!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Труење или стомачен вирус испрати гости на струшки хотел в болница


Струга, 17 јули, 2017 - 15:23 (META) 

Гостин на хотелот „Изгрев“ на струшкото крајбрежје се пожали на „Мета“ дека попладнето во саботата, откако претходно појадувале во хотелот, тој и неговото семејство почнале да чувствуваат мачнина, а потоа почнале и да повраќаат, поради што побарале лекарска помош во Општата болница во Струга, каде разбрале дека имало и други туристи од хотелот „Изгрев“ со исти симптоми. Гостинот се сомнева дека во прашање е труење со храна. Но, како што дознаваме, причините би можеле да бидат и други, односно можно е и да станува збор за стомачен вирус, бидејќи во последниот период во Охридско-струшкиот Регион се забележани позначителен број вакви случаи.

Од Општата болница во Струга велат дека во текот на викендот примиле тројца странски државјани со симптоми што може да значат и труење, но и друго, на пример, стомачен вирус. Како што велат, за причините за симптомите, засега не можат да се изјаснат. Напоменуваат дека пациентите се соодветно третирани според симптомите.

Од хотелот „Изгрев“ ни рекоа дека и кујната и целиот хотел ги исполнуваат сите стандарди и дека секогаш се подготвени за соработка со властите доколку нешто треба да се утврдува. Сепак, и оттаму ни посочија дека е можно да станува збор за состојба поврзана со неприлагоденост на организмот на некои туристи кои доаѓаат од климатски постудени подрачја или, пак, за стомачен вирус. Велат и дека е можно, ако навистина станува збор за труење со храна, да е во прашање храна што туристите ја консумирале на друго место.

– Кај нас минатата недела санитарна инспекција изврши редовен надзор, ни провери сè и сè беше в ред. Имаме записник од тоа, сè е како што треба. Некои од луѓето пред да дојдат кај нас имаат поминато и во неколку други хотели. Ние имаме персонал 200 луѓе, а повеќе од 1.000 луѓе се во хотелот и нема други такви проблеми. Овие појави се можни затоа што минатата недела температурата на воздухот беше премногу висока, па се појавуваат стомачни вируси. Болниците во Охрид и во Струга се полни поради тие стомачни вируси, тоа е јавна тајна… Ние правиме сè што се бара, работиме законски, а нашата кујна работи по сите светски стандарди – изјави за „Мета“ Илија Џајковски од хотелот „Изгрев“.

За проверка со состојбата со стомачните вируси се јавивме и на инфективното одделение во Општа болница Охрид, каде началникот, д-р Лидија Љаткоска, појасни дека и кај нив викендот се примени и странци и македонски граѓани со симптоми на гастроентеритис. Вели дека бројката на вакви случаи, иако повисока од другите периоди на годината, е сепак во рамките на очекуваното за туристичката сезона, односно во последните десетина дена немало нагло зголемување на бројката на пациенти примени со симптоми на повраќање и со висока температура.


„ТУИ Холандија“ со уште еден чартер-лет кон Охрид


Охрид, 8 април, 2017 - 15:50 (META) 

Тур-операторот „ТУИ Холандија“ оваа година ќе воведе уште еден чартер-лет до Охрид, така што ќе има пет лета неделно, најави директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на турзимот на Република Македонија, Лела Крстевска.

И покрај политичката нестабилност во земјата, од Агенцијата уверуваат дека тоа немало негативен одраз во побарувачката. Напротив, како што додаваат, според најавите на странските тур-оператори, заклучно со минатиот месец, имало зголемување од 32 проценти на вкупните резервации за престојната летна сезона. Во Агенцијата сметаат дека кај странските туристи позитивно влијаат субвенциите за поддршка на трузимот. Процесот е почнат, а наредните денови треба да се извршат плаќањата.

Неодамна на саемот за туризам во Москва, за руските туристи, се покажало дека субвенциите се особено привлечни, така што веќе биле склучени аранжмани, годинава кај нас да престојуваат до 10.000 гости од Руската Федерација.

– Странците сакаат да го видат тоа што претежно не можат да го видат во своите земји. Руските туристи кои доаѓаат, а очекуваме годинава сè повеќе да пристигнуваат, сакаат да ги видат обележјата од христијанството, односно споменици на културата и културно наследство од тој период. Младите најмногу се заинтересирани за авантуристичкиот туризам – оценува, директорката на Агенцијата за промоција и за поддршка на турзимот, Лела Крстевска.


Благ пораст на туризмот во минатата година


Скопје, 18 јануари, 2017 - 9:58 (META) 

Минатата година, заклучно со ноември, бројот на туристите што престојувале во земјава бил зголемен за 5 отсто, споредено со истиот период од претходната 2015 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Кај домашните туристи зголемувањето е за 5,3 отсто, а кај странските за 4,8 отсто.

Во истиот период, бројот на ноќевања е зголемен за 2,7 отсто кај домашните, односно за 3,9 отсто кај странските туристи.

Бројот на туристите, само за ноември 2016 година, изнесува 44.162, а бројот на ноќевањата 97.980, покажуваат податоците на ДЗС.

Во однос на истиот месец од 2015 година, зголемувањето е 5,7 отсто кај посетеноста, односно 3,4 отсто кај ноќевањата.

Лани во ноември, во земјава престојувале за 5,3 отсто повеќе странски туристи.

Бројот на ноќевањата на домашните туристи во ноември 2016 година е зголемен за 7 отсто, а кај странските за 0,1 отсто.


Се зголемил бројот на странски туристи во Бугарија, најбројни се Македонците


Софија, 28 ноември, 2016 - 14:31 (META) 

Бројот на странски туристи во Бугарија се зголемил во октомври годинава во споредба со минатата година, а 20 отсто од нив дошле од Македонија, јави дописникот на „Мета“ од Софија, повикувајќи се на податоци од бугарскиот Национален институт за статистика.

Истовремено, зголемен е бројот на бугарските државјани што ја посетиле Македонија, кој во октомври годинава бил за 37,4 отсто поголем во споредба со истиот период минатата година.

Вкупно 242.500 странци ја избрале и ја посетиле Бугарија минатиот месец за одмор и за рекреација, од кои околу 50.000 се од Македонија. Како што се наведува во извештајот од бугарскиот Национален институт за статистика, бројот на странските туристи во октомври е највисок во последните десет години. Од институтот наведуваат дека годинешниот пораст од 18,7 отсто се должи на зголемениот интерес на граѓаните од соседните земји.