Нова кривична пријава за Стевчо Јакимовски за преселените општински бараки


Скопје, 23 август, 2018 - 12:21 (META) 

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднело кривична пријава против Стевчо Јакимовски, поранешен градоначалник на Општина Карпош и уште две лица од градежни фирми, товарејќи ги за бесправно градење.

Пријавите се поднесени поради демонтажа на две од старите општински бараки и нивно повторно поставување во дворот на основното училиште „Лазо Трповски“ во 2012 и 2013 година.

Според пријавата, Стевчо Јакимовски како тогашен градоначалник и инвеститор на работите во име на Општина Карпош ги поставил бараките спротивно на Законот за градење и без одобрение за градење и соодветна архитектонско-урбанистичка документација. Отпосле поднел барање за легализација кое го потпишал, но бараките не потпаѓале под законот за постапување со бесправно изградени објекти, оти биле изградени по неговото стапување на сила.

Второпријавениот Ј.К., инженер од „Карапанчевски Компани“ до Скопје, кој бил ангажиран од Општина Карпош, а за надзорот над демонтажата и повторната изградба на бараките потпишал градежен дневник, градежна книга и времена ситуација, иако не било издадено одобрение за градење.

Третопријавениот А.М., како одговорно лице во фирмата Алкопроект од Тетово, која ги изведувала демонтажата и повторната монтажа, дозволил да се изведуваат работите без одобрение за градење, соопшти Финансиска полиција.

Таа на 8 август поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување за Јакимовски поради три спроведени јавни набавки во текот на мандатот како градоначалник на Општина Карпош.


Обвинителство бара мерки за претпазливост за Јакимовски


Скопје, 8 август, 2018 - 15:35 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на поранешниот градоначалник Стевче Јакимовски и уште четворица обвинети од Основниот суд бара да им бидат определени за претпазливост по поднесената кривична пријава од Управата за финансиска полиција за злоупотреба на службената положба.

Доколку судијата на претходна постапка го прифати предлогот на Обвинителството, обвинетите ќе имаат обврска повремено да се јавуваат на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено ќе им бидат одземени патните исправи.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против пет лица.

Осомничените се товарат дека ја злоупотребиле својата службена положба и овластување во три постапки за јавни набавки, при што сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување ”.


Кривични пријави за Јакимовски и четиримина поранешни соработници


Скопје, 8 август, 2018 - 15:02 (META) 

Кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување доби лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, поради три спроведени јавни набавки во текот на мандатот како градоначалник на Општина Карпош, поднесе денеска Управата за финансиска полиција, откако вчера се вршеа претреси во неговите куќи. Покрај пријавата за него, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се поднесени кривични пријави и против уште четири лица, раководители на сектори или одделенија во Општина Карпош.

Вкупните штети на општинскиот буџет за кои се товарат петмината е 36,6 милиони денари (595.685 евра).

Финансиска полиција го товари Јакимовски дека како градоначалник во 2012 и 2013 година спровел две постапки за јавни набавки со фирмата „Алконпроект“ од Тетово, иако фирмата не доставила банкарски гаранции за навремено и квалитетно извршување на договорот. Во прашање е изградба на новиот општински објект. Тој не го раскинал договорот и не ја активирал банкарската гаранција на понуда, туку му дозволил на изведувачот да почне да работи, а потоа поради неквалитетно и ненавремено извршување на работите, ги раскинал договорите, со што на изведувачот „Алконпроект“ од Тетово му овозможил да стекне противправна корист од 911.166 денари, на штета на буџетот на Општина Карпош, велат од Управата за финансиска полиција.

Исто така, Јакимовски дозволил фирмата да почне со градежни активности иако не било издадено одобрение за градење, без решение за локациски услови и архитектонско-урбанистички или идеен проект, како и без изработен изведбен проект. Како што велат од УФП, Јакимовски усно давал инструкции за реализација на некои позиции надвор од техничката спецификација за објектот кој треба да биде општинско седишто, а со тоа на буџетот на Општина Карпош му нанел штета од 32,8 милиони денари.

Втората работа за која го товари Финансиска полиција е за изградба на плоштад во Жданец, односно спровел постапка за јавна набавка иако фирмата „ДГПТУ СМ Компани ДОО“, Свети Николе, не доставила банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на работите, сепак Јакимовски го потпишал договорот на 12 април 2016 година. Со тоа Јакимовски овозможил на оваа фирма да ја заврши работата, но со тоа остварила противправна корист од 2,8 милиони денари буџетот на Општина Карпош.

Пријави добија и М.Д., раководител на секторот за јавни набавки во Општина Карпош, оти во двете погоре наведени јавни набавки за изградбата на објектот на местото на старата општина и за скверот во Жданец не предложил наплата на банкарската гаранција за понуда, туку ги пуштил во понатамошна постапка.

Н.Н., претседател на Комисијата за јавна набавка на Општина Карпош, како и С.М., член на таа комисија, и А.С., заменик-член на комисијата се товарат за случајот со плоштадот во Жданец, односно ја прифатиле понудата на фирмата од Свети Николе, иако таа не доставила сертификат за вградените материјали, а со тоа овозможиле фирмата да стекне корист на штета на Општина Карпош во износ од 2,8 милиони денари.


Стевчо Јакимовски приведен, чека распит пред судија


Скопје, 8 август, 2018 - 9:31 (META) 

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, синоќа половина час пред полноќ, е приведен и се наоѓа во една од полициските станици во Скопје. До крајот на денот се очекува да биде изведен пред судија на претходна постапка.

Според Виктор Цветковски, адвокат на поранешниот градоначалник, ова е атак врз политичкиот ангажман на Стевчо Јакимовски.

Финансиската полиција вчера влезе во неколку станбени објекти на семејството Јакимовски, барајќи документи за одредени случаи. Засега од таму нема официјални информации.


Јакимовски: Предавници имало и ќе има, а хиените секогаш ќе бидат лешинари


Валандово, 23 декември, 2017 - 12:41 (META) 

Да се сака земјата и народ е гревот што се става на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и на тие што ја водеа оваа влада, но таков грев не може да има. На власт сега дојде режим кој е подготвен да продаде се само за да владее, рече Стевчо Јакимовски од ГРОМ на 16. вонреден Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово.

– Сакам да му се заблагодарам на досегашниот претседател Никола Груевски кој покажа нов начин на менаџирање на владата, ние бевме сведоци дека е секојдневно на средби со граѓаните, дека отвора секој ден нови објекти, нема граѓанин кој не се офајди од оваа власт – дали се тоа пензионерите, администрацијата, 300-400 илјади луѓе кои ги легализираа домовите по едно евро. Скопје е поубаво од било кога. Лавот е најсилно суштество, но кога ќе му се соберат десетина хиени, по кратка борба ја напушта битката. Но хиените секогаш ќе бидат лешинари – вели Јакимовски.

Тој рече дека мора сите да застанат заедно со цел да се запрат, како што рече, налудничавите идеи на власта за Македонија и додаде дека за тоа ВМРО-ДПМНЕ ја има поддршката од ГРОМ.

-Предавници имало и ќе има, но ние партиите мора да застанеме цврсто зад носачот на авиони што се вика ВМРО-ДПМНЕ за на изборите да се порази режимот – додаде Јакимовски.

Васе Доневски, членот на верификационата комисија информираше дека на вториот ден од конгресот се дојдени дополнителни седум делегати.

-Пред малку Комисијата за верификација заседаваше и констатира дека денеска се дојдени плус 7 делегати, така да вкупната бројка од 411, се зголеми на 418, истакна Васе Доневски, член на верификационата комисија.

Без ниту еден глас „против“ и „воздржан“, односно со сите гласа „за“, Конгресот ги верификуваше мандатите на дополнителниот број на делегати.


Јакимовски пријавил дека вработен ги сменил бравите на две простории во Општина Карпош


Скопје, 19 октомври, 2017 - 11:46 (META) 

Градоначалникот на Општина Карпош во заминување, Стевчо Јакимовски, вчера во полиција пријавил дека вработен во администрацијата на Општината ги украл клучевите од просториите на архивата и на комисијата за јавни набавки и ги сменил бравите.

Во полицискиот билтен се наведува дека Јакимовски пријавил дека А.З. без никакво овластување и знаење, ги зел клучевите од просториите на архивата и на комисијата за јавни набавки и во текот на изминатото деноноќие неовластено ги променил бравите, при што општинската администрација нема увид и пристап до архивата и до комисијата за јавни набавки на Општината.


Полицијата ги испратила доказите за нападот на Стевчо Јакимовски во Обвинителството


Скопје, 18 октомври, 2017 - 15:29 (META) 

Три дена по нападот на лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој се случи во неделата вечерта пред штабот на партијата, МВР денеска соопшти дека случајот е обработен и дека доказните материјали се испратени во скопското обвинителство. Јакимовски по нападот рече дека бил нападнат од Сеад Рахиќ, брат на поранешниот пратеник и висок функционер на СДСМ, Есад Рахиќ, а според денешното соопштение од полицијата, посочениот Сеад и уште еден маж биле повикани во полициска станица на разговор и потоа случајот бил документиран.

Полицијата посочува дека интервенцијата на терен била поради нарушен јавен ред и мир.

„Во Полициската станица Карпош беа повикани лицата С.Р. (51) и Е.Ш. (36) од Скопје, со кои беше извршен разговор. По ова, настанот беше целосно расчистен и документиран и севкупниот доказен материјал со писмено известување е испратен до Основното јавно обвинителство Скопје, кое во согласност со ЗКП треба да даде насоки за понатамошно постапување“, се вели во соопштението од МВР.


Јакимовски: Полицијата насилно упадна, од Општината собиравме лични работи


Скопје, 17 октомври, 2017 - 16:48 (META) 

Досегашниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска на прес-конференција обвини дека полицијата „под водство на режимот на Зоран Заев“ насилно упаднала во Општина Карпош додека неговите колеги пакувале лични работи.

Тој рече дека некој им јавил на вработените во Општината дека денеска ќе се случи примопредавањето на градоначалничката функција и дека затоа тие пакувале работи од кабинетот на Јакимовски.

– Јас таму имам лични предмети на мое име и нормално дека треба да се одвои што е на Општината, а што е на лично име, како документи и фотографии, бидејќи во оваа Општина јас сум бил осум и пол години. Ние денеска можевме да ја видиме ефикасноста на нашата полиција под водство на режимот на Зоран Заев и можевме да се увериме како тие изминативе два дена не можат да ги најдат и не направиле разговор со тие што сакаа да нè колат вечерта на изборите, ама денеска ефикасно дојдоа, вклучувајќи и „алфи“, и забранија влез во Општината за потоа да дојдат инспектори од стопански криминал и да констатираат дека ние раздвојуваме што е лично, а што општинско и ништо повеќе од тоа. Луѓето се насмеаја и си заминаа – изјави Јакимовски.

Поранешниот градоначалник нагласи дека сите документи што се важни за локалната самоуправа се наоѓаат во архивата и додаде дека Општината има електронска архива.

Настанот го потврдија и од Министерството за внатрешни работи, од каде истакнаа дека добиле дојава дека се изнесуваат документи од Општината.

„Врз основа на допрен глас дека од просториите на Општина Карпош се изнесува документација на Општината, од страна на полициски службеници од СВР Скопје е излезено на местото на настанот, при што е констатирано дека во моментот на проверката не се изнесува никаква документација. Од извршениот разговор со градоначалникот Стевчо Јакимовски, утврдено е дека тој се подготвувал за изнесување на личните предмети од сопствениот кабинет заради подготвување за примопредавање на функцијата“, велат од МВР.


ВМРО-ДПМНЕ: Насилствата продолжија – тоа е животот што СДСМ го ветуваше


Скопје, 17 октомври, 2017 - 12:46 (META) 

„Напад со нож, запален автомобил, пукање со огнено оружје се случија за само 24 часа по завршување на изборниот ден. Ова е животот што го ветуваше СДСМ“, порача ВМРО-ДПМНЕ денеска, во првото соопштение во последните 36 часа, откако претходно партијата беше во молк по говорот на нејзиниот претседател Никола Груевски.

„Нападот со нож врз претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, од страна на лица блиски до СДС е обид за политичко замолчување, кое не смее да остане неказнето. Надлежните институции треба веднаш да реагираат и да го расветлат целиот случај во најбрз можен рок. Запален е автомобил на симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ во Лисиче само неколку часа по завршувањето на изборите. Аздисаноста на криминалните структури блиски до СДС по изборите не запира, од медиумите видовме фотографии како двајца активисти на партијата се сликале со пиштоли пред штабот на партијата во Бутел. Според информациите објавени во медиумите, активистите на СДС во Бутел во неделата вечер пукале со пиштоли и создавале хаос низ Бутел“, се вели во соопштението од партијата.


СДСМ Карпош го осуди инцидентот пред штабот на ГРОМ


Скопје, 16 октомври, 2017 - 16:57 (META) 

Општинската организација на СДСМ од Карпош преку соопштение го осуди насилството и синоќешниот инцидент што се случи пред штабот на политичката партија ГРОМ, каде едно лице излезе од автомобил, извади лисици и нож и им се закануваше на присутните.

„Очекуваме надлежните институции во најкус рок да го расчистат случајот докрај и сите виновници да бидат изнесени пред лицето на правдата во согласност со законите. Насилството е недозволиво и секој насилен чин, без разлика од кого е сторен, треба да биде соодветно санкциониран од надлежните институции“, велат од партијата.

Лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, денеска на прес-конференција побара кривично да биде гонет напаѓачот и запраша како може СДСМ да не се огради и да не го осуди овој настан.

– Тие што дојдоа да се тепаат се хулигани, поранешни затвореници и членови на подземјето. Како може СДСМ да не се огради и да не го осуди ваквиот настан? Уште помага делото да биде прекршочно, а не кривично. Ова кажува дека политиката и криминалот се заедно, дека СДСМ и криминалот се заедно и дека и понатаму ќе продолжат да вршат насилство – изјави Јакимовски кој го повика Основното јавно обвинителство да реагира.

Инцидентот е забележан и во денешниот полициски билтен, во кој се вели дека возило „мерцедес“ застанало пред штабот на ГРОМ, по што од автомобилот излегол С.Р. кој извадил нож и лисици, упатил закани на присутните и заминал со возилото.