Лешница – „Швајцарија на Шара“ го одзема здивот со боите и пределите


Тетово, 30 октомври, 2018 - 9:41 (META) 

Екипата на Проектот за зајакнување на иновативен туризам (СТЕП), во својата мисија да ги истражи и промовира туристичките вредности на Македонија неодамна ја посети долината Лешница на Шар Планина, еден од најубавите предели во земјава, со глетки од кои се зема здивот.

Комбинацијата на карпите со вегетацијата, надополнето со водопадите и неколкуте водотеци, неизбежно потсетува на Швајцарија.

Членовите на екипата на СТЕП велат дека навистина се исплатува човек да се помачи да отиде во Лешница, посебно сега во есен, кога на падините жолтата боја на некои од листопадните дрвја создава вистинска уметност во спој со зелената боја на четинарите.

– По повеќе од еден час патување со теренско возило, кога дојдовме таму се почувствувавме како да сме во рајот – велат тие.

Овој проект со грант од Програмата ИПА 2 на ЕУ го спроведуваат Фондацијата „Метаморфозис“, Центарот за регионален развој Полог и Советот на Округот Елбасан од Албанија. Целта е да се промовира енергичен туристички сектор кој ефикасно се прилагодува на потребите на домашните и меѓународните пазари и придонесува за забрзување на растот и стимулирање на отворањето нови работни места во прекуграничната туристичка зона помеѓу Македонија и Албанија.


Заврши потпишувањето меморандуми за туристичка соработка на општините во Полог


Брвеница, 6 октомври, 2018 - 19:22 (META) 

Со потпишувањето на меморандумот за соработка меѓу Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и општина Врапчиште се затвори поглавјето на потпишување на меморандуми за соработка со девет општини вклучени во Полошкиот плански регион (Тетово, Гостивар, Желино, Боговиње, Теарце, Јегуновце, Врапчиште, Брвеница и Маврово – Ростуше).

Во согласност со меморандумот, Фондацијата „Метаморфозис“ се обврзува да ги промовира вредностите на сите потенцијални места и можности за развој на туризмот во регионот на Полог, додека споменатите општини ќе обезбедат информации, експертиза и искуство, и ќе ги охрабри малите и средните претпријатија и сите заинтересирани страни активно да придонесат за реализација на целите на проектот.

Исто така, од другата страна на границата, Советот на округот Елбасан потпиша идентичен меморандум за соработка со седумте општини во регионот Елбасан (Елбасан, Прењас, Либражд, Пеќин, Церик, Белш и Грамш).

До сега 73 субјекти (ресторани, хотели, туристички агенции), невладини организации, институции и поединци – потенцијални претприемачи, од двете страни на границата, одговорија позитивно на повикот да бидат дел од мрежата за зајакнување на иновативен туризам (СТЕП).

Меморандумот за соработка е со рок до 31 март 2020 година. Проектот е финансиран од програмата за прекугранична соработка на Европската Унија.


Во селските хостели во Гостиварско гостите редовно остануваат подолго од планираното


Гостивар, 29 август, 2018 - 16:33 (META) 

Во селските хостели во Гостиварско, се случува феномен: гостите честопати остануваат подолго од планираниот датум. Ни изгледаше неверојатно, па решивме самите да провериме.
Денот е петок, за некого почеток на викенд, а за некого почеток на најзафатен период од седмицата. Ние одиме воресторанот„Тивко катче“, чија традиција датира повеќе од половина век. Откако ја поминавме реката Вардар, од лева страна на улицата, на нејзиниот десен брег, ја здогледуваме фирмата „Тивко катче“… Десетина метри подолу, ете куќа со сите нишани на традиционалните куќи од овој крај.

Иако горните катови се реновираат, приземјето е веќе ресторан украсен со разни традиционални реликти уникатни за Гостивар. Тука е и оригиналната носија на баба и на Билјана, која го води бизнисот, наследен од татко и, од кого ги учела готварските вештини типични за овој крај. Традиционалните јадења што се служат во „Тивко катче“ не може да остават рамнодушен ниту еден љубител на добрата храна, правејќи им проблем на тие што сакаат да пробат сè.
Билјана не беше сама. Беа дојдени неколкумина нејзини пријатели, сите на некој начин поврзани со угостителскиот и туристичкиот сектор.

Tivko katche Gostivar 3 - Meta

Гоце и Жаклина Матески се професионални пчелари од селото Зубовце, кои во иднина планираат да се вклучат активно во делот на промовирање на туризмот преку пакетот за практично и активно промовирање на процесот на одгледување на пчели за сите заинтересирани. Подготвени се во иднина и да присособат соби за ноќевање на заинтересираните.

На другиот дел од масата, Виктор Лазаревски раскажува за перипетиите што ги има со неговиот „Вертикал хостел“ во мавровското село Никифорово. Со капацитет од 22 лица, обезбедувајќи место за кампирање, тој раскажува дека во неговото сместувалиште уште до 2015 година ниту еден гостин кој резервирал за една ноќ не отишол наредниот ден, туку ја пролонгирал посетата барем и за еден ден.

– Ова се должи на новите пријателства што се создаваат во хостелот, честопати и во големите соби има и по осум гости, коишто не се познавале порано меѓу себе – раскажува Виктор.

Дел од групата на пријатели на Билјана беше и Владимир Ѓорѓиоски којшто го води планинарскиот дом „Царевец“ во Маврово. Почнувајќи од нула, Владимир, како и Виктор, го оставиле градот за да живеат во село и да нудат алтернативен туризам за сите што се изморени од морето. Тој заедно со девојка му посетува курс за интернационален водич за планински туризам, со цел да научи како да нудат што попрофесионална услуга на клиентите.

Билјана на шега дофрлува дека често им пречат на двајцата другари во хостелите во екот на сезоната. Но, тие како од пушка враќаат дека тоа е во нивна корист, оти категоријата туристи што одат кај нив, обожаваат вакви собиранки.

На крај, ни се придружуват и сопствениците на Ски Хут, Димитар и Косима, која што ја има оставено Германија за убавините на Маврово. Тие веќе се целосно навлезени во користење на ИТ технологијата за привлекување на туристите. Сепак, еден од главните проблеми им е како да ги занимават туристите, за нивниот престој да се пролонгира од сегашните во просек два дена, на повеќе денови.

Tn

Затоа и нив ги заинтригира и заинтересира идејата за креирање заеднички продукти на членовите на мрежата во рамките на Проектот за зајакнување на иновативен туризам – СТЕП, кој е финанциран од Европската Унија, а спроведен од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, заедно со Центарот за регионален развој на Полог и Советот на округот Елбасан во Албанија.

Целта на проектот е да се промовира енергичен туристички сектор кој ефикасно се прилагодува на потребите на домашните и меѓународните пазари и придонесува за забрзување на порастот и стимулирање на отворањето нови работни места во прекуграничната туристичка зона помеѓу Македонија и Албанија, во подрачјето на Гостивар и Елбасан.

Општината Гостивар ќе обезбеди информации, експертиза и искуство, како и ќе ги поттикне малите и средни претпријатија и сите заинтересирани страни активно да дадат придонес кон реализирање на целите на проектот.

Проектот е финансиран од Програмата за меѓугранична соработка на Европската Унија (ИПА 2).


Се формира мрежа за иновативен туризам


Скопје, 14 мај, 2018 - 17:12 (META) 

Во рамките на проектот за зајакнување на иновативен туризам (СТЕП) денеска се одржа првата конститутивна седница на мрежата за проширување и унапредување на стратешкиот и координиран пристап до нови и стратешки пазари за извоз на туризам за туристички бизниси и за подобрена комуникација и соработка.

Учесници беа претставници мали и средни претпријатија, владини агенции на централно и на локално ниво, стопански комори, стартери и граѓани, како и невладини организации и медиуми.

На првиот состанок беа разгледани активностите кои ќе доведат до постигнување на резултатите од проектот.

Сите учесници се подготвени да бидат активен дел од мрежата. На средбата беа презентирани и позитивните искуства на некои нови компании и бизниси кои ќе бидат поттик за сите други потенцијални членови.

Утре ќе се одржи првата конститутивна седница во регионот на Елбасан.

Проектот за зајакнување на иновативен туризам (СТЕП) партнерски го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Центарот за регионален развој на Полог и Советот на округот Елбасан.


Општина Гостивар и „Метаморфозис“ потпишаа Меморандум за соработка за Проектот за зајакнување на иновативен туризам


Гостивар, 19 март, 2018 - 16:55 (META) 

Општина Гостивар и Фондацијата за интернет о и општество „Метаморфозис“, денеска потпишаа Меморандум за соработка за Проектот за зајакнување на иновативен туризам (СТЕП).

Меморандумот го потпишаа градоначалникот Арбен Таравари и извршниот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари.

На свеченоста на потпишувањето присуствуваше и шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар.

Целта на проектот е да се промовира енергичен туристички сектор кој ефикасно се прилагодува на потребите на домашните и меѓународните пазари и придонесува за забрзување на порастот и стимулирање на отворањето нови работни места во прекуграничната туристичка зона помеѓу Македонија и Албанија, поточно во подрачјето на Гостивар и Елбасан.

Со меморандумот Фондацијата „Метаморфозис“ со Заедницата за развој на полошкиот регион и Советот на Елбасан е превидено да ги промовираат вредностите на сите потенцијални места и можности за развој на туризмот во полошкиот регион.

Општината Гостивар ќе обезбеди информации, експертиза и искуство, како и ќе ги поттикне малите и средни претпријатија и сите заинтересирани страни активно да дадат придонес кон реализирање на целите на проектот.

Проектот е финансиран од Програмата за меѓугранична соработка на Европската Унија (ИПА 2).


Македонија и Албанија ќе развиваат иновативен туризам во Полошкиот и регионот на Елбасан


Тетово, 15 март, 2018 - 15:24 (META) 

Денеска во хотелот „Меркур“ во Тетово беше претставен новиот проект на Европската Унија за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија во областа на развојот на туризмот СТЕП.

Проектот за зајакнување на иновативниот туризам (СТЕП) ќе биде имплементиран од Фондацијата „Метаморфозис“ во соработка со Центарот за развој на Полошки плански регион и Советот на Округот Елбасан.

На промотивниот настан каде што покрај официјалните претставници на двата региона, носителите на проектот и десетици туристички претприемачи од двата региона, свои обраќања имаа градоначалничката на Тетово, Теута Арифи и словенечкиот амбасадор, Милан Јазбец.

Покрај размената на искуства, на настанот беа претставени потенцијалните придобивки од проектот за малите и средните претпријатија и другите релевантни јавни и приватни туристички субјекти од регионот на Елбасан во Албанија и Полошкиот регион во Македонија.

Фокусот на проектот е зајакнување на конкретниот потенцијал на тутристичката понуда преку иновативни пристапи и употребува на онлајн алатки со цел зајакнување на капацитетите, меѓуграничната соработка, креирање на подобри понуди и отворање кон нови пазари.

Воедно, овој настан беше почетна точка за креирање на СТЕП мрежа на туристички субјекти од двата региони.