Царовска: Нема зголемување на старосната граница за пензионирање


Скопје, 13 април, 2018 - 12:03 (META) 

Нема да има зголемување на старосната граница за пензионирање, а пензиите се стабилни и безбедни, рече денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која на прес-конференција во Владата информираше за сработеното во изминатите 11 месеци.

– Работиме на стабилизација на системот за пензии, затоа што знаеме дека за 10 години ВМРО-ДПМНЕ за трипати го зголеми долгот на пензискиот фонд. Редовно ги усогласуваме пензиите, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, кое две години не предвиде средства. Но, размислуваме и за идните пензионери и наскоро ќе излеземе со планот за стабилизација на ПИОМ. И, повторувам, дека покачувањето на старосната граница нема да има, иако тоа излезе од многу места како информација – рече Царовска.

Во однос на стечајците, таа рече дека 453 стечајни работници добиле позитивни решенија според Законот за стечајци, а со донесувањето на новиот закон за минималната плата, повеќе  од 90.000 граѓани добиле повисока плата, со што се изедначени примањата за сите работници во државата во текстилната и кожарската индустрија.

Ообезбедени се средства за 138 нови вработувања во центрите за социјална работа и се вработени 486 лица на неопределено време во градинките, отворени се три нови регионални преноќувалишта за бездомни лица и е завршена реконструкцијата на 30-те центри за социјална работа кои опслужуват повеќе од 200.000 граѓани.

Покрај капиталните и проектите за детска заштита, се подготвуваат нови закони за социјална заштита и за работни односи, се работи и на нов европски закон за недискриминација.

 


Заев: Во ПИОМ фалат 500 милиони евра, може ќе треба да се зголеми возраста за пензионирање


Скопје, 22 февруари, 2018 - 16:37 (META) 

Jавноста треба да знае некои работи за дупката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ), некои првпат ќе ги соопштам… Секоја година државата ја покрива дупката во ПИОМ и оваа година таа е приближно 500 милиони евра. Тоа се пари што државата мора да ги внесува во Фондот и ако не е тоа, тие пари би се користеле за изградба на патишта, школи, болници, рече премиерот Зоран Заев во Собранието во попладневната сесија на седницата за пратенички прашања. Тој најави можно зголемување на возраста за пензионирање и на придонесите за вработени.

За разлика од првата сесија, попладневната ја водеше новоизбраниот потпретседател на Собранието, Горан Мисовски.

Одговарајќи на прашањето на пратеничката од СДСМ, Фросина Ташевска – Ременски за дупката во ПИОМ, Заев рече дека за побараните информации секако ќе мора да се одговорат во писмена форма, но и дека поради сериозноста на прашање „се чувствува должен да каже некои работи“.

– Oва е важно прашање зашто актуелнитe пензионери се загрижени, но идните пензионери треба да бидат уште позагрижени. Треба да бидеме загрижени за стабилизирање на ПИОМ. Логиката за падот на невработеноста значи дека тој треба да се полни, но тој создава се поголем дефицит. Знаете дека годините на пензионирање пораснаа опционо 67 за маж, 65 за жени, и тоа треба да значи дека Фондот се полни, но тој создава се поголем дефицит. Фондот постојано се празни. Ако сакаме нормално и здраво да зборуваме, чесно треба да зборуваме и некои работи да ги донесеме во нормала – рече Заев обвинувајќи ја претходната власт.

Тој рече дека е ангажирана Светската банка да се направи комплетна анализа на ПИОМ, на сите влезни и излезни податоци, но и да се провери дали секој што добива пензија, има законска основа да ја прима, како и за тие работни места што се субвенционирани. Според премиерот, ако не се постигне целта да се заздрави економијата и да се крене стандардот, ќе мора, поради дупката во ПИОМ, да зголеми возраста за пензионирање и височината на придонесите.

– Веројатно ќе треба да се повлечат непопуларни мерки. Но, сакаме да го надминеме проблемот со заздравување на економијата. Ете, Македонија излезе од криза, има заинтересирани за инвестиции и тоа е стабилната основа и за ПИОМ и за нови работни места и за повисоки плати, до нивото додека економијата порасне до степен за достоинствени плати во Македонија, тоа е моментот когоа треба да се прекрши заминуваањето во странство од младите. Но ако не биде така, јас мора да ги соопштам и непопуларните мерки што би се презеле. Тоа се покачување на годините за пензија и да ги зголемиме придонесите. Но, тоа мора да го издржи економијата, оти ваквата мерка може да одврати инвестиции. Затоа сме насочени кон издржани мерки. Но и опозицијата мора да биде тука, да испраќаме сигнали за силна држава. Целото ова како механизам мора да биде ставено на здрави основи, без популизам. Се надевам нема да се покачи старосната граница и нема да се покачат придонесите. Но, тоа ќе значи дека е јака економијата – рече Заев.


Полска ја намали старосната граница за пензионирање


Варшава, 16 ноември, 2016 - 19:04 (META) 

Полските пратеници гласаа за намалување на старосната граница за пензионирање и покрај прашањето како ќе се финансира новиот пензиски систем.

Долниот дом денеска гласаше за тоа од октомври следната година, жените да можат да се пензионираат на 60 години, а мажите кога ќе наполнат 65 години.

Според актуелниот систем, старосната граница за пензионирање требаше постепено да се зголемува и пензионирањето за двата пола да биде на 67 години.

Намалувањето на старосната граница било клучно ветување на конзервативната партија Закон и правда.