Адеми најави реконструкции на училишта и домови и изградба на нови објекти


Скопје, 31 јули, 2018 - 15:13 (META) 

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, денеска најави реконструкции на училишта и ученички домови, како и завршување на започнатите реконструкции на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, но и изградба на нови училишни објекти.

Ќе се вршат реконструкции на училишта или изградба на нови училишни објекти во општините Боговиње, Студеничани, Демир Капија, Чаир и Струга.

Предвидена е и комплетна реконструкција на Ученичкиот дом кој е во склоп на средното земјоделско училиште „Кочо Рацин“ во Свети Николе, како и на зградата на училиштето. Ќе се менуваат и прозорците и вратите на средното училиште „Ѓошо Викентиев“ во Кочани, а во средното училиште „Гостивар“ во Гостивар ќе се врши реконструкција на системот за греење и реконструкција на покривот на спортската сала.

Како што објасни министерот за образование и наука, до септември годинава се очекува да завршат градежните и реконструктивните зафати на блоковите В и Г на студентскиот Дом „Гоце Делчев“ во Скопје, кои се почнати во мај минатата година.

На почетокот на следниот месец ќе почне и постапката за набавка на нов мебел и душеци за потребите на 18 ученички домови.

Министерот Адеми очекува со почетокот на новата учебна година да бидат  готови спортските сали во четири основни или средни училишта во Бедиње, Кавадарци, Гостивар и Камењане.


Во средните училишта запишани 11.697 ученици


Скопје, 21 јуни, 2018 - 13:28 (META) 

По првото пријавување во средните училишта, Министерството за образование и наука денеска соопшти дека од 17.590 пријавени, запишани се 11.697 ученици.

Според видот на образованието, 4.873 се примени во гимназиско образование, 6.462 во стручните училишта, 208 ученици во Спортска академија и 154 во спортска гимназија.

Како и во минатите години, најголем е интересот во гимназиите, така што запишувањето ученици во Скопје е завршено во гимназиите „Јосип Броз Тито“, „Никола Карев“ ,„Орце Николов“, „Георги Димитров“, „Раде Јовчевски Корчагин“ и во „Јосип Броз Тито“ во Битола, како и за образовни профили од здравствена струка и од економско-правна и трговска струка.

За второто пријавување во јунскиот рок, кое ќе се спроведе на 28 јуни, слободни места има за вкупно 24.086 ученици, од кои за гимназиско образование 6.068 и за стручно образование 17.900 места. Резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 29 јуни.

За учениците од деветто одделение кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, се организира втор уписен рок во август, во училиштата во кои ќе има слободни места по јунскиот рок. Пријавувањето и запишувањето на учениците во августовскиот рок ќе биде на 23 август.


Битолски средношколци со неписмени соопштенија се повикуваат на протести


Битола, 20 март, 2017 - 13:56 (META) 

„Бојкотираме за да учиме на македонски јазик, не бојкотираме за партија!“ Вака гласи повикот на социјалните мрежи со кои средношколци од повеќе училишта во Битола ги организираат своите соученици да ја прекинат наставата и да излезат на протести.

Притоа, се повикуваат претседателите на класовите да прават списоци и да бележат кој сè излегол на протестите. Протестот кој беше најавен за денеска во 11.30 часот, ги вознемири дел од родителите на ученици во гимназијата „Јосип Броз Тито“, особено зашто ученици од други училишта дошле да ги повикаат на протест гимназијалците, со зурли и со тапани, скандирајќи „Македонија“ и читајќи соопштение „како треба да се сака татковината“.

– Децата ни јавуваат дека други ученици со зурли и со тапани се во училишниот двор и ги повикуваат на протести. Само оваа гимназија досега не ја има прекинато наставата и не го има поддржано бојкот, освен поединци – вели еден од родителите.

Во техничкото училиште, пак, ученик од втора година читал соопштение по училниците зошто треба да се излезе на протестите. Ученикот пред професорите што не го дозволувале ваквиот чин, се правдал дека за сè знае директорот. Директорот, меѓутоа, не одговара на нашите телефонски повици и пораки.

Ученици од повеќе средни училишта денеска, сепак, излегоа на протест.


Средношколците во Тетово сè уште немаат бесплатен превоз


Тетово, 13 септември, 2016 - 15:58 (META) 

Голем дел од учениците од руралните средини од Тетовскиот Регион сè уште не почнале со настава затоа што немаат организиран бесплатен превоз. Дел од нив приватно, со комбиња и со такси, плаќаат за да пристигнат до училиште, а другите седат дома. Родителите на учениците велат дека од раководствата на средните училишта им посочиле дека децата можат да бидат отпишани од училиште ако деновиве не почнат со настава.

– Ние веќе сме предупредени дека децата ќе ги отпишат ако не почнат со настава, но како да го пратиме нашето дете во училиште кога нема превоз дотаму – изјави еден родител на средношколец.

Од превозниците на учениците велат дека Општина Тетово, иако почнала учебна година, нема склучено договор за транспорт на ученици. Од Општината, пак, велат дека немаат склучено договор со ниту еден превозник затоа што на објавениот тендер, превозниците понудиле повисоки цени за превоз.

– Тендерот за превозници беше поништен затоа што сите превозници имаа понудени повисоки цени за превоз, од сумата што за оваа намена ни е одобрена од Министерството за образование. За оваа одлука превозниците поднесоа жалба до комисијата за јавни набавки, од каде чекаме одговор. Додека не добиеме одговор од комисијата, не можеме да преземеме никакви мерки околу превозот со учениците – изјавија од Општина Тетово.


МОН со грант од 700.000 евра ќе финансира проекти меѓу средни училишта и фирми


Скопје, 3 април, 2016 - 15:08 (META) 

Министерството за образование и наука (МОН) почнува со реализација на грант програма вредна 700.000 евра чија цел е поврзување на јавните стручни средни училишта со малите, средни и големи компании во земјава, соопшти денеска заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Програмата се спроведува во соработка со Светската банка преку „Проектот за развој на вештини и поддршка на иновации“, а крајниот исход што се очекува од нејзината реализација, како што изјави Ристовски, е подобрување на практичната настава и вештините за вработување на учениците.

Конкурсот за аплицирање со предлог проекти е објавен на интернет-страница на МОН, mon.gov.mk.

– Програмата нуди неколку типови на грантови, односно нуди можност за финансирање на проекти за реализација на практичната настава во склоп на училиштата, за организирање на кампови за техничка обука за време на летен распуст, курсеви за практична обука во училиштата, проекти за реализација на практична настава во компаниите – директно на работно место, проекти за основање на реални училишни компании. Износот на средства кои можат да се добијат се движи од 5.000 до 20.000 евра по проект, во зависност од самиот проект. Може да се аплицира со повеќе проекти за повеќе типови на грантови. Предлог-проектите се доставуваат до Министерството за образование и наука најдоцна до 15 мај – рече заменик-министерот.

За распределбата на средствата, односно за прифаќање на апликациите, како што појасни Ристовски, ќе одлучува посебна комисија, формирана специјално за оваа намена, во која ќе учествуваат претставници на МОН и на стопанските комори.