!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Дескоска: И „Кембриџ“ предупредувал дека се брза со програмата за средно образование


Скопје, 11 септември, 2017 - 16:46 (META) 

Веднаш по одлуката за одложувањето на Кембриџ-програмата во средното образование, од „Кембриџ интернешнл“ бев информирана дека и тие со свои дописи уште во 2016 година изразиле загриженост за брзањето при воведување на оваа програма во средните училишта и со начинот на избор на учебниците, информираше министерката за образование и наука, Рената Дескоска.

Образложувајќи го постигнатото во изминатите 100 дена, таа ги посочи и другите крупни мерки преземени во образованието, а во врска со оваа реформа, ја пренесе загриженоста на издавачката куќа за брзањето со реформите кое го правела претходната влада, односно не препорачувале Кембриџ-програмата да се воведе во средното образование во септември годинава.

– Во тие дописи, „Кембриџ“ предупредува дека за реформи во средното образование треба повеќе време и укажуваат дека е многу веројатно дека Кембриџ-програмата нема да може да почне од септември 2017 година. Дури и тие предлагале одложување на Кембриџ-програмата за деветто одделение за една година. Во второто писмо, „Кембриџ интернешнл“ укажува дека е потребно време од 18 месеци до две години и за адаптација на учебниците, а со оглед на тесните рокови во кои тоа се прави во Македонија, процесот содржи многу слабости. За жал, во тој процес воден од претходната влада, процес во кој биле игнорирани предупредувањата од самиот „Кембриџ“, штета им била нанесена и на учениците и на наставниците, но и на угледот на „Кембриџ“ – рече министерката за образование и наука.

Дескоска го нагласи екстерното тестирање, кое по нејзиното стапување на функцијата е укинато, како „механизам кој се злоупотребуваше за притисок врз наставниците, без да биде никаков показател или мерило за квалитетот на образованието“.

Таа посочи на реформите што допрва треба да се водат.

– Отворивме консултативен процес во рамки на сите реформи кои ги почнавме, при што ги вклучивме сите засегнати страни кои сега имаат можност да влијаат на политиките и да го кажат својот глас за работите кои ги засегаат. Во процесот на измени на законите за основно и за средно образование кои ќе предвидат намалување на бројот на часовите и административните обврски на наставниците се консултирани и ќе се консултираат наставничкиот пленум, синдикатите, невладиниот сектор, учениците – рече Дескоска.

Министерката посочи дека во моментов се подготвува нов закон за високо образование, преку работни групи во кои се вклучени сите засегнати страни, како и дека се одобрени нови вработувања на универзитетите.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ за директор на „Танец“ постави човек со средно градежно училиште


Скопје, 15 август, 2017 - 11:31 (META) 

Алаѓозовски е поим за неспособност и деструкција. Тој е целосно неспособен и незаинтересиран за развојот на културата која секојдневно ја разорува. Поставувањето на Стојанче Павловски за в.д. директор на Националната установа за народни игри и песни ансамбл „Танец” е уште еден доказ за хаосот и партизацијата што ги создава СДС, рече денеска на прес-конференција Владимир Атанасов од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека Павловски е човек со завршено средно градежно образование, „кој е поставен само затоа што е политички подобен за Заев и Алаѓозовски“.


Кржаловски: СДС ќе ја стопира имплементацијата на најкрупната образовна реформа


Скопје, 5 јули, 2017 - 17:35 (META) 

Антиреформската влада предводена од СДС одлучи да ја стопира имплементацијата на најкрупната образовна реформа, со која во изминатите три години се издвоивме како единствена земја и лидер во регионот кога е во прашање модернизацијата на системот на образование до 18-годишна возраст, изјави денеска пред Министерството за образование и наука Лука Кржаловски од ВМРО-ДПМНЕ

– Наместо да обезбеди континуитет во воспитно-образовниот процес во средните училишта, согласно наставните програми и учебници зад кои стои најголемиот светски снабдувач во оваа област кој функционира во состав на престижниот британски Универзитет „Кембриџ“, средношколците ќе учат по застарена и некомпатибилна програма. Овој чекор е последица на некадарноста на структурите на СДС, недостигот од идеи и од јасен концепт за унапредување на квалитетот на образовниот систем во земјата. СДС укинува реформа која донесе значајни промени и исклучителен квалитет во македонскиот образовен систем, што е потврдено и во извештаите од мониторингот на „Кембриџ“ – вели Кржаловски.

Укинувањето на екстерното, укинувањето на дел од дисперзираните студии и намалувањето на државните квоти за студирање, според Кржаловсски, навестуваат дека наместо да оди напред, образовниот систем ќе се врати неколку стотици чекори назад.


Владата го усвои предлог-планот за итните реформи „3 – 6 – 9“, деталите подоцна


Скопје, 4 јули, 2017 - 20:39 (META) 

Владата на Република Македонија на денешната седница го усвои предлог-планот „3 – 6 – 9“, за спроведување на реформските приоритети, неопходни за евроатлантските интеграции на земјава, соопшти владината прес-служба, додавајќи дека деталите од планот дополнително ќе бидат соопштени.

На седницата од Министерството за внатрешни работи било соопштено дека поради застареност е потребно да се ревидира постојната стратегија за радикален екстремизам. Владата ја разгледала и ја усвоила информацијата за подготвување национална стратегија и акциски план за сузбивање на радикализација и на насилен екстремизам 2017-2020 година, како и измените на националната стратегија и акциски план за борба против тероризам.

Владата исто така денеска одлучи да се одложи имплементацијата на програмата „Кембриџ“ во средното образование, а учениците од септември ќе продолжат да учат според старата програма.


Десковска најави блокада за Кембриџ-програмата во средното образование


Скопје, 5 јуни, 2017 - 17:24 (META) 

Министерката за образование и наука, Рената Треневска-Десковска, денеска најави дека е почнат обид да се спречи воведувањето на Кембриџ-програмата во средното образование и вели дека е можно да се намали бројот на предметите во основното образование.

Десковска рече дека се бараат правни механизми пред почетокот на новата учебна година да се стопира уште една, според неа, штетна мерка во образованието.

Министерката најави и преиспитување на наставните програми и намалување на бројот на предметите во основното, како и нов закон за високо образование. Реформскиот процес во образованието, вели таа, почнал со укинувањето на екстерното тестирање во четвртокот.


Матурантите денеска ќе го полагаат првиот тест од државната матура


Скопје, 27 мај, 2017 - 10:43 (META) 

Вкупно 16.426 матуранти денеска со полагањето на тестот по мајчин јазик и литература ќе ги започнат полагањата на тестовите од државната матура кои ќе траат до 14 јуни. Според податоците на Државниот испитен центар, пријавени се 10.632 матуранти за македонски јазик, 5.120 за албански јазик и 418 за турски јазик.

На 10 јуни е закажано полагањето на странски јазик. Најголем број – 15.201 се пријавени за англиски јазик, за француски јазик 108, за германски 197 и за руски јазик 26 кандидати.

Тестирањето по предметот математика е на 12 јуни, а пријавени се 2.070 матуранти.

Последниот екстерен испит од државната матура ќе се полага на 14 јуни – за тест по биологија се пријавени 3445, за хемија 282, за физика 119, за историја 2.900 кандидати, за бизнис 4.298, филозофија 3.684 и за естетика 193 кандидати.

Според видот на образование, 8.274 од вкупниот број пријавени матуранти се од гимназиско образование, 7.881 од средно стручно и 271 кандидат од средно уметничко образование.

Првичните резултати од тестовите треба да бидат објавени најдоцна до 14 јули, односно еден месец по последниот екстерен испит.


Заев: Се надевам дека до 5 јуни ќе го укинеме екстерното тестирање


Скопје, 17 мај, 2017 - 14:26 (META) 

Ние ќе побрзаме со формирањето влада за да можеме пред 5 јуни, датумот на екстерното тестирање, со одлуки или со закон да го укинеме овој експеримент, кој се покажа како неуспешен, рече мандатарот за составување на новата влада, Зоран Заев, откако претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, му го врачи мандатот.

– Ние ветивме укинување на екстерното тестирање, тоа ќе биде само уште една причина да побрзаме со формирање на владата, зашто искрено и длабоко во нашите политички концепти веруваме дека овој механизам на екстерно тестирање навистина предизвикува траума најмногу кај децата, со тоа нивните родители и нивните наставници – рече Заев.

Тој беше категоричен дека екстерното тестирање во својата досегашна форма било неуспешно и мора да се отфрли.

– Македонија мора да има корективи за испорачување на знаење кое е вредно за нашите деца, но овој експеримент кој беше имплементиран се покажа како неуспешен и затоа се надевам дека пред првиот испит ќе можеме со одлуки или со закон, како е тоа нормирано, да го отстраниме, секако, надевајќи се дека до тој рок ќе има влада – рече Заев.


Учениците од плачковичките села ќе тргнат на училиште


Штип, 14 октомври, 2016 - 12:48 (META) 

Еден и пол месец по почетокот на учебната година, дваесетина ученици од подплачковичките села во Карбинско ќе тргнат на училиште. Општината Штип ја исполнила својата законска обврска и им обезбедила превоз на учениците.

Родителите неодамна реагираа, исплашени од казните што можат да им следат поради тоа што децата не посетуваат настава.

Општина Штип склучи договор за превоз на учениците од подплачковичките села со фирмата „Изет комерц“ од село Кучица.

„Во согласност со договорот, тие ќе ги превезуваат учениците од неколку села до Општина Штип по цена од 360 денари од ученик“, соопштија од Општината.

Оттаму пресметале дека месечно од општинскиот буџет ќе се одлеваат по 72.000 денари за овие дваесетина ученици, кои настава посетуваат во штипските средни училишта.

Со законските измени, средното образование е задолжително, а општините треба да обезбедат бесплатен превоз.


Програма по „Кембриџ“ од идната година и во средното образование


Скопје, 25 септември, 2016 - 17:21 (META) 

Примената на учебници по наставната програма од „Кембриџ“ за математика и за природни науки целосно заврши во основното образование, а од следната година проектот ќе продолжи и во прва година средно образование, соопшти денеска заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Заменик-министерот рече дека се завршени наставните планови и програми за учебници за 113 предмети за средно стручно образование кои досега недостигаа и дека за 40-тина дена ќе биде објавен повик. Тој истакна дека во следните три години, постепено ќе се менуваат учебниците и во средно стручно, кои ќе да бидат преземени и преведени.

– Во согласност со договорот што го нудиме, ќе ни бидат понудувани три странски учебници и кој од нив најмногу ќе одговара на наставната програма, тој ќе биде преземен – рече Ристовски.