!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Стапката на пораст на БДП во третото тримесечје изнесува само 0,2 проценти


Скопје, 7 декември, 2017 - 15:04 (META) 

Стапката на пораст на домашниот бруто-производ (БДП) за третото тримесечје од годината изнесува 0,2 проценти. Во овој период, најголем пораст е забележан во секторите трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање и друго.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2017 година номинално се зголемува за 5 проценти, а нејзиното учество во структурата на БДП изнесува 65,5 проценти.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 9,8 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 5 проценти.


Извозот и увозот во првите два месеци се зголемени во однос на лани


Скопје, 4 април, 2017 - 12:58 (META) 

Извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари-февруари 2017 година, изнесува 747.106.000 долари и бележи пораст од 7,2 проценти во однос на истиот период лани, објави Државниот завод за статистика.

Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 1.014.149.000 долари што е за 10,8 проценти повеќе во споредба првите два месеци лани.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари- февруари 2017 година, изнесува 267.043.000 долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, нафтените и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури и електричната енергија.

Во периодот јануари-февруари 2017 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија, и Бугарија.


Германија со рекорден трговски суфицит во 2016 година


Берлин, 9 февруари, 2017 - 19:59 (META) 

Извозот на стоки на Германија минатата година се зголемил на рекордно ниво благодарение на зголемената побарувачка од земјите на Европската Унија, што придонело за зголемување на трговскиот суфицит на земјата на рекордно ниво од 252,9 милијарди евра, соопшти денеска германската сојузна канцеларија за статистика, јавуваат светските агенции.

Минатата година најголемата европска економија извезла стоки во вредност од 1.207,5 милијарди евра, односно за 1,2 отсто повеќе во споредба со 2015 година, додека увозот изнесувал 956,6 милијарди евра, што е зголемување од 0,6 отсто во споредба со претходната година.

Во 2015 година надворешниот трговски суфицит на Германија изнесувал 244,3 милијарди евра.

Минатата година, според статиските, најмногу се зголемил извозот на Германија за Европа, со пораст на продажбата на стоки во земјите од еврозоната за 1,8 отсто и за 2,8 отсто во другите европски земји.

Извозот во другите, неевропски земји, вклучувајќи ги и САД, кои се и први комерцијални партнери на Германија, лани бележи незначителен пад од 0,2 отсто, односно изнесувал 499,6 милијарди евра.


Одбележани 10 години од потпишувањето на договорот за слободна трговија ЦЕФТА


Скопје, 5 октомври, 2016 - 14:45 (META) 

Во рамките на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) досега е постигната целосна либерализација во трговијата со земјоделски производи, се финализира процесот на преговори за олеснувања во трговијата, а во завршна фаза се преговорите за поширока либерализација на трговијата со услуги.

Ова денеска го истакна министерот за економија, Дритон Кучи, на одбележување на десетгодишнината од ЦЕФТА.

Основата на договорот е олеснување на процесите за пристапување на земјите потписнички на ЦЕФТА кон Европската Унија, нивно успешно интегрирање, како и интензивирање на трговијата на пазарите со земјите на ЕУ.


Два проценти пораст на БДП во првото тримесечје годинава


Скопје, 10 јуни, 2016 - 13:31 (META) 

Стапката на пораст на домашниот бруто-производ (БДП) за првото тримесечје од 2016 година изнесува 2 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Во првото тримесечје од годинава, најголем пораст е забележан во секторите финансиски дејности и дејности на осигурување од 13,3 проценти, стручни, научни и технички дејности, административни и помошни услужни дејности од 11,7 проценти и градежништво од 7,7 проценти.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во првото тримесечје од 2016 година, номинално се зголеммила за 3,2 проценти, а нејзиното учество во структурата на домашниот бруто-производ изнесува 64,3 проценти.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 12,6 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 7,4 проценти.


Извозот до октомври помал за околу 400 милиони долари во однос на истиот период лани


Скопје, 4 декември, 2015 - 13:36 (META) 

Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари-октомври 2015 година, изнесува  3.727.580.000 долари, што е за 415.181.000 долари помалку од истиот период лани, кога изнесувал  4.142.761.000 долари.

Вкупната вредност на увозот на стоки, во периодот јануари-октомври 2015 година, изнесува 5.253.133.000 долари. Увозот во истиот период лани изнесувал 6.087.648.000 долари, што укажува на намалување од 834.515.000 долари.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-октомври 2015 година, изнесува 1.525.553.000 долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-октомври 2015 година, е 71 процент.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и од челик (валани производи).

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.