Владите од регионот се обврзаа на поевтин роаминг и поголема дигитална поврзаност


Скопје, 19 април, 2018 - 22:48 (META) 

На крајот на дводневниот Дигитален самит на Западен Балкан, министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски одржаа прес конференција на која ги пренесоа пораките и заклучоците кои произлегоа од првиот самит за дигиталната агенда на регионот.

Манчевски ги изнесе и конкретните заклучоци за кои се обврзаа сите земји од Западен Балкан.

– Ние сме подготвени да работиме и да ги искористиме можностите. Дадовме ветување дека ќе работиме на намалување на цените за роаминг во регионот и со ЕУ. Се обврзавме дека ќе го подобриме пристапот до широкопојасен интернет, како и да ја следиме имплементацијата на WiFi4EU во земјите членки на ЕУ за да бидеме подготвени за идно проширување во Западен Балкан. Изразивме подготвеност да работиме активно признавање на дигиталните сертификати, и олеснување на прекуграничните доверливи услуги. Заедно ќе работиме и на сајбер безбедноста и имплементација на директивата за мрежна и информациска безбедност. Договоривме креирање на политики за ИКТ образование и сертифицирање на сите групи на население, како и посветеност за подобрување на дигиталните вештини. Ќе ја зголемиме регионалната соработка и на полето на стартапи, а со размена на искуства ќе создаваме Технолошки паркови кои одговараат на критериумите поставени во ЕУ – рече Манчевски.

z7

Со панелот „Медиумите во дигиталната ера: Борбата против лажните вести“ заврши Самитот, еден најголемите регионални настани за оваа година, кој вчера и денеска се одржуваше во Скопје.

Модератор на оваа завршна сесија беше министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Министерот задолжен за отчетност, транспарентност и комуникации, Роберт Поповски, се осврна на изминатиот период и ефектите од системската дистрибуција на лажни вести во нашата земја и рече дека Велес, за жал, станал синоним на лажните вести.

– Ние ќе се обидеме Велес да стане синоним на борбата со лажните вести не само во тој град, туку и во Македонија – рече Поповски.

Според него, Велес не ги измислил лажните вести, туку „луѓе од Велес добро заработиле креирајќи лажни вести кои влијаеле на изборите во една огромна држава“.

Поповски говореше и за слободата на медиумите и генерално за слободата на говорот во Македонија.

– Минатата власт ги злоупореби сите алатки за да искриви вистината, беа креирани медиуми кои пласираа лажни вести. Лагите беа драматични. Беше тешко да се тужи портал, измислија форма на кајрони во турските серии. Надаполнување на лагите беше и ширењето на говорт на омраза – составен дел на лагите. Омразата беше форсирана во медиумите. Кога дојдовме на власт на лагата и ја спротивставивме вистината. Претходната власт ги криеше информациите. ние сега ги објавуваме – рече Поповски.

Метју Џејкобс од Бирото за Европа и Евроазија со американскиот Стејт Департмент, и одговорен за борбата против лажните вести во оваа институција, го дефинираше феноменот на “лажни вести” како намерно поткопување на демократски процеси. Тој истакна дека решението мора да биде фокусирано на корисниците, а не автоматските процеси. Џејкобс заклучи дека владите генерално мора да се подобрат во дигиталната комуникација и дека координирана дигитална соработка е клучна во овој процес.

Новинарката и филмски продуцент во Би-Би-Си, Рејчел Рајт,  рече дека во оваа медиумска куќа постои цел оддел кој работи на проверка на фактите за осигурување дека информациите кои се пласираат се точни.

– Работата на новинарите е да бидат објективен филтер на случувањата околу нас, но феноменот “лажни вести” го поткопува овој процес – рече таа.

Ерик Брнс, комуникациски и медиумски стратег смета дека лажните вести се всушност еволуција на дезинформациите и дека „Фејсбук“ денес е главен извор на вести. Тој кажа дека еден фундаментален проблем во целата ситуација е тоа дека луѓето не можат да се согласат околу тоа што се всушност “факти”.

Паоло Чезарини од Европската Комисија на панелот изјави дека овој феномен на лажни вести е далеку поопсежен и подлабок отколку само брендирањето на самиот феномен и дека агендите зад овој феномен се политички и економски. Тој изјави дека лажните вести во голема мера влијаат не само врз новите медиуми, туку и врз традиционалните.

Новинарката Сашка Цветковска истакна дека секој ден се соочуваме со хиперпродукција на лажни вести и дека се работи за феномен кој се уште не го познаваме доволно. Најсташната последица од тоа е создавањето на недовреба – како меѓу новинарски колеги, така и од страна на граѓаните кон медиумите но и кон институциите.


ЕК ќе го објави извештајот за Македонија, се очекува препорака за отворање на преговорите


Стразбур, 17 април, 2018 - 10:04 (META) 

Европската комисија денеска во Стразбур ќе го објави Извештајот за состојбите и напредокот на Македонија на евроинтегративниот пат.

ЕК повторно препорачува отворање на пристапните преговори со Македонија, а извештајот за напредокот на земјата е меѓу попозитивните во овој пакет на Брисел, кој, како што стои во извештајот, „јасно ја препознал политичката волја за напредок“, јавија вчера дописниците на Радио Слободна Европа (РСЕ) од Брисел, кои имаа увид во документот.

Во него се предупредува дека „штетата која се правела години наназад, не може да се среди преку ноќ“, но дека земјава ја надминала длабоката политичка криза и дека структурните реформи се долг процес кој може да потрае.

Денеска, заедно со објавувањето на Извештајот на ЕК истече и периодот за имплементација на „Планот 3-6-9“, а деталниот фактографски извештај за неговата имплементација, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, вчера му го предаде на евроамбасадорот Самуел Жбогар.

– Реализиравме преку 90 отсто од предвидените реформи во „Планот 3-6-9 “и 100 проценти од неговата суштина. Планот ја постигна неговата цел и ја врати земјата на евроатланскиот пат – рече Османи, кој како што кажа, денеска очекува убави вести од Брисел за Македонија.

Од Секретаријатот за европски прашања потсетуваат дека „Планот 3-6-9“ беше усвоен во јули минатата година и дека неговата цел била да се одмрзне реформскиот процес и враќање на државата на евроатланскиот пат.


Проширувањето на ЕУ, тема на состанок на министрите од Западен Балкан


Сараево, 16 март, 2018 - 15:52 (META) 

Министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и македонскиот министер Никола Димитров, одржуваат состанок во Сараево посветен на Стратегијата на ЕУ за проширување со земјите од Балканот и спроведувањето на заклучоците од Самитот во Трст во 2017 година, составен дел од Берлинскиот процес.

На состанокот учествуваат и заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, државниот министер за Европа и Америка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Сер Алан Данкан, генералниот директор во Европската комисија, Кристијан Даниелсон и генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка(РСС), Горан Свилановиќ.

Свилановиќ изјавил дека една од главните активности на Советот во овој период е учество во заедничките подготовки на Дигиталниот самит на шесте земји од регионот што треба да се одржи во Скопје на 18 и 19 април.

„Подготовките на овој амбициозен Самит се во поодмината фаза и на него ќе се разговара за бројни практични и стратешки прашања – од намалување на цените на роамингот, интеграција на Западен Балкан во бројни дигитални иницијативи на ЕУ, до реформите на јавните управи преку дигитализација“, соопшти РСС.

Димитров, како што официјално е соопштено претходно во Скопје, ќе учествува и на министерската конференција за Фондот за Западен Балкан, каде ќе се разгледаат досегашните резултати од работата на оваа организација, како и нејзините идни активности.

За време на престојот во Сараево, Димитров ќе учествува и на конференцијата „Бергедорф раунд тејбл“ (Bergedorf Round Table) која оваа година се организира на тема „Долгиот пат кон Европа: Западниот Балкан меѓу домашните предизвици и геополитиката“, а на која ќе учествуваат високи владини претставници и меѓународни експерти.


Заев – Јункер: Кон ЕУ без одлагање и само со длабоки внатрешни реформи


Скопје, 25 февруари, 2018 - 21:27 (META) 

Премиерот Зоран Заев, денеска по средбата со претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, кој заедно со еврокомесарот за соседска политика и проширување на Европската Унија Јоханес Хан, престојуваше во посета на Република Македонија, пред домашните и странските медиуми истакна дека „со Стратегијата, ЕК ја потврдува европската иднина на Македонија, како географски дел од Европа кој ќе стане и дел од политичката структура на Европската Унија“.

На заедничката прес конференција премиерот Заев ја афирмираше „силната желба и посветеност кон длабоки внатрешни реформи, без одлагање, со лидерство и одлучност, да ја изодиме оваа клучна делница од патот кон нашето пристапување како земја членка на ЕУ“.

– Сега не очекуваат уште неколку исклучително важни активности, за да ја направиме оваа, 2018, историска година за Македонија. Од Самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија очекуваме да биде продуцирана иновирана Агенда, по примерот на Солунската, која јасно ќе го трасира пристапниот пат во ЕУ, врз основа на предлозите содржани во Стратегијата. Самитот воедно ќе биде реален индикатор за тоа колку земјите членки на ЕУ се подготвени да се посветат на пристапниот процес на земјите од Регионот“.

Заев е уверен дека во јуни 2018 година, Советот ќе донесе одлука за почеток на пристапните преговори.

– Со сериозната посветеност за надминување на клучниот проблем што Грција го има со нашето уставно име. Заедно со премиерот Ципрас работиме посветено на затворање на овој долгогодишен и мачен проблем чие решавање треба да го отвори патот за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО. За Македонија е прифатливо име со географска одредница кое ќе направи дистинкција меѓу нашата држава и регионот во Грција. Сепак, инсистираме на достоинствено решение кое ќе овозможи трајно и одржливо решение на спорот со почитување на достоинството и идентитетот на двата народи и двете држави – рече Заев.

Претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, рече дека нашата земја не е само дел од Европа географски, туку и историски. Европската Унија не е само заедница базирана врз заедничките економски интереси, туку поважно, е унија на заеднички вредности. Тие вредности се споделени и зајакнати од страна на нашата држава.

Според Јункер, нашата земја го изненадила светот со имплементацијата на реформите и ако продолжиме на иститот пат, ќе дадеме шанса на Европската Комисија за давање препорака на Советот за отпочнување на преговорите за неколку месеци.


Милијардата евра за Западен Балкан се средства на ИПА и нема нови пари


Скопје, 9 февруари, 2018 - 14:56 (META) 

При презентацијата на Стратегијата за Западен Балкан на Европската комисија во ЕУ парламентот во Стразбур, беше најавено дека за оваа година се предвидени 1,07 милијарди евра како претпристапна помош, како надоврзување на речиси девет милијарди евра дадени во периодот 2007-2017 година.

Според Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика (ЕПИ), во новата стратегија нема ништо ново во однос на средствата за регионот за овој финансиски период (2014-2020).

– Можни се само реалокации во постојните вкупни средства за Западен Балкан, што е во рамките на веќе важечкото. Македонија би можела да ги надмине досега определените 664 милиони евра доколку ги троши ефикасно, а потоа како „наградa“ да се прелеe нешто од преостанатите средства од ИПА II. Стратегијата најавува дека ќе бидат потребни повеќе средства за регионот во следната финансиска перспектива 2021-2027.  Во таа смисла, од финансиски аспект, оваа Стратегија е само загревање. Преговорите за новата финансиска перспектива во ЕУ почнуваат оваа година. За појаснување, споменатата една милијарда се годишни средства на ИПА за регионот за оваа година“, вели Ристевска Јорданова за „Мета“.

Таа додава дека, нормално е во секој финансиски период трошењето постепено да се зголемува, но ова е во рамките на предвидената алокација за ИПА за седумте години во тек и нема нови средства.


Jункер на 25 февруари во официјална посета на Македонија


Скопје, 8 февруари, 2018 - 12:24 (META) 

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, информираше дека претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер ќе ја посети Македонија на 25 февруари. Македонија ќе биде првата земја која Јункер ќе ја посети како дел од неговата турнеја низ државите од Западен Балкан за презентација на Стратегијата на ЕУ за регионот.

– Ова е важен момент за презентација на Стратегијата, но и за охрабрување на владите да ги удвојат напорите за постигнување на новите скратени таргети – рече Османи.

Според него, Стратегијата ги исполнува сите очекувања на Македонија, бидејќи се валоризираат успесите на земјата во однос на реформите.

– Македонија со овој вординг што е даден во Стратегијата е задоволна зашто овозможува кога ќе почне да преговара да може да ги престигне и предводниците во процесот доколку постигне резултати. Ние тоа го посакувавме, бидејќи Македонија е најстара во овој процес и пред Србија, Црна Гора и сите други држави од Западен Балкан, оти имавме Договор за стабилизација и асоцијација во 2001 година, кандидат сме од 2005 година и има најмногу напреднато во процесот на хармонизација со европското законодавство и трансформацијата на општеството – рече Османи.

Тој посочи дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата ќе биде соопштен на 17 април и очекува чиста деветта по ред препорака за отпочнување преговори.

Во врска со содржината на Стратегијата, она што ја издвојува во однос на сите досегашни документи, е што таа определува обврски не само за земјите кандидати, туку и за ЕУ односно процесот на проширување го прави двонасочен.

Во анексот на Стратегијата, според Османи, содржана е и листа на задачи за ЕУ преку кои таа треба да ги подготви земјите за членство.

Од земјите кандидати се очекува да спроведат сеопфатни реформи во клучните области во однос на владеење на право, фундаментални права и управувања, зајакнување на економијата, примена на правилата и стандардите на ЕУ и помирување и добрососедски односи.


Се подготвува нов Закон за спорт и десетгодишна национална стратегија за спорт


Скопје, 7 февруари, 2018 - 15:40 (META) 

Нов Закон за спорт и десетгодишна национална стратегија за спорт најави денеска премиерот Зоран Заев по дебатата во Владата со спортски работници, претставници на спортски федерации, здруженија и поддржувачи на развојот на спортот, за стратешките основи за развојот на спортот во Македонија.

– Ве уверувам дека во мене имате спортски партнер, а во Владата поддршка. Целта е спортистите да го добијат заслуженото место во општеството со финансиска, но и логистичка поддршка. Посебно внимание ќе посветиме на наставата по физичка култура во училиштата – рече Заев.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, рече дека дел од приоритетни мерки кои ќе ги преземе Агенцијата ќе биде градењето на мали реонски базени, наградување на 250 младински клубови како и враќањето на спортски сали на федерациите.

На новинарско прашање за обвинувањата од Александар Маленко дека Каевски направил упад во пливачката Федерација на Македонија, Каевски рече дека 15 пливачки клубови бараат од Агенцијата за млади и спорт да го преиспита последното Собрание на Пливачката федерација на Македонија.

Маленко пред два дена го обвини Каевски дека направил прекршок и упад во работењето на Федерацијата со барањето на одржување на вонредно Собрание и дека со тоа ја нарушил самостојноста и независноста на ПФМ.

Каевски рече дека Маленко не е легитимен претседател на Федерацијата затоа што не е заведен во Централен регистар.

– Федерацијата има десетгодишна блокирана сметка со долг од над 20 милиони денари и дополнително треба да утврдиме и да видиме каде се тие средства. Федерацијата пет години немала завршно Собрание и нема завршна сметка, а доколку две години нема доставено завршна сметка и годишно Собрание по автоматизам треба да се оди во стечај. Ние како АМС не сакаме да го направиме тоа, не сакаме да го укинеме пливањето. Напротив, апелираме дека треба да се преземат чекори за пливањето повторно да се врати на она ниво како што беше пред 10—15 години– изјави Каевски.


Билт: „Тешкашите“ од ЕУ треба да се вклучат во решавањето на спорот за името


Лондон, 5 февруари, 2018 - 12:12 (META) 

Во решавањето на спорот за името меѓу Македонија и Грција треба да се вклучат силните членки на Европската Унија, за да се избегне колапс на стратегијата на ЕУ за Балканот, смета ко-претседавачот на Европскиот совет за надворешни работи и поранешен шеф на шведската дипломатија, Карл Билт.

„Мислам дека ќе треба силна посветеност на силните земји-членки и на институциите на Европската Унија за да се постигне компромис за името на Македонија. Без тоа, стратегијата на ЕУ за Балканот ризикува да доживее колапс“, напиша Билт на својот твитер-профил, споделувајќи текст на грчкиот весник „Катимерини“ за вчерашните протести во Атина.


При крај е Стратегија за намалување на смртноста кај новороденчињата, рече Филипче


Охрид, 20 јануари, 2018 - 15:36 (META) 

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска имаше работна средба со раководителите на здравствените институции во Охрид. Целта на посетата, рече тој, е да се запознае со работата на здравствените установи, преку разговор со нивните менаџерски тимови за проблемите во работењето и начините за нивно надминување.

– Во болницата „Свети Еразмо“ разговаравме за текот на реконструкцијата на објектот, како ќе продолжат градежните активности, како и за потребата на установата од соодветен кадар, едукација и доедукација, зголемување на квалитетот на услугите што се нудат и воведување нови – рече Филипче.

Најави дека градежните активности за реконструкција и изградба на објектот ќе продолжат, како и во насока на изнаоѓање најдобри можности тоа да се спроведе без да се попречува тековното работење на установата.

Филипче не кажа дали ќе се реализираат плановите што ги најави претходната раководна гарнитура во Министерството за префрлање на Заводот за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во рамки на комплексот „Свети Еразмо“.

Што се однесува на проблемот со високата смртност на новороденчиња регистриран минатата година, Филипче истакна дека во тек се интензиви разговори со лекарите во педијатриската служба, во службите за интензивна нега на клиниките за педијатрија и гинекологија така што, рече, во одмината фаза е изготвувањето на Стратегија за намалување на смртноста кај новороденчињата.

– Вклучени се и странски организации под капата на Обединетите нации кои нудат експертиза, а се формира и рамка за тренинг на кадарот за надминување на проблемот, како и планови за структурни промени во рамки на интензивната нега на гинеколошката клиника, во делот каде се лоцирани проблеми – рече министерот за здравство.

Најави и рамка за решавање на проблемот со набавката на инсулин, преку обезбедување поголеми количества и на тој начин елиминација на ризик од дефицит.


ИК на ВМРО-ДПМНЕ ќе прави „стратегии за спасување на државата“


Скопје, 16 јануари, 2018 - 11:43 (META) 

Новиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ на првата одржана седница ги разгледал актуелните состојби во државата и донел заклучок дека не постои сектор во кој што Македонија не назадува и дека „треба да се изготват соодветни стратегии со кои партијата ќе се спротивстави на уништувањето на земјата“.

На седницата, одржана вчера, Извршниот комитет на најголемата опозициска партија го осудил политичкиот прогон од страна на власта кој, како што се наведува во соопштението, преку правосудните органи се врши врз пратеници, уметници, полициски службеници и останати лица, а чија цел е „замолкнување на секаква критика и ширење на страв меѓу народот и сите кои мислат поинаку“.

На состанокот било заклучено и дека носењето на „неуставниот закон за двојазичност и ратификувањето на асиметричниот договор со Бугарија“ се доказ за штетните антидржавни политики на СДСМ кои ја редефинираат Република Македонија и нанесуваат штети на долг рок.

„Извршниот комитет на вчерашната седница ја анализираше и катастрофалната економска политика што ја води црното економско трио Заев, Анѓушев и Тевдовски, која земјава ја турка во банкрот. Нивната неспособност ја плаќаат граѓаните кои за само 15-тина дена, актуелната влада ги задолжи со над 570 милиони евра“, стои во соопштението.

„Додека Заев е на луксузно зимување во италијанските монденски ски-центри, а Шилегов во Загреб, Скопјани ги полнат клиниките како резултат на загадениот воздух“, велат од партијата.