!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Елизабета Шелева на местото на Лешоски на чело на Струшките вечери на поезијата


Скопје, 21 август, 2017 - 13:09 (META) 

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, донел одлука за именување на нови членови на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, откако младиот поет Дарко Лешоски, кратко по именувањето на функцијата претседател на Управниот одбор на СВ, реши да се повлече по реакциите во јавноста за неговиот избор.

Како што соопштија денеска од Министерството за култура, нов претседател на Управниот одбор на СВП е Елизабета Шелева, а членови се Лидија Димковска и Димитрие Дурацоски.

Елизабета Шелева е редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Таа е претседавач на Здружението на независните писатели на Македонија и уредничка на книжевното списание „Наше писмо“. Членка е на македонскиот ПЕН центар. Долгогодишна уредничка на регионалното списание за литература и култура „Сараевске свеске“. Шелева е уредник на Антологијата на македонската современа поезија „ Песна меѓу две лета“ за Струшките вечери на поезијата, во 2009 година. Преведува од англиски, српски и словенечки јазик, а објавила повеќе од 200 прилози и 9 авторски книги.


Министерството за култура жали за одлуката на Лешоски и го брани решението за „Танец“


Скопје, 16 август, 2017 - 15:59 (META) 

Министерството за култура жали поради одлуката што ја донесе Дарко Лешоски да се повлече од функцијата претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, но порачува дека за тоа место ќе се избере некое слично решение. Во однос на назначувањето на новиот в.д. директор на националниот ансамбл „Танец“, во Министерството не гледаат ништо спорно и велат дека Стојанче Павловски е назначен законски.

– Навистина ни е жал што се повлече Дарко Лешоски. Нашата намера со промените во раководствата и во управните одбори на многу национални установи од областа на културата, беше да го прекинеме ланецот на можни злоупотреби, но и во овие институции и манифестации кои се одвиваат во децентрализиран амбиент, да внесеме луѓе кои подобро го разбираат локалниот контекст. Сметавме дека Лешоски кој доаѓа од тој крај, а освен тоа има еден автентичен и смел авторски поетски опус, ќе внесе една свежина и ќе и помогне на оваа манифестација да кореспондира повеќе со современите текови на овој ввид на уметничко изразување – изјави за „Мета“ Петрит Сарачини, советник во кабинетот на министерот за култура.

Тој вели дека Министерството при донесувањето на новото решение ќе ја земе предвид целата дебата што се случуваше во јавноста и врз основа на критиките и забелешките на јавноста, ќе донесе кадровско решение за позицијата на прв човек на Струшки вечери на поезијата.

– Ќе донесеме соодветно решение врз основа на нашите сознанија, но не откажувајќи се од нашите заложби за децентрализација на културата и за внесување на нов дух во нашата култура – нагласува Сарачини.

Одговарајќи на критиките од ВМРО-ДПМНЕ дека за в.д. директор на „Танец“ е назначен Стојанче Павловски, кој има завршено само средно градежно образование, Сарачини вели дека сè e според законот.

– Единствениот критериум што го пропишува законот за именување на в.д. диреетори е тие да доаѓаат од самиот колектив, од редот на вработените. Нема никаков критериум за формално образование. Инаку, Стојанче Павловски е 28 години член на ансамблот, го носи звањето „истакнат играч-солист од прв ред“, добитник е на многу признанија, автор на кореографија, бил заменик-раководител на овој ансамбл, изиграл стотици концерти низ цел свет и нашиот став е дека одговара на сите критериуми што некој би ги барал – вели Сарачини.

Тој нагласува дека кога станува збор за в.д. директорите, нивниот мандат ќе изнесува најмногу 6 месеци, а по изборите ќе има конкурси на кои ќе може да се пријават сите, вклучително и лица надвор од институциите.


Дарко Лешоски се повлече од раководството на Струшки вечери на поезијата


Струга, 16 август, 2017 - 10:34 (META) 

Дарко Лешоски, младиот поет кој ја разбранува културната и пошироката јавност во изминативе денови откако беше назначен за претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, објави дека ќе се повлече од функцијата.

Одлуката тој ја соопшти во интервју за „Дојче Веле“.

– Ги слушнав сите мислења и сите ги почитувам. Се повлекувам и се откажувам од претседателствувањето со Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. Се заблагодарувам на укажаната доверба и останувам посветен на мојот примарен ангажман во Сервисот за односи со јавност на Владата. Нека биде ова почеток на една поинаква демократска практика – рече Лешоски.

Неговото назначување минатата седмица беше дочекано на нож во голем дел од јавноста и беше силно критикувано, поради неговата возраст, малото искуство за таква значајна функција, но и поради релативно скромниот творечки опус. Спротивниот табор пак нагласуваше дека неговата неконвенционалност – поезијата почна да ја објавува на Фејсбук, а се гордее дека нема напишано ниту една книжевна критика – ќе биде одлична можност да се извади манифестацијата Струшки вечери на поезијата од наводната зачмаеност.


Поетот Чарлс Симиќ, годинашен лауреат на „Струшките вечери на поезијата”


Струга, 21 март, 2017 - 15:13 (META) 

Американскиот поет од српско потекло, Чарлс Симиќ, е годинашен добитник на наградата „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата”.

Тој е роден во 1938 година во Белград, а подоцна емигрирал во САД. Се смета за еден од најзначајните современи американски поети, есеисти, критичари и преведувачи.

Симиќ за своите дела е добитник на бројни реномирани книжевни награди, како што се „Пулицеровата награда“, наградата „Едгар Алан По“, наградата на Американската академија, меѓународната награда за поезија „Грифин“, наградата „Валас Стивенс“, наградата на Конгресната библиотека во Вашингтон, наградата на српскиот ПЕН-центар за превод на српска литература, медал „Роберт Фрост“ за животно дело во доменот на поезијата, награда „Вилчек“ за уметност и за хуманистика, како и наградата „Босански стечак“ на меѓународната поетска манифестација „Сараевски денови на поезијата“.

Чарлс Симиќ е 52. лауреат на СВП. Тој испрати писмено обраќање во кое наведува дека е почестен што ќе се најде во редот истакнати свои колеги кои се досегашни носители на ова високо признание.

Наградата ќе му биде врачена во Струга, на 56. издание на најреномираниот поетскиот фестивал кај нас, кој традиционално се одржува на крајот на август.


„Зимски поетски фестивал“ на СВП од задутре во Скопје


Скопје, 23 февруари, 2017 - 13:23 (META) 

Второто издание на „Зимскиот поетски фестивал“ на „Струшките вечери на поезијата“ (СВП) ќе се одржи од задутре до 1 март во Скопје. Свеченото отворање ќе биде во Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот.

Фестивалот е базиран на издавачката дејност на СВП, на авторите чие творештво е објавено во превод на македонски во престижната едиција „Плејади“. Преку академските предавања на авторите, кои се организирани во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, како партнер во организацијата на фестивалот, студентите, но и другата академска публика ќе имаат можност да се запознаат со поетичките и со естетските аспекти на нивното творештво.

Годинашни учесници на „Зимскиот поетски фестивал“ на СВП ќе бидат Ласе Содерберг од Шведска, Хабиб Тенгур од Алжир, Хасан Зактан од Палестина и македонскиот поет Иван Џепароски, како добитник на награда„Браќа Миладиновци“ во 2016 година, за најдобра поетска книга напишана на македонски јазик и објавена меѓу две изданија на СВП.

Модератори соговорници на годинешните учесници на фестивалот ќе бидат неколку професори, книжевни критичари и поети, како академик Влада Урошевиќ, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, проф. д-р Снежана Петрова, проф. д-р Зоран Анчевски и проф. д-р Владимир Мартиновски.

Предавањата на поетите учесници ќе бидат организирани на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а портретите и поетските читања во салонот „19.19“ на Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје.


Иван Џепароски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“


Струга, 26 август, 2016 - 20:21 (META) 

За книгата „Светлината на Света Гора“, Иван Џепароски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик напишана меѓу две фестивалски изданија на „Струшките вечери на поезијата“ (СВП).

– Задоволството е поголемо зашто во жири-комисијата се тројца поранешни добитници на наградата „Браќа Миладиновци“, а двајца се и добитници на наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и за есеистика, што уште повеќе говори дека човек не би посакал подобра и покомпетента комисија за да донесе едно такво решение. Книгата е инспирирана од мојот престој на Света Гора и од посетата на сите 20 манастири таму – изјави Џепароски.

Целиот паричен износ од наградата, Џепароски ќе го донира за настраданите од поплавите во Скопје и во Фондот за изградба на конаците во манастирот „Св. Јован Бигорски“.

Наградата на Џепароски му ја додели жири-комисијата составена од Вера Чејковска, Весна Мојсова-Чепишевска, Санде Стојчевски и Братислав Ташковски.


Отворени јубилејните 55. „Струшки вечери на поезијата“


Струга, 25 август, 2016 - 10:49 (META) 

Со традиционалното читање на „Т’га за југ“ и со палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, синоќа во Струга почнаа 55. „Струшки вечери на поезијата“.

– Веќе 55 години, поетската Струга е дом на најголемите бардови на светската поезија, кои низ своите автентични поетики изградија мостови меѓу цивилизациите, мостови меѓу сегашноста и иднината. Со својот поетско-уметнички чин, поетите од сите светски меридијани, искрено и трајно се вградија во реномето на оваа меѓународна манифестација, која стана исклучителен книжевен симбол за секој од нив – говореше на отворањето министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

Добитничката на „Златниот венец“, Маргарет Атвуд, не присуствуваше на чинот на официјалното отворање, туку се обрати преку видеопорака и се заблагодари за наградата.

„Златниот венец“ ќе ѝ биде врачен в недела на традиционалното поетско читање „Мостови“.


Почнуваат „Струшките вечери на поезијата“


Струга, 24 август, 2016 - 9:35 (META) 

„Струшките вечери на поезијата“ ќе почнат вечерва на платото пред Домот на поезијата во Струга, во 20.30 часот.

На годишната поетска манифестација во Струга ќе учествуваат 32 поети од 30 земји, меѓу кои Франција, Италија, Кина, Мексико, Израел, Австралија, Хрватска, Бугарија и други.

55. издание на „Струшките вечери на поезијата“ ќе трае до 28 август, а поетски читања ќе има и во Битола, Ресен и во Охрид.

Фестивалската програма завршува на 29 август со поетско матине на Матка и со Меѓународен поетски митинг на Камениот мост во Скопје.

Педесет и петтото фестивалско издание донесува радикални програмски измени, кои ќе овозможат посеопфатна презентација на поетското творештво.

Секое попладне ќе се пие „поетско кафе“ низ книжевни разговори, дебати и со поетско читање.

Годинашен лауреат на наградата „Златен венец“ е канадската поетеса, книжевна критичарка, романсиерка и есеистка Маргарет Етвуд.


Кубанската поетеса Морехон испрати порака со сочувство до настраданите во поплавите


Струга, 12 август, 2016 - 13:04 (META) 

Кубанската поетеса, Ненси Морехон, добитничка на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 2006 година, испрати порака со сочувство до настраданите во поплавите што го погодија Скопје и околината.

Пораката, Морехон ја упати преку Струшките вечери на поезијата.

„Драги пријатели, додека слушав вести, чув за природните катастрофи во Македонија, посебно во вашиот главен град Скопје, од каде сè уште в срце носам спомени. За време на моите две посети, посебно во 2006 година кога ми беше доделен „Златниот венец“, таму оставив дел од моите најубави чувства. Би сакала да ви кажам дека најискрено сум многу загрижена за тамошната ситуација. За жал, во моментов ги немам имињата и адресите на моите пријатели кои никогаш нема да ги заборавам. Преку вашата институција би сакала да ја споделам со поетската заедница во Македонија мојата грижа и грижата на многу други кубански поети. Искрено, Нанси Морехон“, стои во пораката од кубанската поетеса.


Руна Светликова е добитник на наградата „Мостови на Струга“


Струга, 1 април, 2016 - 18:56 (META) 

Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата (СВП), одлучи наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга да и се додели на Руна Светликова за автентичниот поетски ракопис во „Оваа мека бела соба”.

Поетската книга на Руна Светликова е дебитантско ремек дело кое содржи зрели песни кои навестуваат творечка појава која ќе биде неодминлива и во белгиската (фламанската) литература, но и во целокупната европска, па и светска.

Наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО.

Во изминатите години се избори за високо место меѓу поетските награди на светско ниво и стана една од најпосакуваните награди на поетите – дебитанти, која широко им ги отвора понатамошните патишта на творечка афирмација. Тоа го покажа и годинешниот интерес за неа и на адреса на СВП пристигнаа 21 книга од 17 земји.