Со перформанс „Мора мораториум“ се протестираше за заштита на Охридско Езеро


Охрид, 31 јули, 2018 - 16:13 (META) 

Со мирен протестен перформанс, кој тргна од Лагадин, и застанувајќи на неколку места, заврши пред зградата на Општина Охрид, денеска балерината Гарсиа Елена од театарот „Баљшој“ од Москва, Охрид SOS и здружението Стар Лагадин, поддржани од Go green – Биди зелен, Фронт 21/42 и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н., заедно со туристи од Белгија, Италија, Франција, Русија, Молдавија, Грузија, Србија и други држави, побараа прекинување на прекумерната и непланската урбанизација на бреговите на Охридското Езеро.

Карванот кој тргнувајќи од Лагадин, застана кај Горица, Свети Стефан и Студенчишко Блато имаше една порака за Општина Охрид – прогласување на мораториум според шестата препорака на УНЕСКО, како и поништување на Општиот акт за Лагадин, односно стопирање на сите издадени дозволи за градење и стопирање на издавање нови.

Балерината Гарсиа Елена изведе дел од сцената „Умирање на лебедот“ од балетот „Лебедово езеро” на Чајковски. Подигањето на црните згради со црвени покриви ја симболизираше разуларената урбанизација, која го „убива“ лебедот како симбол на убавината и сето живо во природата, како симбол на Охридското Езеро.

Поетот Бруно од Франција, пак, рецитираше поема која ја напишал за Охридското Езеро и неговата одбрана од урбанизацијата.

Организаторите на протестот побараа да престане префрлувањето на одговорноста меѓу државната и локалната власт и итно преземање на сите потребни чекори за целосно спроведување на шестата препорака на Реактивната мисија на УНЕСКО –запрогласување на мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации на пoдрачјетo на Светскoтo наследствo, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи, додека не се прифати соодветна правна регулатива и се воспостават ефикасни механизми за контрола.

Организаторите на протестот укажаа и на незаконитоста на Општиот акт за Лагадин со кој се овозможи урбанизација на овој дел на крајбрежјето и побараа да не се дозволи  спорниот хотел во Лагадин да се изгради.


Заштитата на Студенчишко Блато, „Охрид СОС“ ја подигна на европско ниво


Охрид, 11 мај, 2017 - 15:27 (META) 

Од 15 до 19 мај, во Скопје и во Охрид во работна посета ќе биде проф. д-р Јос Ферхуфен, претседател на Европскиот разгранок на Светското друштво на научници за блатни еко-системи. Од Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ велат дека Ферхуфен доаѓа на нивна иницијатива и дека во Скопје ќе одржи серија предавања на Природно-математичкиот факултет.

Исто така, ќе биде специјален гостин на тркалезната маса во организација на Здружението за заштита на животни и на животна средина „Еден“ на тема „Влијанието на планираните инфраструктурни проекти врз биодиверзитетот во Охридско-преспанскиот Регион“.

Во Охрид, професор Ферхуфен ќе го посети Хидробиолошкиот завод и ќе оствари работна средба со членови на Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“.

– Причината за неговата посета е опасноста од уништување на Студенчишкото Блато во Охрид – последниот филтер на езерото и дом и прибежиште на многу ретки и ендемски видови. Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ две години непрекинато и посветено се бореше за заштита на Студенчишкото Блато што конечно даде плод и на последната стручна расправа во Општина Охрид беше потврдено дека блатото останува строго заштитена зона – велат од Здружение за заштита на животните и на животната средина „Еден“.

Оттаму нагласуваат дека, сепак, целта не е докрај постигната бидејќи со заклучок на Владата од 2013 година на Општината ѝ е наложено да се заштитат само 4 до 5 хектари земја, што е неприфатливо оти е многу помалку  од 50-70 хектари кои се предвидени со последната интегрирана студија за блатото.

– На блатото не само што му е потребно да се заштитат сите негови делови кои се сè уште функционални, туку е неопходно и да се ревитализира тоа што било низ годините уништено – нагласуваат од здружението „Еден“.


Охриѓани против новите градежни зафати, бараат заштита на Студенчишко Блато


Охрид, 25 април, 2017 - 14:31 (META) 

Околу 99 отсто од сите 300 анкетирани жители од Охридско сметаат дека промената на деталниот урбанистички план за зголемување на катноста на објектите од хотел „Тино“ до „Милениум палас“ е штетна урбанистичка одлука, која треба да се повлече. Огромен дел од испитаните граѓани, исто така, ги оценуваат предвидените капитални инфраструктурни проекти како исклучиво штетни и непотребни за регионот, покажуваат бројките од анкетата од проектот „Заштита на природата во НП Галичица: Бајка или реалност“.

Проектот финансиски поддржан преку механизмот за граѓански организации ИПА2 и од Глобалниот фонд за зелени грантови (Global Green Grants Fund) беше презентиран вчера во Охрид, во присуство на граѓани и на претставници на локални, национални и на меѓународни организации.

Резултатите ги презентираше Драгана Велковска од Здружението за заштита на животните и животната средина „Еден“, а Ајман ал Мала, раководител на секторот за животна средина во Општина Ресен, зборуваше на тема „Со добро владеење до одржлив развој“.

Покрај несогласувањето за градбата долж брегот на езерото, буквално сите анкетирани граѓани бараат заштита на Студенчишко Блато бидејќи го сметаат за филтер на езерото и за негов незаменлив дел, наспроти 1,2 отсто од граѓаните кои се изјасниле дека во регионот треба да се развива масовен туризам.

Во рамки на проектот се одржани вкупно четири консултативни состаноци – три со одделни категории на чинители и еден со сите чинители заедно, изработена е анализа на националната и на меѓународната легислатива која го третира Националниот парк Галичица и е спроведено истражување на мислењето на близу 300 испитаници од регионот – граѓани, граѓански организации и институции.

Покрај граѓаните, кои бараат регионот да го задржи УНЕСКО-статусот и да почне да се развива активниот туризам кој не ја уништува животната средина, сите испитаници од државните институции сметаат дека економската придобивка не смее да оди на штета на природата, велат од „Еден“.

Анкетата покажува и дека 45,5 отсто од институциите сметаат дека законските прописи се почитуваат селективно, а речиси 47отсто од претставниците од граѓанскиот сектор рекле дека биле изложени на некаква форма на притисок или закани поради нивниот ангажман.

На вчерашната презентација Ал Мала ја претстави успешната приказна за ревитализацијата и за заштитата на Преспанското Езеро и нагласи дека професионалниот интегритет на јавните и на државните службеници мора да биде неприкосновен доколку сакаме вистински, долгорочен и сеопфатен развој.


„Еден“: Граѓаните не се информирани за инфраструктурните проекти на Галичица


Охрид, 24 април, 2017 - 16:45 (META) 

Граѓаните немаат слушнато за бизнис-планот за националниот парк Галичица, покажува анализата на здружението за заштита на животните и на животната средина „Еден“.

Според Драгана Велковска од ова здружение, државните институции сметаат дека нема потреба од нова или дополнителна законска регулатива за заштита на Галичица, но потребно е доследно спроведување на постојната.

Повеќе од половината институции сметаат дека акциските планови се спроведуваат, а другите сметаат дека се спроведуваат селективно.

– Во однос на Законот за водите, воопшто не се почитува како што можевме да посведочиме и со последниот случај со хотелот во Лагадин, каде што се изгради една огромна градба која прекршуваше најмалку 12 закони, еден подзаконски акт и Уставот. Се изгради не на речиси 50 метри, туку на можеби 10-15 метри од брегот на езерото – рече Велковска.

Речиси 89 проценти од испитаниците од државните институции се изјасниле дека сметаат дека Студечнишкото Блато треба да се прогласи за споменик на природата, додека сите анкетирани граѓани недвосмислено одговориле дека тоа треба да се заштити.

Понатаму, 43,5 проценти од граѓаните се изјасниле дека Охрид воопшто нема потреба од пристаниште. Доколку веќе се гради, сите сметаат дека не смее и не треба да се гради кај Студенчишко Блато. На 69 проценти не им се допаѓаат тековните градежни зафати долж каналот Студенчишта.

Граѓанските организации сметаат дека е потребен посебен закон за заштита на Охридското Езеро и да се прогласи за национален парк, да се забрани сеча во националните паркови, а пловните објекти да бидат на некаков вид еколошко гориво.


„Охрид СОС“: Продолжува негрижата за животната средина, здравјето и за квалитетот на живот на граѓаните


Охрид, 9 декември, 2016 - 10:21 (META) 

Во текот на изминативе две години, локалните власти во Охрид и владата наголемо најавуваа големи инфраструктурни проекти во Охридско и покрај предупредувањата од домашни и од странски експерти дека реализација на тие проекти ќе значи дефинитивно уништување на значајни и уникатни екосистеми.

Со ваква реакција се огласија од невладината „Охрид СОС“, како што велат, испровоцирани од последните случувања во Охрид и од крајната негрижа за животната средина, здравјето и за квалитетот на живот на граѓаните.

Оттаму реагираат дека во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за 2016- 2020 година опфатен е и проектот за изградба на ски-центар на планината Галичица.

Исто така, во врска со патот Охрид – Пештани, кој треба да го опслужува ски-центарот, од здружението посочуваат низа проблеми поврзани со влијанието врз животната средина. Покрај тоа, од „Охрид СОС“ нагласуваат дека иако владејачката гарнитура тврди дека за овој проект се обезбедени средства од Европската банка за обнова и развој, банката ги нема одобрено овие средства.

На експертската конференција за Галичица која се одржа во ноември годинава, професорот Томас Вилке од Универзитетот во Гисен, кој го предводеше истражувањето на староста на Охридското Езеро, истакна дека треба да се прогласи мораториум за сите градежни активности што влијаат на езерото или неговите сливови.

Сепак, се најавува дека на охридската страна, на самиот брег кај локалитетот Градиште, ќе има одморалиште со хотел од висока категорија со 200 соби, како и 300 апартмански единици, со вкупно 1.600 легла.

Каналот Студенчишта, кој во моментов служи како конекција помеѓу филтерот на езерото – Студенчишко Блато и Охридското Езеро, и како локација за гнездење на повеќе видови, деновиве се уништува и се бетонира по налог на Општина Охрид, каде се исекоа и повеќе од 20 дрвја, велат од „Охрид СОС“.

Во септември годинава на социјалните мрежи осамнаа фотографии од големи згради изградени врз мозаиците на археолошкиот локалитет Плаошник, каде и денес продолжуваат градежните активности.


Еколозите со предупредување: Охрид може да биде избришан од листата на УНЕСКО


Охрид, 10 ноември, 2016 - 13:05 (META) 

Еколошките здруженија „Фронт 21/42“ и „Еко-свест“ предупредуваат дека постои опасност Охридскиот Регион, наместо на листата на светско културно и природно наследство на УНЕСКО, во февруари следната година да се најде на листата на загрозено наследство.

Истовремено, иницираа жалба пред Постојаниот комитет на Бернската конвенција во Стразбур.

„Планираните развојни проекти на брегот на Охридското Езеро и во Националниот парк Галичица ќе нанесат штета на повеќе од 260 заштитени видови со Конвенцијата за заштита на европскиот див свет и природните живеалишта“, велат од еколошките здруженија.

Тие посочуваат дека најавените проекти ќе предизвикаат трајни последици и притоа ги наведуваат пресушувањето на Студенчишко Блато, заради изградба на комплекс луксузни апартмани, медитеранската плажа кај Лагадин, строго заштитените извори кај Свети Наум заради изградба на огромен туристички комплекс, како и уништување на 830 хектари заштитено подрачје и голем број живеалишта во Националниот парк Галичица заради изградба на магистрален пат, ски-центар со голем хотел и викенд-населба.

Охридско Езеро и Галичица се дел од мрежата „Емералд“, која по влез во Еворпската Унија ќе биде дел од мрежата „Натура 2000“. Со планираните инфраструктурни проекти се загрозуваат повеќе од 260 видови строго заштитени со анексите на Бернската конвенција. Оценката на еколозите е дека доколку се спроведат планираните проекти, Македонија нема да може да ги исполни обврските од Конвенцијата.

И од седиштето на УНЕСКО во Париз веќе најавија дека идната година ќе испратат советодавна мисија која треба да ѝ помогне на владата да ги отстрани сериозните забелешки нотирани во заклучоците на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, донесени на седницата одржана во јули во Истанбул, Турција.

Во заклучоците на комитетот се наведува дека Охридскиот Регион се соочува со опасност да биде впишан во листата на загрозени подрачја, што се толкува како чекор до губење на статусот на заштитено подрачје.

УНЕСКО предупредува дека измената на планот за Галичица, кој предвидува изградба на експресен пат, ски-центар и три туристички зони, ќе има значителни негативни влијанија и претставува потенцијална опасност за исклучителната универзална вредност на природното наследство.


Во одлуките за езерото и за Галичица треба да се вклучат и граѓаните на Охрид


Охрид, 4 ноември, 2016 - 16:42 (META) 

Граѓаните на Охрид се незаобиколен фактор и тие треба да го дадат своето мислење дали треба да се реализираат сите предвидени проекти поврзани со Охридското Езеро и со Галичица.

Ова е заклучокот од „Отворениот екоден“ наменет за граѓаните, а кој беше организиран денеска од Движењето на екологисти на Македонија (ДЕМ).

– Се надеваме дека ќе го добиеме реалното мислење на граѓаните. На анкетниот лист има прашања поврзани со проекти што го засегаат Охридското Езеро, тоа се изградбата на експресниот пат Охрид до границата со Албанија, урбанизацијата на Студенчишкото Блато, изградбата на скијачки центар и хотелски комплекс на Галичица, изградба на медитеранска плажа на местото Лагадин. Ние сакаме граѓаните да го дадат своето мислење за овие предложени проекти – рече претседателот на Здружението, Миран Митревски.

Од ДЕМ сметаат дека граѓаните имаа можност да одговорат и доколку не сакаат ниту еден од овие проекти да се реализира.

– Заедно со нив треба да се одлучува дали и каков проект треба да се предлага, дали треба да се реализираат тие проекти, не само за заштита на животната средина, туку и за нив лично, но и за сите граѓани на цела Македонија, затоа што сите го посетуваат Охрид и сите се на некој начин засегнати страни – велат од ДЕМ.

Околу 300 анкетни листови беа пополнати денеска од страна на граѓаните на Охрид. Севкупните резултати од анкетата на граѓаните ќе бидат дополнително разгледани од еколозите од цела Македонија.

Анализата ќе биде приложена во Европската еколошка организација во Брисел.


„Охрид СОС“ бара ревизија на планот за Националниот парк Галичица


Охрид, 28 јуни, 2016 - 9:37 (META) 

Активистите од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ велат дека треба да се ревидира менаџмент-планот за Националниот парк Галичица, во насоката во која би требало да се одвива идниот развој на Галичица и на регионот.

– На Охрид му треба туризам во текот на целата година и уништувањето на природата значи смрт за туризмот во градот со двоен УНЕСКО-статус на културно и на природно наследство. Во блиска иднина се очекува посилна поддршка за заложбите да се спречи уништувањето на природата и да се заштитат охридското крајбрежје и Националниот парк Галичица, со посебна заштита на Студенчишко блато и на другите подрачја со високи природни вредности – велат од „Охрид СОС“.

Од иницијативата се согласуваат со заклучоците на последната трибина која се одржа во Охрид на тема „Како да се развива Галичица“, на која, меѓу другото, се донесе заклучок да се прогласи мораториум за планираните „развојни“ и инфраструктурни проекти во регионот. Исто така, договорено е да се обезбеди механизам за спречување злоупотреба на постојните закони за бизнис-интереси на поединци, потоа да се ревидира менаџмент-планот за Националниот парк Галичица во насока на обезбедување одржлив развој, заштита на животната средина и задржување на двојниот УНЕСКО-статус на регионот како природно и културно наследство и да се сопре незаконското симнување на заштитата на зоните во Националниот парк Галичица.

Еколошките здруженија се надеваат дека ќе се најде начин да се изработи студија за исплатливост за „Смарт Охрид“ (концепт на еколошки транспорт на потегот Охрид – Св. Наум предложен од НВО „Еко-свест“) како услов за негово спроведување.

Со „Смарт Охрид“ се предвидува употреба на соларни и на електрични автобуси и на други возила, соларни бродови и велосипеди.


„Би-Би-Си“ за Охридско Езеро: Балканскиот Галапагос е под закана


Охрид, 11 септември, 2015 - 19:45 (META) 

Заканата од уништување на Охридското Езеро со претерана урбанизација, се најде на страниците на јулското издание на едно од најчитаните печатени списанија за див свет „Би-Би-Си вајлдлајф магазин“ (BBC Wildlife Magazine).

– Балканскиот Галапагос е под закана. Дом на уникатни видови риби и полжави, Охридското Езеро може да пресуши доколку се гради во неговото Студенчишко блато – пишува во списанието.

Охридското Езеро е најстарото природно езеро во Европа и едно од најстарите природни езера во светот. Најголемата просечна длабочина му изнесува 155 метри, поради што е најдлабоко во Европа и 14 најдлабоко езеро во светот. Со повеќе од 200 ендемични видови што живеат во неговите води, Охридското Езеро е најважниот езерски еко-систем на европскиот континент.

И можеби токму поради овој податок, едно од наjрелевантните списанија за див свет, во своето јулско издание, објави статија за заканата од уништување на Охридското Езеро.

Списанието за див свет на „Би-Би-Си“ се печати од 1963 година и оттогаш објавува стручни и проверени информации за дивиот свет кој ја населува планетата Земја.

Студенчишкото блато е ризница на уникатна фауна, како и место за мрестење и за гнездење на многу видови жив свет кои го чинат уникатниот еко-систем на Охридското Езеро. Со новиот ГУП за Охрид 2014-2024, се планира блатото да се исуши за да се изградат луксузни апартмани, хотел и пристаниште.

Со намалувањето на површината на блатото, ќе се промени квантитетот и квалитетот на подземните и на површинските води, како и неговата основна функција (природен прочистувач на Охридското Езеро), што воедно е најсериозна закана по биолошката разновидност на блатото, како и на самото езеро.

„Охрид СОС“ во јуни годинава испрати отворено писмо до градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, кое содржеше барање за мораториум на спроведувањето на активностите и проектите кои подразбираат намалување, односно преземање на Студенчишко блато. До денес, немаат добиено никаков одговор на барањето.