Запленети 91 килограм марихуана во Кичево, тројца приведени


Скопје, 22 март, 2018 - 14:18 (META) 

Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера во Кичево привело три лица од Скопје и запленило 91 килограм марихуана. Против тројцата, како и уште против три други лица, две од Струга и едно од Скопје, се поднесени кривични пријави.

Како што објасни портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, марихуаната била набавена во Албанија, а требало со автомобил да биде транспортирана до Скопје. Притоа, полицијата откако добиле сознанија за шверцот, на влез во Кичево бил сопрен автомобилот „мерцедес“, а потоа и автомобилот што му бил претходница. Дрогата била во девет вреќи и во една патна торба.

По кривичните пријави, на тројца скопјани на возраст од 22 и 24 години, судија на претходна постапка им одредил притвори од по 30 дена. Еден од вмешаните во шверцот издржува казна во затворот во Струга и бил префрлен во „Шутка“. Полицијата трага уште по двајца 23-годишници – едниот од Скопје, а вториот од Струга.


Судот им одреди притвор на четворицата осомничени за 27 април кои се во бегство


Скопје, 25 декември, 2017 - 13:44 (META) 

Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 им одредил мерка притвор на четворица осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, оваа година, кои се во бегство и против нив треба да биде распишана потерница, соопшти судот.

„Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, по добиено известување од надлежните органи дека лицата А.В., Н.М., М.Д. и Д.Д. опфатени со предлогот на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор, а во врска со настаните од 27 април во Собранието на Р.М., се недостапни на органите за прогон, донесе решенија со кои на сите им определи мерка притвор во траење од 30 дена по нивно пронаоѓање односно лишување од слобода, а поради постоење на причините предвидени во член 165 став 1 точки 1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка“, стои во соопштението на Кривичниот суд.

Решенијата за притвор се испратени до Обвинителството, кое треба да донесе наредба за распишување на потерница по осомничените лица.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кон крајот на ноември отвори истрага против вкупно 36 лица за насилствата од 27 април, од кои најголемиот дел се наоѓаат во притвор.

Меѓу притворените се и поранешниот министер за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, водачите на протестите на „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Игор Дурловски и Борис Дамовски, како и шестмина пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.

Сите 36 осомничени се товарат за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата“, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години.


Апелацискиот суд ја прифати жалбата на СЈО и ја укина гаранцијата од 900.000 евра на Кочан


Скопје, 8 јуни, 2017 - 20:29 (META) 

Апелацискиот суд Скопје ја прифатил жалбата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и ја укинал одлуката на судијата на претходна постапка од Кривичниот суд, со која беше прифатена гаранцијата од околу 900.000 евра на бизнисменот Сеад Кочан за да може да се брани од слобода во случајот „Труст“, соопштија од судот.

Одлуката за укинување на гаранцијата, Апелацискиот суд ја донел на седница што била одржана завчера. Кривичниот совет на судот оценил дека не биле доставени сите потребни докази од кои би се утврдила основаноста на понудената гаранција.

Предметот, како што информираат од Апелацискиот суд, сега се враќа на повторно одлучување кај судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1.

Инаку, Кривичниот суд на средината од минатиот месец го одби барањето на СЈО на Кочан да му биде одреден притвор и го прифати предлогот на неговиот адвокат, Никола Додевски, на бизнисменот да му биде одредена парична гаранција од 875.298 евра, да му биде одземен пасошот и да се јавува еднаш неделно во судот.

Кочан е првоосомничен во случајот „Труст“, во кој, заедно со уште две лица и со фирмите „Трансмет“ од Скопје, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани“, СЈО го товари дека со фалсификувана документација добил тендер од ЕЛЕМ, вреден 17.235.772 евра.

Кривичниот суд во мај вторпат одлучуваше по барањето на СЈО за притвор на Кочан, откако Врховниот суд, постапувајќи по барање за заштита на законитоста од Јавното обвинителство, донесе пресуда со која ги укина решенијата на Кривичиот совет на Основниот суд Скопје 1 и на Апелацискиот суд Скопје, со кои на Кочан му беше оредена мерка притвор и по него беше распишана потерница бидејќи беше во бегство.


Одбиени барањата на СЈО за замрзнување имот на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 23 мај, 2017 - 17:34 (META) 

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 не ги прифатил 12. барања на Специјалното јавно обвинителство за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Судија на претходна постапка изразил несогласување за барањата за привремено одземање на имот, по што решавал Кривичниот совет, кој ја потврдил одлуката на судијата.

„Судиите од Кривичните совети на Одделението за организиран криминал и корупција при Основен суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по несогласноста на судиите на претходна постапка, во врска со барањата за привремено одземање на имот поднесени од страна на СЈО, на нејавна седница одржана на 23.05.2017 година согласно чл.202 ст.3 од ЗКП донесоа решенија со кои се уважува несогласноста на судијата на претходна постапка при што од страна на судот не е определена предложената привремена мерка Забрана на оттуѓување на недвижен имот со ставање на хипотека“, гласи соопштението на Основен суд Скопје 1.

Од СЈО за „Мета“ изјавија дека немаат право на жалба на одлуката и дека деновиве ќе излезат со официјална реакција.

Во случајот „Талир“ осомничени се 11 високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и лидерот на партијата. Тие се товарат за перење пари и за незаконско финансирање на партијата.


Нема притвор за Кочан, судот прифати гаранција од 900.000 евра и одземање на пасошот


Скопје, 18 мај, 2017 - 13:43 (META) 

Бизнисменот Сеад Кочан, првоосомничен во случајот „Труст“, нема да оди во притвор и ќе се брани од слобода. Судијата на претходна постапка, како што соопштија денеска од Кривичниот суд во Скопје, го прифатил предлогот на неговиот адвокат, Никола Додевски, и донел одлука на Кочан да му биде одредена парична гаранција од 875.298 евра, да му биде одземен пасошот и да му се наметне обврска да се јавува еднаш неделно во судот.

Судот ваквата одлука ја донел поради влошената здравствена состојба на Кочан, а како неоснован го одбил предлогот на СЈО да му биде одреден притвор на бизнисменот поради опасноста да влијае врз сведоци или, пак, да го повтори делото.

Судијата на претходна постапка, како што соопштуваат од судот, зазел став дека постои основано сомневање дека Кочан го сторил кривичното дело за кое се товари, го зел предвид фактот дека Кочан беше во бегство два месеци, но, како што навел во решението, го прифатил предлогот на обраната за определување гаранција и мерки на претпазливост.

„Во решението, судија на претходна постапка наведе дека од приложените докази и по повторно одлучување, е на мислење дека постои основано сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело за кое се товари, а имајќи го предвид неговото поведение од почетокот на оваа постапка до денеска, судијата смета дека постои опасност од бегство, па од тие причини го прифати предлогот на одбраната за определување гаранција и мерки на претпазлиовст“, стои во соопштението.

Специјалното јавно обвинителство, пак, токму од овие причини вчера повторно побара на Кочан да му биде одреден притвор.

Странките во постапката, односно СЈО, има право на жалба на одлуката до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 во рок од 24 часа, во однос на одбивањето на предлогот за притвор, а рок од три дена во однос на определената гаранција и мерки.

Како што информираат од судот, пасошот на Кочан веќе му бил одземен.

Кривичниот суд вчера повторно одлучуваше по барањето на СЈО за притвор на Кочан, откако Врховниот суд пред една недела, постапувајќи по барање за заштита на законитоста од Јавното обвинителство, донесе пресуда со која ги укина решенијата на Кривичиот совет на Основниот суд Скопје 1 и на Апелацискиот суд Скопје, со кои на Кочан му беше оредена мерка притвор, и го врати предметот на повторно одлучување.


Притворот на Кочан утре повторно на суд по барање на СЈО


Скопје, 16 мај, 2017 - 16:55 (META) 

Кривичниот суд во Скопје, односно судија на претходна постапка, утре ќе одлучува по барањето на Специјалното јавно обвинителство за притвор на бизнисменот Сеад Кочан, првоосомничен во случајот „Труст“, дознава „Мета“.

Од СЈО потврдуваат дека сослушувањето е закажано за утре во 10 часот и на него, како и претходниот пат, ќе присуствуваат обвинител на СЈО и адвокатите на Кочан, кои треба да ги соочат доказите и аргументите „за“, односно „против“ предлогот да му биде оредена мерка притвор на Кочан.

Повторното одлучување на Кривичниот суд за притворот на Кочан следува откако во петокот минатата недела Врховниот суд, постапувајќи по барање за заштита на законитоста, доставено од Јавното обвинителство, реши да ги укине претходните одлуки на Основниот суд Скопје 1 и на Апелацискиот суд Скопје, од март оваа година, со кои на Кочан му беше одреден притвор и по него беше распишана потерница.

Врховниот суд го врати предметот на повторно одлучување во Основниот суд Скопје 1, а Кривичниот совет на овој суд вчера експресно ја спроведе пресудата и предметот го врати на почетокот, односно кај судија на претходна постапка.

Од СЈО, иако најавија, досега не излегоа со реакција на одлуката на Врховниот суд.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија смета дека постапувањето на Врховниот суд кој го укина противорот за Сеад Кочан е преседан кој е во спротивност со принципот на владеење на правото.

Од Хелсиншкиот комитет нагласија дека ова е првпат кој и да било суд во Македонија да одлучи дека лицето против кое е определен притвор треба да се пушти на слобода до донесување одлука по жалба.

Инаку, Сеад Кочан, по два месеци во бегство, се врати назад во земјава и, според информациите во медиумите, е хоспитализиран на Клиниката за кардиологија.

СЈО во предметот „Труст“ го сомничи Кочан дека во 2011 година на тендер на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) за ископ на јаловина доставил фалсификувани документи за наводна техничка и кадровска опременост на неговата компанија и на тој начин заедно со уште две фирми незаконски наплатил 17,2 милиони евра.


Кривичниот совет експресно го врати предметот за Кочан кај судија на претходна постапка


Скопје, 15 мај, 2017 - 16:35 (META) 

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 експресно ја спроведе пресудата на Врховниот суд и уште денеска донел одлука во врска со притворот на бизнисменот Сеад Кочан, кој Врховниот суд го укина и го врати предметот на повторно одлучување.

Како што соопштија попладнево од Основниот суд Скопје 1, Кривичниот совет на првостепениот суд не донел конкретна одлука дали на Кочан треба да му биде одредена мерка притвор или ќе се брани од слобода, туку предметот го вратил кај судија на претходна постапка на повторно одлучување.

„Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1, во состав судија Моника Бахчовановска – претседател на советот и судиите Љубинка Башеска и Весна Костов- Спасеска – членови на советот, постапувајќи по жалба на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) изјавена против решение на судија на претходна постапка, донесе решение со кое по повод жалбата на СЈО, а по службена должност, решението на судијата на претходна постапка КПП бр. 144/17 од 2 март 2017 година, го укина и предметот го врати на судијата на претходна постапка на повторно постапување и одлучување поради суштествена повреда на одредбите од член 415, став 1 точка 11 од Законот за кривична постапка“, стои во соопштението на судот.

Инаку, според членот 415, став 1, точка 11, „суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка постои ако пресудата е нејасна и противречна на самата себе или во неа не се наведени причините за решавачките факти или докази изведени на главната расправа“.

Врховниот суд во петокот минатата недела, постапувајќи по барање за заштита на законитоста, доставено од Јавното обвинителство, реши да ги укине одлуките на Основниот суд Скопје 1 и на Апелацискиот суд Скопје, со кои на Кочан му беше одреден притвор и по него беше распишана потерница и го врати предметот на повторно одлучување во Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1.

Според претседателот на Врохвниот суд, Јово Вангеловски, имало две суштествени повреди на законитоста во одлуките со кои му беше одреден притворот на Кочан, на барање на Специјалното јавно обвинителство.


Осомничените во „Труст“ писмено ќе се канат да дојдат на распит за притворот


Скопје, 1 март, 2017 - 11:20 (META) 

Барањата на Специјалното јавно обвинителство за одредување притвор на двајца од тројцата осомничени во новата истрага „Труст“ вчера стигнале во Кривичниот суд во Скопје, но засега нема информации кога тие ќе се појават на распит пред судија на претходна постапка.

Според членот 294 од Законот за кривична постапка (ЗКП) „судијата на претходната постапка е должен без одлагање“ да го разгледа предлогот за определување на мерка притвор и „веднаш да одлучи по него“.

Од судот за „Мета“ велат дека предлозите на СЈО за притвор на осомничените вчера била заведени во судот и преку АКМИС (Автоматизиран компјутерски систем за управување со судските предмети) се распоредени кај судии на претходна постапка.

Бидејќи осомничените не се лишени од слобода, тие на распит ќе бидат повикани со покани, велат од судот.

Од судот не можеа да потврдат дали распитот на осомничените ќе биде денеска.

– Засега нема ништо. Ако има, ќе известиме – ни рекоа од одделот за односи со јавноста на Основниот суд Скопје 1.

Во случај судијата на претходна постапка да ги одбие барањата на СЈО и да не им одреди притвор на осомничените, Специјалното јавно обвинителство има право во рок од 24 часа да поднесе жалба до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје, кој пак има рок од 48 часа да одлучи по жалбата. Доколку и советот ја одбие желбата, нивната одлука во тој случај се смета за второстепена, односно конечна. Во спротивно, доколку ја прифати или, пак, одреди други мерки за обезбедување на присуство на осомничените, тие имаат право на жалба до Апелацискиот суд.

СЈО вчера отвори нова истражна постапка под името „Труст“, во која три физички лица и три фирми, „Трансмет“ од Скопје, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани, се осомничени дека со фалсификувани документи добиле тендер од ЕЛЕМ за ископ на јаловина и на јаглен од рудникот Суводол во Битола, вреден 1,06 милијарди денари или 17.235.772 евра.


Кривичниот совет ја одби како неоснована жалбата на СЈО за пасошот на Мијалков


Скопје, 22 ноември, 2016 - 16:15 (META) 

Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1 денеска ја одбил жалбата на Специјалното јавно обвинителство и ја потврдил одлуката на судијката Елена Јосифовиќ да не им бидат одземени пасошите на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, и на поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, тројцата осомничени во случајот „Трезор“.

Јосифовиќ по распитот на Мијалков, Јакимовски и на Стајковиќ донесе решение со кое го одби како неосновано барањето на СЈО на тројцата да им бидат одредени мерки на претпазливост, односно да им бидат одземени пасошите.

„Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по жалбата на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) против решението на судија на претходна постапка од 4 ноември 2016 година, за определување мерки за претпазливост против три лица опфатени во предметот на СЈО во јавноста познат како „Трезор“, на одржана седница денеска донесе решение со кое решението на судијата на претходната постапка се потврдува и жалбата на СЈО за определување мерки на претпазливост за сите три лица се одбива како неоснована“, стои во соопштението од Кривичниот суд.

Истражната постапка за „Трезор“ беше отворена кон крајот на септември, но тројцата осомничени дури на 3 ноември беа сослушани од судија на претходна постапка бидејќи СЈО бараше изземање на судијката Елена Јосифовиќ, надлежна за овој предмет, поради сомнежи дека нема да постапува непристрасно зашто нејзиниот девер (братот на нејзиниот сопруг) имал деловни врски со фирмата „Финзи“, која е опфатена во случајот „Трезор“. Претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, го одби барањето на СЈО за изземање, а неговата одлука ја потврди и Апелацискиот суд.

Според СЈО, осомничените во „Трезор“ преку фирмата „Финзи“, со која во еден период управувал сега починатиот Коста Крпач, набавувале опрема за УБК и го оштетиле буџетот за 862.045 евра.


Мијалков си го задржа пасошот, за судијката Јосифовиќ барањето на СЈО е неосновано


Скопје, 4 ноември, 2016 - 16:36 (META) 

Судијката Елена Јосифовиќ го одби како неосновано барањето на Специјалното јавно обвинителство да им бидат одредени мерки на претпазливост, односно да им се одземат пасошите на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски и Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер во МВР, осомничени во случајот „Трезор“.

„Постапувајќи по предлог на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) за определување мерки на претпазливост за три лица опфатени во предметот на СЈО, во јавноста познат како „Трезор“, во Основниот суд Скопје 1, пред судија на претходна постапка вчера дојдоа трите лица кои во присуство на нивен бранител и претставник на СЈО се произнесоа во врска со предлогот, по што судијата на претходна постапка донесе одлука со која предлогот на СЈО за определување на мерки на претпазливост за сите три лица се одбива како неоснован“, стои во соопштението од судот.

Иако истражната постапка за „Трезор“ беше отворена кон крајот на септември, тројца осомничени дури денеска ќе бидат сослушани од судија на претходна постапка бидејќи СЈО бараше изземање на судијката Елена Јосифовиќ, надлежна за овој предмет, поради сомнежи дека нема да постапува непристрасно зашто нејзиниот девер (братот на нејзиниот сопруг) имал деловни врски со фирмата „Финзи“, која е опфатена во случајот „Трезор“.

Според СЈО, осомничените преку фирмата „Финзи“, со која во еден период управувал сега починатиот Коста Крпач, набавувале опрема за УБК и го оштетиле буџетот за 862.045 евра.

Распитот на Мијалков во Кривичниот суд вчера траеше околу два часа. Исто толку време тој денеска се задржа и во Специјалното јавно обвинителство, каде беше повикан да даде исказ за, како што се шпекулира, случајот „Тортура“, што СЈО го отвори во март годинава, а се однесува на апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година.