Николовски: Деновиве ќе биде исплатена дополнителната субвенција за лозарството


Скопје, 16 април, 2018 - 16:27 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на денешниот состанок со винарските визби, на кој учествуваше и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, порача дека лани се исплатени сите обврски и субвенции за лозарите и винарските визби, а наскоро треба да стартува и исплатата на дополнителната субвенција од по два денари.

– Лани се исплатија сите заостанати обврски и кон лозарите и кон винарските визби. Оваа година сме насочени кон навремена исплата кон лозарите и кон визбите, тогаш кога им се потребни. Овие денови ќе биде исплатена и дополнителната поддршка од 2 денари од минатата година, и тоа се уште 140 милиони денари плус субвенции за лозарите – рече министерот Николовски.

Тој нагласи дека пред почетокот на новата производствена реколта, се исплатени над 600 милиони денари субвенции за одржување на лозови насади за лозарите и за винарниците кои имаат сопствени насади.

Во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството за 20 отсто се зголемени субвенциите за одржување на лозови насади за оние кои имаат од 1 до 10 хектари , односно наместо 40.000 ќе добијат 48.000 денари по хектар, а дополнителна субвенција од 12.000 денари по хектар ќе добијат оние кои ќе извршат реконструкција на лозовите насади, за промена на асортиментот, што е важно за следење на светските трендови и за зголемување на конкурентноста. Дополнително, 30 отсто повисока субвенција ќе добијат оние земјоделци ќе преминат во попрофитабилна гранка, на пример од полјоделство во лозарство, овоштарство и градинарство.


Град Скопје ќе субвенционира и велосипеди за лица со посебни потреби


Скопје, 12 април, 2018 - 12:28 (META) 

Град Скопје ќе издвои 10 милиони денари за субвенции за граѓаните за набавка на велосипеди, информираат од таму.

„9 милиони денари ќе бидат издвоени за субвенции за набавка на велосипеди, а 1 милион денари ќе бидат издвоени за субвенции за набавка на рачни велосипеди или рачни велосипеди со електрично помагало за лица со посебни потреби“, информираат од Град Скопје.

Со оваа одлука е предвидено максималниот износ за поединечна субвенција за купување велосипед по лице да биде 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари, со вклучен персонален данок на доход.

„Новитет во јавниот повик за набавка на велосипеди за 2018 година, што е во фаза на подготовка, е тоа што оваа година Градот Скопје ќе субвенционира набавка на рачни велосипеди (велосипед на рачен погон), како и рачни велосипеди со електрични помагала за лица со посебни потреби. Градот Скопје ќе субвенционира 50 отсто од вредноста на рачниот велосипед и рачниот велосипед со електрично помагало за лица со посебни потреби, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход“, велат од Град Скопје.


Град Скопје ја почна постапката за субвенции за печки на пелети


Скопје, 5 април, 2018 - 11:19 (META) 

Град Скопје денеска го објави јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на град Скопје за набавка на печки на пелети.

Сите што ќе купат печки на пелети од денеска до 21 мај годинава може да конкурираат за субвенцијата во висина од 70 отсто од цената на печката. Сепак, износот на субвенцијата може да биде најмногу 30.000 денари со вклучен данок на доход по домаќинство.

Иако првично зададениот краен рок е 21 мај, доделувањето на субвенциите може да прекине и порано, ако се исцрпат предвидените средства.

Овој повик ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.


Штефан Петер: Ќе има пораст само ако компаниите лесно ги добиваат субвенциите


Скопје, 26 март, 2018 - 14:37 (META) 

Планот за економски пораст на Владата е доста ветувачки, позитивно е тоа што еднакво ги поддржува домашните и странските компании, одговори денеска на новинарско прашање претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер, при Стопанска комора на Македонија.

Тој додаде дека транспарентноста на владата во субвенционирањето на компаниите не само што е добра, туку е и неопходна мерка бидејќи станува збор за јавни пари.

– Го цениме тоа што субвенционирањето ќе зависи од закон. Според анализата на Стопанска комора од 70.000 компании, условите за субвенционирање им одговараат на 10 до 20 проценти од компаниите. Но, да почекаме да видиме колку компании ќе ги добијат. Како човек кој доаѓа од земја членка на ЕУ, можам да кажам дека има голем број субвенции во рамките на ЕУ, но тешко се земаат поради административните и бирократските процедури. Очекувам, ваквите субвенции компаниите лесно да ги добијат, бидејќи тогаш ќе има економски пораст – додаде Петер.

Тој додаде дека има подигнување на свеста за значењето на соработката помеѓу домашните и странските компании, прашање, кое, како што кажа, го наметнува и Владата.

Петер им порача на домашните компании дека не можат да чекаат во канцеларија и странските инвеститори да дојдат кај нив, туку потребно е самите да сторат нешто за таа соработка да се зголеми.


Николовски: Ќе се зголемат субвенциите за лозарите кои имаат насади до 10 хектари


Кавадарци, 14 февруари, 2018 - 16:50 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на одбележувањето на денешниот празник на лозарите и винарите, ги информираше лозарите за новите мерки во програмата за поддршка на земјоделството и руралниот развој.

– Оваа година со програмата предвидуваме зголемување на субвенциите за сите лозари кои имаат  лозови насади до 10 хектари. Нашата интенција како политика ќе биде, да ги стимулираме лозарите да го модернизираат производството, и да даваме уште поголема поддршка на категоријата на земјоделци кои што навистина може да го донесат развојот – рече Николовски.

Премиерот Зоран Заев кој исто така денеска беше во Кавадарци, изјави дека Владата почнала разговори со винарниците и откупувачите, за да може да се обезбеди поповолна цена за производителите.

– Убеден сум дека со новите мерки што ги прави Владата, посебно за стимулирање на нови насади, отварањето на нови пласмани и со освојувањето нови пазари, цените на грозјето ќе растат – рече Заев.


Николовски: Тутунарите ќе добијат повисоки субвенции


Скопје, 13 февруари, 2018 - 15:54 (META) 

Тутунарите ќе добиваат повисоки субвенции почнувајќи од реколтата 2017 година, информираше денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Тој рече дека се направени измени во висината на субвенциите, со што, директно се стимулира производство на квалитетен тутун.

– Воведени се субвенции на три нивоа, и тоа, субвенцијата за прва класа тутун ќе изнесува 80 денари по килограм, што е прво ниво. За втората класа или второ ниво, предвидени се субвенции од 70 денари и третото ниво на субвенционирање изнесува 60 денари по килограм и важи за трета и четврта класа, како за двете дополнителни класи – изјави Николовски.

Политиките за развој на производството на тутун, како што информираше, ќе се реализираат и преку измените во новиот Закон за тутун и тутунски производи.

– Со новиот Закон кој е веќе подготвен и очекуваме да биде донесен наскоро, ќе се укине поднесување на евидентни листови. Тутунарите директно ќе склучуваат договори со откупните претпријатија. На овој начин им ја олеснуваме административната процедура за склучување на договорите за производство – додаде Николовски.

Тој оцени дека ланската реколта е една од најдобрите споредено со изминатите години. Просечната цена на еден килограм откупен тутун изнесува  217,5 денари.

– Согласно откупната цена по класи, вкупната исплатена сума кон тутунарите ќе биде над 80 милиони евра. Со зголемените субвенции ќе им бидат исплатени околу 28 милиони евра субвенции. Што значи дека реколтата 2017 година на 23.000 семејства им обезбедува приход од вкупно 100 милиони евра – појасни Николовски.


Проблемот со загадениот воздух, еден од приоритетите на Шилегов за 100 дена мандат


Скопје, 3 февруари, 2018 - 13:19 (META) 

Заштита на животната средина и подобрување на состојбата со загадениот воздух, биле приоритетите на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во првите 100 дена од мандатот. Тој денеска даде отчет за сработеното.

„Тројно го зголемивме буџетот за заштита на животната средина, кој за 2018 година изнесува 141 милиони денари, што претставува речиси трипати повеќе од ребалансот на буџетот од 2017 година, кој што, за овој сектор предвиде само 48 милиони денари. Ја организиравме најголемата акција за чистење на Скопје, што беше дел од краткорочните мерки против загадувањето, со која беа отстранети околу 3.000 кубни метри смет од улиците и јавните површини во градот. Во оваа акција, освен јавните градски претпријатија беа ангажирани неколку стотици лица, баратели на работа преку Агенцијата за вработување“, рече Шилегов.

Со есенска акција за зазеленување на Скопје, како што информираше, биле засадени 615 нови дрвја низ различни локации во градот. Акцијата за зазеленување на Скопје ќе продолжи и на пролет, кога е планирано да се засадат повеќе од 4.000 садници.

Градот Скопје обезбедил и субвенции за набавка на печки на пелети во висина до 70 отсто од вредноста на печката, трипати се вовел бесплатен јавен автобуски превоз, а се ограничил периодот во кој е дозволен дотур на стока во централното градско подрачје.

Шилегов ја стопирал и изградбата на 95 фасади, кои требаше да добијат нов барокен лик.

– Со пренамена на средствата кои беа предвидени за „Скопје 2014“, започнаа интензивни активности и подготовки за реконструкција на сите средни училишта, истите да добијат енергетски ефикасни фасади, во согласност со современите стандарди за рационализација и заштеда на електричната и топлинската енергија – рече Шилегов.

Тој додаде дека, веднаш по преземањето на градската власт се вовело двосменско работење на службите што непосредно работат со граѓаните.


Разрешен директорот на Агенцијата за туризaм кој патуваше со бизнис-класа


Скопје, 30 јануари, 2018 - 20:42 (META) 

Преку видео-обраќање на Твитер, портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, пренесе некои од одлуките донесени на денешната 52-ра седница на Владата на Република Македонија, меѓу кои и разрешувањето на Александар Донев, директор на Агенцијата за поддршка и развој на туризмот.

 

Донев предизвика бројни реакции во јавноста со неговиот пат до Аргентина со бизнис-класата, за што потрошил 220.000 денари буџетски пари за билет.  Тогаш тој објаснуваше изјави дека разликата меѓу економската и бизнис класата била „само 40.000 денари“.

Исто така, донесена прифатени се предлог-измените на законот за патен сообраќај, со кој ќе се укине условот таксистите да поседуваат сертификат за знаење англиски јазик.

Исто така, Владата е против поскапување на цената на водата за пиење е и препорачала на Регулаторната комисија да ги преиспита одлуките.

Престанува да важи законот за субвенции за музичката продукција, а владата ќе најде други начини за поддршка на македонската музичка сцена.


Владата планира да ги субвенционира студентите


Скопје, 22 јануари, 2018 - 17:58 (META) 

Владата на денешната 49. седница ја разгледала и усвоила информацијата за воведување на проект „Субвенциониран студентски оброк и други студентски потреби“.

Проектот, како што информираат од таму, предвидува можност за субвенционирање на потребите на студентите по нивен избор и тоа оброк, автобуска карта, карта за во театар, книга и други услуги, а плаќањето ќе се врши преку мобилен телефон или дигитална студентска картичка.

„Овој проект, повеќе од 10 години успешно се спроведува во Словенија. Од страна на тамошните институции постои согласност и поддршка за имплементирање на проектот и во Македонија, со одредени прилагодувања, согласно финансиските можности на Македонија“, информираат од Влада.

Владата на денешната седница исто така ја усвоила информацијата за набавка на медицинска опрема, медицински и немедицински инвентар во јавните здравствени установи и за специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во  Охрид, во висина од 150, односно 120 милиони денари за оваа, за 2019 и за 2020 година, со утврдена динамика на плаќање за секоја година.


МРТ ќе ги поништи последните одлуки за субвенции за домашна музичка продукција


Скопје, 17 јануари, 2018 - 11:51 (META) 

Македонската радио-телевизија (МРТ) ќе ги поништи одлуките за избор и одлуките за неизбор по основ на Вториот и Третиот квартал од Конкурсот за поддршка на домашната музичка продукција за 2017 година, соопштија денеска од Министерството за култура.

„На вчерашниот состанок во Министерството за култура меѓу претставници на Министерството за култура и Македонската радио-телевизија заеднички беше констатирано дека актуелниот Закон за поддршка на домашната музичка продукција е тешко применлив и дека не ја исполнува функцијата за која е донесен. Исто така, констатирано е дека Македонската радио-телевизија, по спроведениот надзори по насоките дадени од страна на Министерството за култура ќе пристапи кон поништување на одлуките за избор и одлуките за неизбор по основ на вториот и третиот квартал од 2017 година“, информираат од Министерството.

Претставниците на Министерството за култура и МРТ се договориле во иднина заеднички да ги координираат активностите во насока на поддршка и развој на домашната музичка продукција.