Ќе се унапредува соработката со Косово, во борбата против корупцијата и тероризмот


Скопје, 7 ноември, 2018 - 17:03 (META) 

Националните координатори за гранично управување на Македонија и на Косово, Владимир Пивоваров и Иса Џемајлај, денеска во Владата потпишаа Меморандум за соработка меѓу Координативните центри за гранично управување на двете земји.

На овој начин ќе се обзбеди побрз проток на патници и стоки и зголемена соработка во борбата против корупцијата и против тероризмот.

– Со брзата размена на информациите, се надеваме дека во иднина ќе ги надминеме досегашните проблеми, пред сè во побрзиот проток на патници и стоки, со што на граѓаните, а особено на бизнис заедницата од Македонија и од Косово ќе им се овозможи поголем промет, односно поголем профит – изјави Пивоваров.

Џемајлај рече дека потпишувањето на овој Меморандум е резултат на исклучително добрата билатерална соработка помеѓу двете земји.

– Со Меморандумот ќе ја унапредиме соработката меѓу Македонија и Косово особено во областа на борбата со меѓународниот криминал, што ќе биде од помош за граѓаните на двете земји- подвлече Џемајлај.


Македонската економија заложник на запустената железница (инфографик)


Скопје, 11 октомври, 2018 - 14:54 (META) 

Измина една недела откако „Македонски железници Транспорт“ информира дека поради појавени деформации на бетонскиот мост кој се наоѓа помеѓу станицата Градско и крстосницата Кукуричани, патниот правец Велес – Гевгелија е прекинат за сообраќај. Додека се санираше дефектот целосно беше стопиран товарниот транспорт кон Солунското пристаниште поради што македонските компании трпат огромни штети бидејќи се оневозможени производите да ги транспортираат до своите купувачи во странство.

Овој случај го илустрира недостигот од инвестиции во нова и во обнова на постоечкаата железничка инфраструктура, што го потврдуваат и статистичките бројки кои покажуваат дека со децении наназад не е изграден ниту еден километар железничка пруга.

На овој проблем укажаа од Стопанската комора на Македонија од каде што изразија надеж за брза санација на дефектот и овозможување непречен транспорт кон солунското пристаниште.

– Има ли крај на маките на „Македонски железници“, а со тоа и на македонската економија?Зошто е толку важна оваа железничка делница? Затоа што е единствената железничка точка за поврзување со солунското пристаниште, кое претставува главна транзитна дестинација за македонскиот извоз – вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Оттаму објаснуваат дека низ пристаништето во 2017 година поминале 3.569.045 тони стока, од кои повеќе од една четвртина е стока наменета за увоз и извоз во Република Македонија.

-Бројот на контејнери изработени во пристаништето во Солун е 401.947, од кои за Македонија се наменети приближно 7 отсто. Овие бројки неспорно говорат за стратешката позиција на ова пристаниште, како традиционално најискористена морска меѓународна врата преку која се реализираат меѓународните зделки. Во изминатите години, особено соочени со проблемите на блокадите и штрајковите кои го оневозможуваа користењето на пристаништето, македонското стопанство се обидуваше да изнајде и други опции (Бургас и Варна во Бугарија, Драч во Албанија, Бар во Црна Гора), но сите инфраструктурни, технички и економски аспекти сé уште ги прават овие опции помалку исплатливи алтернативи. Секој ден од прекинот на можностите за користење на солунското пристаниште, за македонското стопанство се мери во илјадници евра загуби – вели Азески.

Впечаток е дека поради несоодветните државни политики и слабата реализиција на капиталните инвестиции во железницата, Македонија и понатаму останува една од ретките земји во светот која нема железничко поврзување со две соседни земји(Албанија и Бугарија) и покрај тоа што различни владејачки гарнитури ветувале изградба на пруги во овие две насоки.


Откупот и продажбата на земјоделски производи намалени во однос на лани


Скопје, 16 август, 2018 - 10:27 (META) 

Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2018 година, откупот и продажбата на земјоделски производи се намалени за 4,4% во однос на истиот период од претходната година.

Позитивна промена има кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители, каде е забележано зголемување за 14%, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство е забележано намалување за 16,5% во однос на лани.

Зголемувањето на откупот и продажбата на земјоделски производи има кај индустриските растенија, овошјето, добитокот, живината и јајцата и млекото, а намалување е забележано кај житата, градинарските растенија, фуражните растенија, алкохолните пијалаци, млечните производи и рибата.

Вредноста на откупот и продажбата на земјоделски производи покажува намалување во април и мај, во однос на истите два месеци во 2017 година, додека во јуни е забележано зголемување на вредноста на откупот и продажбата на земјоделски производи.


Град Скопје трајно ја воведе забраната за запирање возила за доставување на стока


Скопје, 19 март, 2018 - 14:40 (META) 

Советот на Град Скопје на денешната осма седница усвои, времената одлука за забрана за запирање на возилата за доставување стока во централното градско подрачје во периодот од 7.30 до 18 часот да стане трајна.

Лани во декември, Советот на Град Скопје ја донесе времената одлука за забрана на застанување на возилата при дотур на роба во централното градско подрачје во периодот од 7.30 до 18 часот која имаше важност до 31 март.

Оваа одлука беше донесена како една од мерките со цел намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје, а истата беше предвидена и со „Препораките на Интервентната акциска група за итните мерки против загадување на воздухот“ донесена на ден 15 декември 2017 година од Владата.


Рокот за поднесување барања за субвенции за земјоделството истекува в петок


Скопје, 12 септември, 2017 - 12:41 (META) 

Рокот за поднесување барања за субвенции за земјоделството од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година истекува в петок, информира  Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

До денеска, според податоците од подрачните единици на министерството, поднесени  се 66.126 барања. Најмногу барања има поднесено во подрачните единици во Кавадарци – 6.233, потоа во Струмица – 5.962 и во Куманово – 5.075.

Земјоделците можат сами да поднесат барање за директни плаќања преку „е-барање“, кое е поставено на веб-страницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Барањето се поднесува по електронски пат без доставување документи, а врз основа на претходно евидентирани податоци во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Регистарот за идентификација и за регистрација на домашни животни.

Одгледувачите на говеда, овци, кози и на пчели, пред поднесување на барањето, треба задолжително да ја проверат и по потреба да ја ажурираат состојбата на животните во ветеринарното друштво со кое имаат склучено договор.

Постапката за поднесување барање за директни плаќања е иста како и претходната година. На сите огласни табли на подрачните единици на Министерството за земјоделство, на видно место се истакнати сите потребни информации за аплицирање. Земјоделците можат да побараат помош за аплицирањето од подрачните едници при МЗШВ, каде што го поднесуваат барањето, но може и да ги користат услугите на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството.


Приведени диви продавачи на стока со брендовите на тимовите од Супер купот


Скопје, 8 август, 2017 - 14:43 (META) 

Полицијата денеска на Плоштад Македонија привела две лица поради продажба и дистрибуција на неавторизирана стока со брендови на фудбалските клубови „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

„Денеска, околу 12 часот, на Плоштад Македонија две лица се приведени во Полициската станица Центар, поради продажба и дистрибуција на неавторизирана стока со брендови на „Реал Мадрид“ и на „Манчестер јунајтед“. Од страна на Пазарна инспекција, ќе им биде поднесена прекршочна пријава во согласност со Законот за трговија по член 2, став 2 – вршење дејност без регистрирано правно лице“, информираат од МВР.

Од таму додаваат дека ангажирани се 2.600 полициски службеници кои се задолжени за безбедноста на присутните во фудбалската арена „Телеком“, реонот околу фудбалскиот стадион и зоните за обожаватели, каде што поголем дел од денот престојуваат навивачите на двата клуба.

Според инструкциите на УЕФА, на стадионот може да се внесат само знамиња на фудбалските клубови „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“ и знамиња на Шпанија и на Англија.


Извозот во првите седум месеци изнесува 2,7 милијарди долари


Скопје, 5 септември, 2016 - 16:26 (META) 

Вкупната вредност на извозот на стоки во периодот јануари-јули изнесува 2.710.526.000 долари и бележи пораст од 5,6 проценти во однос на истиот период од претходната година.

Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3.821.115. 000 долари, што е за 4,4 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-јули, изнесува 1.110.590.000 долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и со Италија.


Рокот за пријавување штети од поплавите е продолжен до 7 септември


Скопје, 2 септември, 2016 - 15:35 (META) 

Владата го продолжи рокот за пријавување штети од страна на жителите од поплавените подрачја, па наместо до денеска, граѓаните ќе може да пријавуваат до среда, 7 септември, информира Општина Гази Баба.

Тие треба да ја пријават штетата што невремето на 6 август ја предизвика на имотот, моторните возила, земјоделските површини и на сточниот фонд.

– Сите лица од поплавените подрачја што ги немаат пријавено штетите, може да го направат тоа во Општина Гази Баба или во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Гази Баба – информираа од Општината.

Неофицијалната бројка на семејства кои претрпеа штети од поплавите е околу 4.000.


Продолжува штрајкот на пристаништата во Солун и во Пиреја


Атина, 10 јуни, 2016 - 11:45 (META) 

Вработените на пристаништата во Пиреја и во Солун продолжуваат со штрајковите, блокирајќи ја целосно работата, истоварот и товарењето стоки и производи, но и протекот на патници. Штрајкот ќе продолжи и викендов, со што дополнително се отежнува истоварањето на околу 14 товарни бродови со контејнери и на товарни камиони, од кои голем број се за Македонија и кои чекаат во Солун.

Вработените штрајкуваат веќе една недела поради одлуката на владата, по договорот со европските кредитори, да се приватизираат двете најголеми грчки пристаништа. Тие бараат владата да ја повлече одлуката и да понуди подобри услови за вработените.

Континуираните штрајкови им задаваат нов удар на грчката трговија и на извозот, но повлекуваат и нова загуба на странски клиенти чија трговија оди преку Грција.

По тримесечната блокада на железничката линија Солун – Скопје кај бегалскиот камп Идомени, поради која беа стопирани сите товарни возови од и кон Европа, штрајкот на вработените на пристаништата повторно го оневозможува транспортот на стоки и на производи кон ЕУ. Товарните контејнери веќе почнуваат да ја заобиколуваат Грција и солунското пристаниште, одбирајќи ги пристаништата во Бугарија и во Турција.

Штрајкот се очекува да создаде голем проблем утре на пристаништетот Пиреја, каде се очекува да пристигнат седум бродови за крстосување со околу 13.000 патници, на кои нема да може да им се пружи никаква пристанишна услуга.

Претседателот на фондот за приватизација, Стерјос Пициролас, истакна дека штрајкот целосно ја намалува вредноста и кредибилитетот на солунското пристаниште, предупредувајќи дека последиците од штрајкот ќе бидат катастрофални и за пристаништето и за грчкиот транспортен сектор.

Претседателот на атинската трговска комора, Константинос Михалос, испрати писмо до министрите за поморство, економија, развој и туризам и до министерството за транспорт со апел веднаш да се интервенира за да се стави крај штрајкот и на проблемите на грчките трговци, извозници и увозници.

„Штрајковите што доведуваат до затворање на пристаништата во Пиреја и во Солун, по претходната блокада на железничката линија меѓу Грција и Македонија од бегалците, претставуваат уште една сериозна рана за грчките трговци и за одржливоста на нивните компании. Штрајковите кои се одвиваат паралелно со почетокот на летната туристичка сезона, во време кога има зголемен промет на бродови за крстосување, ќе ја одалечат секоја надеж за економско закрепнување“, пишува Михалос во писмото до министрите.

Против приватизацијата штрајкуваат и вработените во атинскиот јавен транспорт со повремени прекини на работата, а штрајкуваат и вработените во грчката железница кои најавија 24-часовен прекин на работата на 15 и на 22 јуни.


Бугарските камионџии ги блокираа сите гранични премини со Грција


Софија, 19 февруари, 2016 - 15:39 (META) 

Бугарските камионџии ги блокираа сите шест контролни пунктови долж границата со Грција, во знак на протест поради повеќенеделните повремени блокади на грчките земјоделци.

На граничните премини има долги редици камиони и автомобили, а само на пешаците им е дозволено да ја преминат границата, пренесува АФП.

Тие порачаа дека ќе продолжат со блокадата додека грчките земјоделци не ги отстранат сите камиони и не ги ослободат сите патишта кон Бугарија.

Бугарскиот парламент издаде специјална декларација во која се апелира Европската унија да покрене прекршочна постапка против Грција заради прекршување на европските закони за слобода на движење на стоката.