Пуштен во употреба првиот аудио-водич за археолошкиот локалитет „Стоби“


Неготино, 13 јули, 2018 - 12:38 (META) 

Националната установа за управување со археолошкиот локалитет „Стоби“, во соработка со софтверската компанија „Г6 солушн“ (G6 Solutions) од Скопје, го изработија првиот аудио-водич за археолошки локалитет во Македонија и истиот е во употреба од 12 јули 2018 година.

„Во чекор со најсовремените пристапи за управување со посетители при посета на археолошки локалитет, овој аудио-водич ќе му помогне на секој посетител да го запознае и доживее археолошкиот локалитет Стоби, еден од најубавите локалитети во Македонија, на интерактивен и автентичен начин“, се вели во соопштението на оваа Национална установа.

Археолошкиот локалитет „Стоби“ е едена од најпосетуваните туристички дестинации во Македонија и за потребите на посетителите, освен туристички водич кој е на располагање за посетителите на локалитетот, од сега, ќе може да се користи и мобилната апликација „Стоби аудио гајд“ (Stobi audio guide), на македонски и англиски јазик.

Апликацијата содржи сите неопходни информации за објектите кои се во состав на археолошкиот локалитет, како и кус историјат за локалитетот и насоки за движење согласно неговиот историски наратив. Посетителите ќе може да ја спуштат апликацијата на самиот влез на локалитетот каде што е обезбеден и слободен интернет пристап.


Сообраќајот кај Стоби се одвива по една лента поради оштетување на мостот


Скопје, 21 февруари, 2017 - 10:23 (META) 

Сообраќајот на автопатот А-1, Градско – Неготино, кај Стоби, се одвива по левата коловозна лента бидејќи десната е затворена за сообраќај поради оштетување на мостот на реката Црна, информираат од Автомото-сојузот на Македонија.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по на места влажни коловози.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

 


Македонски компании ќе се претстават на саем за храна во Москва


Скопје, 3 февруари, 2017 - 14:47 (META) 

Македонија со национален штанд ќе се претстави на најголемиот саем за стоки за широка потрошувачка во Руската Федерација и во Југоисточна Европа „Продекспо 2017“, што ќе се одржи од 6 до 10 февруари во Москва.

Настапот на македонските компании е во организација на Македонско-руската стопанска комора и со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија.

На саемот ќе се претстават винарниците „Стоби“, „Далвина“, „Кралска винарија“, производителите на сирење и на кашкавал „Здравје“, „Осогово милк“, како и производителот на конзервиран зеленчук и овошје „Вори“.

Македонско-руската стопанска комора го организира и самостојниот настап на „Кадино индустри груп“, која првпат со сопствен штанд ќе ги престави своите мелнички производи и свежо замрзнати тестенини.

На „Продекспо 2017“ ќе се претстават повеќе од 2.000 компании од 57 земји од светот, со 27 национални штанда.


Летни археолошки школи и работилници во Стоби


Скопје, 3 јули, 2015 - 13:33 (META) 

Во организација на Националната установа „Стоби“, а во соработка со Фондацијата „Балканско наследство“ од Стара Загора, Бугарија, во текот на јуни и на јули на археолошкиот локалитет Стоби се одржуваат четири меѓународни летни работилници и школи.

Овој месец, заклучно со 28 јули, во Стоби се реализираат меѓународната летна школа за археологија и првата работилницата за напредна дигитална фотодокументација на архитектура и на археолошки наоди.

Тринаесет студенти и волонтери, претежно од САД, учествуваат на школата за археологија во чии рамки се вршат ископувања на Теодосијанската палата. Целта на овие истражувања е откривање и документирање на археолошките појави во јужниот дел на палатата.

Годинава првпат се реализира и работилницата за напредна дигитална фотодокументација на архитектура и на археолошки наоди. Во рамките на оваа работилница, која ја предводи проф. д-р Џорџ Беван од Универзитетот во Квинс, Торонто, учествуваат единаесет студенти од САД, Канада и од Австралија.

Организирањето и реализацијата на школите и на работилниците се од особено значење за промоцијата и за презентацијата на богатото културно наследство на археолошкиот локалитет Стоби во светски рамки.


Винарницата „Стоби“ со четири златни медали на најстариот вински натпревар во светот


Љубљана, 4 јуни, 2015 - 13:52 (META) 

Четири сортни вина на македонската винарска визба „Стоби“ добија златни медали на најстариот вински натпревар во светот „Вино Љубљана“, кој се одржа на крајот на мај во главниот град на Словенија. Овој престижен настан е рангиран меѓу десетте елитни вински случувања, а годинава беа оценувани 358 вина од 21 држава, меѓу кои и Јапонија, Уругвај, Нов Зеланд, Аргентина, како и Македонија.

Одлуката за тоа кои ќе бидат наградени, ја донесоа 40 критичари од 11 земји, а на „Стоби“ му припаднаа четири први места за „кабарне совињон 2012“, „сирах 2011“, „вранец веритас 2012“ и за „аминта 2013“. Македонската винарска визба и минатата година беше дел од „Вино Љубљана“, кога „шардоне барик 2013“ беше прогласено за севкупен шампион во категоријата бели суви вина.

Позитивните критики за македонските вина кои доаѓаат од Америка, каде „Стоби“ извесен период е присутен на пазарот. Престижниот весник „Волстрит џурнал“ пред околу еден месец ја рангираше македонската „жилавка“ меѓу најдобрите пет пролетни вина во светот, додека реномираниот „Вашингтон пост“ го препорача „вранец 2012“.

Винарската визба „Стоби“ е основана во 2008 година и годишно произведува околу 4,5 милиони литри висококвалитетно македонско вино, распределено во четири категории – премиум, елит, класик и традиционални. Најголемиот дел од виното се пласира на странските пазари, меѓу кои и во САД.


Археолози ќе го истражуваат античкиот град Стибера


Прилеп, 28 мај, 2015 - 11:29 (META) 

Археолози ќе го истражуваат античкиот град Стибера кај прилепското село Чепигово, откако минатата година даде многу интересни научни резултати.

Античкиот град изминативе педесетина години не го доби вниманието што го заслужува, па отсекогаш е во сенката на Скупи, Стоби или на Хераклеја Линкестис. Тоа по што е исклучителен и по што го добил епитетот македонска Помпеја, е зачуваноста на откриените објекти. Од 2008 година сè повеќе внимание се посветува на Стибера и на полето на археолошките ископувања и на полето на конзервација на објектите.

Иако е дел од капиталните проекти на Владата, за годинашните активности на локалитетот се издвоени 300.000 денари. Истражувањата ќе почнат кон средината на јуни, а ќе траат дваесетина дена.
Ископувањата и истражувањата ќе ги спроведат тимови од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Прилеп.

Сите активности ги координира Управата за заштита на културното наследство, а раководител на ископувањата е археологот Душко Темелкоски.