!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев: Струмичани ми беа штитот кога се борев со змејот што ја ништеше татковината


Струмица, 11 октомври, 2017 - 0:02 (META) 

Во градот под Царевите кули чука срцето на слободата, рече кандидатот за градоначалник на СДСМ за Струмица, Коста Јаневски, на почетокот на вечерашниот митинг во Струмица.

Тој се заблагодари за поддршката и што може да го продолжи тоа што го почнал претходниот градоначалник, а сегашен премиер Зоран Заев и вети дека ќе ја докаже својата посветеност.

– Пркосевме цели 12 години и останавме бастион на СДСМ и симбол на слободата. Заедно со вас граѓаните, градевме од сопствени буџетски средства, заборавени и опструирани од претходната власт, изложени на притисоци, упади и на инспекции, но теророт и хаосот во оваа наша Македонија е минато и никогаш нема да се повтори – рече Јаневски, додавајќи дека сега е време за нови предизвици.

Тој потсети дека Струмица е првиот гасифициран град, со првата катна гаража, убави паркови и улици и дека е најпрогресивната општина во Македонија. Јаневски најави 20 капитални и стотина помали проекти, како што е градење на градинки, дом за стари лица, решавање на инфраструктурните проблеми во градот и околината, растоварување на сообраќајниот метеж со отворање на транзитен пат околу градот, пошумување на градот и субвенционирање на енергетско ефикасни фасади.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на почетокот на говорот рече дека тоа што го постигнал е благодарение на поддршката на неговите сограѓани.

– Никој и ништо ќе бев без вас, да не бевте вие. Невозможен ќе ми беше патот по кој чекорев сиве овие години. Вие, струмичани мои, бевте едрате на бродот со кој пловев низ разбрануваното море на македонската реалност. Вие бевте мојата поткрепа и поддршка кога заеднички ја градевме нашата Струмица. Вие ми бевте штит кога се борев со змејот што ја ништеше татковината – рече Заев, додавајќи дека промените почнале токму од Струмица.

Заев рече централната власт ќе ја поддржи Струмица и дека ќе надомести за сите блокади кои ги правела претходната власт. Тој, по повод утрешниот ден, 11 октомври, упати „абер за ослободување на сите окупирани општини во Македонија“.


Марш за децата со Даунов синдром и хуманитарна акција утре во Струмица


Струмица, 30 септември, 2017 - 11:12 (META) 

Хуманитарна акција за собирање на училиштен прибор и  Октомвриски марш со децата со Даунов синдром ќе се одржат утре во Струмица, во рамки на одбележувањето на октомври како месец посветен на лицата со Даунов синдром, најавуваат од иницијативата „Мрдни со прст“.

Во соработка со Здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром „Вера“ и со локалните жители, тие во Струмица утре првпат ќе  организираат Октомвриски марш за подигање на јавната свест за прифаќање на лицата со Даунов синдром.

Почетокот на акцијата е најавен за точно напладне на плоштадот „Гоце Делчев“. Таму ќе биде поставен и пункт за собирање на училишен прибор. Најавен е и настап на диџеј Гоце Саф.


Јовановски: Братучедот на Заев купил дел од „Герас Цунев“ по багателна цена


Скопје, 9 септември, 2017 - 14:55 (META) 

„Κланот Заеви повторно со матни зделки го шират бизнисот и купуваат компании по багателни цени. Трајче Заев со само 10 евра за квадратен метар стана сопственик на конфекцискиот гигант ’Герас Цунев’“, рече на прес-конференција пред Владата денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсте Јовановски.

Тој појасни дека Трајче Заев за само 20.000 евρа купил 22,25 пρоценти аκции од стρумичκиот κонфеκцисκи гигант „Геρас Цунев“, κој поседува индустρисκи погони и деловни пρостоρии од вκупна повρшина од 7.396 квадратни метри.

–  Овде од авион се гледа деκа нешто не е во ρед. За 20.000 евρа гρаѓаните не можат да κупат ниту гаρсоњеρа од 25 квадратни метри, а не деловен објеκт и индустρисκи погон.  Додеκа сите ние маκотρпно ρаботиме, фамилијата Заеви очигледно ја κоρистат моменталната моќ κоја Зоρан Заев ја има κаκо пρемиеρ на Ρепублиκа Маκедонија и под пρитисоκ κупуваат фиρми со минимални суми за 20.000 евρа. Заеви купуваат бизниси, се шират и го зголемуваат своето производство под сомнителни околности. Ова е работа на обвинителството. И тука треба да се испита криминалот и за тоа да одговораат – рече  Јовановски.


Обвинителството почна истрага против полицаецот што пукаше во момчињата


Струмица, 14 август, 2017 - 12:25 (META) 

Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица донел Наредба за спроведување на истражна постапка против полицаецот што во петокот вечерта со службениот пиштол рани и нанесе тешки повреди на двајца малолетници, од кои едниот со тешки повреди e хоспитализиран на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје (КАРИЛ) и е во многу тешка состојба, а на другиот му бил извршен оперативен зафат во струмичката болница.

Полицаецот е осомничен дека сторил убиство. За целосно расветлување на настанот, јавниот обвинител ги очекува резултатите од наредените вештачења на траги и материјални докази пронајдени на лице место, балистичките вешачења и анализите на трагите од барутни честички. Од сите инволвирани веднаш по инцидентот беа земени за анализа и примероци од крв и урина, како и парафински ракавици.

Бидејќи сведоците се сослушани и се прибрани материјални докази, обвинителот за осомниченито предложил серија мерки на претпазливост – забрана за напуштање на местото на живеење, обврска за редовно јавување во суд, привремено одземање на патната исправа и забрана за вршење на определени работни активности.


Обвинителство почна истрага за уривањето на хеликоптерот кај Струмица во 2014 година


Скопје, 28 јуни, 2017 - 15:20 (META) 

По три години од хеликоптерската несреќа кај Струмица, во која загинаа четворица пилоти, Основното јавно обвинителство – Струмица почнало истражна постапка против три лица.

На 10 јули 2014 година, се урна хеликоптер тип „ми 17 в5“ со регистарска ознака МАП 7712, во сопственост на МВР Скопје. Загинаа пилотите Драги Мицев, Марјан Трајковиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички.

„Бројните прибрани докази и извршени анализи до овој момент отвораат сомнеж дека лицата извршиле кривично дело – тешки дела против општата сигурност од чл.292, ст.2, а во врска со чл.288 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението од јавното обвинителство.

Осомничените ќе бидат сослушани, заедно со сведоци, се вели во соопштението, во кое се наведува дека досега се побарани различни вештачење во врска со несреќата.


Груевски: Народот треба да биде подготвен за подолгорочен отпор


Струмица, 7 април, 2017 - 19:50 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска од Струмица порача дека граѓаните треба да бидат будни и да се подготват за подолгорочен отпор, затоа што, како што рече, некои сакаат да дојдат на власт со насилство.

– Оваа битка нема да заврши за неколку дена. Затоа народот треба да биде подготвен за подолгорочен отпор. Заев и неговата банда по секоја цена сакаат да дојдат на власт, дури и по цена на насилство во Парламентот, како што се заговара овие денови, особено за наредната недела или по Велигден – изјави Груевски.

Тој вели дека граѓаните биле свесни дека „некој продал некои работи“ и порача дека и доскорешни приврзаници на Заев сега се на улиците.

– Живееме во прилично тешки и драматични времиња за унитарноста, државноста и за националните интереси. Добро е што граѓаните се веќе сензибилизирани до степен што им станува јасно, дури и на оние што гласаа за СДСМ, дека во некои разговори некој продал некои работи и оти тие што го поддржале и гласале за него сега е моментот да застанат да се спротивстават, што и го прават. Низ улиците не се само гласачи на ВМРО-ДПМНЕ, туку се многу гласачи и на СДСМ и на други партии и луѓе кои не гласале – рече Груевски, одговарајќи на новинарски прашања.


Жбогар и „ЕУ за тебе“ денеска во Струмица


Струмица, 20 февруари, 2017 - 9:58 (META) 

Евроамбасадорот Самуел Жбогар денеска ќе ја посети Општина Струмица во рамки на кампањата „ЕУ за тебе“ и ќе направи увид во проектот „Третман на отпадните води“, финансиран од ЕУ со 5,7 милиони евра.

Проектот, кој се реализира во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање, Општина Струмица и со Јавното претпријатие за комунален отпад, предвидува изградба на пречистителна станица, супервизија и подготвување студии.

Во рамки на посетата, Жбогар ќе се сретне и со в.д. градоначалникот на Струмица, Коста Костадинов.

Кампањата „ЕУ за тебе“, која почна на 27 јануари во Кичево, има цел да ја подигне свеста и информираноста на јавноста за помошта што ја обезбедува Европската Унија за земјава.


Кампањата „ЕУ за тебе“ в понеделник во Струмица


Скопје, 17 февруари, 2017 - 10:09 (META) 

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, в понеделник ќе ја посети Струмица како дел од новата кампања „ЕУ за тебе“.

Кампањата „ЕУ за тебе“ започна на 27 јануари во Кичево, со цел да се подигне свеста и да се информира јавноста за помошта на ЕУ во земјата.

„Во Струмица ЕУ обезбеди финансии од 5,7 милиони евра за изградба на фабрика за третман на отпадни води, надзор и студии. Овој проект се спроведува во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струмица и во соработка со локалните јавни комунални претпријатија. Кога ќе биде завршен, за третманот на отпадните води треба да се постигнат стандардите за квалитет што се бараат според Директивата на ЕУ за урбани отпадни води и според соодветното национално законодавство“, информираат од Делегацијата на ЕУ.

Целокупната помош на Европската Унија во областа на животната средина е во износ од повеќе 80 милиони евра во рамките на ИПА 1 (2007-2013), додека натамошна поддршка од 100 милиони евра се планираат во рамки на ИПА 2.


Витанов: Бев изманипулиран од ВМРО-НП, давам оставка и ќе соработувам со СДСМ


Струмица, 6 февруари, 2017 - 13:16 (META) 

Еден ден откако беше објавено дека преминува во советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Струмица, Методи Витанов, советник од ВМРО-НП, денеска соопшти дека бил изманипулиран од централното раководство на партијата поради одлуката да се коалицира со ВМРО-ДПМНЕ и дека наместо тоа решил од денеска да дејствува како независен советник, а ќе ја поддржува советничката група на СДСМ. Поддршка доби и од претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-НП во Струмица.

Објавувајќи ја новата коалиција, ВМРО-ДПМНЕ вчера порача дека со тоа постигнува мнозинство. Денешната оставка на Витанов, повторно го враќа соодносот на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ на 11 наспрема 11 во општинскиот совет.

„Како советник на ВМРО-НП, која до вчера коалицираше со СДСМ во Советот на Струмица, грубо сум изманипулиран од централното раководство на ВМРО-НП, почитувајќи ја нивната одлука за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Струмица“, вели во видеоизјавата советникот Методи Витанов, за кој вчера беше објавено дека преминал во советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со што дојде до нов распоред на силите, односно 12 за советничката група на ВМРО-ДПМНЕ наспрема 10 за советничката група на СДСМ.

– Поради несериозноста на централното раководство на ВМРО-НП, си давам оставка од партијата. Понатамошниот мандат во Советот на општина Струмица ќе го водам како независен советник, подржувајќи ја советничката група на СДСМ – вели Витанов.

Поддршка на Витанов му изрази и Ристо Пецев, претседател на општинскиот комитет на ВМРО-НП во Струмица.

Вчера советничката група на ВМРО-ДПМНЕ објави дека имаат ново советничко мнозинство во Советот на Струмица бидејќи Витанов влегол во нивните редови. На прес-конференција на која зборуваше советникот на ВМРО-ДПМНЕм Зоран Пакетов, беше и Витанов, но тој вчера не ја образложи својата одлука. Пакетов вчера побара итна седница за верификација на мнозинството во Советот на општина Струмица, избор на нов претседател на Советот и нов в.д. градоначалник. Од СДСМ, пак, побараа, Витанов да ја преиспита одлуката.

Поранешниот состав на советниците во струмичкиот Совет беше 12 советници за СДСМ и 11 за ВМРО-ДПМНЕ, но по парламентарните избори, кога поранешниот градоначалник Зоран Заев го доби пратеничкиот мандат, негов заменик, односно в.д. градоначалник, стана советникот Костадин Костадиновски. Со тоа бројот на советници се израмни.


Почина струмичанката што беше силувана од синот


Скопје, 13 август, 2016 - 15:20 (META) 

Вчера починала 75-годишната струмичанка С.Т која беше силувана од нејзиниот син, информираат од полицијата. Против синот, С.Т. (48) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „родосквернавење“ поднесе е кривична пријава.

Телото на починатата е дадено за обдукција.

С.Т. и мајка му се од село Градашорци. Според информациите од полицијата мајката и синот живееле заедно, таа била болна, а С.Т. бил пијан кога го извршил полов напад.