!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Централен регистар известува за работното време за прием на годишни сметки и извештаи


Скопје, 22 февруари, 2017 - 17:02 (META) 

Централниот регистар ќе врши прием на годишни сметки и финансиски извештаи за 2016 година, на 25 февруари (сабота) од 8 до 16 часот, 27  февруари (понеделник) и на 28 февруари (вторник) од 8 до 20 часот.

– За микро и малите компании кои нема да достават годишна сметка во хартиена форма во законскиот рок, ќе имаат можност годишната сметка, во согласност со Законот за трговски друштва, да ја поднесат во електронска форма до 15 март – информираат од Централен регистар.

В понеделник и во вторник од 8 до 16 часот, Централниот регистар ќе овозможи прием на годишните сметки во хартиена форма за 2016 година за правните субјекти и во градовите каде што нема свои канцеларии.

Во Кратово и во Демир Хисар тоа ќе бидат општинските згради, а во Крушево – објектот на „Уни банка“.


Српски бизнисмени се во посета на Македонија за подобра соработка помеѓу компаниите


Скопје, 16 февруари, 2017 - 9:37 (META) 

Стопанската комора на Македонија денеска во Скопје организира деловни средби помеѓу македонски и српски компании за да се унапреди и интензивира економската соработка помеѓу двете земји.

– Целта на посетата на српската бизнис-делегација и организирањето на билатералните деловни средби е понатамошно интензивирање на економските релации помеѓу двете земји, како и воспоставување на нови, повисоки облици на соработка помеѓу компаниите од повеќе различни сектори согласно пројавениот интерес – велат од Комората.

На бизнис-средбата официјално ќе биде конституиран Македонско-српскиот/Српско-македонскиот деловен совет, што ќе функционира во рамките на двете комори и ќе служи како мост за интензивирање и зајакнување на досегашната соработка и поврзување на стопанските субјекти од двете земји.


Општина Тетово има решено 320 предмети од вкупно 3.500 барања за легализација на дивоградби


Тетово, 19 декември, 2016 - 17:11 (META) 

Општина Тетово има решено 320 предмети од вкупно 3.500 барања за легализација на дивоградби. За голем дел од поднесените барања не е доставен геодетски елаборат.

Последниот рок за поднесување барање за легализација на бесправни објекти заврши во март 2016 година, а физичките и правните субјекти кои во согласност со овој рок доставиле барање, треба до крајот на 2017 година да поднесат и геодетски елаборат за објектите.

На 31 декември оваа година е крајниот рок за доставување геодетски елаборат за дивоградбите, чиј рок за поднесување барање за легализација заврши во 2011 година.

Од Агенцијата за катастар велат дека се разгледува можноста да се продолжи рокот за поднесување геодетски елаборати за бесправно изградени објекти. За таа цел владата на Македонија има формирано меѓуресорска работна група.

– Таа работна група ќе работи да се овозможи продолжување на рокот за поднесување на геодетските елаборати. Сè уште се работи на тоа колкв рок би требало да биде даден, за да бидат сите страни задоволени. Од една страна, да немаме бесконечни рокови за поднесување геодетски елаборати, а, од друга страна, субјектите кои поднеле барања за легализација да имаат време да поднесат и геодетски елаборат, затоа што реално немале доволно време да изработат елаборати и нема доволно фирми во Македонија кои изработуваат елаборати – изјави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески.

Претходно, неколкупати беше продолжуван рокот за легализација на дивоградбите.

Ваквите чести менувања на законите, според познавачите, им даваат храброст на инвеститорите бесправно да градат, како што е случајот во Тетово, каде во последниве неколку години се изградени голем број дивоградби, најчесто на државно земјиште.


Депозитната база на банките во април забележа пад од 2,2 проценти


Скопје, 15 јуни, 2016 - 14:35 (META) 

Депозитната база на банките во април забележа значителен пад од 2,2 проценти на месечна основа, поради неизвесниот домашен политички амбиент.

– Првичните податоци за мај покажуваат понатамошен тренд на намалување на депозитите, но многу послабо во однос на април, при што од дневните податоци за втората половина на мај и за првата половина од јуни се забележува значително стабилизирање на депозитната база. Ова упатува и на стабилизирање на согледувањата на економските субјекти – се вели во соопштението на Народна банка.


Јанева напредува во истрагата и покрај отежнатата соработка со субјектите


Скопје, 25 декември, 2015 - 11:29 (META) 

Соработката со субјектите до кои се обраќа Специјалното обвинителство е отежната, но и покрај ваквата состојба предистражната постапка по предметите за кои е воспоставена надлженост е во тек и има извесен напредок, соопштија денеска од кабинетот на специјалната обвинителка Катица Јанева.

„Во изминатиот период, особен интерес беше изразен за нашето постапување по однос на бараните материјали од СДСМ. Повторно укажуваме дека ние очекуваме материјалите да ни бидат предадени и сите субјекти да почнат активно да соработуваат со ова јавно обвинителство. Појаснуваме дека соработката со субјектите до кои се обраќаме, без оглед за кого станува збор, е отежната и во оваа насока наш конкретен став за ваквата отежната соработка и мерките што ќе бидат преземени од наша страна, ќе биде соопштен на средината од јануари. Сепак, и покрај ваквата состојба на отежната соработка, Ве известуваме дека во тек се повеќе предистражни постапки по предметите за кои е воспоставена стварна надлежност и постои известен напредок, но во овој момент не сме во можност да соопштуваме детали, а сето во интерес на истрагата“, стои во соопштението на Специјалното обвинителство.

Оттаму апелираат „до сите субјекти да се воздржат од етикетирање на ова јавно обвинителство и негово ставање во функција на реализација на различни политички и други цели, бидејќи најважно во овој момент е спроведување независни и професионални истраги, во рамки на кои доследно ќе се почитуваат начелата на тајност на предистражната постапка, објективност и легалитет во постапувањето“.

Од кабинетот на Јанева, исто така, информираат дека во тек била постапката за добивање безбедносни сертификати за јавните обвинители, а на дел од нив веќе им биле издадени сертификати за работа со класифицирани информации со степен на класификација „државна тајна“.

Во меѓувреме, велат од Специјалното обвинителство, биле спроведени и тендерски постапки и во тек било изведувањето на градежните работи за адаптација на просториите каде треба да биде сместено ова обвинителство.