!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Најмалку 22 лица загинаа, а 30 се повредени во стампедо во Индија


Мумбај, 29 септември, 2017 - 11:37 (META) 

Најмалку 22 лица загинаа, а 30 се повредени во стампедо на железничка станица во финансискиот центар на индискиот град Мумбај, соопштуваат од локалната болница.

Од полицијата велат дека стампедото било предизвикано од информација за уривање на надвозник, откако парчиња бетон почнале да паѓаат врз луѓето, а хаосот настанал кога луѓето побрзале да го поминат мостот.

Полицијата сè уште го истражува случајот.


Осум лица загинаа кога се урна ѕид при стампедо на фудбалски стадион во Сенегал


Дакар, 16 јули, 2017 - 12:58 (META) 

Осум лица загинаа, а околу 40 се сериозно повредени вчера, кога се урна ѕид на фудбалскиот стадион „Демпа диоп“ во главниот град на Сенегал, Дакар. На уривањето на ѕидот му претходела тепачка, а потоа стампедо предизвикано од фрлениот солзавец од полицијата, при што бил урнат и ѕидот.

На финалето во кое играа клубовите „УС Оукам“ и „Стаде де Мбоур“, навивачите почнале тепачка, по што интервенирала полицијата, фрлајќи солзавец за да ги растера. Потоа уследило панично стампедо, и притоа бил урнат еден ѕид.

Претседателот на Сенегал, Маки Сал, објави на „Твитер“ дека тие што стојат зад трагедијата ќе бидат казнети.


Бројот на загинатите кај Мека се зголеми на 310


Мека, 24 септември, 2015 - 13:13 (META) 

Бројот на жртвите во стампедото што се случи за време на прославата во близина на светиот муслимански град Мека се зголеми на 310, се наведува во новите податоци на саудиските служби за цивилна заштита.

Во соопштението се наведува дека уште 450 лица се повредени во големата турканица во Мина, околу пет километри од Мека. Во Мина се наоѓаат повеќе од 160.000 шатори во кои луѓето преноќуваат за време на прославата.

На местото на трагедијата се испратени 220 возила на Брза помош и 4.000 спасувачи, за да им се помогне на повредените.


Во стампедо во Мека загинаа 150 аџии


Мека, 24 септември, 2015 - 11:00 (META) 

Во стампедо за време на аџилак во светиот муслимански град Мека, загинаа 150 лица, а 400 аџии се повредени, објави службата за цивилна одбрана на Саудиска Арабија.

Турканицата се случила во Мина, населбата на Мека, која традиционално нуди привремено сместување за стотици илјади аџии.

Муслиманите во светот денеска го слават светиот ден Курбан-бајрам. Приближно 2 милиони аџии отпатуваа до Мека за прославата.

Пред две недели стотина луѓе загинаа во Мека, кога градежен кран падна врз џамија.


27 аџии загинале во стампедо во Андра Прадеш


Њу Делхи, 14 јули, 2015 - 11:50 (META) 

Најмалку 27 аџии загинале во стампедо на бреговите на светата река Годавари во индиската држава Андра Прадеш, пренесуваат светските агенции, повикувајќи се на изјави на локалните власти.

Околу 24 милиони хинду-верници се собрале на традиционално капење во реката Годавари, на почетокот на фестивалот Маха Пушкаралу, кој ќе трае во наредните 12 дена.

Аџиите веруваат дека капењето во реката ќе ги ослободи од нивните гревови.


Бангладеш: 22 загинати на добротворен настан


Мименсинг, 10 јули, 2015 - 10:44 (META) 

Најмалку 22 лица загинале во Бангладеш, во метеж кој настанал на добротворен собир за време на муслиманскиот месец Рамазан, соопшти полицијата.

Како што се наведува, 30 лица се повредени во градот Мименсинг, на северот на Бангладеш. Несреќата се случила кога стотина лица, кои се собрале пред куќа на локален бизнисмен за да соберат бесплатна облека, навалиле внатре кога се отворила капијата.


Светот влезе во новата година со огномети и со концерти, но и со трагични инциденти


Со спектакуларни огномети, концерти и со улични забави, вчеравечер, точно на полноќ, во светските метрополи беше дочекана Новата година.

Темна дамка на дочекот остави инцидентот што се случи во кинескиот град Шангај, каде најмалку 35 лица загинаа, а десетици други се повредени во стампедо неколку минути пред полноќ.

Засега нема прецизни информации што го предзвикало стампедото и истрагата на официјалните кинески власти е во тек.

Според едни информации, инцидентот бил предизвикан кога од зграда биле фрлени лажни пари, додека други велат дека луѓето се обиделе да се пробијат на платформа на реката Хуангпу.

Во меѓувреме, во Обединетите Арапски Емирати, стотици илјади луѓе пред полноќ се собраа да го проследат најголемиот огномет на светот на облакодерот Бурџ калифа. Повеќе од еден милион лица го исполнија пристаништето во австралискиот град Сиднеј за да го видат традиционално спектакуларниот огномет во близина на оперската куќа.

Во Њујорк стотици илјади луѓе ги преплавија улиците на градот и познатиот Тајмс сквер, каде на традиционален начин ја дочекаа Новата година.

На температура под нулата, десетици илјади се собраа на Црвениот плоштад во Москва да уживаат во огнометот над катедралната црква „Свети Василиј“ и над Мавзолејот на Ленин.

Во Париз, ласерско и светлосно шоу ја осветли Трумфалната порта, додека голем број луѓе го прославуваа дочекот на 2015 година на булеварот Елисејски полиња. Во главниот град на Германија, Берлин, стотици илјади луѓе се собраа пред Бранденбуршката порта, каде со концерт на отворено го славеа дочекот на Новата година и 25-годишната од падот на Берлинскиот ѕид.

Оние што Новата година ја славеа во главниот град на Обединетото Кралство, Лондон, можеа да уживаат во огнометот по должината на реката Темза, а во Единбург, главниот град на Шкотска, се одржа традиционалната улична забава.

Во Шпанија, стотици илјади луѓе ја испратија старата и ја дочекаа Новата година пред Пуерта дел Сол во Мадрид, а во Барселона новогодишната ноќ ја одбележи голем огномет.

Во Јапонија, пред храмот „Меиџи“ беа поставени големи кутии, каде што шинто-верниците ги оставаат своите понуди со надеж за успешна година.

Но, за жал, славеничка атмосфера не владееше насекаде во светот. Во Малезија расположението беше повеќе траорно по несреќата на патничкиот авион на „Ер Азија“, која се случи на крајот на годината, а за непријатната атмосфера причина беа и поплавите во северниот дел на земјата, поради кои 250.000 лица се раселени.

Во Багдад, главниот град на Ирак, властите го укинаа полицискиот час, кој трае веќе една деценија, за да можат граѓаните да останат до подоцна на улиците и да го слават дочекот на Новата година. Сепак, улиците во комерцијалните делови од градот останаа затворени поради претпазливост од можни бомбашки напади.

Новата година, инаку, први ја дочекаа жителите на островите Кирибати и Тонга во Тихиот Океан и на земјите од Далечниот Исток. Најдоцна во Новата година влегоа жителите на западниот брег на САД и на Алјаска.