СДСМ и коалицијата ќе ја поддржат Ангеловска Бежовска за гувернерка на Народна банка


Скопје, 17 мај, 2018 - 12:30 (META) 

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата в понеделник на координација ќе го разгледаат предлогот на претседателот Ѓорге Иванов, вицегувернерката Анита Ангеловска Бежоска да биде новата гувернерка на Народната банка.

Координаторот Томислав Тунтев рече дека пратеничката група на СДСМ и Коалицијата, позитивно гледаат на новиот предлог на Иванов.

„Лично сметам дека Ангеловска Бежоска, која што е докажан експерт и професионалец во својата област, ја заслужува нашата поддршка. Само да потсетам дека лани летото ние како пратеничка група го искажавме нашиот афирмативен став и ја дадовме нашата поддршка за Анита Ангеловска Бежоска, кога го поддржавме и гласавме за нејзиниот реизбор на функцијата вицегувернерка. Имајќи ја предвид нејзината импозантна биографија, богатото искуство и нејзините професионални постигнувања, воопшто не се сомневам дека генералниот став на нашата пратеничка група во врска со овој предлог ќе остане непроменет – дека ќе биде позитивен и дека само ќе биде потврден на претстојната координативна средба на пратеничката група“, рече Тунтев.

Тој додаде дека станува збор за исклучително значајна позиција, поради што личноста што ќе застане на чело на НБРМ мора да произлезе преку здрав и аргументиран дијалог помеѓу највисоките државни функционери, за да се дојде до заедничко прифатливо решение за гувернер.

„На позицијата гувернер потребно е да застане човек кој ќе ја гарантира независноста на институцијата, кој ќе се грижи за развој и унапредување на банкарскиот систем и за финансиската стабилност на државата, и кој ќе работи исклучиво во интерес на граѓаните“, додаде тој.


Бејли: Македонија има реална можност наскоро да стане дел од НАТО


Скопје, 4 април, 2018 - 11:59 (META) 

Реалната можност Македонија наскоро да се приклучи кон НАТО е најголемата разлика кога зборуваме за земјата денеска во споредба со минатото, порача американскиот амбасадор Џес Бејли денеска на трибината „НАТО и ти“, организирана од Министерството за одбрана, Евроатлантскиот совет на Македонија (АТА-Македонија), НАТО Канцеларијата за врски и Хрватската амбасада по повод Денот на Алијансата – 4 Април.

– Што значи членството во НАТО за Македонија и за нејзините граѓани? Тоа значи дека ќе бидете сојузници, а не партнери, пријател, сосед со останатите земји членки. Денеска кога се одбележуваат 69 години од потпишувањето на Вашингтонскиот договор Алијансата е сојуз што се заснова на почитување на човековите прва и слободи, демократијата и владеењето на правото – вели Бејли.

Според американскиот амбасадор, ниското ниво на владеењето на правото земјата ја први ранлива за корупција, но и за внатрешни и надворешни непријатели.

Додаде дека влезот во НАТО ќе помогне да се надминат внатрешните политички поделби во земјата. Нагласи дека е потребно системските реформи што се воведуваат во Македонија да не останат само на хартија, односно законите што се носат во Парламентот понатаму практично да се имплементираат.

На трибината се обрати и министерката за одбрана Радмила Шекеринска која напомена дека членството во НАТО е од особена важност поради тоа што земјата ќе стане дел од светски најмоќниот економски сојуз што ја негува демократијата и е гарант за безбедноста за неговите членки. Напомена дека на листата на земји со највисок квалитет на живот од вкупно 10, првите осум се членки на НАТО.

Шекеринска додаде дека влезот во НАТО ќе го овозможи непречениот економски напредок на земјата, а ќе биде гаранција за нејзината натамошна демократизација.

– Изминатите 10 месеци покажавме дека демократското ткиво во Македонија не е загубено. Доколку ги вклучите телевизорите повеќе нема да видите пропаганда. Владата не бега од дискусии и воведува политика на транспарентно работење – рече министерката за одбрана.


Очите и ушите на светските финансиери утре ќе бидат вперени кон конференцијата во Скопје


Скопје, 15 февруари, 2018 - 11:01 (META) 

Високи претставници од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската централна банка (ЕЦБ), Светска банка утре во Скопје ќе дебатираат за тековните состојби во глобалната економија и во кој правец таа ќе се движи.

Меѓународната конференција на високо ниво за монетарна политика и управување со финансиски средства ја организира Народна банка, а темата е „Глобалната економска експанзија, динамиката на инфлацијата, финансиската стабилност и значењето за управувањето со финансиски средства во меѓународни рамки“.

Она што утре ќе го каже заменикот на извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Тао Џанг, со внимателност ќе го проследат сите најважни светски финансиски институции и ќе има влијание врз финансиските пазари.

– Светските финансиски пазари се пред нови предизвици поради нестабилната монетарна политика. Американската централна банка (ФЕД) и Европската централна банка (ЕЦБ), минатите години вбризгаа огромно количество пари, за да се избегнат импликациите од светската економска криза. Но, со стабилизирање на светската економија и со нејзиниот пораст во последните две години, најавеното повлекување на тие средства предизвика реакција на светските финансиски пазари, како што беше падот на американската берза. А, токму ова е предизвикот со кој ќе се соочува светската економија следните години – смета гувернерот на Народна банка, Димитар Богов.

Во рамките на конференцијата предвидени се четири сесии, а една од темите на која ќе се зборува се предизвици со кои се соочуваат централните банки при остварување на нивните цели за одржување на ценовната и финансиската стабилност.

Носителите на политики, експерти и академски претставници ќе дебатираат за тековните предизвици во однос на мандатот на централните бани за одржување на финансиска стабилност.

За оваа година, за светската економија се проектира раст од 3,7 процетни, но учесниците треба да дадат одговор дали е одржлив овој раст. Какви се ефектите на геополитичките и политичките ризици врз изгледите на светската економија.

Во светски рамки, долгот е на рекордно високо ниво. Во 2016 година состојбата на долгот на не-финансискиот сектор во земјите од групата Г20 изнесуваше 220 проценти од домашниот-бруто производ БДП, што е за 40 процентни поени повисоко од 2007 година.

На конференцијата, исто така ќе учествуваат и членот на извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ) Беноа Куере, и Луиз Авазу Переира да Силва, заменик главен директор на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), претставници од најголемата финансиска корпорација за управување со финансиски средства во светот, „Блек Рок“ и од една од најзначајните глобални банки, „УБС“ (UBS).


ДУИ: Давутоглу рече дека Ахмети е клучен фактор за стабилноста во Македонија


Скопје, 27 септември, 2017 - 15:07 (META) 

Поранешниот турски премиер, Ахмет Давутоглу, на денешната средба со претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во Скопје, рекол дека Ахмети е клучен фактор за стабилноста на Македонија и на регионот, земајќи предвид дека Албанците живеат во шест држави низ регионот и се главна оска на стабилноста на Балканот, соопшти ДУИ.

Претседателот на партијата на средбата со Давутоглу, кој е актуелен пратеник во турското Собрание, зборувал за заложбите на ДУИ за политичката стабилност на земјата, добрите меѓуетнички односи, добрососедството, интеграцијата во НАТО и во Европската Унија, стои во соопштението од ДУИ.

Давутоглу пристигна во работна посета на Македонија вчера и беше пречекан од министерот за странски инвестиции, Аднан Ќахил.

Денеска треба да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов и со премиерот Зоран Заев, а ќе има средба и со министерот Ќахил.

Во рамки на тридневната посета на Македонија, Давутоглу утре ќе се обрати на панел-дискусијата „Перцепцијата на Република Турција во Република Македонија“, во организација на Здружението на дипломирани студенти од Турција.


И покрај предизвиците, лани финансискиот систем ја одржал стабилноста


Скопје, 27 јули, 2017 - 14:08 (META) 

Финансискиот систем и македонската економија се соочија со силен предизвик за стабилноста поради домашните политички случувања, кои кулминираа со оркестрирано ширење шпекулации во април и во мај лани, се вели во извештајот на Народната банка за финансиската стабилност во Македонија во 2016 година.

Во извештајот се спомнува и високата побарувачка за девизи на менувачкиот пазар и на девизниот пазар, при што во периодот април – мај, Народната банка интервенирала со нето-продажба на девизи, а на почетокот на мај ја зголемила основната каматна стапка.

Задолженоста на секторот „домаќинства“ на крајот од 2016 изнесувал 23 проценти од БДП. Во извештајот се вели дека банкарскиот сектор, пензиските фондови, осигурителните компании, инвестициските фондови и финансиските пазари ја задржале финансиската стабилност.


Иванов од Дубровник: Интеграцијата на Балканот е клучна за безбедноста на ЕУ


Дубровник, 1 јули, 2017 - 14:18 (META) 

Европската Унија треба да го забраза интегративниот процес како витален дел од нејзината долгорочна стратегија за безбедност, порача претседателот на државата, Ѓорге Иванов, во своето обраќање на „Дубровник форум 2017“, што денеска се одржува на тема „Јадранско-медитеранска соработка и безбедноста на Југоисточна Европа“, соопшти неговиот кабинет.

Балканските земји, посочил Иванов, кои сè уште не се интегрирани во Европската Унија се потенцијален тројански коњ на портите на Европа.

„Неинтегрираните земји од Балканот претставуваат безбедносен јаз во еден многу ранлив дел на Европа. Балканот како регион веќе има сопствени предизвици кои многу лесно може да предизвикаат нестабилност дури и без надворешно влијание: етничка и религиозна разноликост, историски судири, неодамнешни конфликти, невработеност, сиромаштија, корупција и организиран криминал. Сето ова, во комбинација со постојано присутниот национализам, етноцентризам, ксенофобија, а од неодамна и исламофобија, покажува дека Балканот ги има сите потребни состојки, кои терористичките групи може потенцијално да ги искористат за да ја подријат Европа посредно и однатре“, истакнал претседателот на државата.

Иванов рекол дека најголемата закана за европската безбедност допрва доаѓа и дека итно е потребно да ѝ се посвети внимание, посочувајќи на илјадниците странски борци од балканските земји кои учествуваат во борбите на Блискиот Исток.

„ЕУ и НАТО мора да испланираат превентивни мерки против повратниците насочени не само кон нивните земји членки, туку и кон неинтегрираниот дел од Балканот“, истакнал Иванов.

Шефот на државата во своето обраќање нагласил дека интеграцијата на Балканот како целина не е само важна, туку е неопходна за долгорочен мир, стабилност и безбедност во регионот.

„Со тоа би се гарантирале надеж и напредок во регионот, кој веќе покажува знаци на разочарување и очај. Европскиот сон треба да стане реалност за сите и тоа што е можно побргу“, додал Иванов.

Претседателот на државата вчера учествуваше на Самитот на шефови на држави и на влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), во рамките на кој имаше билатерална средба со претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ.


Ахмети: Нема целата платформа да биде вклучена во владината програма


Тетово, 24 мај, 2017 - 11:21 (META) 

Декларацијата на албанските партии во Македонија нема да биде целосно имплементирана во новата програма на Владата од повеќе причини, кои се многу реални и искрени, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети во изјава дадена за неколку медиуми на албански јазик.

Според Ахмети, најважно за Македонија е да стане членка на ЕУ и НАТО и да остане стабилна.

– Што се однесува за декларацијата на Албанците, таа е една програмска декларација кој е опфатена во програмите на албанските политички партии и мислам дека истата не преставува ризик или па отстапување на нештата што имаат поврзаност со перспективата и стабилноста на РМ. Таа изјава е за доброто на Македонија и регионот и има многу круцијални нешта како што е влезот на Македонија во НАТО и ЕУ, економски развој, развој на регионите во исто ниво така што нема ништо лошо во неа, зошто главните нешта на таа декларација се опфатени и во владината програма – изјави Ахмети.

Лидерот на ДУИ дополни дека сите аспекти од декларацијата ќе бидат отворени за дебата и нема да се држат во тајност бидејќи не претставуваат никаква закана за Македонија.

Во однос на ресорите во новата влада, Ахмети рече дека генерално е договорено ДУИ да ги има тие ресори што досега ги имала, со промена во министерствата за здравство и образовние, па така сега албанска политичка партија ќе го има министерството за здравство.

-Уште сме во консултации за да направиме што поприфатлив избор, не можам да правам разлики кој е подобар, бидејќи сите кадри имаат свои предности. Уште немам конкретни имиња во моментов кога ќе имаме конкретни имиња ќе бидеме транспарентни и верувам дека изборот што ќе го направи ДУИ а и партиите од коалицијата ќе биде најприфатлив избор за нивниот електорат, бидејќи овие ќе бидат министри кои ќе работат за сите граѓани на Македонија и ќе реализираат една програма во ниво на републиката и нема да бидат локални претставници – додаде Ахмети.

Потпретседателката на ДУИ и градоначалничка на Тетово рече дека нема амбиции да биде дел од новата влада.

-Јас би сакала да се кандидирам повторно како градоначалник на Тетово, но сепак и партијата треба да го изнесе ставот дали јас ќе се борам за нов мандат во локалната власт или пак ќе биде дел од централната власт – рече Арифи


ЕК: Македонија треба да развие конкретна фискална стратегија


Брисел, 23 мај, 2017 - 16:36 (META) 

На годишниот економски и финансиски дијалог на ЕУ со земјите на Западен Балкан и Турција во Брисел државите се согласиле да ги забрзаат економските и социјалните реформи, со цел зајакнување на макроекономската стабилност, зголемување на конкурентноста и инклузивен пораст.

Како што е наведено во заедничките заклучоци, Македонија се согласила да развие конкретна стратегија за фискална консолидација, да ги заштити инвестициите, да ја зголеми транспарентноста на јавниот сектор, да ги зајакне капацитетите на планирање на буџетот и да се усвои програма за управување со јавните финансиски реформи.

Во заклучоците на Советот за економски и финансиски прашања на ЕУ е побарано и подобрување на ефикасноста на јавната потрошувачка, како и рационализација на трансферот на плаќања.

За да се помогне во финансиската стабилност, властите треба да развијат сеопфатна стратегија за решавање на лоши кредити и да се поттикне употребата на домашната валута во финансиски трансакции.

„Денес сите седум земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ се обврзаа да ги забрзаат економските и социјалните реформи со крајна цел, зголемување на конкурентноста. Фокусот сега е имплементација на реформите, така што на луѓето во тој регион ќе им се обезбедат подобри работни места“, изјави еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан.


Даут Харадинај: Македонците сфатија дека Албанците се фактор на мирот


Тирана, 8 мај, 2017 - 16:48 (META) 

Македонците сфатија дека Албанците се фактор на мирот и на стабилноста во земјата, па затоа ситуацијата во Македонија се подобрува, порача вчера пратеникот во парламентот на Косово, Даут Харадинај, во интервју за албанската телевизија „Репорт ТВ“.

Тој истовремено нагласи дека Албанците се конститутивен народ во Македонија и рече дека и Еди Рама и сите Албанци обединувањето го гледаат во рамките на ЕУ.

– Ситуацијата во Македонија изгледа дека тргна во подобра насока. Ситуацијата беше напната, но по изборот на претседателот на Собранието, се надевам дека Македонците сфатија оти Албанците во Македонија се фактор на мир и на стабилност и во исто време и главна компонентна на државноста и на европскиот пат, што значи дека ситуацијата не може да се надмине без почитување на нивните права и барања – рече Даут Харадинај.

Што се однесува до изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама, дека постои можност за спојување на Косово со Албанија доколку ЕУ ги затвори вратите на проширувањето, Харадинај вели дека со приклучувањето на ЕУ, ќе се случи и обединувањето на Албанците.

– Премиерот Рама оправдано кажа дека ако Европа ги затвори вратите за Албанците, тогаш не ќе има друг начин за обединување, барем на Албанците, но, сепак, премиерот на Албанија и сите Албанци го гледаме нашето обединување во рамките на ЕУ, бидејќи сите ќе ѝ се придружиме – рече косовскиот пратеник.

Харадинај инаку е помлад брат на поранешниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај кој е обвинет за воени злосторства извршени во 1998 – 1999 година.


Вучиќ загрижен за ситуацијата во Македонија, за утре свика седница за безбедност


Белград, 27 април, 2017 - 23:15 (META) 

Српскиот премиер Александар Вучиќ вечерва изјавил дека е многу загрижен за случувањата во Македонија и дека тоа што се случува не е само македонски проблем туку „проблем на сите што живеат тука“, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Вучиќ апелирал граѓаните на Македонија сите проблеми да ги решаваат на мирен начин.

„Ги замолувам сите во Македонија оваа порака да ја разберат како добронамерна и повторно да завладеат мирот и стабилноста во Македонија, а во Србија секогаш ќе имаат посветен и искрен пријател“, изјавил Вучиќ за „Танјуг“.

Според пишувањата на српскиот портал „Блиц“, Вучиќ за утре во 14 часот закажал итна седница на Бирото за координација на службата за безбедност, по повод ситуацијата во Македонија.