!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

МВР: Не бевме информирани за акцијата за претрес во домот на Величковиќ


Скопје, 14 декември, 2016 - 15:25 (META) 

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека не било информирано ниту, пак, учествувало во планирањето на акцијата за вршење претрес во домот на началникот на СВР Куманово, Стојанче Величковиќ, туку дека таа била изведена од Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по наредба од судија на претходна постапка.

„Министерството за внатрешни работи на РМ ја информира јавноста дека акцијата во која е извршен претрес на домот на началникот на СВР Куманово С.В. се одвивала по наредба на судија на претходна постапка и е организирана и спроведена од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во рамките на предистражната постапка, без информирање и планирање од страна на Министертвото за внатрешни работи“, стои во соопштението од МВР.

Од МВР укажуваат дека сите вработени во овој државен орган, „треба да го задржат нивото на максимално професионално постапување и однесување за да се избегнат ситуации кои може да предизвикуваат дополнителни тензии и да наштетат на угледот на министерството“.

Обвинителството, пак, денеска соопшти дека претресот во домот на началникот на кумановската полиција бил извршен во рамките на предистражна постапка што се води против него, а во врска со кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување.

Оттаму посочија дека налогот што им бил издаден од судот се однесувал само за претрес на домот на началникот, но не и за негово приведување.

Синоќа пред домот на Величковиќ се собра поголема група граѓани кои протестираа против акцијата на полицијата и најавите дека таа е таму за да го приведе началникот на СВР Куманово.

По завршувањето на претресот, Величковиќ изјави дека полицајците влегле во неговиот дом во 16.40 часот, дека извршиле претрес и дека барале документи и списи од изборите. Тој тврди дека за време на изборите не биле направени никакви грешки и прекршувања на законот од неговата страна, а за случајот рече дека станува збор за монтиран процес од директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.


Обвинителството имало налог за претрес на домот, а не за приведување на Величковиќ


Куманово, 14 декември, 2016 - 12:53 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска потврди дека вчера, по налог на судија за претходна постапка од Кривичниот суд во Скопје, бил извршен претрес во домот на началникот на СВР Куманово, Стојанче Величковиќ, а во рамките на предистражна постапка што се води против началникот.

„Цел на претресот беше пронаоѓање траги на кривично дело или предмети важни за кривичната постапка и нивно одземање. Одземени се предмети што содржат податоци во писмена форма и предмети што содржат податоци во електронска форма, во врска со кривични дела злосторничко здружување од член 394 и злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик, како и други кривични дела за кои се гони по службена должност“, стои во соопштението од обвинителството.

Оттаму посочуваат дека налогот што им бил издаден од судот се однесувал само за претрес на домот на началникот, но не и за негово приведување.

„Имајќи ги предвид информациите пласирани во медиумите во врска со преземеното дејство, особено изнесените информации дека требало да се приведува лицето С.В., Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека преземените дејства во согласност со издадената судска наредба се само за претрес на дом, не и за приведување на лицето“, додаваат од обвинителството.

Синоќа пред домот на Величковиќ се собра поголема група на граѓани кои протестираа против акцијата на полицијата и најавите дека таа е таму за да го приведе началникот на СВР Куманово.

По завршувањето на претресот, Величковиќ изјави дека полицајците влегле во неговиот дом во 16.40 часот, дека извршиле претрес и дека барале документи и списи од изборите. Тој тврди дека за време на изборите не биле направени никакви грешки и прекршувања на законот од неговата страна, а за случајот рече дека станува збор за монтиран процес од директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.


Ослободен началникот на СВР Куманово, обвинува за монтиран случај и за заплашување


Куманово, 13 декември, 2016 - 21:56 (META) 

Началникот на СВР Куманово, Стојанче Величковиќ, кого полицијата вечерва се обиде да го уапси, е пуштен откако полицијата, по наредба на Основно јавно обвинителство, извршила претрес во неговиот дом.

Величковиќ рече дека полицајците влегле во неговиот дом во 16.40 часот, дека извршиле претрес и дека барале документи и списи од изборите.

– Во 16.40 дојдоа, упаднаа кај мене дома со униформи, со маски и со автомати и ми го преплашија семејството. Почнаа да прават претрес. Не гледам каде сме направиле грешка затоа што изборите беа спроведени фер и демократски. Ова е монтиран процес од Митко Чавков и инспектори што се заштитени како бели мечки. Сакаат да ме заплашат за победата во Куманово. Сакаат да ме затворат и да ме заплашат. Изборите во Куманово беа спроведени регуларно. Инспекторот беше коректен, ми соопшти дека се работи за некоја наредба, бараа некои списи кај мене. Ми го гледаа тефтерот, бараа некои документи. Наредбата е од Основно јавно обвинителство од Скопје. Целта е да ме заплашат зашто работам професионално. Ова е тенденциозно, фингирано, но јас ќе ја истерам ситуацијата до крај – вели Величковиќ.

Пред Величковиќ, изјава даде градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски, кој рече дека обидот за апсење е дрзок, но ги повика граѓаните да го сочуваат мирот.

– Денеска се случи немил настан. Веќе видена работа. Не можат да ги прифатат нивните неуспеси на изборите. Упаднаа во куќата на началник, а зошто, не знае ни тој самиот. Сметам дека ова што го прават е крајно дрско, особено во оваа драматична ситуација за Македонија зашто уште се пребројуваат гласовите. Се обраќам до сите граѓани да го соочуваат мирот и достоинството и да се бориме со демократски средства за слободата – рече Дамјановски.

Додека полицијата беше во домот на Величковиќ, пред куќата се собраа група граѓани да му дадат поддршка. Тие извикуваа „Нема правда, нема мир“.