Руско МНР: Балканските држави не треба да се тераат да брзаат кон ЕУ


Москва, 15 февруари, 2018 - 17:02 (META) 

Принципиелен став на Русија е дека најкомлицираните проблеми во регионот мора да ги решат самите балкански држави независно, без да се тераат да брзаат и да се ограничуваат само на формалните критеруми, или со други зборови – без никакво надворешно мешање.

„Ова се однесува на прашањата за границите, темата со именувањето на Македонија, и особено ситуацијата со Косово“, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова на денешната редовна прес-конференција, зборувајќи за Стратегијата на ЕК за Западен Балкан.

Захарова истакна дека Стартегијата на ЕК за Западен Балкан ја потврдува геополитичката цел на Унијата за понатамошно проширување и зајакување на нејзината улога во овој важен европски регион.

– Ние повеќе пати истакнавме дека Русија не се спротивставува на европската интеграција на Балканот, сè додека потенцијалните членки на ЕУ не мора да избираат помеѓу ЕУ и Русија – рече Захарова.


Османи очекува Македонија да се приклучи на колосекот за влез во ЕУ до 2025 година


Скопје, 5 февруари, 2018 - 11:00 (META) 

Стратегијата за проширување на Европската Унија е една од најважните иницијативи на Европската комисија за овој регион, истакна вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи на денешниот координативен работен појадок со амбасадорите и нивните претставници од земјите од Западен Балкан.

Средбата се одржува во пресрет на објавувањето на Стратегијата на Европската комисија, за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година.

„Стратегијата за проширување на ЕУ претставува една од најважните инцијативи на Европската комисија за овој регион, затоа што директно покажува дека Европската Унија го враќа фокусот на регионот, а процесот на проширување со земјите од Западниот Балкан е повторно високо на агендата на Унијата“, истакна Османи, додавајќи дека со овој документ, Комисијата го става процесот на проширување на цврсти шини, со прецизни рокови.

Османи рече оти очекува дека покрај Црна Гора и Србија, за кои е најавено да бидат наведени во Стратегијата како земји кои во моментов го предводат евроинтегративниот процес во регионот, во документот соодветно да бидат наведени и европските перспективи за Македонија и Албанија, кои би биле „охрабрени набргу да ги почнат преговорите за членство“, и со тоа, да се приклучат на истиот колосек за влез во Унијата до 2025 година.


Стратегијата за проширување на ЕУ ќе биде презентирана на 6 февруари


Стразбур, 22 јануари, 2018 - 12:09 (META) 

Стратегијата за проширување на Европската Унија наречена „Уверлива перспектива за проширување на земјите од Западен Балкан“ ќе биде презентирана на 6 февруари за време на пленарната сесија на Европскиот парламент во Стразбур.

Како што објави порталот „Еуропијан Вестерн Балканс“, колеџот на Европската комисија со кој ќе претседава претседателот на Комисијата Жан Клод Јункер ќе заседава утрото во Стразбург и до пладне ќе го усвои финалниот текст на Стратегијата.

Еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, предвидено е во 15 часот да ја презентира Стратегијата за проширување пред членовите на Европскиот парламент.

Според информации од медиуми кои имале пристап до Стратегијата, документот ќе вклучува општи насоки за побрз процес на интеграција на сите земји од регионот со поконкретни датуми за проценка на Црна Гора и Србија.

Согласно временската рамка на Европската комисија, 2019 ќе биде суштинска година за земјите од Западниот Балкан. Се очекува таа година да биде потпишан документ за „целосна нормализација на односите“ меѓу Србија и Косово, додека Македонија и Албанија треба да ги отпочнат пристапните преговори со Брисел, а Босна и Херцеговина да добие статус на земја кандидат за членство во ЕУ.