Балканот ќе преговара за признавање на дипломите на лекарите, инженерите, архитектите…


Сараево, 7 мај, 2018 - 17:34 (META) 

Земјите од Западен Балкан наскоро треба да започнат преговори за заедничко признавање на стручните квалификации на докторите по медицина, стоматолозите, архитектите и инженерите, соопшти денеска Регионалниот совет за соработка (РСС).

Претставници на шест земји од регионот на денешниот состанок во Сараево во седиштето на РСС ја потврдија препораката, која всушност беше барање во Агендата за мобилност во рамките на повеќегодишниот акциски план за изградба на Регионален економски простор, што беше усвоен во Трст минатата година од премиерите на шесте земји од Балканот.

Крајната цел на препорачаните преговори е да се склучи спогодба за меѓусебно признавање на стручните квалификации, а со тоа би се постигнало поедноставување на добивањето дозволи за занимавање со одредена професија во земјите во регионот, изјави претставникот на РСС, Вања Урошевиќ.

Владите на шесте земји сега треба да оформат преговарачки тимови како и главен преговарач и негов заменик, со цел целиот процес да заврши до крајот на 2019 година. Покрај ова, работната група им препорача на владите да направат и заедничка база на податоци за мобилноста на стручните лица која би била компатибилна со базата на податоци на ниво на Европската Унија.


Се зголемува капитацискиот бод за стоматолозите од 35 на 40 денари


Скопје, 10 декември, 2015 - 13:25 (META) 

Фондот за здравство ќе го зголеми капитацискиот бод за стоматолозите од 35 на 40 денари, односно за 14 проценти, од 1 јануари 2016 година.

Средствата се обезбедени од буџетот на Фондот за 2016 година, а фискалната импликација во делот на зголемување на капитацијата за стоматолози ќе биде 75,3 милиони денари годишно.

– Фондот за здравствено осигурување издвојува значителни средства за дејноста стоматологија и за тоа во буџетот за 2015 година беа предвидени и ќе бидат исплатени 524 милиони денари. Со зголемувањето од 2016 година за 75,3 милиони денари, Фондот ќе исплаќа 599,3 милиони денари годишно за матичните стоматолози – информираат од Фондот.

Добробит од оваа мерка ќе почувствуваат 1.146 тимови на стоматолози што работат во 963 ординации со кои Фондот има склучено договор во 2015 година.