!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Груевски се шетал низ Скопје и се радувал оти го овозможил Супер купот


Скопје, 8 август, 2017 - 13:19 (META) 

Поранешниот премиер, преку статус на својот фејсбук-профил, заслугите за Супер купот, кој се одржува денеска во Скопје, си ги припиша себеси и на ВМРО-ДПМНЕ и ја обвини сегашната власт дека сакала да го саботира тоа.

Во по малку „поетскиот“ статус, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, објаснува како тоа се случило „…Вчеравечер испешачив низ центарот на градот… Десетици илјади туристи, навивачи се забавуваат, уживаат во прошетките, се фотографираат пред секој атрактивен објект, пејат, играат, се веселат, а со нив и илјадници наши сограѓани го прават истото… Освен од Шпанија и од Англија, сретнав луѓе од многу земји…“, раскажува поранешниот премиер, за на крајот да напише: „Си заминав дома со мислата колку би било убаво…“

„Според правилата на УЕФА, Владата што ја предводев заедно со ФФМ официјално поднесе кандидатура, заедно лобиравме и убедувавме, заедно ветивме дека ќе се исполнат сите услови и заедно ги исполнивме. Националната арена „Филип Втори Македонски“, која пред една деценија беше половичен фудбалски стадион само со јужна трибина, денес, наспроти скептиците и политичарите кои го убедуваа народот дека ќе се урне и новите трибини ќе паднат, е оформен и целосно компатибилен атрактивен конкурентен и модерен спортски комплекс кој ќе биде домаќин на големото фудбалско доживување“, пишува Груевски.

Лидерот на опозицијата вели дека Скопје има со што да се пофали пред илјадниците туристи кои деновиве се во посета на градот. Тој нагласува дека Скопје има модернизиран аеродром, како и градби и знаменитости „кои Скопје го вбројуваат на туристичките мапи“. Тој вели дека Скопје пред 10 години бил град „без големи впечатоци, атрактивни и препознатливи градби“.

„Сето она што го направивме во изминатата деценија, со политиките кои ги водевме беше предмет на огромни напади кон нас, манипулации, хајки и лаги од страна на политичките опоненти и тоа исклучиво поради политички причини, целосно запоставувајќи ја и потценувајќи ја употребата и трајната вредност на градбите“, вели Груевски.

Тој ја обвини сегашната власт дека се обидела да прикаже дека стадионот не е доволно подготвен за Супер купот, што се покажало за неточно откако УЕФА го објавила рекламниот спот за Супер купот во Скопје.

„Како што се разобличи оваа лага за стадионот, ќе се демаскираат и сите други. Останува да се памети изграденото, создаденото и реализираното, а сè друго е политичка магла која како ќе паѓа, така ќе останува јасната слика на делата и на резултатите. Си заминав дома со мислата колку би било убаво секоја наредна влада по нас да се потруди да изгради и да создаде повеќе од нас, поубаво од нас, повпечатливо и покорисно истовремено, наместо како сегашната, да не прави ништо и целата енергија да ја впери во девалвирање на она што нивните опоненти го направиле и во кочење на крупните проекти што сме ги почнале“, додава Груевски.


Осум лица загинаа кога се урна ѕид при стампедо на фудбалски стадион во Сенегал


Дакар, 16 јули, 2017 - 12:58 (META) 

Осум лица загинаа, а околу 40 се сериозно повредени вчера, кога се урна ѕид на фудбалскиот стадион „Демпа диоп“ во главниот град на Сенегал, Дакар. На уривањето на ѕидот му претходела тепачка, а потоа стампедо предизвикано од фрлениот солзавец од полицијата, при што бил урнат и ѕидот.

На финалето во кое играа клубовите „УС Оукам“ и „Стаде де Мбоур“, навивачите почнале тепачка, по што интервенирала полицијата, фрлајќи солзавец за да ги растера. Потоа уследило панично стампедо, и притоа бил урнат еден ѕид.

Претседателот на Сенегал, Маки Сал, објави на „Твитер“ дека тие што стојат зад трагедијата ќе бидат казнети.


ВМРО-ДПМНЕ: Од подготовките на арената „Филип Втори“, остана уште паркиралиштето за репортажни возила


Скопје, 23 јуни, 2017 - 16:12 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска порача дека ако не се одржи Суперкупот на УЕФА на Национална арена „Филип Втори“, виновна за тоа ќе биде власта на СДСМ.

– До последниот извештај на УЕФА, Владата на ВМРО-ДПМНЕ редовно добиваше позитивни извештаи. Сè што беше побарано од стручните лица на УЕФА беше реализирано од наша страна. Единствените обврски што остануваат да се реализираат пред да дојде последната најавена посета од стручните лица на УЕФА се тековни работи околу климатизацијата и средување на просторот, таканаречен ТВ-компаунд, каде што треба да бидат сместени репортажните возила за ТВ-преносот на Суперкупот – рече Димче Арсовски, потпретседател на Унијата на млади сили на партијата, на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека нема сериозни пропусти во поглед на подготовките правени од претходната власт.

– Единствено треба да се обезбеди буџет за Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор со што сè би било реализирано во наредните 10 дена. Одржувањето на Суперкупот не смее во ниту еден случај да биде загрозено. Време за губење нема – рече Арсовски.


ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Заев за плакатот со „голема Албанија“ во Чаир


Скопје, 23 април, 2017 - 20:21 (META) 

Откако медиумите пренесоа дека на мечот помеѓу фудбалските клубови „Шкупи“ и „Вардар“ на стадионот во Чаир со дрон беше развејуван плакат со карта на „голема Албанија“, ВМРО-ДПМНЕ вината за тоа, како поттикнувач, ја префрли на претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

„Изјавите и дејствата на Заев со кои ги храни големоалбанските апетити, од ден на ден го зголемуваат албанскиот иредентизам во регионот. По симнувањето на македонското знаме од јарболот во центарот на Куманово, денеска на фудбалски натпревар помеѓу „Вардар“ и „Шкупи“ во скопски Чаир се развиори знамето на голема Албанија. Аболираниот криминалец Заев е директен виновник за ваквите изливи на шовинизам и на иридентизам, кои ја поткопуваат македонската државност“, порача ВМРО-ДПМНЕ.


Дваесет лица се повредени во две силни експлозии во Истанбул


Истанбул, 10 декември, 2016 - 22:14 (META) 

Две силни експлозии се случија вечерва во Истанбул, во близина на стадионот на клубот „Бешикташ“, јавуваат светските медиуми.

Според првичните информации, една од експлозиите се случила во трговски центар, а другата во близина на место каде што се наоѓал полициски автобус.

Потврдено е дека најмалку 20 лица се повредени, а полицијата го сопрела сообраќајот околу стадионот.

Турските медиуми наведуваат дека експлозијата била предизвикана од автомобил бомба, а мета на нападот бил автобусот со припадници на полицијата за разбивање демонстрации.

Експлозиите одекнале два часа по завршување на натпреварот помеѓу фудбалските клубови „Бешикташ“ и „Бурсаспор“.

Засега нема информации за загинати, а најверојатно најголем дел од повредените се полицајци.


Посебен сообраќаен режим ќе биде воведен попладне во Скопје поради фудбалски натпревар


Скопје, 6 октомври, 2016 - 10:15 (META) 

Сообраќајната полиција денеска од 16 часот ќе воведе посебен сообраќаен режим во Скопје поради меѓународниот фудбалски натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и на Израел. Натпреварот треба да почне во 20.45 часот на Националната арена „Филип Втори Македонски“, во рамки на квалификациите за Европско првенство во фудбал.

СВР- Скопје информира дека од 16 часот ќе биде затворен за сообраќај дел од улицата Аминта Трети и тоа на потегот од крстосницата со улицата Јордан Хаџи-Константинов Џинот, па сè до фудбалскиот стадион, при што кон стадионот ќе се пропуштаат само возила со посебни пропусници.

Во попладневните часови, сообраќајната полиција ќе ги расчистува и дислоцира затекнатите возила на сообраќајниците и на паркиралиштата околу стадионот.

Во периодот по 17 часот, ќе се ограничи приодот на возилата уште од булеварот Илинден.


Фирмата „Еколог“ ќе управува со два стадиони во Тетово


Тетово, 19 јули, 2016 - 16:50 (META) 

Советниците на Општина Тетово на денешната седница, со мнозинство гласови ја изгласаа одлуката со новиот и со стариот градски стадион во Тетово да управува фирмата „Еколог“, сопственик на фудбалскиот клуб „Шкендија“.

– Фирмата „Еколог“ во наредните две години треба да инвестира 7 милиони евра во двата стадиони. Ваквата реконструкција на стадионите многу ќе придонесе за развој на спортот во Тетово, особено на фудбалот – изјави Исен Џемаили, претседавач на Советот на Општина Тетово.

Одлуката за давање под концесија на двата стадиони во Тетово беше единствената точка на дневниот ред на денешната седница на Советот. Воздржано гласаше советникот од СДСМ, Љупчо Апостоловски. Тој смета дека донесувањето на ваквата одлука е избрзано затоа што за дел од просториите од стариот стадион во Тетово, кој сега веќе е издаден под концесија, се водат имотно-правни спорови.

– Станува збор за простории на „Тетекс“ и на „Љуботен“, кои овие фудбалски клубови ги користат половина век, а за кои градоначалничката Теута Арифи двапати одбила да ги легализира, по што е поднесена жалба до Министерството за транспорт и врски, од каде предметот повторно го вратиле на разгледување. Требаше да заврши оваа постапка, па потоа да се издадат стадионите под концесија – изјави Апостоловски.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и советникот од ВМРО-НП не присуствуваа на денешната седница. Сите советници од партиите на Албанците го дадоа својт глас за денешната предлог-одлука.


Британски новинар незабележан ја поминал сигурносната зона на стадионот во Марсеј


Марсеј, 11 јуни, 2016 - 15:22 (META) 

Репортер на британскиот таблоид „Сан“ успеал да се инфилтрира во сигурносната зона на стадионот „Велодром“ во Марсеј без никој да го запре.

Рос Кембел успеал незабележан да пројде до местото на стадионот каде никој не смее да има пристап без акредитација, наведувајќи дека на својот пат не наишол на ниту една проверка, иако француските власти уверуваат дека се преземени сите мерки за ги спречат „непоканетите гости“ и евентуалните терористички напади.

Тој влегол во стадионот низ влезот за автомобили и таму никој не го спречил. Кембел вели дека можел слободно да шета низ стадионот 20 минути без никаква контрола и додава дека не забележал сигурносни камери.

Француските власти поради страв од терористички напади за време на Европското првенство во фудбал, најавија дека ќе воведат досега невидени мерки за контрола, за кои ќе потрошат, само во Марсеј, околу 1,85 милиони евра.

Околу стадионот „Велодром“ би требало да циркулираат околу 1.000 полицајци и 1.850 припадници на обезбедувањето, додека најмалку стотина војници ќе бидат распоредени во градот.


Во пожар во Париз загинаа пет лица


Париз, 7 јуни, 2016 - 11:53 (META) 

Најмалку пет лица загинаа, а 11 се повредени во пожар во една станбена зграда во близина на стадионот „Франција“ во Сен Дени, предградие на Париз, соопшти денеска францускиот министер за внатрешни работи, Бернар Казнев.

– Се истражува причината за пожарот кој избувна синоќа во Сен Дени – изјави Казнев.

Пожарот избувна неколку дена пред Европското првенство во фудбал, кое почнува в петок, на 10 јуни, на стадионот „Франција“ во Сен Дени.


Тетовци бараат Oпштината да го реконструира Спортскиот центар


Тетово, 9 април, 2016 - 16:39 (META) 

Млади граѓани поведоа инцијатива под името „Ултиматум до Општина Тетово за Спортскиот центар“.

Тие попладнево од терените на спортскиот центар, кој е запуштен со децении, побараа што поскоро надлежните да преземат мерки за негова реконструкција. Во спротивно, најавија дека сами ќе почнат со обнова на единствената слободна површина во градот, наменета за спорт одмор и за рекреација.

– Ние го користиме зборот ултиматум. Тоа значи ако надлежните не почнат за две недели со работа тука, ќе почнеме ние сами. Сега може да очекуваат фирмите од Тетово кои деновиве добија благодарници за општествена одговорност да им тропнеме на врата и да им побараме помош – изјави Александар Маневски од иницијативата „Ултиматум до Општина Тетово за Спортскиот центар“.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, рече дека Општина Тетово има план за обнова на центарот. Но според неа, обновата не зависи само од локалната власт, затоа што концесионер на спортскиот центар е приватна фирма.

– За спортскиот центар размислуваме да отвориме јавен повик за идејно решение, но треба да се има предвид фактот дека спортскиот центар, за разлика од стадионите, е даден под концесија. Значи има разлика, кај стадионите во Тетово концесионерот се повлече во корист на Општината, а за спортскиот центар треба да има еден процес – изјави Арифи.

Спортскиот центар во Тетово е претворен во ѓубриште и во урнатина. Терените и сите детски реквизити се уништени, а фудбалското игралиште се користи за диво паркирање возила.