!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Статистика на МВР: Мажите најмногу вршат семејно насилство, а жените се најчести жртви


Скопје, 9 октомври, 2017 - 13:09 (META) 

Во првите шест месеци од оваа година, полицијата поднела кривични пријави против вкупно 388 лица осомничени за семејно насилство, покажуваат статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи.

Од вкупниот број на сторители на ова кривичното дело, според статиските, 94 отсто се мажи. Во најголем број од пријавените случаи или во вкупно 161 случај, насилството било извршено од сопруг, во 84 случаи од син и во 21 случај од татко.

Најранлива категорија во семејното насилство и понатаму се жените, кои во 75 од пријавените случаи биле жртви на насилство. Покрај нив, жртви на семејно насилство се и родителите и децата.

„Според начинот на извршување, најзастапено е физичкото насилство, во дури 323 од случаите, во 17 случаи е пријавено физичко насилство со ладно оружје и во еден случај со употреба на огнено оружје. При семејно насилство, на жртвите во 58 отсто од случаите им се нанесени телесни повреди, а во 39 отсто од случаите се работи за кривично дело загрозување на сигурноста. Најчесто семејните насилства се извршени во состојби на растројство и тоа во 164 од случаите“, стои во соопштението на МВР,

Во првите шест месеци, како што покажуваат статиските на МВР, регистрирано е и едно убиство на сопруга и два обиди за убиство.