Рускиот амбасадор во Судан пронајден мртов


Картум, 24 август, 2017 - 10:36 (META) 

Во својата резиденција во Картум, главниот град на Судан, пронајден е мртов рускиот амбасадор Миргајас Ширинскиj.

„Рускиот амбасадор починал синоќа во својата резиденција во Картум“ стои во соопштението издадено од суданското Министерство за надворешни работи.

Причината за смртта не е наведена, но висок полициски претставник не ја исклучува можноста дека станува збор убиство.

Ширинскиj, кој е роден 1954 година, починал додека пливал во базенот на својата куќа, вели полицискиот претставник.


И Судан ги прекина дипломатските односи со Иран


Картум, 4 јануари, 2016 - 16:00 (META) 

Судан денеска соопшти дека ги прекинал дипломатските односи со Иран, откако претходно Саудиска Арабија и Бахреин исто така ги прекинаа врските со Техеран во рамките на новото затегнување на односите на Блискиот Исток.

Последните тензии меѓу арапските земји настанаа откако Саудиска Арабија во саботата го погуби шиитскиот свештеник Нимр Бакер ал Нимр, остар критичар на саудиските власти, што предизвика протести во Техеран при кои беше нападната саудиската амбасада.

Саудиска Арабија, а потоа и Бахреин ги прекинаа дипломатските односи со Иран, додека Обединетите Арапски Емирати го повлекоа својот амбасадор во Иран и го сведоа сите дипломатски односи со таа земја на минимум.

Педесет и шестгодишниот Ел Нимр беше погубен заедно со уште 46 лица осомничени за тероризам, а беше централна фигура на шиитските протести што избија во 2011 година, во рамки на Арапската пролет. Беше голем критичар на сунитските власти во Бахреин, кои сурово ги сузбиваа шиитските протести во 2011 година.
Саудиска Арабија испрати војска за да им помогне на бахреинските власти во борба со демонстрантите, стравувајќи од ширење на протестите.


Судан: Бунтовници киднапираа шест Бугари


Картум, 28 јануари, 2015 - 10:02 (META) 

Шест бугарски државјани се киднапирани во јужниот дел на Судан, откако хеликоптерот на бугарската авиокомпанија која врши летови за Светската програма за храна на Обединетите нации принудно слетал во реонот на суданскиот град Кадугли, соопшти бугарското МНР.

Одговорноста за киднапирањето ја презела групата Суданско народно ослободително движење – Север, која се бори против владините сили во регионот.

Претставници на Светската програма за храна веќе стапиле во контакт со бунтовниците и заедно со бугарското МНР се обидуваат да издејствуваат ослободување на заложниците.


Приведени 88 имигранти во Албанија


Тирана, 21 декември, 2014 - 12:28 (META) 

Алабанската полиција, заедно со припадниците на единицата за брзи интервенции, привела 88 илегални имигранти од Сирија и од Судан во две одделни акции. Во првата акција, во селото Глин, пронајдени биле 41 имигрант, а втората акција, која била спроведена во близина на селото Мулир, на албанско-грчката граница, биле приведени 47 илегалци.
Според албанската полиција, имигрантите требало да го продолжат патот кон Црна Гора, а потоа и во некоја запоадноевропска земја. Тие на албанска територија влегле од Грција.
Албанската полиција изминатата година има приведено повеќе од 2.000 имигранти, кои најчесто биле од Сирија, Судан и од Пакистан.