!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев вети државна помош за компаниите што остваруваат добри резултати


Скопје, 13 септември, 2017 - 13:00 (META) 

Премиерот Зоран Заев на денешната средба со бизнисмените од македонско-германското стопанско здружение најави нови мерки од страна на Владата за поддршка на странските компании.

Тој рече дека компаниите ќе бидат поддржани доколку остварат одреден економски пораст на крајот на годината и дека поддршката ќе зависи од ефикасноста во нивното работење. Заев посочи дека оваа поддршка компаниите можат да ја искористат за нови инвестиции и за зголемување на извозот.

Премиерот упати апел до бизнисмените повеќе да ги користат македонските компании како доставувачи бидејќи и од тоа ќе зависи поддршката на Владата. Но, додаде тој, тоа нема да биде на присилен начин, туку по природен пат со тоа што Владата ќе им помогне и на домашните компании да го подобрат квалитетот во нивното работење и да одговорат на потребите на инвеститорите.

– Оваа влада продолжува со политиката на создавање услови за привлекување странски инвестиции. Сметајте на нас како партнери и на нашата поддршка, бидејќи ние сме тука за да ги решаваме вашите проблеми – изјави Заев.

Бизнисмените од германската стопанска комора ја изразија потребата од стручно образование и најавија дека на 27 септември ќе почнат проект со македонските институции преку кој ќе донесат обучувачи во претпријатијата за да можат да го обучуваат идниот стручен кадар.

Премиерот Заев најави дека Владата утре ќе го соопшти пакетот мерки предвиден за домашните и за странски компании.


Анѓушев – Коблер: Странските инвеститори ќе имаат отворен партнер во Владата


Скопје, 6 јули, 2017 - 13:14 (META) 

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, денеска се сретна со амбасадорката на Република Австрија, Ренате Коблер, со која разговарал за инвестициите на компаниите од Австрија, која е втора земја во поглед на обемот на инвестиции.

– Инвеститорите од странство, вклучително и оние од Република Австрија, ќе имаат искрен и отворен партнер во Владата. Странските компании кои веќе имаат инвестирано во земјата треба да се чувствуваат слободни да продолжат со своите развојни активности. Владата ќе продолжи да привлекува и нови инвеститори, а преку поддршка на домашните компании, ќе гледаме соработката помеѓу домашните и странските компании да ја подигнеме на повисоко ниво, со што добробит ќе имаат и компаниите, но и економијата на земјата – изјавил Анѓушев.

Како што информираат од кабинетот на вицепремиерот, Анѓушев и Коблер заклучиле дека економската соработка ќе продолжи да се развива и во иднина и дека се очекуваат уште подобри економски резултати.


Странски инвеститори: Потребна е поголема соработка со домашните компании


Скопје, 25 јануари, 2016 - 12:23 (META) 

Унапредување на соработката меѓу домашните и странските компании е главната цел на Советот на странски инвеститори за 2016 година. За таа цел, ќе се формира база на податоци за домашните компании, за тоа кој тип производи и услуги можат да ги понудат на странските компании.

– Домашните компании мора да го зголемат квалитетот на услугите и на производите кои треба да им ги испорачаат на странските компании. На тој начин може да се придонесе за зголемување на вработеноста, извозот, додадената вредност, подигнување на квалификациите и на стандардите на работењето. Доколку е потребно, компаниите, исто така, треба да ги адаптираат своите производствени капацитети за задоволување на потребите за испорака на странските компании– изјави потпретседателката на Советот на странски инвеститори, Ирена Јакимовска.

Според неа, доколку се постигнат соодветниот квалитет и цена, многу е подобро кога странските компании би ги набавувале услугите и полупроизводите од земјата во која инвестираат.


Иран: Со нови договори за експлоатација на нафта до инвестиции од 30 милијарди долари


Техеран, 29 ноември, 2015 - 17:43 (META) 

Иран ги менува условите и начинот на склучување договори со странските енергетски компании, заинтересирани за иранските нафта и гас, во обид да привлече нови инвестиции во висина од околу 30 милијарди американски долари, јавуваат светските медиуми.

Како што пренесува „Би-Би-Си“, условите во новите договори за експлоатација на нафта ќе бидат многу поповолни за странските инвеститори на кои ќе им биде овозможен поголем удел во профитите на долг рок.

Иран е една од земјите со најголеми резерви на нафта и на природен гас во светот.

Новите договори, пишуваат медиумите, се резултат на укинувањето на долгогодишните санкции што му беа наметнати на Иран, што дојде по постигнувањето на договорот за нуклеарната програма меѓу земјата и шесте светски сили – САД, Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина.

Новите договори биле објавени на конференција во Техеран, на која присуствувале претставници на водечките светски енергетски компании, вклучувајќи ги „Бритиш петролеум“, „Шел“, „Тотал“, „Статоил“ и „Синопек“.

На конференцијата не биле присутни компаниите од САД.