!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од Спасовски за убиство во Струга


Струга, 15 август, 2017 - 19:20 (META) 

Наместо во екот на сезоната Струга да брои туристи, ние броиме престрелки, жртви, инциденти и колку пати над дозволеното депонијата го загадува воздухот, обвини денеска Дејан Пауноски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струга.

– Власта, и локална и централна, се директно одговорни за хаосот што го гледаме од ден на ден во Струга. Вчера среде бел ден беше убиено едно лице. Како да нема полиција. Убиецот си влетал во барот и си пукал. Струга и стружани се вознемирени и исплашени. Стравуваат за својата безбедност и сопствените животи. Стравуваат за животите на своите блиски бидејќи гледаат дека полицијата под раководство на СДС нема капацитет да ги заштити – вели Пауновски додавајќи дека вознемиреноста на стружани се одразува на гости.

СДС со својата неодговорност и неспособност целосно ја уништува Струга.

– Најпрвин ја видовме неспособноста на влада од 25 министри да го изгаси пожарот во локалната депонија кој ги задуши стружани и ги избрка туристите. Вчера се случи и свирепо убиство на плажа среде бел ден пред угостителски објект во екот на туристичката сезона. СДС и неспособната влада на Заев се директно одговорни за пропаднатата туристичка сезона како резултат на еколошката катастрофа и загрозената безбедност во Струга – вели Пауновски.

Тој побара одговорност од Оливер Спасовски поради криминални пресметки во Струга, како и одговорност од градоначалникот и министерот за животна средина Садула Дураку кои дозволија неколку месеци стружани да се гушат во чад поради неможноста да го изгаснат пожарот во локалната депонија.


Јавно обвинителство подигнало траги од местото на убиството на Лека


Струга, 15 август, 2017 - 9:50 (META) 

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струга, заедно со увидна екипа од Полициската станица во Струга извршиле увид на местото на убиството на Дилавер Бојку – Леку.

Според првичните информации, убиството околу 17 часот го извршил непознат сторител со истрели од огнострелно оружје, на терасата на ресторанот „Аква блу“ во Струга, соопштуваат од Јавното обвинителство.

Од местото се подигнати траги и тие веднаш се дадени на вештачење, додека по наредба на јавниот обвинител, на телото на починатиот ќе се изврши обдукција. Интензивно се преземаат мерки и активности за откривање на сторителот на кривичното дело, велат од Обвинителството.​


Дилавер Бојку – Леку убиен на плажа во Струга


Струга, 14 август, 2017 - 18:06 (META) 

Контроверзниот струшки бизнисмен Дилавер Бојку – Леку денеска попладне е застрелан на плажата „Аква скај“, потврдија за „Мета“ извори од истрагата.

Непознато лице во 16.45 часот денеска го застрелало Бојку во главата, по што избегал. Бизнисменот веднаш е пренесен во струшката болница, но, според информациите, тој им подлегнал на повредите.

Од МВР засега нема официјална потврда на настанот, а во тек е истрага која треба да открие кој е напаѓачот и кои биле мотивите.

Бојку пред 15 години го доби прекарот „кралот на проституцијата“, а од пред неколку години, по враќањето во Македонија се вклучи во угостителскиот бизнис, земајќи ја под концесија струшката плажа „Аква скај“.


ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација и за Садула Дураку


Скопје, 11 август, 2017 - 15:33 (META) 

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од Коалицијата за подобра Македонија денеска поднесоа интерпелација за министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку.

Тоа е петтиот министер од владата на Зоран Заев за кого опозициската коалиција неделава поднесува интерпелација.

За интерпелацијата на Дураку, пратениците како причина го наведуваат тоа што тој е „виновен за крајната негрижа и неодговорност за животната средина“. На товар му ставаат дека „повеќе од три месеци граѓаните на Струга живеат во канцероген чад, граѓаните на Тетово и на Куманово мака мачат со дивите депонии, додека една третина од територијата на Република Македонија е во пламен и се кратат средства од буџетот за рехабилитација на деца кои биле жртви на загадувањата во нивните средини“.

– За сето ова ниту една институција не смогна сили да им излезе во пресрет на граѓаните бидејќи за Владата и за Министерството за животна средина и просторно планирање приоритет се партиските вработувања и назначувањето на неспособни и некомпетентни директори и функционери во институциите – рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуроска, образложувајќи ја интерпелацијата.


Владата побарала поголем ангажман од институциите за справување со пожарите


Скопје, 1 август, 2017 - 11:30 (META) 

Владата на Реублика Македонија синоќа на 18. седница расправала за повеќе точки, меѓу кои и ситуацијата со пожарот во Требовље, како и за проблемот со струшката депонија, соопшти владината служба за информирање.

Како итна вонредна точка на дневниот ред на седницата, со која претседавал премиерот Зоран Заев, се нашла информацијата за пожарот во Требовље, во општина Македонски Брод, како и за други опожарени локации во земјава.

Притоа, бил задолжен Управувачкиот комитет за координација и управување на системот за управување со кризи, составен од неколку министри и Агрон Буџаку, претседателот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), како и од претставници на АРМ, претставник од кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов и претставник од ЈП „Македонски шуми“ и од УХМР, да донесат итни заклучоци и мерки за засилено дејствување.

Донесена е одлука МВР да го зголеми присуството на терен во сите засегнати подрачја, ЈП „Македонски шуми“ непрекинато да ја информира Дирекцијата за заштита и спасување за сите новонастанати состојби на терен и да продолжи континуирано гасење и локализација на активните пожари, како и да се создадат услови за дејствување на АРМ.

За привремено решавање на проблемот со депонијата во Струга, донесена е одлука со 12 милиони денари (195.000 евра) од буџетските резерви да се компресира сметот од депонијата во Струга и да се пренесе на друга локација.


Владата го усвои дополнетиот ребаланс на буџетот, донесе одлука за струшката депонија


Скопје, 28 јули, 2017 - 19:33 (META) 

Владата на Република Македонија на денешната седница го усвоила предлогот за изменување и за дополнување на буџетот на Република Македонија за 2017 година, по завршената амандманска расправа во собраниските комисии. Со оваа верзија на ребалансот, дополнета со амандмани од пратениците, се определуваат дополнителни 25 милиони денари по одредени ставки и се пренаменуваат пари во согласност со потребите на буџетските корисници, се вели во владиното соопштение.

На седницата што почна попладнево, донесена е и одлука за итно решавање на проблемот со депонијата во Струга. Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата добиле задолжение да обезбедат пари за безбедно и економично да се транспортира сметот од струшката депонија до други безбедни депонии во земјава. Исто така, се ангажираат чувари кои ќе ја надгледуваат целата локација, за да превенираат можни идни проблеми.

Истовремено, владиниот кабинет ја усвоил информацијата за проектот за поедноставување на процедурите за известување и за плаќање на персонален данок на доход, кој е финансиран од ИПА-фондовите.

На денешната владина седница, е разгледан и усвоен меморандумот за соработка во полето на природниот гас помеѓу Министерството за економија на Македонија и Министерството за енергетика на Бугарија и министерот за економија бил овластен да го потпише документот. Според Владата, соработка ќе овозможи можност за нова директна врска помеѓу двата системи за природен гас на двете земји.

На седумнаесеттата владина седница биле донесени и заклучоци повразни со организацијата на институционалната прослава на националниот и државен празник 2 Август – Ден на Републиката. Владата определила и членови на организациониот одбор за прослава на државниот празник.


Труење или стомачен вирус испрати гости на струшки хотел в болница


Струга, 17 јули, 2017 - 15:23 (META) 

Гостин на хотелот „Изгрев“ на струшкото крајбрежје се пожали на „Мета“ дека попладнето во саботата, откако претходно појадувале во хотелот, тој и неговото семејство почнале да чувствуваат мачнина, а потоа почнале и да повраќаат, поради што побарале лекарска помош во Општата болница во Струга, каде разбрале дека имало и други туристи од хотелот „Изгрев“ со исти симптоми. Гостинот се сомнева дека во прашање е труење со храна. Но, како што дознаваме, причините би можеле да бидат и други, односно можно е и да станува збор за стомачен вирус, бидејќи во последниот период во Охридско-струшкиот Регион се забележани позначителен број вакви случаи.

Од Општата болница во Струга велат дека во текот на викендот примиле тројца странски државјани со симптоми што може да значат и труење, но и друго, на пример, стомачен вирус. Како што велат, за причините за симптомите, засега не можат да се изјаснат. Напоменуваат дека пациентите се соодветно третирани според симптомите.

Од хотелот „Изгрев“ ни рекоа дека и кујната и целиот хотел ги исполнуваат сите стандарди и дека секогаш се подготвени за соработка со властите доколку нешто треба да се утврдува. Сепак, и оттаму ни посочија дека е можно да станува збор за состојба поврзана со неприлагоденост на организмот на некои туристи кои доаѓаат од климатски постудени подрачја или, пак, за стомачен вирус. Велат и дека е можно, ако навистина станува збор за труење со храна, да е во прашање храна што туристите ја консумирале на друго место.

– Кај нас минатата недела санитарна инспекција изврши редовен надзор, ни провери сè и сè беше в ред. Имаме записник од тоа, сè е како што треба. Некои од луѓето пред да дојдат кај нас имаат поминато и во неколку други хотели. Ние имаме персонал 200 луѓе, а повеќе од 1.000 луѓе се во хотелот и нема други такви проблеми. Овие појави се можни затоа што минатата недела температурата на воздухот беше премногу висока, па се појавуваат стомачни вируси. Болниците во Охрид и во Струга се полни поради тие стомачни вируси, тоа е јавна тајна… Ние правиме сè што се бара, работиме законски, а нашата кујна работи по сите светски стандарди – изјави за „Мета“ Илија Џајковски од хотелот „Изгрев“.

За проверка со состојбата со стомачните вируси се јавивме и на инфективното одделение во Општа болница Охрид, каде началникот, д-р Лидија Љаткоска, појасни дека и кај нив викендот се примени и странци и македонски граѓани со симптоми на гастроентеритис. Вели дека бројката на вакви случаи, иако повисока од другите периоди на годината, е сепак во рамките на очекуваното за туристичката сезона, односно во последните десетина дена немало нагло зголемување на бројката на пациенти примени со симптоми на повраќање и со висока температура.


Земјотрес од 4 степени го затресе Охридско


Охрид, 6 јули, 2017 - 11:27 (META) 

Земјотрес со магнитуда од 4 степени според европската макросеизмичка скала е регистриран од сеизмолошката станица во Охрид, се дознава од извештајот на Евро-медитеранскиот сезимолошки центар.

Земјотресот во 11.12 часот се случил на длабочина од 2 километри, а епицентарот бил на 10 километри североисточно од Охрид.


ЛДП: Од ветените 72 милиони евра, во Дрисла не е вложено ниту евро


Скопје, 19 јуни, 2017 - 10:30 (META) 

По неколкуте реакции и обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ до министерот Зоран Шапуриќ за непреземање мерки за струшката депонија, неговата партија, ЛДП, денеска ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека не преземала речиси ништо за единствената депонија во Македонија, скопска Дрисла, која, како што вели, исполнува мал дел од стандардите, и не ги реализирала ветувањата за инвестирање во неа.

„Во Македонија постојат 54 депонии од кои, само една – депонијата Дрисла, покрај Скопје, исполнува мал дел од  предвидените национални стандарди.  Во 2005 година, кога министер за животна средина и просторно планирање беше членот на ЛДП, д-р Зоран Шапуриќ, во консултација со домашни и со европски експерти беа усвоени плански документи со кои се предвидува решавање на депонирање на отпадот преку изградба на регионални депонии и со поттикнување на општините да изградат регинални депонии со здружување на сите свои потенцијали. Оттогаш, за 11 години апсолутно владеење ВМРО-ДПМНЕ не покажа никаков интерес за решавање на овој проблем и само неколку дена по заминување во опозиција, преку демагошки пристап, товарот го префрла на новата реформска влада“, се вели во реакцијата од ЛДП.

Партијата вели дека единствениот потег на ВМРО-ДПМНЕ е предавање на Дрисла на странска компанија која ветила инвестиции од 72 милиони евра, а досега не инвестирала ниту едно евро, за разлика од Град Скопје, под управа на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, кој купувал механизација.


ВМРО-ДПМНЕ: Гаснењето на депонијата нема да го реши проблемот на Струга


Скопје, 18 јуни, 2017 - 12:25 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска ги обвини СДСМ и неговите коалициски партнери дека го загрозиле здравјето на граѓаните и животната средина, дозволувајќи 10 дена граѓаните на Струга да го дишат штетниот воздух.

„Со самото гасење на депонијата нема да се реши овој проблем, бидејќи постои опасност повторно да се запали, а истовремено има ризик да ја контаминира земјата и подземните води кои се влеваат во Охридското Езеро и во реката Црн Дрим. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од Коалицијата за подобра Македонија, за доброто на граѓаните во четвртокот побараа по итна постапка да се одржи седница на која ќе се разгледува алармантната состојба во Струга, но Талат Џафери се обиде да ја замолчи расправата и да не дозволи процедурални забелешки на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението од опозициската партија.