Заев нема да се појави на суд и следниот понеделник


Скопје, 31 август, 2015 - 13:38 (META) 

Лидерот за Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, нема да се појави во Скопскиот кривичен суд ни следниот понеделник, на 7 септември,  за кога е закажан почетокот на судскиот процес за случајот „Пуч“, изјави за „Мета“ портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

– Нема ретирирање од ставот кој е соопштен претходно – соопшти кратко Шилегов.

Лидерот на опозицијата уште на почетокот на јули, кратко по соопштувањето на терминот за почетокот на главниот претрес за „Пуч“, на прес-конференција соопшти дека не го признава и нема да ја почитува одлуката на судот за случајот „Пуч“. Тој тогаш соопшти дека нема да ја почитува мерката на претпазливост што му ја одреди судот, секој понеделник да се јавува во струмичкиот суд, како и дека нема да се јавува на закажаните рочишта по предметот.

Заев, истовремено, изјави дека, поради неговата одлука, судот во секое време може да издаде налог за негово апсење и за одредување мерка притвор.

Почетокот на главниот претрес за „Пуч“ првично беше закажан за 5 август, но беше одложен бидејќи во судницата не се појави лидерот на опозицијата, кој е четвртообвинет во случајот.

Од СДСМ сметаат дека случајот „Пуч“, како и истрагата за наводите што произлегуваат од содржината на разговорите од аферата „Прислушување“, треба да бидат предмет на работа на специјалниот јавен обвинител, за чие назначување во моментот преговараат четирите партии потписнички на Договорот од Пржино.

Во овој контекст, на 5 јуни, адвокатот на Заев, Филип Медарски, пред судот рече дека треба да се даде подолг рок за почеток на судењето бидејќи „во меѓувреме бил постигнат Договорот од Пржино, според кој, овој случај ќе го преземе специјален јавен обвинител“.

Сепак, на ова претседавачот со Судскиот совет, судијката Љубинка Башевска, реплицираше дека „не работи според договор, туку според закон“.

Од судот тогаш соопштија дека на Заев ќе му биде испратена нова покана за да се јави на закажаното рочиште. Доколку лидерот на опозицијата повторно не се појави, судот ќе одлучува околу негово евентуално приведување.

Во случајот „Пуч“, покрај Заев, обвинети се и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Зоран Верушевски, неговата сопруга, Соња Верушевска, Бранко Палифров, службеник во Општина Струмица, и фунционерот во МВР, Ѓорѓи Лазаревски. Тие, според обвинението, се товарат за кривичните дела шпионажа, неовластено прислушување и тонско снимање и насилство на претставници на највисоките државни органи.


Судењето за сообраќајката кај Католичка црква закажано за 30 септември


Скопје, 20 јули, 2015 - 14:18 (META) 

За 30 септевмри годинава е закажано судското рочиште за сообраќајната несреќа кај Католичка црква, која се случи на 15 ноември минатата година и во која животот го загуби малолетно момче, соопшти Основниот суд Скопје 1.

„На обвинетиот Џ.М. му се става на товар кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, информираат од судот.

Обвинителниот акт против возачот на автомобилот што го усмрти пешакот, беше поднесен на почетокот на мај и, според него, „обвинетиот го управувал возилото со недозволена брзина на движење од 100 километри на час, која не била приспособена кон својствата и состојбата на патот“.

На обвинетиот, според Кривичниот закон, му се заканува казна од најмалку четири години затвор за делото.


Ќе има судење за „Пуч“, судот го одобри обвинението


Скопје, 30 јуни, 2015 - 16:28 (META) 

Советот за оценка на обвинителниот акт на Кривичниот суд во Скопје, во целост го одборил обвинението за случајот „Пуч“, и истовремено ги одбил приговорите на одбраната на обвинетите, меѓу кои е и лидерот на опозцијата, Зоран Заев, како неосновани, соопшти денеска Основниот суд Скопје 1.

„Советот во одлучувањето утврди дека делата што се предмет на обвинителниот акт се кривични дела предвидени во Кривичниот законик и приложени се докази во прилог на обвинението. Воедно, советот имаше предвид и дека одбраната поднесе обемна листа докази, а усното образложение на приговорите претставува и делумна одбрана на обвинетите, што за советот претставува уште еден аргумент во прилог на одлуката да се закаже јавна, главна и усна расправа, на која во контрадикторна постапка ќе се решаваат прашања што се предмет на испитување и на оцена на главна расправа“, стои во соопштението на судот.

Оттаму додаваат дека „по распоредување на обвинителниот акт кај надлежен судија ќе биде закажан термин за главна расправа“.


Се сеќава ли некој на случајот „Пуч“?


Скопје, 17 јуни, 2015 - 17:15 (META) 

Советот на Кривичниот суд за оцена на обвинителниот акт за случајот „Пуч“ нема законски определен рок до кога треба да се произнесе по обвинението и да одлучи дали ќе го пушти во понатамошна постапка и ќе се закаже судење или, пак, ќе му го врати на Обвинителството, како што побара одбраната.

Иако дел од медиумите на 1 јуни, по седницата на Советот информираа дека одлуката ќе биде позната по десетина дена, од Основниот суд Скопје 1 за „Мета“ велат дека „советот нема рок до кога треба да донесе одлука, а рокот од 15 дена за кој известија јавните гласила, се однесува на периодот во кој судот треба да закаже рочиште од приемот на приговорот против обвинителниот акт“.

Оттука неизвесно е дали уште во текот на летово Груевски и Заев ќе седнат во судница, во процесот на столетието, какви што беа некои од прогнозите.

Покрај тоа, од 15 јули почнуваат годишните одмори за судиите, односно судската ферија, која трае до 15 август.

Инаку на седницата за оцена на обвинителниот акт, која се оддржа на 1 јуни, обвинителот Златко Биковски рече дека има доволно докази на Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, Зоран Заев, Бранко Палифров и Ѓорѓи Лазаревски, да им се суди за шпионажа, неовластено снимање и за насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Од друга страна, адвокатите на одбраната се спротиставија на ваквото барање и ги оспорија доказите од обвинителниот акт за сите три кривични дела, односно дека:

  • Обвинителството не поседува докази дека, веќе осудениот Звонко Костовски и Лазаревски неовластено прислушувале по налог на Верушевски;
  • Технички е невозможно да го изведат тоа без да остават трага во системот;
  • Обвинителството не образложило колку точно луѓе биле прислушувани, кои точно нивни разговори биле прислушувани и колкав временски период;
  • Во обвинителниот акт не е прецизирано и за која странска држава, служба или лице, наводно, било вршено прислушувањето;
  • Поголемиот дел од доказите што биле обезбедени со посебни истражни мерки (ПИМ) не можат да се користат бидејќи протекоа во јавноста;
  • Прислушувањето и следењето на електронските комуникации на Заев биле изведени на незаконски начин, бидејќи налогот за употреба на ПИ-мерки го издал судија на Кривичниот суд, а не на Врховниот суд како што налага Законот за вакви кривични дела;
  • Тврдењето на Обвинителството дека Заев го загрозил Уставот и безбедноста на државата е паушално оти брањето на Заев за техничка влада и предвремени избори не е насилство врз Груевски, туку легитимно политичко барање на опозицијата;
  • За апсурдноста на обвинението говори и фактот што Заев беше повикан и присуствуваше на седницата на Советот за безбедност, по настаните во Куманово, иако го гонат за тешко кривично дело.

Обвинетиот за убиството на Ангел Петковски бил свесен за извршеното дело


Скопје, 8 јуни, 2015 - 14:06 (META) 

Насер Ештрефи (19), обвинет за убиството на матурантот Ангел Петковски, бил свесен за делото што го извршил, изјавил психологот, кој на денешното рочиште давал свое мислење за писхичката состојба на обвинетиот, пренесува „Плусинфо“.

И во првото вештачење беше утврдено дека обвинетиот бил свесен за настанот и за делото, но одбраната не го прифати тој наод и бараше ново мислење.

Убиството на матурантот Ангел Петковски се случи на 19 мај минатата година, во населбата Ѓорче Петров.

Според обвинението, Ештрефи, кој е од скопското село Грчец, се обидел да украде велосипед од домот на Петковски, но откако бил забележан, побегнал. Тој подоцна бил пресретнат од Ангел и од неговиот татко, по што се случи убиството.


Зоран Верушвески денеска на суд за нелегално поседување оружје


Скопје, 4 јуни, 2015 - 11:13 (META) 

Денеска во Основниот суд Скопје 1 е закажано судењето на Зоран Верушевски за недозволено поседување оружје или распрскувачки материи.

Според обвинението, врз основа на кривичната пријава од МВР, при претрес на Верушевски, полицијата пронашла два пиштоли за кои не поседувал дозвола.

Неговиот адвокат, Ангеле Илиевски, во изјава за медиумите пред неколку месеци, рече дека еден од пронајдените пиштоли Верушевски го добил во 1983 година, додека вршел службена дејност и бил евидентиран во МВР и за него не е потребна дозвола, а другиот го добил во 1997 година како награда од поранешниот министер за внатрешни работи, Томислав Чокревски.

На поранешниот директор на Упрвата за безбедност и контраразузнавање ова му е прво рочиште за овој случај, откако почетокот на судењето претходно беше одложен.

Инаку, Зоран Верушевски е првоосомничен во случајот „Пуч“, каде заедно со лидерот на опозицијата, Зоран Заев, се товарат за кривичните дела шпионажа, односно насилство врз претставници на највисоките државни органи.


Почнува судењето на новинарот на „Вашингтон пост“ во Иран


Техеран, 26 мај, 2015 - 10:29 (META) 

Во Иран почнува судењето на новинарот на „Вашингтон пост“, обвинет за шпионажа, кој е во притвор веќе 20 месеци.

Џејсон Резаин, кој има американско и иранско државјанство, е обвинет за оддавање информации на „непријателски влади“.

Уредникот на „Вашингтон пост“ го опиша судењето како срамно и ја осуди одлуката судењето да не биде јавно.

Резаин би можел да биде осуден на затворска казна од 20 години.


Почнува судењето на втората група демонстранти уапсени по 5 мај


Скопје, 22 мај, 2015 - 9:46 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 се очекува да почне судењето на втората група демонстранти, кои беа притворени по нередите и насилствата за време на протестите пред Владата, на 5 мај.

Деветмината демонстранти се товарат за кривичното дело учество во толпа, а меѓу нив има и двајца членови на „Студентски пленум“.

Во меѓувреме, закажано е и рочиштето за судењето на првата група уапсени демонстранти, кое ќе се одржи на 2 јуни.

Протестите пред Владата на 5 мај се одржаа по објавувањето на „бомбата“ на опозицијата за случајот на Мартин Нешковски.


Инцидент на судењето на Златна зора


Атина, 15 мај, 2015 - 12:19 (META) 

Инцидент се случи на денешното судење на членовите на Златна зора во затворот „Коридалос“ во Атина. На судењето упаднаа членови на терористичката организација Огнени јадра, чие судење беше паралелно закажано во соседната судница во затворот и почнаа вербално да ги напаѓаат членовите на Златна зора. Покрај вербалните навреди и довикувањата дека фашистите ќе ги стигне бесилка, во истиот момент припадниците на Огнени јадра почнаа да фрлаат и со шишиња и со различни предмети во судницата по членовите на Златна зора. Дел од предметите завршија кон делот каде се наоѓаа новинарите и фоторепортерите.

По полициска интервенција беа отстранети припадниците на Огнени јадра од судницата, но инцидентот создаде атмосфера на страв, вознемиреност и на паника во судницата. Голем број од присутните се почувствуваа небезбедно и несигурно, бидејќи при толку големо полициско обезбедување беше дозволен упад на судењето. Адвокатите што ги бранат обвинетите членови на Златна зора реагираа дека судењето не може да се одвива во вакви услови, а судот беше повикан да преземе одговорност за инцидентот, додека, пак, присутните извикуваа „срамота, убијци, сите ќе нè убијат“.

Непријатниот инцидент само повеќе ги засили барањата на присутните да се одреди нова, поголема и побезбедна судница каде ќе се одвива процесот против Златна зора.

За време на судењето, полицијата добила известување и за можна бомба во затворот. Анонимни јавувачи пријавиле дека ќе биде активирана бомба во затворот, во весникот „Весник на новинарите“ и информативниот портал  „зоугла.гр“ (zougla.gr), но и покрај тоа полицијата не ги евакуираше присутните на судењето.

По инцидентот процесот беше прекинат и ќе се продолжи на 4 јуни. Судскиот процес против Златна зора, кој има цел да открие дали неонацистичката партија навистина е криминална и паравоена организација, сè уште е во почетните фази и досега четирипати се прекинува и се одложува без некаков суштински напредок. Лидерите на партијата не се појавуваат воопшто на судењата, чекор кој се оценува како нивни обид за потценување на судот.


Одложено судењето на Верушевски


Скопје, 14 мај, 2015 - 11:33 (META) 

Судењето на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, е одложено поради отсуство на неговите адвокати.

Адвокатот Ангеле Илиевски имал друго судење, а адвокатот Филип Медарски е отсутен поради здравствени причини.

Денешното судење на Верушевски требаше да биде за недозволено држење оружје и распрскувачки материјали.

Верушевски, освен за поседување оружје, е првоосомничен во случајот „Пуч“ заедно со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.