!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Анѓушев: Промената на даночната политика ќе биде во прилог на граѓаните и на стопанството


Скопје, 25 октомври, 2017 - 15:34 (META) 

Kаква било промена на даночната политика ќе биде во прилог на граѓаните и на стопанството на Македонија, одговори на новинарско прашање вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, на отворањето на саемот „Технома“.

– Измената на даноците нема да се случи без поширока расправа и за неа и медиумите и граѓаните и стопанствениците ќе бидат навремено информирани – појасни вицепремиерот Анѓушев.

Од Министерство за финансии соопштуваат дека „стапката на данокот на додадена вредност нема да се менува и такво нешто не е предвидено ниту во програмата на Владата“.

„До крајот на годината ќе се отвори јавна дебата за евентуално воведување на прогресивна стапка на персоналниот данок на доход. Сите промени ќе се носат транспарентно и со вклученост на јавноста“, се вели во соопштението на Министерство за финансии.


Европскиот стандард ќе го достигнеме за 30 години ако БДП има пораст од 4 процнети


Скопје, 13 септември, 2017 - 14:24 (META) 

Македонските граѓани ќе го достигнат европскиот стандард на живот за 30 години доколку во наредните години домашниот бруто-производ (БДП) има пораст од 4 проценти, а порастот на БДП во ЕУ е 2 проценти.

Ова го покажува најновата студија на Владимир Глигоров од Виенскиот институт, која денеска беше презентирана во „Холидеј ин“. На презентацијата, меѓу другите, присуствуваа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и претставници од Стопанска комора на Македонија.

Глигоров смета дека за пораст на економијата во Македонија најважна е поддршката на домашните компании, кои своите производи треба да ги пласираат на странските пазари. Тој препорачува да се вложува во иновативни проекти, во научно-технолошки процеси и да се спроведат активни мерки за вработување.

– Странските инвестиции и технологијата се добредојдени, но земјата мора да има сопствен претприемнички потенцијал – изјави Глигоров.

Премиерот Зоран Заев изјави дека е убеден дека поддршката на домашното стопанство и странските инвестиции се најважната спирала на порастот на економијата и на развојот на среден и на долг рок.

– Убеден сум дека не мора да чекаме да дојдеме до 90 проценти од она што е просекот на Европа. Еве, со 4 проценти пораст тоа се постигнува. Целта на Владата е економскиот пораст да се зголеми на 5 проценти од домашниот бруто-производ – додаде Заев.


СДСМ: Богов ги потврди катастрофалните економски политики на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 25 мај, 2017 - 17:51 (META) 

„Денеска, дури и гувернерот на Народна банка, Димитар Богов кој во досегашниот мандат молчеливо се однесуваше кон политиките на владите предводени од ВМРО-ДПМНЕ, со ревидирањето на стапката на економски пораст на 2,5 проценти ги потврди катастрофалните економски пoтези на досегашната власт кои што ја уништуваат економијата“, се вели во соопштението на СДСМ по повод намалување на проекцијата за економски пораст од 3,5 на 2,5 проценти од страна на НБРМ.

Од СДСМ велат дека „новите економски политики на реформската влада ќе започнат да се спроведуваат набргу.“

„Преку низа мерки, меѓу кои зголемување на минималната плата и преку поддршка на стопанството, ќе започне заздравувањето на уништената економија. Политичката криза во Македонија завршува, граѓаните набргу ќе добијат нова и одговорна влада која што ќе спроведува одговорни економски политики кои ќе придонесат кон економски пораст од кој бенефит ќе почувствуваат сите и граѓаните, и стопанството“, се додава во соопштението.


ССК го предлага Александар Зарков за вицепремиер за економски прашања


Скопје, 22 мај, 2017 - 15:24 (META) 

Извршниот директор на Сојузот на стопански комори (ССК), Александар Зарков е предлогот од оваа комора за вицепремиер за економски прашања.

Во нивното соопштение се вели дека на седницата на комората биле истакнати повеќе кандидати, а како најдобар кандидат бил посочен Александар Зарков.

„Александар Зарков во моментов е носител на функцијата извршен директор на ССК и ги исполнува сите истакнати критериуми за застапување на приватниот сектор како вицепремиер за економски прашања со повеќе годишно искуство во сите сектори. Вицепремиерот предложен од бизнис заедницата ќе претставува клучна алка помеѓу приватниот сектор и институциите, ќе обезбедува дополнителна стабилност и ќе спроведува мерки за подобрување на условите за раст и развој на приватниот сектор“ велат од ССК.

Свој кандидат за вицепремиер за економски прашања предложи и Стопанска комора на Северозападна Македонија, а тоа е претседателот на комората Неби Хоџа.

Се чека со свој предлог да излезе и Стопанската комора на Македонија. Се спомнува името на бизнисменот Кочо Анѓушев, но нема официјална потврда.


Македонските факултети продуцираат кадри кои не можат да најдат работа


Штип, 8 февруари, 2017 - 17:59 (META) 

Македонските факултети продуцираат кадри кои не можат да најдат работа или по завршувањето на студиите мораат да се преквалификуваат.

Ова меѓудругото се вели во анализата на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, каде што последните години 500 студенти станале стипендисти на неколку поголеми компании со кои соработува универзитетот.

– Дипломираните студенти ретко завршуват во струката за која студирале и најчесто работат нешто друго, за што им треба дополнително остручување. Тоа значи дека или наставните програми не се прилагодени на потребите на стопанството или при креирањето на образовната политика се нема предвид потребата на стопанството – се вели во анализата.

Студентите и професорите на штипскиот универзитет денеска слушнаа за искуствата на една од најбрзорастечките европски економии, Северна Ирска.

Една од заслугите на тој брз економски пораст е блиската соработка на универзитетите со компаниите и редовното прилагодување на образованието кон потребите на стопанството.

– Кај нас од одамна доста успешно работат т.н. секторски мешовити групи, составени од претставници на универзитетите, компаниите и претставници од локалните, регионални или државни владини институции, со единствена цел – она што се учи на универзитетот да се примени во практика. Најмногу интерес за ваква меѓусебна соработка на стопанството и на високообразовните институции, засега има во ИТ-секторот, прехранбената индустрија и производството на здрава природна храна – објасни заменик-министерката за вработување и за образование на Северна Ирска, Хедер Казанс.

Денеска во Штип беше промовиран проект, кој има цел да овозможи поблиска соработка меѓу универзитетите, училиштата, компаниите и другите институции.

Крајната цел е да се создадат наставни програми што ќе им помогнат на дипломците бргу да бидат апсорбирани од компаниите.


Германските компании во Македонија вработуваат 20.000 лица


Скопје, 27 јануари, 2017 - 14:27 (META) 

Претставништвото на германските комори во Македонија по 17-годишно дејствување во земјата прерасна во делегација, што претставува значајно унапредување на канцеларијата во германскиот систем на комори.

Од комората информираат дека одлуката била донесена во Берлин, каде што детално била оценета работата на претставништвото на германските комори во Македонија во изминатите години.

– Во 2000 година, кога беше отворено претставништвото, во земјата работеа 15 германски компании во форма на трговски претставништва, во меѓувреме оваа бројка се зголеми за десет пати, но исто така во изминатите години се зголеми и бројот на директни германски инвестиции – се вели во соопштението на Германска комора.

Делегацијата на германското стопанство во Македонија доби и нов директор, Патрик Мартенс, кој ја презеде функцијата од досегашниот директор Мартин Кнап. Кнап ја раководеше канцеларија во Македонија од Белград, а сега првпат Берлин испраќа директор кој ќе биде надлежен за Македонија и ќе ја извршува својата функција во Скопје.

Делегацијата на германското стопанство во Македонија оваа година ќе добие и експерт задолжен за дуално образование, кој ќе го пренесе германското искуство во образовниот систем во Македонија.

Германските компании кои се присутни на македонскиот пазар денес вработуваат околу 20.000 лица. Трговската размена помеѓу Македонија и Германија во 2015 изнесувала 2,5 милијарди евра, а со тоа Германија и понатаму останува најважниот трговски партнер на Македонија.


Министерство за финансии: Сумата што неделава се враќа во стопанството е 31 милион евра


Скопје, 18 октомври, 2016 - 16:47 (META) 

„Сумата што Министерството за финансии ја враќа во стопанството неделава врз основа на државни хартии од вредност изнесува 1,915 милијарди денари. На денешната аукција запишани се 1,959 милијарди денари, иако дополнителниот заменик-министер за финансии Наумов во своето соопштение до јавноста вчера тврдеше дека таа сума е за 17 пати повисока од сумата што се враќа во стопанството“, се вели во реакцијата на Министерство за финансии на соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Во него, исто така, се додава дека дополнителниот заменик-министер е запознаен дека доколку поради поголема побарувачка на државните хартии од вредност на пазарот на капитал – кои се најсигурни хартии од вредност и за кои има голем интерес, се запише поголема сума од доспеаната за враќање, истите ќе се стават на депозитната страна за следната година.


Наумов: Државата да се откаже од сите задолжувања


Скопје, 13 септември, 2016 - 14:05 (META) 

Денешното соопштение од Министерството за финансии дека, наводно, се откажале од ново задолжување, е срамен и неуспешен обид да се прикаже наводна грижа за стопанството. Вистината е дека денешната аукција на државни хартии не е откажана, туку во наредниот период од седум дена до наредната предвидена аукција не доспеваат долгови за враќање кон домашните кредитори“, се вели во реакцијата на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Во соопштението од кабинетот на Наумов се додава дека во септември врз основа на домашно задолжување долгови за враќање доспеваат на 7, 21 и на 29 септември, а предвидени се уште аукции за задолжување на 20 и на 27 септември.

„Долгот што доспеваше на 7 септември во месецот се врати со средствата од аукцијата одржана еден ден претходно, со која дополнително јавниот долг се зголеми за нови пет милиони евра. Повторно се прави обид за манипулација со наводно намалување на домашно задолжување кон нула. Во согласност со официјалните податоци, домашното задолжување заклучно со месец август изнесува повеќе од 79 милијарди денари,“ се вели во соопштението на Наумов.

Од кабинетот на дополнителниот заменик-министер за финанасии, исто така, велат дека „вистински потег и грижа за стопанството и за економијата е да не се одржат аукциите предвидени во календарот заклучно со 31 октомври.

„На тој начин долгот кон домашните кредитори ќе се намали за 114 милиони евра, средства што вистински ќе можат да се искористат за придвижување на македонската економија и за подобрување на нејзината ликвидност,“ се додава во соопштението.


Македонски компании ќе учествуваат на Саемот за храна во Москва


Скопје, 9 септември, 2016 - 13:27 (META) 

Седумнаесет македонски компании ќе учествуваат на големата саемска манифестација „Мир питание 2016“ (World food 2016) во Москва, од 12 до 15 септември 2016 година.

Македонските производители и преработувачи на свежо овошје и зеленчук ќе имаат национален штанд кој ќе се простира на површина од 110 квадратни метри.

– Се зголемува побарувачката за македонските земјоделски производи од страна на руските компании. Во изминатиот период зголемен е и бројот на пратките и количествата што се пласирани на овој голем пазар – истакна директорот на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев.

Во првите седум месеци од годинава, Македонија и Руската Федерација оствариле меѓусебна трговска размена од 92,9 милиони долари, што во споредба со минатогодишните 127,2 милиони долари во истиот период е опаѓање за дури 27 отсто.

Но, структурата на размената во овој период покажува позитивни тенденции за македонското стопанство. До крајот на јули годинава, Македонија го зголемила извозот во Руската Федерација за 48,9 отсто, а увозот го намалила за 39,1 отсто во споредба со истиот период од 2015 година.

На рускиот пазар во овој период се пласирани стоки во вредност од 26 милиони долари (лани 17,5 милиони долари), а од таму се увезени производи за 66,8 милиони долари (лани 109,7 милиони долари).

Ваквиот обем на тргување со големиот руски пазар придонел трговскиот дефицит на Македонија со Руската Федерација да биде повеќе од преполовен и до крајот на јули да достигне 40,7 милиони долари. Лани во овој период Македонија имала негатива во размената со Руската Федерација од 91,4 милиони долари.

Покрај тоа што учеството на саемот компаниите ќе го искористат за интензивни контакти со руските партнери, се очекуваат и бројни деловни средби со претставници на руската комора и со официјалните лица на руската администрација.


СДСМ: Миноски лаже дека задолжувањето на домашниот пазар се ближи кон „нула“


Скопје, 29 јули, 2016 - 12:34 (META) 

Министерот за финансии, Кирил Миноски, и неговите соработници ги лажат граѓаните преку официјалната интернет-страница на министерството, дека бил вратен долг кон стопанството и дека задолжувањето на домашниот пазар се приближило кон „нула“, обвини денеска СДСМ.

Но, според податоци јавно објавени на друг дел од веб-страницата на Министерството за финансии, велат од СДСМ, јасно се гледа движењето на задолжувањата на оваа власт, по месеци, и вкупниот долг на домашниот пазар.

„Во јуни 2016 година, како што може да се види од извадокот во прилог, задолжувањето на земјава на домашниот пазар не само што не е „нула“ туку изнесува милијарди денари, односно 79.793.960.000 денари или 1 милијарда и 300 милиони евра! Миноски и соработниците не смеат да ги лажат граѓаните преку официјална веб-страница на Министерството за финансии, кое не е приватна сопственост на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ, туку е државна институција! За тоа се одговара!
Миноски веќе направи кривично дело со тоа учествуваше во незаконското задолжување на граѓаните од 450 милиони евра преку еврообврзницата, за што ќе одговара“, стои во соопштението на СДСМ.

grafikon MF zadolzhuvanje po meseci

Инаку, Министерството за финансии соопшти дека вратило 1,126 милијарди денари или 18,3 милиони евра во стопанството врз основа на издадени и на доспеани за отплата државни записи.

„Со ова Министерството ја реализира најавата и ја исполнува определбата за намалување на повлекувањата на средства од домашен пазар. Ваквата стратегија треба да остави повеќе ликвидни средства во стопанството, што би придонело за зголемено кредитирање на корпоративниот сектор и со тоа раздвижување на економијата. Во изминативе два месеци се откажани дури три предвидени аукции на државниот пазар. Нето-задолжувањето по однос на државни записи се приближува кон нула“, стои во соопштението на Министерството за финансии.