Палмер: Опозицијата да размисли што нуди Договорот од Преспа


Скопје, 1 август, 2018 - 19:21 (META) 

Метју Палмер, в.д. заменик-помошник на Државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, по денешните средби со Христијан Мицкоски и со премиерот Зоран Заев, упати порака на опозицијата дека треба сериозно да размисли што нуди Договорот со Грција за Македонија. Тој се обрати и до македонскиот народ, дека треба да се искористи моментот за историски важна одлука.

-На опозицијата и порачав и ќе продолжам да ја пренесувам таа порака дека на оваа ситуација треба да ја гледа стратегиски, да ја стави Македонија на прво место, и да мисли за иднината на младите луѓе, и што како иднина нуди Договорот од Преспа како европска иднина на Македонија, што отвора како можности и да најдат начин како да ја поддржат оваа европска иднина, рече Палмер по средбата во Владата со Заев.

Тој претходно се сретна со Мицкоски и со претседателот Ѓорге Иванов. вечерва треба да одржи средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Американскиот дипломат го нарече референдумот за Договорот од Преспа историски момент за Македонија и порача оти се надева дека граѓаните ќе излезат на референдумот да го кажат својот став.

„Македонија веќе доби историска покана од страна на НАТО, а доби и јасен пат за пристапни преговори со ЕУ. Референдумот на 30 септември ќе биде важен датум. Се надеваме дека граѓаните ќе излезат да гласаат да го кажат својот став и дека ќе го направат тоа во атмосфера ослободена од дезинформации и обесхрабрување. Ова е навистина историски момент за Македонија и Договорот од Преспа ја отвора европската иднина за Македонија – рече Палмер.


В.Д. заменик-помошникот државен секретар на САД Палмер во Македонија


Скопје, 31 јули, 2018 - 11:45 (META) 

Метју Палмер, Вршител на должноста (В.Д.) Заменик-помошник Државен секретар на САД за Европа и Евроазија, ќе ја посети Република Македонија од 1 до 3 август, за да ја искаже поддршката на САД за Договорот од Преспа што земјата го постигна со Грција, како и за прогресот на земјата кон членството во НАТО и во ЕУ, соопшти амбасадата на САД во Македонија.

При посетата Палмер ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев и со лидери на политички партии.

Тој ќе учествува на прославата на Илинден во Крушево и ќе се сретне со официјални претставници на локалните власти надвор од Скопје.


Европските компании кои инвестирале во руски гасовод ќе се соочат со санкции од САД


Вашингтон, 12 јули, 2018 - 10:32 (META) 

Санкции за европските компании кои инвестирале во рускиот гасовод „Северен поток 2“ кон Германија, најави администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

– Бевме јасни дека постои ризик од воведување санкции за компаниите кои работат во секторот на рускиот енергетски извоз –  изјави претставник на американскиот Стејт департмент.

Тој додаде дека Вашингтон смета дека „гасоводот ќе ја поткопа целата енергетска безбедност и стабилност на Европа, давајќи и на Русија уште еден инструмент за вршење политички притисок врз европските земји, особено врз Украина“.

Доколку САД ги спроведе санкциите, засегнати ќе бидат компаниите „Унипер“ (Uniper), „Винтершел“ (Wintershall), „О-ем-ве“ (OMV), „Анжи“ (Engie) и „Шел“ (Shell).


САД: Реформите мора да продолжат, независно од процесот на пристапување во ЕУ


Вашингтон, 29 јуни, 2018 - 9:33 (META) 

Американскиот Стејт департмент ја поздрави одлуката на Советот на ЕУ да предложи план за отворање пристапни преговори со Македонија и Албанија во јуни 2019 година и уште еднаш ја потврдува важноста на постигнатиот Договор со Грција.

Во соопштението за МИА од Стејт департментот се наведува дека планот на ЕУ зависи од натамошниот напредок во одредени области.

„Одлуката на Советот ги нагласува силните напори што двете земји ги направија во имплементација на реформите за усогласување на нивните закони со стандардите на ЕУ“, истакнуваат од Стејт департментот.

Понатаму се укажува дека како пријател и партнер на Македонија, САД и помага на македонската влада за успех во евро-атлантските интеграции на земјата.

„Ова вклучува владеење на правото, подобрување на одговорното владеење, како и реформи во судството, разузнавачките служби и јавната администрација. Ова се важни прашања кои мора да се решат независно од процесот на пристапување во ЕУ“, посочуваат од американскиот Стејт департмент.


САД ги охрабруваат Македонија и Грција да најдат заемно прифатливо решение


Вашингтон, 8 јуни, 2018 - 10:28 (META) 

Стејт департментот ја потврдува својата континуирана поддршка за разговорите меѓу Македонија и Грција, истовремено охрабрувајќи ги лидерите на двете земји да постигнат заемно прифатливо решение, изјавија од Стејт департментот за грчката новинска агенција АНА-МПА.

„САД продолжуваат да ги поддржуваат тековните разговори под покровителство на Обединетите нации за решавање на прашањето за ПЈРМ. Ги охрабруваме лидерите на Македонија и Грција да најдат заемно прифатливо решение во интерес на евроатланската интеграција, економскиот просперитет, мирот и безбедност во регионот“, се вели во писмената изјава.


Стејт Департментот ги поддржува лидерите на Македонија и Грција во обидот за решение


Вашингтон, 1 јуни, 2018 - 10:04 (META) 

САД и натаму ги поддржуваат актуелните преговори под водство на Обединетите нации за проблемот околу името на Македонија, соопштија од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик, нагласувајќи ја поддршката за решение на овој долгогодишен спор.

„Се надеваме дека лидерите на Македонија и Грција ќе најдат заедничко прифатливо решение за проблемот со името, што ќе биде во интерес на евроатлантската интеграција, економскиот просперитет, мирот и стабилноста во регионот“, соопшти Стејт департментот.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека решението за деценискиот спор за името никогаш не било поблиску, но не изнесе повеќе детали за евентуалниот договор, кој според најавите треба да се финализира во телефонски разговор со неговиот грчки колега Алексис Ципрас.

Претседателот Ѓорге Иванов, пак, по вчерашната средба со шефот на дипломатијата Никола Димитров на која беше инфомиран за текот на процесот за решавање на спорот со Грција, соопшти дека за него е неприфатливо име за севкупна употреба и промена на Уставот.


Религијата и натаму игра улога во судските спорови, констатира Стејт департментот


Вашингтон, 30 мај, 2018 - 9:43 (META) 

Американскиот Стејт департмент синоќа го објави годишниот извештај за верските слободи за 2017 година, во кој во делот за Македонија се наведува дека верските разлики продолжуваат да играат улога во кривични и граѓански судски процеси.

Притоа, Стејт департментот го нотира повторениот процес против владиката Јован Вранишковски.

„Основниот суд Скопје лани во март го осуди Вранишковски, архиепископ на Охридска архиепископија, за перење на пари. Владиката беше осуден на седум месеци затвор. Судот, исто така, нареди конфискација на земјиште на ОА во вредност од 140 илјади евра, што подоцна и се изврши“, се наведува во извештајот.

Во него, исто така, се наведува дека „Европскиот суд за човекови права во ноември пресуди во корист на ОА, наведувајќи дека со одбивањето да ја регистрира како одделна верска група, власта ги нарушила првата на оваа црква за слобода на здружување и слободно практикување вера“.

Нотирани се и поплаките од Исламската верска заедница во Македонија, за тоа дека во селото Лажец и во Крива Паланка се вршат блокади за изградба на џамии под притисок од локални жители, кои се противат на изградбата. ИВЗ, исто така, се пожалила дека властите продолжуваат да ја блокираат реконструкцијата на џамијата во Прилеп, запалена за време на конфликтот во 2001 година.

Во извештајот за 2017 година се наведува и дека Македонската православна црква се пожалила дека општина Струга се уште не донела одлука за изградба на православна црква во селото Белица и дека општина Тетово одбила да изгради пристапен пат до градската црква.

Стејт департментот наведува дека американскиот амбасадор и други претставници на амбасадата имале средби со владини и парламентарни претставници, верски заедници и организации од граѓанското општество, со кои дискутирале за прашања поврзани со верската слобода.

Стејт департментот вчера славеше 20-годишнина од донесувањето на Законот за меѓународни верски слободи. Оттогаш секоја година поднесуваат извештаи до американскиот Конгрес за поддршка на верските слободи и права на граѓаните низ светот, за кои САД се голем поборник.

По повод годишнината, државниот секретар Мајк Помпео ова лето ќе биде домаќин на министерски совет за поддршка на верските слободи на кој ќе се соберат верски лидери, активисти за човекови права и граѓанско општество од целиот свет.


Шекеринска во Стејт Департментот: Македонија е подготвена за членство во НАТО


Вашингтон, 28 април, 2018 - 12:21 (META) 

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на вториот ден од официјалната посета на САД се сретна со заменик – помошникот на секретарот за одбрана Лора Купер и со високи официјални лица во Стејт Департментот.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на средбата со првиот заменик – помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски работи на Стејт Департментот, Елизабет Милард, министерката Шекеринска ги образложила аргументите поради кои Македонија го заслужува членството во НАТО – зголемувањето на буџетот и платите за Армијата, одбранбените реформи, зголемувањето на бројот на војници во мисијата во Авганистан, но и на поширок план – враќањето на критичките и слободни медиуми, владеењето на правото, активната транспарентност на која се обврза Владата како една од алатките против корупцијата.

Високата претставничка на Стејт Департментот Милард, се посочува, оддаде признание за напредокот, кој го постигна земјата само една година по кризните настани во Собранието, и потенцираше дека САД се силен пријател на Македонија кој одблизу го следи и поддржува прогресот на земјата.

Во Стејт Департментот министерката Шекеринска се сретна и со заменик – помошник секретарот Метју Палмер, кој истакна дека работите во Македонија се одвиваат многу бргу, а земјата е подготвена не само да биде членка на НАТО, туку членка која активно придонесува во Алијансата.


Стејт департментот виде потчинети медиуми, напади врз новинари и недоверба на јавноста


Скопје, 23 април, 2018 - 11:47 (META) 

Бројни проблеми со закани и напади со новинари, медиуми потчинети на политиката и економските интереси и недоверба на јавноста во медиумите се дел од крупните проблеми што ги нотира извештајот за состојбата со човековите права за 2017 година за Македонија, подготвен од Стејт департментот на САД.

„Уставот обезбедува слобода на изразување, вклучително и на медиумите, но владиниот притисок на медиумите, неказнувањето на сторителите на насилство врз новинарите и другите вработени во медиумите, како и медиумски пазар поделен по линиите на политичките партии, се и понатаму проблем“, одбележува извештајот.

Пренесувајќи ја на почетокот на својата оценка и анкетата на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ за 2016 и 2017, во која се откри поразителниот факт дека само 5 отсто од граѓаните во потполност им веруваат на медиумите, Стејт департментот, потсетува и на реакцијата од 28 април на шест медиумски организации, меѓу кои и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Европската федерација на новинари, во која беше обвинета претходната влада дека не ги почитува слободата на изразување и слободата на медиумите и дека не презема мерки за заштита на новинарите.

Ограничен број медиумски чинители активно изразувале мноштво гледишта без одредени рестрикции, но медиумските куќи и известувањето и понатаму се поделени по политички линии, се вели во извештајот, во кој се цитираат и согледувањата на „Фридом хаус“ од 2 февруари 2017, дека многу приватни медиуми се во сопственост на бизнисмени, кои ги злоупотребуваат за своите комерцијални интереси или за да дојдат до придобивки од владата“.

Се наведува и извештајот на ЗНМ од април за медиумската ситуација до стапувањето на новата влада на сила, во која се зборува за обемно пренасочување на јавните пари од централно и локално ниво во медиумите. Во однос на новата влада, се вели дека од 22 август го прекинала владиното рекламирање, освен на социјалните мрежи, а на истото ги повикала и локалните власти, како и дека од 19 септември е укината радиодифузната такса.

Во извештајот се споменуваат и наводите експертите на Европската комисија од 14 септември минатата година каде се нагласува дека новинарите честопати не ги почитуваат етичките стандарди, наведувајќи ги и наводите за самоцензура и селективно известување од страна на некои новинари, што е резултат на коруптивни практики и недостиг на професионални вештини.

Се повторува и оценката за заканите лошите работни услови на новинарите и финансиската нестабилност на медиумските компании.

Во поглед на заканите и насилството врз новинарите, како „јасен сигнал за агресијата што се користи за замолкнување на новинарите“ се одбележува случајот од 7 јуни 2017 година, кога неидентификувани лица се заканија на Елида Зилбеари, главната уредничка на информативниот портал „Порталб“, кој е дел од „Метаморфозис“, по објавувањето на статија за злоупотреби од страна на Блерим Беџети во текот на неговото раководење со Општина Сарај. Истрагата за овој случај не е завршена до септември, се одбележува во извештајот.

Стејт Департментот потоа се осврнува на попречувањето на новинарите да си ги извршуваат професионалните обврски, вклучително и претепувањето на шестмина новинари во насилствата на 27 април во Собранието. Еден од нив, кој веројатно беше и најмногу натепан, беше и тогашниот новинар на агенцијата „Мета“ (проект на „Метаморфозис“), Димитар Тануров, чии искази ги пренесува Стејт Департментот во својот извештај.

„Димитар Тануров, новинар на независната агенција ,Мета’ кажа пред Комисијата за заштита на новинарите дека гневните демонстранти му се заканиле и му наредила да престане да фотографира во текот на демонстрацијата во парламентот. Според Тануров, кога ја видоа мојата новинарска легитимација и за кого работам, ме нарекоа предавник, ми го зедоа телефонот и продолжија да ме удираат и да ме клоцаат додека лежев на подот’“, наведува Стејт Департментот, кој ги спомеува и нападите врз репортерите на 27 февруари и 10 март на протестите на „За заедничка Македонија“.

Во поглед на навредата и клеветата, во извештајот се наведува дека до 23 ноември минатата година имало 39 процеси за нарушување на личниот углед против новинари, уредници или управители или сопственици на медиуми. Како што вели Стејт департментот, според некои уредници и сопственици, високите казни во постапките, дополнително ќе ја засилат самоцензурата.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


Стејт департмент: САД ја подржуваат интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО


Вашингтон, 19 април, 2018 - 14:47 (META) 

Американскиот Стејт департмент дава безрезервна поддршка за евроатлантската иднина на Македонија, откако земјата доби неусловена препорака од Европската комисија за започнување на преговори за членство во ЕУ.

На прашањето од МИА како САД ги оценуваат напорите на новата македонска Влада за подлабоки реформи и демократизација на општеството, од Стејт департментот велат дека САД продолжуваат да работат со Македонија на овие предизвици.

„Со Владата работиме на спроведување на судските реформи и владеењето на правото, слободата на медиумите и одговорно владеење. САД остануваат верен пријател и партнер на Македонија и ја подржуваме евроатланската иднина на земјата“, велат од Стејт департментот.

Од таму додаваат дека даваат и силна поддршка на возобновените разговори под покровителство на ОН за спорот со името на Македонија и очекуваат разрешување на оваа долготрајна причина за раздор помеѓу Грција и Македонија.

„Ги охрабруваме двете земји да демонстрираат потребна флексибилност и креативност за да се најде заеднички прифатливо решение во интерес на безбедноста, економскиот развој и мирот во регионот“, се вели во изјавата од Стејт департментот.