Во првите пет месеци бројот на туристи зголемен за 15 проценти


Скопје, 12 јули, 2018 - 14:40 (META) 

Во првите пет месеци од годината, во однос на истиот период лани бројот на туристите е зголемен за 15, 1 проценти, и тоа кај домашните туристи има зголемување за 7,8 проценти, а кај странските има зголемување за 19 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Во истиот период, бројот на ноќевањата е зголемен за 13,6 проценти и тоа кај домашните туристи има зголемување за 5,4 проценти, а кај странските има зголемување за 19, 1 проценти.

Најголем број од туристите ги посетуваат нашите езера и Скопје. Најбројни се туристите од Турција, Бугарија, Србија, Грција, Германија и Холандија.


Во првиот квартал, уделот на земјоделството во БДП пораснат за 5,1 отсто


Скопје, 8 јуни, 2018 - 9:54 (META) 

Во земјоделството е забележан пораст од 5,1 отсто во првиот квартал, во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во овој период земјоделство, шумарство и водостопанство учествуваат со 6,6 отсто во домашниот бруто-производ, за разлика од истиот период во 2017 година, кога овој процент изнесувал 1,5.

„Високиот раст во областа на земјоделството се должи на повисока откупна цена на земјоделските производи, зголемен извоз на земјоделско-прехрнбени производи, создавање на поволни економски услови за извоз, контрола на увозот на стоки и други фактори. Големо влијание имаат и мерките што се преземаат во делот на субвенциите како што е навремена исплата, зголемените субвенции за земјоделците со развоен потенцијал, и мерки за поддршка на млади земјоделци“, велат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.


Просечната нето-плата во јануари изнесувала 24.025 денари


Скопје, 23 март, 2018 - 14:53 (META) 

Просечната месечна нето-плата исплатена во јануари изнесува 24.025 денари и е зголемена за 5,5 отсто во однос на истиот месец лани, објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

Ваквото зголемување се должи на зголемувањето на просечната нето-плата по вработен во секторите уметност, забава и рекреација (37,3 проценти), рударство и вадење на камен (20.3 проценти) и земјоделство, шумарство и рибарство (12,5 проценти).

Од ДЗС исто така известија дека го промениле досегашниот начин на прибирање на податоците за плати, односно од хартиени обрасци чиј извор биле деловните субјекти, преминале кон користење податоци од Управата за јавни приходи.

„Промената е направена со цел да се намали оптовареноста на извештајните единици и да се подобри квалитетот на податоците“, информираат од ДЗС.


Домашното бруто-производство на струја учествува со 79,6 проценти во потрошувачката


Скопје, 25 октомври, 2017 - 13:53 (META) 

Во август годинава, потрошени се 564.426 мегават-часови електрична енергија, 22.137 милиони кубни метри природен гас, 422.280 тони јаглен и 100.127 тони нафтени продукти, објави Државниот завод за статистика.

Домашното бруто-производство на електрична енергија учествува со 79,6 проценти во домашната бруто-потрошувачка, додека 95,7 проценти од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.


Бројот на туристи зголемен за 15,8 отсто во првите осум месеци во однос на лани


Скопје, 12 октомври, 2017 - 16:06 (META) 

Во првите осум месеци годинава бројот на туристите е зголемен за 15,8 отсто во однос на истиот период од лани, објави Државниот завод за статистика. Кај домашните туристи има зголемување за 6,6 проценти, а кај странските за 22,7 проценти.

Бројот на туристите во август изнесува 188.758 и во однос на истиот месец лани е зголемен за 20,4 проценти, а бројот на ноќевањата изнесува 766.844 и е зголемен за 10,4 проценти.

Во истиот период, бројот на домашните туристи е зголемен за 3,4 проценти, а бројот на странските туристи е зголемен за 46,5 проценти.

Бројот на ноќевањата на домашните туристи во август во однос на истиот месец лани е зголемен за 1,6 отсто, а бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 41,9 отсто.


Буџетот и јавниот долг достапни на веб-страницата на Министерството за финансии


Скопје, 6 јули, 2017 - 15:20 (META) 

Министерството за финансии информира дека на неговата веб-страница се направени промени на структурата, па сега на посетителите лесно достапни ќе им бидат извршувањето на буџетот, како и јавниот долг и долгот на државата.

„За да се подобри транспарентноста и отчетноста на јавните финансии, на официјалната интернет-страница додаден е посебен оддел „Статистика“, во кој лесно достапни се сите поважни информации, како што се: извршувањето на буџетот, јавниот долг и долгот на државата, макроекономски индикатори и статистички прилог. Најважна промена е почнувањето на објавување на податоци кои досега не биле достапни за јавноста. Прв таков податок е извештајот за месечните приходи и расходи на различни буџетски корисници. Со него јавноста секој месец ќе има увид во состојбата кај сите пооделни буџетски корисници“, информираат од Министерството за финансии.

Оттаму додаваат дека за олеснување на научно-истражувачката работа на експертската јавност и на новинарите, сите податоци отсега ќе бидат објавувани во отворен формат „ексел“ наместо во „пдф“.


Минимално зголемување на цените на угостителските услуги во однос на лани


Скопје, 5 мај, 2017 - 12:53 (META) 

Цените на угостителските услуги за периодот јануари-април 2017 година, во однос на истиот период лани, се зголемени за 0,5 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Цените на угостителските услуги во април, во споредба со март 2017 година, пак, се зголемени за 0,8 отсто.

Споредено по групи на услуги, зголемување е забележано во групите храна за 0,1 отсто, безалкохолни пијалаци за 0,7 отсто и ноќевања за 3,1 отсто, додека во групата алкохолни пијалаци има намалување за 0,2 отсто.


Во првите три месеци, извозот и увозот зголемени за 10 отсто во однос на лани


Скопје, 4 мај, 2017 - 12:55 (META) 

Извозот во првите три месеци од годинава изнесува 1.202.883.000 долари и бележи пораст од 10,7 проценти во однос на истиот период лани, објави Државниот завод за статистика.

Во истиот период, увозот изнесува 1.655.213.000 долари, што е за 10,5 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-март 2017 година, изнесува 452.330.000 долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, и електричната енергија.


Алкохолот поевтинил, храната поскапела во март


Скопје, 5 април, 2017 - 12:47 (META) 

Индексот на цените на угостителските услуги во март годинава во споредба со февруари е зголемен за 0,1 отсто, а притоа алкохолот поевтинил, додека храната поскапела, покажуваат податоците што денеска ги објави Државниот завод за статистика.

Храната поскапела за 0,2 отсто, безалкохолните пијалаци за 0,1 отсто, а алкохолните пијалоци поевтиниле за 0,4 отсто.

Индексот на цените на угостителските објекти во март годинава во однос на истиот месец лани е зголемен за 0,3 проценти.

Индексот за првите три месеци од годинава, пак, во однос на истиот период лани е зголемен за 0,3 проценти, но во однос на декември лани се намалил за 0,1 отсто.


Повеќе од 80 отсто од потрошената електрична енергија била од домашно производство


Скопје, 24 февруари, 2017 - 13:50 (META) 

Во декември минатата година, вкупно се потрошени 840.394 мегават-часови електрична енергија, 46.663 милиони кубни метри природен гас, 469. 206 тони јаглен и 87. 872 тони нафтени продукти, објави Државниот завод за статистика.

Домашното бруто-производство на електрична енергија учествува со 81,1 отсто во домашната бруто-потрошувачка на електрична енергија, додека 95,6 отсто од вкупната потрошувачка на јаглени се употребени за производство на електрична енергија.