Рокот за аплицирање за земјоделски субвенции истекува на 12 јуни


Скопје, 8 јуни, 2018 - 11:46 (META) 

На 12 јуни годинава завршува рокот за поднесување барања за субвенции за растително и сточарско производство, соопшти денеска директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски.

Тој додаде дека досега аплицирале 64.448 земјоделци, но се очекува бројката да биде зголемена до 8.000. Тој ги повика земјоделците да аплицираат навреме за побрзо да се обработат барањата и средствата да се исплатат.

Апликациите за субвенции може да се поднесуваат електронски, а ако на земјоделците им е потребна помош во пополнувањето на документацијата, може да се обратат во Платежната агенција.

– За годинава се предвидени преку шест милијарди денари поддршка, средства кои со ребалансот би сакале да се зголемат. Искористеноста на субвенциите за 2017-та е 97 отсто или се исплатени 5,902 милијарди денари – истакна Бабовски.

Платежната агенција годишно обработува околу 160.000 барања за субвенции, а апликации поднесуваат повеќе од 70.000 фармери.


Рокот за поднесување барања за субвенции за земјоделството истекува в петок


Скопје, 12 септември, 2017 - 12:41 (META) 

Рокот за поднесување барања за субвенции за земјоделството од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година истекува в петок, информира  Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

До денеска, според податоците од подрачните единици на министерството, поднесени  се 66.126 барања. Најмногу барања има поднесено во подрачните единици во Кавадарци – 6.233, потоа во Струмица – 5.962 и во Куманово – 5.075.

Земјоделците можат сами да поднесат барање за директни плаќања преку „е-барање“, кое е поставено на веб-страницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Барањето се поднесува по електронски пат без доставување документи, а врз основа на претходно евидентирани податоци во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Регистарот за идентификација и за регистрација на домашни животни.

Одгледувачите на говеда, овци, кози и на пчели, пред поднесување на барањето, треба задолжително да ја проверат и по потреба да ја ажурираат состојбата на животните во ветеринарното друштво со кое имаат склучено договор.

Постапката за поднесување барање за директни плаќања е иста како и претходната година. На сите огласни табли на подрачните единици на Министерството за земјоделство, на видно место се истакнати сите потребни информации за аплицирање. Земјоделците можат да побараат помош за аплицирањето од подрачните едници при МЗШВ, каде што го поднесуваат барањето, но може и да ги користат услугите на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството.


Незири: За субвенции во земјоделството и во сточарството инвестирани 150 милиони евра


Скопје, 9 ноември, 2015 - 14:35 (META) 

Mинистерот за економија, Беким Незири, изјави дека за субвенционирање на земјоделството и на сточарството во 2015 година се инвестирани 150 милиони евра, од кои 35 милиони евра се распределени во општините со кои раководат Албанци.

– За 2016 година, оваа сума ќе се зголеми за дополнителни 2 милиони евра и субвенциите за земјоделците Албанци ќе достигнат 37 милиони евра, од предвидените 150 милиони евра – изјави министерот Незири.

Државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бесир Јашари, најави дека има подготвен проект и отворен тендер за изградба на ХЕЦ Равен – Речица, во вредност од 18 милиони евра.

– Во фаза на подготовка е документација за изградба на браната на реката Слупчане, со која ќе се обезбедат дополнителни количества вода за пиење во населените места на општина Липково и за наводнување на 5.000 хектари обработливо земјиште. За овој проект ќе бидат издвоени 13 милиони евра. Во албанските населби од програмата за рурален развој, односно локални патишта, водоводи, урбанистичкото планирање и за канализација, оваа година се инвестирани вкупно 7,2 милиони евра. Во овие населби, за потребите на земјоделците, изградени се вкупно 40 километри планински патишта, во вредност од 82.000 евра, а за расчистување на каналите во должина од 16,8 километри, инвестирани се вкупно 270.000 евра – изјави Јашари.

 


Земјоделците од Битолско незадоволни, бараат спас во странство


Битола, 8 ноември, 2015 - 16:35 (META) 

Етничките Албанци од селата долж македонско-грчката граница кај граничниот премин Меџитлија масовно се иселуваат во западно-европските земји, тврдат нивни сожители.

Жителите на селата Граешница, Лажец, Острец и Кишава, кои во најголем број се занимаваат со земјоделство и со сточарство, ѝ укажаа на Татјана Прентовиќ, претседателката на комисијата за земјоделие на СДСМ, дека се подготвени во секој момент да заминат во странство, незадоволни од аграрната политика на актуелната власт.

– Авион сега да слета и да нè собере, ниту еден нема да остане по селата. Ќе ја оставиме и стоката и нивите и сите ќе заминеме. Едвај преживуваме од земјоделството. Субвенциите ги делат по мене по тебе, а потоа со казни и со извршители ни земаат трипати повеќе – се жали Африм Теловски, земјоделец од селото Граешница, Битолско.

Два дена Прентовиќ е во битолско-демирхисарскиот регион, за да ги види на терен проблемите на земјоделците, кои, според неа, во најголем дел исплашени и сиромашни се незадоволни од актуелните состојби.

– Селективната распределба на субвенциите е стара песна, а голема приказна за акуелната власт. Потребни се големи промени во земјоделскиот сектор, ние имаме програма за тоа – им вети Прентовиќ.


СДСМ ја обвини власта за лошата состојба во сточарството


Скопје, 5 декември, 2014 - 17:01 (META) 

Големиот број погрешни земјоделски политики на актуелната власт се причина за преполовеното сточарско производство и за незадолството што владее меѓу сточарите кои се оставени сами на себе, обвини денеска опизицискиот СДСМ.

Од СДСМ прашуваат на што се должи падот на бројот на овци кој пред 20 години изнесувал нешто под 2 милиони , а сега е околу 530 илјади и ја обвинија власта за ненавремено исплаќање на субвенциите за сточна храна.

– Болеста син јазик си го зема данокот, бидејќи власта не реагираше навремено. Цените на јагнешкото месо паѓаат и сточарите се принудени да ги продаваат овците. Во услови кога се е поскапено, килограм јагнешко, трговците го откупуваат за само 140 денари. Цената на чифт овци од 220 евра падна на 100 евра. Затоа масовно се продаваат во Косово и во Албанија.За последните четири години, парите за развој на сточарството се намалени од 36,5 отсто на 30,5 отсто- велат од СДСМ.

Тие ја повикаа Владата навремено да ги исплаќа субвенциите, веднаш да ги исплати субвенциите за 2012 и за 2013 година и да започне со исплата на субвениците за 2014 година, според календарот на субвенции, мерка што ја предложил СДСМ.

Од опозициската партија, презентираа и мерки од нивната програма за подобрување на состојбите со сточарството.
– Секоја година, покрај основната субвенција, дополнителна субвнеција од 20 отсто за секој следен хектар или 30 отсто за секое следно грло добиток. Ќе ги ослободиме од данок на добивка во период од 5 години оние кои ќе отворат сточарска фарма. Ќе доделиме државно замјоделско земјиште на сточарите кои ќе го зголемат сопственото стадо за да им се овозможи сопствено производство на поевтина добиточна храна и ќе го подржиме традиционално номадско сточарење – летната миграција, со по 3 евра по овца или коза – велат од СДСМ