!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДСМ најави пријава против Јакимовски поради кршење на Изборниот законик


Скопје, 13 септември, 2017 - 18:00 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска најави дека ќе поднесе „соодветна пријава“ против градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, поради кршење на Изборниот законик со поставувањето камен-темелник за нова градинка во општината.

„Откако СДСМ вчера ги обелодени лошите услови во градинката „Мајски цвет“ и беше обелоденето дека Стевчо Јакимовски со години ги лажеше граѓаните и им ветуваше изградба на нова градинка во населбата Бардовци, продолжената рака на Никола Груевски и градоначалник во заминување, денеска побрза да удри камен-темелник на новата градинка „Аврам Писевски“ во оваа населба“, велат од СДСМ.

Според партијата, ваквите активности на Јакимовски се спротивни на членот 8-а од Изборниот законик.

„Јакимовски нема да успее да ги прикрие штетите што им ги нанесе на граѓаните со неговото неодговорно, расипничко и коруптивно владеење со општина Карпош“, порачуваат од СДСМ.


Јакимовски: Не може некој да дојде на власт со слушалки на уши


Скопје, 15 март, 2016 - 19:59 (META) 

Тука сме да го браниме Уставниот суд, да ја одбраниме државата, порача претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, пред насобраните граѓани пред Уставниот суд.

Тој рече дека еден аболиран Зоран Заев не може да го урива уставниот поредок на Република Македонија.

– Сега ја напаѓаат Македонија, кога е соочена со бегалската криза и кога постои опасност за дестабилизација на државата. Со тоа сакаат само да си направат алиби за повторно одложување на изборите. Не може вака некој да доаѓа на власт, без визија, без социјална и економска програма, туку само со слушалки на уши – рече Јакимовски.

Тој најави дека од утре, секој ден ќе бидат пред Уставниот суд за да го одбранат и него и државата.

– Судот треба да се остави сам да донесе одлука, без мешање однадвор. Народот не ги сака, народот не сака кодоши. Не е срамота, нека земат странски служби, какви сакаат, нека се качат на бина и нека речат „Да, ние сме со нив“. На овој народ му било тешко и во 1903 година, и во 1912, 1913, во 1943 година, а тешко му е и сега, во 2016 година, но ќе ја пребродиме – рече Јакимовски.


Со патриотски песни почнува контрапротестот пред Уставниот суд на Македонија


Скопје, 15 март, 2016 - 18:01 (META) 

Со „Се собрале комитите“ и со „Земјо македонска“, се пречекуваат неколкуте стотини граѓани пред Уставниот суд на Македонија во организација на партијата ГРОМ на Стевчо Јакимовски.

Низ Камениот мост, кој е прооден, има мало полициско обезбедување, но спроти новиот Македонски народен театар, кој е на стотина метри од Уставниот суд, е стационирано засилено полициско обезбедување, со два водени топа и со неколку борбени оклопни возила.

На истото место се забележува зголемено полициско обезбедување од специјалните единици на МВР, кои најверојатно ќе бидат кордонот помеѓу групата која прокламира дека го брани Уставниот суд и демонстрантите поддржувани од невладините организации и од СДСМ, кои ќе протестираат против партизацијата и на највисоката судска институција во државата.

На собирот пред Уставниот суд се очекува да се обрати лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

Граѓаните што се собрани тврдат дека тука дошле самоиницијативно, во одбрана на уставниот поредок на државата.