!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Градоначалничките кандидати за Струга за проблемите со водата и во сообраќајот


Струга, 4 октомври, 2017 - 16:04 (META) 

Лавдрим Елмази од Беса, Васил Ашталкоски од СДСМ и Зијадин Села од Алијанса за Албанците на вчерашната дебата на дебатниот карван „Живот во Македонија“ (#Debatpernime), кој го организираат „Порталб“, „Калѕо“ и „Вистиномер“, порачаа дека имаат решенија за најгорливите проблеми на Струга. Понудија неколку решенија за кои ветуваат дека ќе ги реализираат ако граѓаните им ја дадат довербата и освојат градоначалнички мандат.

Во дебатата што ја водеше новинарката Јета Џара, за сообраќајниот хаос што се случува во текот на летната сезона, кога возила се паркираат насекаде, Зијадин Села вети подземно паркиралиште кај плажата Караорман, Васил Ашталкоски ветува катна гаража, а Лавдрим Елмази мисли да го реши проблемот со воведување плаќање за паркирање.

За проблемите со водата, Ашталкоски вели дека треба да се направи комплетна реконструкција на водоводниот систем, а Елмази вели дека проблемите со јавното претпријатие „Проаква“ ќе се решат ако се постави професионалец, а не партиски кадар за директор, а со пари од јапонски инвеститори би се направиле подобрувања на системот.

И двајцата нудат решенија за проблемите со струшката депонија, која е голем извор на загадување на воздухот, бидејќи на неа честопати се случуваат пожари.

Дебатите се организираат со поддршка од телевизијата „Арт“ и од „БИРН Македонија“.

Вечерва „Живот во Македонија“ одржува дебата во Сарај.

Дебатата може да се следи во живо на „Порталб“, со почеток во 18 часот.


Отпадот од тетовската депонија ќе се дислоцира во Дрисла или во Русино


Тетово, 21 август, 2017 - 15:41 (META) 

Отпадот од депонијата во Тетово ќе се дислоцира и ќе биде складиран во скопската депонија Дрисла или во депонијата Русино.

Дислоцирањето на отпадот ќе го врши фирмата „Голец Транс“, која, како што соопштија денеска од Владата, е избрана на тендер, кој завршил во петокот, минатата недела.

Фирмата, заедно со Јавното комунално претпријатие „Тетово“ со дислокација на отпадот почнува денеска.

Од Владата информираат дека, согласно одлуката на 17. седница завршена е постапката за решавање на проблемот и со депонијата во Струга, од каде отпадот ќе се транспортира во депонија „што ќе ја договори општинското комунално претпријатие, а сегашната дива депонија ќе започне да се затрупува и ќе биде спроведено нејзино култивирање соодветно на неопходните еколошки стандарди“.


Владата го усвои дополнетиот ребаланс на буџетот, донесе одлука за струшката депонија


Скопје, 28 јули, 2017 - 19:33 (META) 

Владата на Република Македонија на денешната седница го усвоила предлогот за изменување и за дополнување на буџетот на Република Македонија за 2017 година, по завршената амандманска расправа во собраниските комисии. Со оваа верзија на ребалансот, дополнета со амандмани од пратениците, се определуваат дополнителни 25 милиони денари по одредени ставки и се пренаменуваат пари во согласност со потребите на буџетските корисници, се вели во владиното соопштение.

На седницата што почна попладнево, донесена е и одлука за итно решавање на проблемот со депонијата во Струга. Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата добиле задолжение да обезбедат пари за безбедно и економично да се транспортира сметот од струшката депонија до други безбедни депонии во земјава. Исто така, се ангажираат чувари кои ќе ја надгледуваат целата локација, за да превенираат можни идни проблеми.

Истовремено, владиниот кабинет ја усвоил информацијата за проектот за поедноставување на процедурите за известување и за плаќање на персонален данок на доход, кој е финансиран од ИПА-фондовите.

На денешната владина седница, е разгледан и усвоен меморандумот за соработка во полето на природниот гас помеѓу Министерството за економија на Македонија и Министерството за енергетика на Бугарија и министерот за економија бил овластен да го потпише документот. Според Владата, соработка ќе овозможи можност за нова директна врска помеѓу двата системи за природен гас на двете земји.

На седумнаесеттата владина седница биле донесени и заклучоци повразни со организацијата на институционалната прослава на националниот и државен празник 2 Август – Ден на Републиката. Владата определила и членови на организациониот одбор за прослава на државниот празник.


СДСМ: Проблемот со струшката депонија се решава со сета расположлива механизација


Скопје, 16 јуни, 2017 - 11:15 (META) 

„Проблемот со струшката депонија се решава интензивно со сета расположлива механизација. Пожарот на депонијата веќе се гаси, по што ќе следува затрупување на депонијата и нејзино целосно расчистување“, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за струшката депонија.

Од партијата велат дека ВМРО-ДПМНЕ, додека била на власт, 11 години го игнорирала овој, како и многу други проблеми на граѓаните на Македонија.

„Лицемерно е ВМРО-ДПМНЕ да бара решение за проблемот дури откако Владата предводена од СДСМ формираше соодветна комисија, чиишто задолженија интензивно се спроведуваат на терен и се преземаат мерки за гаснење на пожарот и за целосно решавање на проблемот со депонијата. Денес, како опозиција, ВМРО-ДПМНЕ за ситни политички поени прикажува лажна загриженост за проблемите на граѓаните, барајќи итни мерки дури откако тие веќе се спроведуваат“, се додава во соопштението на СДСМ.