!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Синдикатот на „Југохром“ бара итна средба со Димитриев


Тетово, 23 март, 2017 - 13:45 (META) 

Синдикатот на „Југохром Алзар – Јагуновце“ бара итна средба со техничкиот премиер, Емил Димитриев, поради ситуацијата со комбинатот, чии печки се исклучени поради пробивањето на рокот за изградба на пречистителна станица.

Од синдикатот реагираат на игнорирањето од страна на Владата на нивниот последен допис и бараат средбата со Димитриев да се случи најдоцна в понеделник.

Оттаму наведуваат дека за утре, синдикатот имал најавено протест пред зградата на Владата, кој самите го откажале поради сложената политичка ситуација во земјава.

– Сметаме дека имавте доволен временски простор да оформите став како влада за работењето на „Југохром Алзар Јагуновце“. Сакаме да укажеме дека ова е последно обраќање до Вас и бараме владата дефинитивно да се произнесе со став за „Југохром“. Сметаме дека оваа влада секогаш имала агенда на отворање нови работни места и развој на економијата, меѓутоа со нас – вработените во „Југохром“ се покажува спротивното – стои во дописот на синдикатот на „Југохром“ до техничкиот премиер Емил Димитриев.

Комбинатот „Југохром“ престана со работа на 31 октомври минатата година, откако инспекторатот за животна средина донесе одлука фабриката да ги згасне печките поради пробивањето на рокот за изградба на пречистителна станица.


Политичката состојба и економската соработка, теми на разговор на средбата Груевски – Лисјен


Скопје, 22 март, 2017 - 19:02 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, заедно со членот на извршниот комитет на партијата, Христијан Мицковски, денеска се сретнале со амбасадорката на НР Кина, Јин Лисјен.

На средбата соговорниците разговарале за актуелната политичка состојба, ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на клучните прашања важни за Македонија, како и за соработката на економски план со Народна Република Кина.

– За многу од работите што СДСМ сега ги прифаќа, за време на изборната кампања нè обвинуваше дека ги лажеме граѓаните кога посочувавме дека тие тоа би го прифатиле. Не само што го одобрија тоа во што се сомневавме, туку прифатија и пообемна палета на мерки сместени во една платформа направена во соседна држава, објавени од тамошниот премиер – истакнале од ВМРО-ДПМНЕ на средбата со Лисјен.

Од ВМРО-ДПМНЕ било посочено дека „целта на сето ова треба да се оствари со помош на СЈО, кое има исклучително политички, а не правни цели“.

– Се покажа дека СЈО се претвори во инструмент за политички прогон, засега насочен кон ВМРО-ДПМНЕ, а во корист на СДСМ и на тие што стојат зад нив во целата оваа операција, но тоа народот го препозна и затоа е огромниот револт кај граѓаните. Истовремено политичкиот инструмент СЈО се насочи и кон притисоци на медуми кои не се под контрола на СДСМ, што е уште еден доказ за задните намери во нивното работење – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за средбата.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнале дека понудиле два можни излези од кризата.

– Едниот е да имаме предвремени парламентарни избори заедно со редовните локални избори. Второто решение е можноста што му ја понудивме на СДСМ за да се избегне спроведувањето на тиранската платформа, на СДСМ да се дадат на располагање сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на нивна малцинска влада. Тие досега не го прифатија тоа – велат од ВМРО-ДПМНЕ.


Груевски три часа му објаснувал на Хан дека ова било „политичко силување“


Скопје, 22 март, 2017 - 10:17 (META) 

Средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханеси Хан, траела три часа и на неа, како што соопштуваат од партијата, Груевски и неговите соработници „многу директно, јасно и прецизно“ ги претставиле своите позиции за моменталната политичка состојба, но и за „сите причинители, поттикнувачи и извори на неколкугодишната криза во Македонија“.

Груевски на средбата со Хан и со тројцата европратеници, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, бил придружуван од партиските функционери Антонио Милошоски, Илија Димовски, Александар Николоски и Христијан Мицковски.

– ВМРО-ДПМНЕ отворено зборуваше за директното мешање на надворешни фактори во создавањето на кризата, неприфатливата улога и мешањето на неколку амбасадори во процесот на формирање на владата, улогата на СЈО како политичка испостава на СДСМ и на некои надворешни центри за уцени, притисоци, замолкнување и за закана кон политичари, новинари и медиуми, политичката измама со постизборното презентирање на платформата од Тирана како документ – услов за составување на влада, разочараноста што Европската комисија не ја осуди платформата, намерата на одредени центри да се скрши и по можност да се елиминира ВМРО-ДПМНЕ за да се редефинира државата… – стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за средбата.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласиле дека мнозинството од македонскиот народ не може да биде оставено во опозиција и без право да учествува во раководењето и во одлучувањето за иднината на својата држава.

– Македонските граѓани се крајно револтирани затоа што не само што се крши принципот „победник со победник“, кој меѓународната заедница го наметна, туку јасна е намерата преку тоа кршење, мнозинството Македонци да одат во опозиција за да можат албанските партии заедно со СДСМ, како поразена партија поддржана од малцинството од граѓаните и особено од малцинството од Македонците, да го сменат името и идентитетот и да ја применат тиранската платформа за редефинирање до непрепознавање на земјата, и дека СЈО е главната алатка за олеснување и за спроведување на тој план, чиј креатор заборавил дека Македонија освен партии и политичари има и народ, и дека ова што се случува е „политичко силување“ на државата и на народот и неговата волја – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата било предочено дека одговорноста за понатамошниот развој на состојбата ја носат сите политички чинители, вклучувајќи ги претставниците на меѓународната заедница и дека многу избразни и непромислени чекори и изјави од кој било фактор создаваат и можат да создадат сериозни тензии во целокупното општество.

– ВМРО-ДПМНЕ посочи дека предвремени избори секако ќе има, но колку побргу се одржат тие, толку подобро за Република Македонија. Потребно е да се искористи можноста тие избори да се одржат заедно со локалните избори, во најкус можен рок, заради ставање конечен крај на долгогодишната криза, која во овие денешни околности очигледно не е во можност да заврши – се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за средбата со еврокомесарот Хан.


Иванов – Орбан: Други држави да не се мешаат во внатрешните работи на Македонија


Будимпешта, 20 март, 2017 - 19:51 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Унгарија, се сретна со унгарскиот премиер, Виктор Орбан, кому му изразил благодарност за поддршка што Македонија ја добива од Унгарија во однос на уставното име, за предизвиците од илегалната миграција, како и за унгарската иницијатива за осуда на тиранската платформа на последниот состанок на Европскиот совет.

– За Унгарија неприфатливо е други држави да се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија. Нови предвремени избори се единствено исправно решение за излез од политичката криза во Република Македонија – порачал унгарскиот премиер Орбан, соопшти кабинетот на Иванов.

Премиерот Орбан го информирал Иванов дека Унгарија има цврст став против тиранската платформа и додадал дека стабилноста на ЕУ е невозможна без стабилноста на Република Македонија.

Орбан, исто така, нагласил дека ЕУ има погрешен пристап кон Република Македонија и дека нашата држава одамна требало да стане членка на ЕУ и на НАТО.


„За заедничка Македонија“ бара средба со еврокомесарот Хан


Скопје, 19 март, 2017 - 14:16 (META) 

Претставници од иницијативата „За заедничка Македонија“ бараат средба со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, кој во вторник доаѓа во Македонија.

Ова денеска го соопшти членот на иницијативата и директор на Македонската опера и балет (МОБ), Игор Дурловски, кој рече дека никој „не смее, не треба и не може да ги игнорира 200.000 граѓани кои секојдневно протестираат“.

– Бараме господинот Хан да се сретне со нас за да може да му ги претставиме нашите цели и барања кои се фиксни и непроменливи. Нивното игнорирање и игнорирањето на нашите барања може да создаде само дополнителни ризици. Ако ЕУ е за почитување на граѓанско општество, тогаш треба да покаже дека декларативните заложби не се само флоскули, туку треба да преземе конкретни дела, а за почеток може да прифатат средба со нас. Игнорирањето од страна на Хан ќе го сметаме за неискрен однос и за приказ на не добри цели и намери на ЕУ кон Република Македонија – рече Дурловски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во петокот изјави дека неговата партија ќе достави три барања до еврокомесарот, односно дека ќе бара од Хан да ја осуди „тиранската платформа“, да го испочитува правилото за коалицирање „победник со победник“ и да ги земе предвид протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“.


Рибарев се сретна со Јанева, разговарале за соработката меѓу судот и СЈО


Скопје, 17 март, 2017 - 15:33 (META) 

Новиот в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1, Стојанче Рибарев, денеска имал средба со специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

– Денеска Стојанче Рибарев во просториите на овој суд оствари средба со обвинителката Катица Јанева од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите. На средбата се разговараше за актуелните прашања во врска со соработката на двете институции – стои во соопштението.

Инаку, во изминатиов период Специјалното јавно обвинителство често реагираше поради опструкциите од страна на Кривичниот суд и начинот на кој одредени судии ги процесуираа, односно ги блокираа предметите на СЈО.

Од судот, информираат дека денеска била реализирана и планираната посета од страна на судиите од Апелацискиот суд Скопје, а се одржала и седница на судии на која се разгледувале резултатите од досегашното работење на овој суд.

На седницата, судии на Основниот суд Скопје 1 дале и свои предлози во врска со подготовката на годишниот распоред за работа на судот.


Меркел ќе ја посети Москва на 2 мај, најави Путин


Москва, 16 март, 2017 - 20:13 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел ќе ја посети Москва на 2 мај, изјави денеска рускиот претседател, Владимир Путин, на состанокот со премиерот на Баварија, Хорст Зехофер, јавуваат светските агенции.

„Посакајте ми сè најдобро со федералната канцеларка. Ја чекаме посетата на госпоѓа Меркел на 2 мај“, рекол Путин.

Меркел, заедно со францускиот претседател Франсоа Оланд, беше посредник во постигнувањето на мировниот договор во Минск помеѓу проруските сепаратисти на истокот на Украина и украинските сили. Германската кацеларка е жесток критичар на Кремљ поради неговите акции во Украина и во Сирија.

Посетата на германската канцеларка на Русија доаѓа во пресрет на изборите во Германија, закажани на наесен, на кои Меркел ќе се бори за четврти мандат на чело на германската влада.

Инаку, Меркел утре во Вашингтон треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.

Западните медиуми, цитирајќи официјални претставници на САД, пишуваат дека Трамп ќе бара совет од Меркел што да прави со Русија.


Нухиу: МВР има капацитет за одржување на јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните


Скопје, 16 март, 2017 - 18:11 (META) 

Министерството за внатрешни работи има капацитети и е максимално посветено на одржувањето на јавниот ред и мир и на безбедноста и сигурноста на граѓаните. Ова, осврнувајќи се на актуелната ситуација во земјава, денеска го истакнал министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, на средбата со претставниците на комисијата за избори, имунитет и деловничко уредување на германскиот Бундестаг, придружувани од амбасадорката на Германија во Македонија, Кристине Алтхазуер.

На средбата двете страни ја нагласиле успешната соработка помеѓу двете земји и изразиле подготвеност за нејзино продлабочување и за интензивирање во иднина.

„Министерот Нухиу, воедно, изрази и благодарност за поддршката која ја добиваме од Сојузна Република Германија, како од аспект на материјално-техничка опрема, така и од аспект на организирање на разни обуки и усовршување во различни области од полициското работење. Претставниците на Бундестагот истакнаа дека соработката и партнерството со Република Македонија ќе бидат продлабочени и интензивирани и во иднина, заради евро-атлантска интеграција на земјата“, стои во соопштението на МВР за средбата.


Беса и СДСМ разговарале за можни решенија за излез од кризата


Скопје, 15 март, 2017 - 15:43 (META) 

Претставници на движењето Беса, предводени од претседателот Билал Касами, денеска се сретнале со преставници на СДСМ, соопштија од Беса.

„Тема на дискусија беа последните политички случувања и настанатата ситуација во земјата, по одбивањето на претседателот на државата да го даде мандатот. Исто така, се разговараше и за можните решенија за излез од кризата со која се соочува земјата за функционализација на институциите“, велат од Беса.

Оттаму велат дека контактите помеѓу партиите ќе продолжат и во наредните денови. Беса нагласува дека и понатаму ќе игра конструктивна улога и дека и понатаму ќе биде дел од решението, а не дел од проблемот.


Коѕиас со Тилерсон зборувал за политичката криза во Македонија


Вашингтон, 14 март, 2017 - 11:52 (META) 

Политичката криза во Македонија била една од темите за кои кусо зборувале шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, и неговиот американски колега, Рекс Тилерсон. Коѕиас и Тилерсон се сретнаа вчера во Стејт департментот и главно разговарале за улогата на Грција на Медитеранот и во Балканскиот Регион, продолжувањето на соработката со САД и за енергетските проекти.

По првата официјална средба со Тилерсон во Вашингтон, во изјава за грчките новинари Коѕиас нагласи дека не разговарале конкретно за Македонија, но тој пред американскиот колега ја споменал македонската политичка криза за време на разговорот за стабилноста и за ситуацијата на Балканот. Тилерсон, според Коѕиас, бил заинтересиран да слушне што мисли Грција кои се силите кои го дестабилизираат Балканскиот Регион.

„Кога ги образложував темите за стабилноста во регионот, ја спомнав и нестабилноста што владее кај северните соседи и нашиот обид да ги стабилизираме“, изјави доста воопштено Коѕиас.

Според Коѕиас, тој на оваа средба се обидел да ја покаже волјата на грчката влада да ја продолжи соработката со САД и да покаже колку е важна улогата и позицијата на Грција регионот. Според грчките медиуми, Коѕиас на Тилерсон му извадил и мапа, посочувајќи дека Грција е единствената стабилна држава во нестабилен регион.

Шефот на грчката дипломатија за време на посетата на Вашингтон ќе се сретне и со новиот советник за безбедност на администрацијата на Доналд Трамп, генерал-полковник Херберт Р. Мекмастер.