ЕБОР одобри 5,9 милиони евра кредит на ЕЛЕМ за изградба на фотоволтаици во Осломеј


Скопје, 4 јануари, 2019 - 15:05 (META) 

ЕБОР одобри кредит од 5,9 милиони на компанијата за производство на електрична енергија во државна сопственост – ЕЛЕМ, која планира да ја изгради првата поголема плантажа со соларни панели за производство на електрична енергија, која ќе биде изградена на поранешен искористен рудник за јаглен. Останатите средства до 7 милиони евра, ќе бидат обезбедени од ЕЛЕМ.

– Фотволтаиците ќе имаат капацитет на производство на блиску 10 мегавати електрична енергија на годишно ниво и на тој начин ќе се покрива потребата на вкупно 2.000 домаќинства. Со овој проект ЕЛЕМ ќе ги рехабилитира 15 хектари површина која се наоѓа над искористениот рудник со јаглен чии резерви се при крај –  рече Драган Миновски, главен оперативен директор на ЕЛЕМ.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев рече дека ТЕЦ Осломеј од речиси заборавен објект ќе произведува струја на еколошки начин. За следните години тој најави повеќе инсталирана снага односно изградба на поголем број на фотоволатици кои ќе произведуваат од 30 до 40 мегават часови електрична енергија.

– Во првиот квартал од годинава ќе се распише тендер за изградба на 200 мегаватни фотоволтаици кои ќе може да се градат на државно и на приватно земјиште. До крајот на годината ќе има изградба на ветерен парк кој ќе произведува 50 мегавати електрична енергија, а планирана е и  изградбата на далекувод до Албанија во вредност од 50 милиони евра.Со тоа инвестициите во енергетиката би се движеле од 250 до 300 милиони евра – рече Анѓушев.

Според ЕБОР поради тоа што Скопје е еден од најзагадените градови во Европа, се вложуваат напори произведената електричната енергија до 2020 година да бидат обезбедени од обновливи извори на енергија.

Новиот проект за искористување на соларната енергија, денеска беше потпишан од страна на Хари Бојд Карпентер, Директор за енергија и енергетика во ЕБОР и директорот на ЕЛЕМ, Миновски.

Премиерот Зоран Заев рече дека означувањето на стартот на овој проект е добар за почетокот на најавената економска година. Изградбата на фотоволтаиците треба да биде завршена за една година.


Владата размислува да го зголеми „минималецот“


Скопје, 3 јануари, 2019 - 16:09 (META) 

Владата размислува да го зголеми прагот на загарантирана минимална плата, рече денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање, како ќе го постигнат ветениот просек на платата од 500 евра.

„Владата има намера за дополнително носење на одлука за растот на минималната плата за оваа година“, одговори накратко Заев.

Министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека „главната борба на оваа влада е платите да растат“, бидејќи платата за најголем дел од граѓаните е единствениот приход.

„Притискаме платите да растат, но истовреме даваме и поддршка за отворање на нови работни места. Платата од 2013 до 2017 година имала пораст од 1,9 проценти, а лани таа се зголемила за 5,7 проценти“, рече Тевдовски.

Зборувајќи за очекувањата на економски план, премиерот најави дека оваа година ќе биде економска, во која ќе нема пречка за реализација на капиталните инвестиции како што се изградба на патишта, железницата и гасификација.

Сите проблеми од техничка природа како проектна документација и решавање на имотно-правни односи биле надминати и очекува интензивирање на изградбата на пругата.

За гасификацијата очекува дека општините ќе ја градат секундарната мрежа, преку концесии или кредити кои би ги земале преку Македонски енергетски ресурси (МЕР).

Тој додаде дека повеќе пари кај граѓаните останале и преку евтината тарифа на струја, ослободување од плаќање на радиодифузна такса, намалување на казните, камати од заостанати долгови.

За оваа година најави и намалување на невработеноста под 20 проценти.

Министерот Тевдовски очекува стапката на раст на платите да продолжи од 4,5 проценти и во приватниот и во јавниот сектор.

„Политичката стабилност, ЕУ-перспективите, враќањето на довербата на инвеститорите, растот на приватните инвестиции, надминување на проблемите со техничките документи, решавање на имотно-правни односи за реализација на проектите ни дава за право да проектираме економски раст од 3,2 проценти“, рече Тевдовски.


За универзален снабдувач со струја конкурираа ЕВН и ЕЛЕМ


Скопје, 12 декември, 2018 - 17:15 (META) 

Австриската ЕВН, преку две свои компании – ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електро снабдување – како и ЕЛЕМ, преку компанијата ЕЛЕМ Трејд ДООЕЛ, се двата правни субјекта кои конкурираат за Универзален снабдувач со електрична енергија, стана јасно на денешното отворање на понудите во Владата. Комисијата со која претседава академик, проф д-р Глигор Каневче, констатираше дека двете понуди се доставени во согласност со тендерската документација, како и дека и во двете понуди е доставена валидна оригинална банкарска гаранција.

Понудената бруто маржа побарана од ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електро снабдување е 14,5 отсто, додека понудената бруто маржа наведена во понудата на ЕЛЕМ Трејд ДООЕЛ е 14,9 отсто.

Сега следува период на проценка на нивната економска-финансиска способност, како и на техничката способност во согласност со критериумите наведени во тендерската документација.

По завршување на евалуацијата, процес кој максимално може да трае до 86 дена, доколку компаниите ги исполнуваат условите, ќе бидат поканети да учествуваат на електронска аукција, по принцип на негативно наддавање на понудената маржа, а почетна маржа ќе биде пониско понудената маржа од двете понуди.
Понудувачот кој на електронската аукција ќе понуди најниска маржа ќе биде избран за најповолен и ќе биде поканет да го потпише договорот за Универзален снабдувач со електрична енергија.


МЕПСО ќе вложи 1,1 милиони евра во модернизацијата на трафостаницата „Прилеп“


Прилеп, 12 декември, 2018 - 13:12 (META) 

Прилеп и неговата околина ќе добијат стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија во наредните 20 години со модернизацијата на трансформаторската станица „Прилеп 1“ во која МЕПСО вложува 1,1 милиони евра.

По тој повод денеска во трансформаторската станица „Прилеп 1“ договор за модернизација склучија Сашо Василевски, генералниот директор на МЕПСО, и Бранислав Лековиќ, претставник на конзорциумот изведувачи „Кончар КЕТ“ од Хрватска и домашната компанија „Елтек“.

Модернизацијата на трафостаницата вклучува промена со нова на високонапонска опрема што е во функција 40 години. Станува збор за вградување на нови прекинувачи, разделници и мерни трансформатори и нова опрема за контрола и далечинско управување со трафостаницата, нов системи за мерење електрична енергија и нов систем за релејна заштита.

– МЕПСО за жителите и компании во Пелагонија сега вложува 6 милиони евра. Станува збор за три инвестиции во преносната мрежа во Пелагонија. Овде во оваа трафостаница вложуваме 1,1 милиони евра, уште 1 милион евра сега вложуваме во трафостаницата „Битола 2“, а склучивме договор вреден 3,9 милиони евра за изградба на нов далекувод што ќе ќе поврзе оваа со трафостаницата „Битола 1“  – потенцираше Василевски.

Ова е трет договор за модернизација на постројки во преносната мрежа во кој учествува „Кончар КЕТ“ во рамки на овој инвестициски циклус на МЕПСО.

Модернизацијата на оваа трафостаница и на далекуводот што ги поврзува Прилеп и Битола ќе се реализира за година и половина, а модернизацијата на трафостаницата „Битола 2“ ќе биде готова за 2,5 години.

ТС „Прилеп 1“ претставува централна напојна точка за регионот на северна (горна) Пелагонија и регионот на Мариово. Истата е поврзана на електропреносниот систем преку 110 киловолтни далекуводи со трафостаници во Битола и во Кавадарци, а со неа се поврзани и три трафостаници на дистрибутивниот систем преку кој се напојува со електрична енергија градот Прилеп, неговата околина и Мариово.


Утре истекува рокот за пријавување на компаниите за универзален снабдувач со струја


Скопје, 11 декември, 2018 - 9:49 (META) 

Утре е крајниот рок на кој компаниите може да се пријават на тендерот за универзален снабдувач со струја, што Владата го распиша во септември согласно новиот Закон за енергетика.

Најпрво, рокот за аплицирање беше до 3 декември, но тој беше пролонгиран на барање на енергетската заедница.

Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимовски, неодамна изјави дека РКЕ била должна да ги подготви критериумите врз основа на кои требало да се распише тендерот и да ги достават до Владата.

– Дадените забелешки ги инкорпориравме и ги доставивме до Владата. Од тој момент Владата го води тој процес – изјави неодамна Бислимовски.

Неофицијално, помеѓу заинтересираните компании за влез на пазарот со струја е и Грчката национална компанија за производство на струја ППЦ која неодамна ја купи компанијата ЕДС на вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев.

Од Влада не одговорија на прашањето на „Мета“ дали има заинтересирани компании за тендерот кој истекува утре, и дали помеѓу нив е и оваа грчка компанија, за која постои можност да ги снабдува граѓаните со струја.

Во моментов се активни осум снабдувачи со електрична енергија кои активно продаваат на потрошувачи, а се издадени преку 20 лиценци за снабдување со електрична енергија.

До назначување на новиот универзален снабдувач таа обврска ќе ја врши ЕВН Македонија со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето со електрична енергија на сите потрошувачи и согласно Законот за енергетика.


Koнкурентите за универзален снабдувач со струја може да аплицираат до 3 декември


Скопје, 25 октомври, 2018 - 13:02 (META) 

Компаниите снабдувачи со електрична енергија најдоцна до 3 декември треба да аплицираат на јавниот тендер за избор на универзален снабдувач со електрична енергија што Владата го распиша во септември, согласно новиот Закон за енергетика.

-Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) нема информации кои од снабдувачите се заинтересирани да се пријават на огласот. Ние само бевме должни да ги подготвиме критериумите врз основа на кои требаше да се распише тендерот и да ги доставиме до Владата. Пред да ги доставиме критериумите до Владата организиравме неколку заеднички состаноци со снабдувачите со цел да им ги претставиме критериумите и да ги чуеме нивните забелешки и на тој начин да ги подобриме критериумите. Дадените забелешки ги инкорпориравме и ги доставивме до Владата. Од тој момент до сега Владата го води тој процес – изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

Тој посочи дека до назначување на новиот универзален снабдувач таа обврска ќе ја врши ЕВН Македонија со цел, како што рече, да се обезбеди сигурност во снабдувањето со електрична енергија на сите потрошувачи и согласно Законот за енергетика.

Ако никој не се пријави на огласот со Законот се предвидени повеќе начини, меѓу кои и обврската за објавување на уште еден тендер, како и РКЕ да и предложи на Владата како да постапува во натамошната постапка.

Бислимовски информираше дека во моментов се активни осум снабдувачи со електрична енергија кои активно продаваат на потрошувачи, а се издадени преку 20 лиценци за снабдување со електрична енергија.


Владата ја почна постапката за универзален снабдувач со струја за домаќинствата


Скопје, 15 август, 2018 - 9:51 (META) 

На вчерашната 83. седница, на која беше донесена и одлуката за кампањата за референдумот, Владата одобрила да почне постапката за избор на универзален снабдувач со електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.

Ќе се формира Комисија за спроведување на постапката за избор на универзален снабдувач, во која треба да има претставници на Кабинетот на премиерот, кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и од Министерството за економија. Во оваа комисија ќе членуваат и Регулаторната комисија за енергетика и на МАНУ. Сите институции ќе бидат претставувани од член и заменик-член, кои треба да ги соопштат до петок.

Комисијата, пак, за 14 дена треба до Владата да го достави текстот на јавниот повик и тендерската документација, за да може да се распише тендерот.

„Заради остварувањето на правото на сите домаќинства и мали потрошувачи да се снабдуваат со електрична енергија со утврден квалитет по разумни, јасно споредливи, транспарентни и недискриминаторни цени, Владата на Република Македонија избира универзален снабдувач кој истовремено ќе ја врши и дејноста снабдување во краен случај. Целта на оваа постапка е остварувањето на правото на домаќинствата и малите потрошувачи на универзална услуга во снабдувањето со електрична енергија, односно да бидат снабдувани од универзалниот снабдувач во согласност со обврските утврдени со Законот за енергетика и правилата за снабдување“, соопштија од Владата.

Покрај тоа, владиниот кабинет го разгледувал и извештајот за извршувањето на Планот за гаранција за млади – пилот фаза за 2018 година, кој, според Владата, дава резултати и се спроведува по урнекот на сличните мерки во ЕУ, иако Македонија не е членка на европското семејство.

Исто така, се разгледувало и спроведувањето на Националната стратегија за стари лица 2010-2020 година.


ЕЛЕМ продаде нови вишоци на електрична енергија за околу 2 милиони евра


Скопје, 6 јули, 2018 - 12:23 (META) 

ЕЛЕМ на 4 јули продаде вишоци електрична енергија во количина од 35.400 мегават-часови, за вкупна сума од 2.079.000 евра, информираше денеска директорот за производство на ЕЛЕМ, Благојче Трповски. Просечната цена која била постигната изнесувала 58.73 eвра за мегават-час.

– Сакам да нагласам дека ова е четврта аукција за продажба на електрична енергија од почетокот на годинава. Во првата половина на 2018 година, ЕЛЕМ продаде вкупно 205.560 мегават-часови со вкупен приход за ЕЛЕМ од 10.799.558 евра. Што се однесува до изминатиот период, во изминатите неколку години или имаше многу малку или воопшто немаше продажба на вишоци електрична енергија од страна на ЕЛЕМ, така што ова го сметаме за значаен успех на ова раководство и значајно постигнување на компанијата и нејзиното производство – рече Трповски.


Заев: Со новиот Закон за енергетика, и домаќинствата може да произведуваат струја


Скопје, 5 јули, 2018 - 15:21 (META) 

Владата преку новиот Закон за енергетика ја отвори можноста секое домаќинство и компанија, да има можност да инсталира фотоволтаична централа и за сопствени потреби да произведува електрична енергија, а понатаму вишоците струја да ги продава на слободниот пазар.

Ова денеска го истакна премиерот, Зоран Заев кој присуствуваше на промотивен настан во организација на „ЕВН Македонија“ на кој што беше претставена нова понуда на фотоволтаични системи за домаќинствата и бизнисите.

Тој додаде дека преку овој проект на „ЕВН Македонија“,  овие системи на фотоволтаични централи стануваат достапни за граѓаните и компаниите.

„Целта е да го намалиме увозот на електрична енергија и да го зголемиме домашното производство. Да го подобриме квалитетот на живот и да овозможиме услови да се намалуваат трошоците за граѓаните, но и за компаниите, со цел да обезбедиме поголема конкурентност и развој на стопанството. Повеќе пари да остануваат кај граѓаните. Употребата на ваквите високотехнолошки системи кои ја користат соларната енергија за производство на електрична енергија ќе придонесе за зголемување на домашното производство на електрична енергија, и за почиста и поздрава животна околина, пониски трошоци и подобар квалитет на живот за граѓаните“, рече Заев и додаде дека државата има околу 30 проценти недостаток на енергија кое се увезува, иако, како што додаде новите тенденции покажуваат дека ЕЛЕМ продава на пазарот има екстра приходи од тоа што го продава.

Првата соларна централа за домаќинства е инсталирана во населбата Тафталиџе во Скопје, на кровот на приватна куќа.


Струјата поевтинува за 0,1 проценти


Скопје, 29 јуни, 2018 - 14:36 (META) 

Цената на електричната енергија за потрошувачите во Македонија се намалува за 0,1 проценти, a ќе важи од 1 јули. Одлуката ја донесе денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Како што соопшти новиот претседател на РКЕ, Марко Бислимоски, цената по која што струјата ќе ја продава државниот производител ЕЛЕМ се намалува за 3,39 проценти, цената на АД МЕПСО за дистрибуција се намалува за 5,34 проценти, додека цената на ЕВН Македонија за дистрибуција се зголемува за 2,59 проценти.

Цената за домаќинствата ќе изнесува 4,44 денари за киловат-час за еднотарифните броила, додека кај двотарифните броила, скапата тарифа изнесува 5,54 денари за киловат-час, додека евтината тарифа е 2,78 денари за киловат-час.

Евтината тарифа е на важност во неделите и од 14 до 16 часот во другите денови.

Како што информираа вчера од РКЕ, компанијата ЕВН побарала зголемување на цената за девет проценти, ЕЛЕМ намалување за 1,5 проценти, а МЕПСО не побарале ниту зголемување, ниту намалување.