ЕК одобри стабилизациски пакет за Грција


Брисел, 11 јули, 2018 - 12:56 (META) 

Европската Комисија (ЕК) донесе одлука за активирање на рамката на засилено набљудување за Грција, како поддршка за спроведувањето на договорените реформи, соопштија од Брисел. Одлуката доаѓа по успешното завршување на Европскиот механизам за стабилност (ЕСМ).

Со денешната одлука за новата рамка, ЕК вели дека ќе ја потпомогне нормализацијата на Грција врз основа на досега постигнатите резултати, односно ќе го подджи завршувањето и постојаното спроведување на договорените реформи.

Новата рамка ќе профункционира на 20 август и се очекува да ја закрепне позицијата на Грција на пазарите.


Ципрас, Вучиќ и Борисов: Стабилна Македонија со решено име е услов за целосна поддршка


Солун, 13 јули, 2017 - 20:09 (META) 

Стабилизација во Македонија и суштински дијалог за наоѓање заемно прифатливо решение за спорот за името се услов за целосна поддршка од Грција, Србија и од Бугарија за евроатлантските перспективи на Македонија. Ова е ставот околу кој се согласиле грчкиот премиер, Алексис Ципрас, неговиот бугарскиот колега, Бојко Борисов, и српскиот претседател, Александар Вучиќ, на денешната трилатерална средба во Солун.

Заедничкиот став околу Македонија го соопшти грчкиот премиер, на прес-конференцијата со Борисов и со Вучиќ.

Ципрас, како што пренесуваат грчките медиуми, истакнал дека Европската комисија ја поддржува европската перспектива на Балканот, додавајќи дека Грција, Бугарија и Србија можат да одиграат значајна улога како стаблизирачки фактор во регионот.

На средбата се разговарало за железничката поврзаност на Солун со Бургас и со Белград, како и за енергетската соработка меѓу трите земји.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, на прес-конференцијата по средбата истакнал дека трите земји кога се заедно се не само трипати, туку десетпати посилни, отколку кога настапуваат поединечно. Тој нагласил дека Србија е подготвена заедно со Грција и со Бугарија да учествува во различни проекти, кои се од економски, но и од политички интерес за трите земји и нации.

Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, посочил дека е негов сон да ги види трите земји инфраструктурно поврзани со патишта и со железница и дека тоа ќе биде еден од приоритетите за време на бугарското претседавање со Европската Унија.


Финансиските пазари позитивно гледаат на политичката стабилизација во Македонија


Скопје, 21 јуни, 2017 - 15:04 (META) 

Пазарите позитивно ја перципираат стабилизацијата на политичката состојба во Македонија и перспективите за македонската економија, информираат од Министерство за финансии.

Оттаму велат дека показател за тоа е намалувањето на стапката на принос на македонските еврообврзници кои се тргуваат на меѓународните финансиски пазари.

„Од средината на мај, приносите на сите три еврообврзници бележат постојано намалување.Така, стапката на принос на последната еврообврзница што доспева во 2023 година, до средината на мај постојано беше над 4,5 проценти, а денеска е сведена на 3,9 проценти, што е историски најниско ниво за оваа еврообврзница“, се вели во соопштението на Министерството за финансии.


Димитриев: Новата влада треба да се грижи за интересот на народот и за нивните проблеми


Скопје, 31 декември, 2016 - 12:40 (META) 

На државен план, годината што изминува ќе остане запаметена по неколку работи од кои треба да извлечеме поуки, истакна во своето новогодишно обраќање техничкиот премиер, Емил Димитриев.

Тој во честитката упатена до граѓаните потсети и на предвремените парламентарни избори.

– Владата за спроведување на изборите која ја предводев, иако функционираше во специфични и невообичаени околности и се соочуваше со многу проблеми во своето функционирање, сепак успеа да биде на висината на задачата. Но, пред сè, квалитетните избори се заслуга на целиот народ – вели Димитриев.

За политичката влада која треба да биде избрана, тој смета дека треба да се грижи за интересот на народот и да ги решава нивните секојдневни проблеми.

Димитриев истакна дека минатата година како држава се соочивме со мигрантската криза, а Македонија имаше клучна улога во справувањето со овој глобален феномен.

Како што вели, потребен ни е период на стабилизација и на фокусирање на реалните проблеми.


Народна банка интервенирала со 129 милиони евра на девизниот пазар


Скопје, 13 јули, 2016 - 15:38 (META) 

Девизниот пазар во јуни се стабилизира и по два месеца на нето-продажба, банките овој месец оствариле нето-откуп на девизи од физичките лица, информира Народна банка.

– Дополнителен фактор за повисока понуда на девизи беа и менувачниците, чијшто нето-откуп од физичките лица забележа пораст, како на месечна основа, така и на годишна основа. Со оглед на ваквите движења, во првата половина од јуни, Народната банка не интервенира на девизниот пазар, а при крајот на месецот, само неколкупати надомести дел од сезонски зголемената побарувачка за девизи од фирмите, што е најниска нето-продажба на девизи во последните три месеци – се вели во соопштението на Народна банка.

Податоците за девизните резерви, заклучно со јуни, покажуваат квартално намалување.

– Главен фактор за намалувањето на девизните резерви во овој период се интервенциите на НБРМ на девизниот пазар, како реакција на зголемената побарувачка за девизи, во услови на нестабилен политички амбиент. Од 19 април до 23 мај, НБРМ интервенира на девизниот пазар со продажба од 129 милиони евра, со што го затвори јазот помеѓу побарувачката и понудата на девизи и ја одржа стабилноста на девизниот курс – велат од Народна банка.

Неизвесниот домашен амбиент се одразил и врз депозитната база на банките, која во мај забележа пад од 0,5 проценти на месечна основа.

– Со тоа, годишната стапка на пораст на депозитите се сведе на 3,7 проценти, остварување што е пониско од очекуваното во априлската проекција. Намалувањето и понатаму се поврзува со неизвесноста околу политичката состојба во земјата, при што падот во целост се должи на понатамошното намалување на депозитите на домаќинствата, при пораст на депозитите на корпоративниот сектор – се додава во соопштението на Народна банка.

 


Богов: Повлекувањето на депозити речиси целосно запре


Скопје, 20 мај, 2016 - 12:22 (META) 

Повлекувањето на депозитите речиси целосно запре и во изминатите две недели имаме стабилизирање на ситуацијата, изјави гувернерот Димитар Богов во интервју за „Ројтерс“.

– Има показатели дека граѓаните ги враќаат депозитите во банките, поради што сметаме дека најлошото е завршено – истакна Богов.

Имено, во април граѓаните повлекоа рекордни 58,5 милиони евра (3,6 милијарди денари) од банките, што е 1,6 отсто од вкупните депозити на населението како одговор на шпекулациите за наводна девалвација на денарот и вештачки создадената криза на менувачкиот пазар на девизи.

Гувернерот Богов истакнал дека можно е Народна банка да ја намали референтната каматна стапка, ако политичката криза наскоро биде решена и веќе нема шпекулативни напади врз стабилноста на денарот.


Москва е подготвена да го замрзне производството на нафта


Москва, 8 април, 2016 - 17:35 (META) 

Министерството за енергетика на Русија е подготвено да ја разгледа опцијата за замрзнување на производството на суровата нафта на ниво од февруари и од март во случај да постојат такви предлози, изјави денеска рускиот министер за енергетика, Александер Новак.

Претставници на земјите производители на нафта на 17 април ќе се состанат во Доха за да дискутираат за стабилизација на производството на нафта.

Кон средината на февруари, министрите за енергетика на Саудиска Арабија, Катар, Венецуела и на Русија изразија подготвеност да го одржат просечното ниво на производство на нафта во 2016 година на ниво од јануари годинава во случај и другите земји производители да се придружат на иницијативата.


Цената и пазарот на нафта се стабилизираат


Скопје, 18 февруари, 2016 - 11:08 (META) 

Цената на нафтата ги зголеми добивките на азиската берза, бидејќи трговците го поздравија коментарот на иранскиот министар за нафта кој го пофали условниот договор меѓу Саудиска Арабија и Русија за замрзнување на нивото на производство, што ја подгрева надежта дека пазарот на оваа суровина ќе се страбилизира.

Иранскиот министер Биџан Занганех изјави дека Техеран ќе ја поддржи секоја мерка што може да го стабилизира пазарот и да го поттикне порастот на цената.

Иако сè уште нема конечна одлука за замрзнување на производство на нафта, трговците сметаат дека најновиот развој на настаните се движи во вистинска насока, откако цената на нафтата беше на најниско ниво во последните 13 години.