!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Европскиот стандард ќе го достигнеме за 30 години ако БДП има пораст од 4 процнети


Скопје, 13 септември, 2017 - 14:24 (META) 

Македонските граѓани ќе го достигнат европскиот стандард на живот за 30 години доколку во наредните години домашниот бруто-производ (БДП) има пораст од 4 проценти, а порастот на БДП во ЕУ е 2 проценти.

Ова го покажува најновата студија на Владимир Глигоров од Виенскиот институт, која денеска беше презентирана во „Холидеј ин“. На презентацијата, меѓу другите, присуствуваа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и претставници од Стопанска комора на Македонија.

Глигоров смета дека за пораст на економијата во Македонија најважна е поддршката на домашните компании, кои своите производи треба да ги пласираат на странските пазари. Тој препорачува да се вложува во иновативни проекти, во научно-технолошки процеси и да се спроведат активни мерки за вработување.

– Странските инвестиции и технологијата се добредојдени, но земјата мора да има сопствен претприемнички потенцијал – изјави Глигоров.

Премиерот Зоран Заев изјави дека е убеден дека поддршката на домашното стопанство и странските инвестиции се најважната спирала на порастот на економијата и на развојот на среден и на долг рок.

– Убеден сум дека не мора да чекаме да дојдеме до 90 проценти од она што е просекот на Европа. Еве, со 4 проценти пораст тоа се постигнува. Целта на Владата е економскиот пораст да се зголеми на 5 проценти од домашниот бруто-производ – додаде Заев.


ВМРО-ДПМНЕ: Се зголемуваат ставки за договорни услуги, се крати за граѓаните


Скопје, 1 август, 2017 - 16:31 (META) 

Владата на СДС спроведе ребаланс на буџет од кој јавноста виде дека ќе се зголемуваат ставки за договорни услуги, ќе се отвора простор за партиски вработувања, но затоа ќе се кратат средства за градинки, пензионерски домови и за дневни центри за згрижување на деца со посебни потреби, изјави на прес-конференција Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа додаде дека ВМРО-ДПМНЕ во својата програма јасно ветила дека ќе ја зголемува социјалната помош за ранливите категории граѓани за 10,6 проценти на годишно ниво.

– Тоа значи дека ако ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, оваа година примателите на социјална помош ќе добиеа поголема социјална помош за 10,6 проценти. Тоа е вистинската грижа и одговорност која граѓаните сакаат да ја видат и од СДС. ВМРО-ДПМНЕ како еден од своите врвни приоритети го има подобрувањето на животниот стандард, подобрувањето на условите за живот и намалувањето на социјалниот ризик за примателите на социјална парична помош – изјави Стаменковска.


ВМРО-ДПМНЕ: Секогаш кога СДС е на власт невработеноста енормно расте


Скопје, 28 мај, 2017 - 10:18 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ е партија која секојдневно се грижи за потребите на граѓаните на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ напорно работи за да се подобри стандардот, а доказ за тоа се бројните мерки и реформи што ги има реализирано, се вели во редовното утринско партиско соопштение.

„ВМРО-ДПМНЕ мораше да работи напорно за да се намалат штетите од лошото и катастрофално владеење на СДС кои кога беа на власт оставија 200.000 луѓе без работа и затворија 684 фабрики со криминалната приватизација. Статистиката покажува дека секогаш кога СДС е на власт невработеноста енормно расте. Во време на СДС невработеноста достигна рекордни 38 отсто. Но Владата на ВМРО-ДПМНЕ со реални проекти невработеноста ја намали на најниско ниво и тоа на 23,1 отсто. Сето ова ВМРО-ДПМНЕ го постигнува со заложбата да привлече што е можно повеќе странски инвестиции, додека СДС ги затвораше фабриките“, велат од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ додека тие преку различни мерки ја намалувале невработеноста во СДСМ најавува блокади на веќе отпочнатите проекти.


Граѓаните ќе може да увезуваат половни возила само со стандард „еуро 4“


Скопје, 21 јуни, 2016 - 10:41 (META) 

Рокот за увезување половни возила што се постари од 2005 година истекува на 1 јули и по овој датум граѓаните ќе можат да увезат половни возила само со стандард „eуро 4“ или повисок.

Граѓаните кои купиле половно возило со стандард „еуро 3“ имаат рок до 30 јуни да ја платат царината и да ги завршат сите увозни процедури. Рокот за хомологација засега е неограничен.

Одлуката за ограничување на увозот беше донесена уште во 2013 година и имаше одложено дејство.

Увозниците на нови возила тврдеа дека возилата со ниски еуро-стандарди се едни од главните предизвикувачи на загаденост на воздухот зиме.


Стопанска комора е првата институција што се приспособи на новиот стандард ИСО 9001:2015


Скопје, 10 мај, 2016 - 10:22 (META) 

Стопанската комора на Македонија е првата институција во земјава што своите оперативни процеси ги приспособи на барањата на новиот стандард ИСО 9001:2015.

– Комората постојано настојува да биде квалитетна институција, не само интерно, преку својот професионален, аналитичен и транспарентен кадар, туку и екстерно, во работата со сите партнери: државните институции, бизнис-асоцијациите, медиумите и другите соработници – стои во соопштенито на Стопанска комора.

Стопанската комора прва во Македонија, пред осум години, го имплементира и успешно го сертифицира ИСО-стандардот во своето работење.


Ахмети за виенски „Стандард“: Кои избори? Се шегувате со мене?


Виена, 25 април, 2016 - 17:21 (META) 

„Кои избори? Се шегувате со мене?“. Ова е реакцијата на лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, на првото прашање во интервјуто за австрискиот весник „Стандард“, во врска со одржувањето на изборите.

Лидерот на ДУИ, по реакцијата, објаснува дека ставот на неговата партија е исполнување на сите критериуми, за веродостојноста на изборите да биде признаена од сите и од меѓународната заедница.

„Ние, четирите партии, решивме да ги одложиме изборите за 5 јуни. Но, сега опозицијата ја оспорува работата на Државната изборна комисија. За земјата не би било добро да се оди на избори без опозиција. ДИК мора да се произнесе околу оправданоста на барањата на опозицијата, а тоа би требало да го коментираат и меѓународните претставници. Во земјата владее хаотична ситуација, владата не функционира, владее општо исчекување“, вели Ахмети за „Стандард“.

Тој вели дека „т.н. претседател Ѓорге Иванов“, кој не е избран од Албанците и кои од почетокот се сомневаат во неговата способност за функцијата, треба да ја повлече одлуката за аоблиција, која, како што вели Ахмети, е неприфатлива и спротивна на правната држава.

„Решението би било повторен почеток на дијалогот овде, во земјата. Државата не треба да се лизне во уште подлабока криза. Се разбира, средбата треба да биде со посредство на амбасадорите на ЕУ и на САД и подобро е да биде час поскоро. Ако нема средба заради надминување на кризата, ќе биде тешко“, одговара Ахмети на прашањето дали четирите партии би се состанале повторно доколку Иванов ја повлече одлуката.

Лидерот на ДУИ не исклучува ниту можност од насилни судири и на прашањето дали стравува од украинско сценарио, со оглед на конфронтациите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Ахмети вели дека уште пред 14 месеци првпат изјавил дека Украина не е далеку одовде.

„Реков дека мораме да соработуваме во надминување на кризата и на интеретничките односи. Тогаш некои политичари и креатори на јавното мислење ова го сметаа за шега. Работите не се движат добро, проблемот не се наоѓа само во Македонија, кризата ги надминува нејзините граници. Мислам дека се инволвирани и геополитички интереси“, вели Ахмети.

Тој на констратацијата на новинарот на „Стандард“ дека аболицијата на Иванов им е од корист главно на политичарите на ВМРО-ДПМНЕ, против кои се води кривична постапка, а на листата нема членови на ДУИ, одговара смеејќи се:

„Таа е во корист на сите партии, само не на мојата, на ДУИ. Ние сме дискриминирани зашто не сме на листата“, и додава, повтроно смеејќи се, дека не сака да се најде на листата на помилувани.

Според Ахмети, претставниците на Европската Унија, Јоханес Хан и тројцата европарламентарци, направиле добра работа и тие не се виновни за ситуацијата, туку четирите најзначајни партии, кои не го почитувале договореното, односно тоа што требаше да го спроведат.

На крајот на интервјуто, на констатацијата на „Стандард“ дека интеграцијата на Македонија во НАТО зависи од тоа колкав притисок ќе извршат САД врз Грција околу спорот со името и можната реакција од Москва, Ахмети одговара парафразирајќи го прускиот државник Ото фон Бизмарк.

„Смеам ли да го интерпретирам Бизмарк? Оној кој владее со Македонија, владее и со Балканот, а кој владее со Балканот, владее со Европа“, вели лидерот на ДУИ.


Груевски: На универзитетот „Дамјан Груев“ ќе предаваат врвни светски професори


Скооје, 27 февруари, 2016 - 18:01 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска заедно со пратеничката Олга Најденовска, беше на увид на неколку градежни објекти во општината Гази Баба. Груевски рече дека пратеничката Најденовска, која е и претседателка на собраниската комисија за образование, го информирала дека опозицијата сака да ја блокира работата на комисијата, за да не се оформи новиот универзитет „Дамјан Груев“.

Претседателот на владејачката партија објасни дека замислата на Владата со овој универзитет е да се направи конкуренција по квалитет на другите универзитети во државата.

„Во делот на правниот факултет, замислата е да не апсорбира многу студенти, веројатно 50 до 60 годишно, што е далеку од бројката на студенти на Правниот факултет во Скопје. Но, ќе се ангажираат професори од други држави, од Америка, од Западна Европа, кои имаат објавено многу трудови во влијателни списанија. Овој факултет треба да даде стимул и за останатите факултети да одат во тој правец, значи нема причина за страв, а ќе има многу висок квалитет“, рече Груевски.

Тој додаде дека слична ќе биде ситуацијата и на медицинскиот факултет, каде што предвидено било наставата да се одвива на англиски јазик.

„Идејата е  за десетина години тие факултети да продуцираат многу поквалитетен кадар. Не велам дека нашите професори се лоши, но во светот има држави што се понапред“, рече Груевски.

Тој негира дека новите факултети ќе бидат место за партиски вработувања, затоа што, како што рече, најголем дел од професорите ќе бидат врвни професори од светот.