за време од една година“, се вели во соопштението на ОЈО.

Предлог-спогодбите со осомничените се доставени до судија на претходна постапка.

„Лицата беа осомничени дека го извршиле делото санкционирано со последните измени на Кривичниот законик, а со кои се санкционира нелегално препродавање билети за спортски натпревари. Согласно законот, за ова кривично дело е предвидена парична казна или казна затвор до една година“, се додава во соопштението.