!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев: Србија е земјата со која односите најмногу ни напреднаа во последните пет години


Белград, 21 ноември, 2017 - 13:32 (META) 

Перцепцијата на граѓаните во Република Македонија е дека Србија е на прво место од соседите со кои најмногу се подобрени односите во последните пет години, сосед со кој граѓаните имаат најдобри лични искуства, сосед чија историја и култура најдобро ги познаваат, сосед за кој се има најдобро мислење, како и сосед со кој би сакале најблиски односи, рекол македонскиот премиер Зоран Заев на заедничката прес-конференција со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, во Белград.

Зборувајќи за регионалната соработка, Заев нагласил дека таа ќе се базира на принципот за еднакви услови за сите, пренесува владината служба за информирање.

– Планот за регионална економска област на Западен Балкан, кој се базира на принципите на еднакви услови за сите во регионот, предвидува наши заеднички интереси: промовирање на понатамошна трговска интеграција, воведување динамичен регионален инвестициски простор, олеснување на регионалната мобилност и креирање агенда за дигитална интеграција – нагласи Заев.

Македонскиот премиер посочил дека со премиерката Брнабиќ се согласиле дека од особен интерес на двете земји е соработката во областа на дигитализацијата, партнертво на отворени влади, ИТ-секторот, како и креирање на култура на иновативни бизниси и претприемачки дух кај младите.

Заев ја оценил економската соработка меѓу Македонија и Србија како константно добра, укажувајќи на фактот што Србија е трет по обем на размена трговски партнер на Македонија, веднаш зад Германија и Велика Британија.

Српската премиерка Брнабиќ истакнала дека унапредувањето на односите меѓу двете земји е од особен интерес на Република Србија, со оглед на фактот дека двете земји делат многу заеднички интереси како што се евроинтеграциите, инфраструктурните проекти во рамките на Коридорот 10 и многу други.

Зборувајќи за малцинските прашања, Заев рекол дека српскиот народ е еден од конститутивните народи наведени во Уставот на Република Македонија и српскиот е службен јазик во општините Старо Нагоричане и Чучер-Сандево, како и еден од службените во Општина Куманово. Зборувајќи за Македонците во Србија, тој истакнал дека е добро што е во службена употреба во повеќе места, се изучува во неколку училишта во Србија, а во Статутот на Војводина, Македонците се наведени како конститутивен народ.


Косово изгласа нова влада


Приштина, 10 септември, 2017 - 12:34 (META) 

Со 62 гласа „за“, во парламентот на Косово беше изгласана нова влада, предводена од лидерот на Алијансата за иднина на Косово, Рамуш Харадинај. Владата ја поддржаа партијата на Харадинај, Демократската партија на Кадри Весели, Иницијативата за Косово на Фатмир Лимај, Алијансата за Ново Косово на Беџет Пацоли, пратеничката група на Србите и онаа на немнозинските етнички заедници.

Пред гласањето салата ја напуштија пратениците на екстремно националистичкото движење Самоопределување и Демократскиот сојуз.

Во кабинетот на премиерот Рамуш Харадинај, прв потпретседател на владата и шеф на дипломатијата е милијардерот Беџет Пацоли, потпретседатели се Енвер Хоџај, Фатмир Лимај, Далибор Јевтиќ, кој ќе биде и министер за враќање на раселените и за заедниците, и Дардан Гаши, кој ќе биде задолжен за дијаспората и за привлекување инвестиции.


Уапсени двајца Срби во Грција за кражба на луксузни возила


Солун, 9 август, 2017 - 12:47 (META) 

Грчката полиција уапсила двајца државјани на Србија осомничени за кражба на неколку луксузни автомобили на Халкидики.

Уапсени се 24-годишна девојка и 33-годишно момче за кои се наведува дека биле јадрото на групата која секојпат крадела автомобили во различен состав.

Украдените возила биле криени во куќа која привремено ја изнајмиле на Халкидики.

Во соопштението на полицијата се наведува дека осомничените од 13 јули во поширокиот регион на Касандра украле четири возила марка „ленд ровер“, а се обиделе да украдат уште едно.

Истрагата продолжува за да се истражи дали осомничените учествувале во уште некои кривични дела.

Приведените ќе бидат изведени пред обвинителот на регионот Халкидики.


Вулин до косовските Срби: Секој договор со Албанците е против интересите на српскиот народ


Белград, 21 мај, 2017 - 19:11 (META) 

Министерот за труд и боречки прашања Александар Вулин денеска изјави дека српската влада „очекува секој Србин на Косово“ на вонредните парламентарните избори на 11 јуни да ја поддржи Српската листа и порача дека „секој кој пред или после прави договори и компромиси со претставниците на Албанците работи против интересите на српскиот народ и за тоа ќе „сноси одговорност“.

„Гласот за Српска листа е глас за политиката на српската влада и Александар Вучиќ“ – рече Вулин после состанокот на Вучиќ со кандидатите на Српска листа на изборите на Косово, кој се одржа зад затворени врати.

Вулин истакна дека на Србите на Косово им е неопходно единство, затоа што, без цврста и јасна соработка со Белград, никој не може да се надева на спроведување на бриселскиот договор, ниту да ги зачува интересите на Србите на Косово. Тој истакна дека само Српска листа ја гарантира непрекинатата врска со Србија и дека нема да биде формирана Војска на Косово.

Директорот на владината канцеларија за Косово, Марко Ѓуриќ рече дека на албанските партии им се потребни четири пратеници за да изгласаат формирање Војска на Косово, а за да ги остварат тие цели, спремни се на секакви злоупотреби, па дури и на купување пратенички мандати.

Србите во парламентот на Косово од 120 пратеници имаат 10 загарантирани места.


Српскиот патријарх г.г. Иринеј ги нарече Македонци во областа Гора „одродени Срби“


Тирана, 12 јануари, 2017 - 15:06 (META) 

Патријархот на СПЦ, г.г. Иринеј, етничките Македонци во областа Гора ги нарече „одродени Срби“.

Поглаварот на СПЦ, таквата квалификација ја дал во опширно интервју за телевизиски канал на СПЦ, „Храм“, на што реагираше македонското друштво „Илинден“ од Тирана.

– Искажаното од страна на патријархот Иринеј, го сметаме за скандалозен став. Тој тврди дека Горанците биле Срби, кои го зборувале најчистиот српски јазик. Македонското друштво „Илинден“ од Тирана посочува дека во областа Гора не постои српско малцинство, таму има само македонско малцинство. Македонското друштво „Илинден“ го потсетува српскиот патријарх дека горанскиот говор е македонски јазик. Бараме од српскиот патријарх Иринеј во иднина да не ги нарекува Македонците во областа Гора, Срби, што е без основа и без никакви аргументи – се вели во соопштението на македонското друштво „Илинден“ од Тирана.


Албански демонстранти спречија Срби да стигнат до црква во Косово


Приштина, 28 август, 2016 - 14:18 (META) 

Албански демонстранти го блокираа патот кон остатоците од манастирот посветен на успението на Пресвета Богородица, а за каде беше најавена богослужба за христијанското население во тој дел од Косово.

Полицијата се судри со група од неколку стотини Албанци, кои го блокираа патот по кој 150 раселени Срби се упатија на литургија до местото Мушутиште кај Сува Река.

Повредени беа неколку лица, меѓу кои полицајци, а уапсени се дваесетина лица кои го блокирале патот.

По четири часа чекање, трите автобуси не успеаја да стигнат до црквата и со придружба на косовската полиција се вратија назад затоа што е утврдено дека не постојат безбедносни услови Србите да дојдат до манастирот.


Отворена постапка против три лица за убиството на 26-годишен охриѓанец


Охрид, 2 јануари, 2016 - 16:20 (META) 

Основното јавно обвинителство – Охрид отвори постапка против три лица, осомничени за вчерашниот настан во кој животот го загуби 26-годишен жител на Охрид.

За трите лица, државјани на Србија, од надлежен обвинител е побарано одредување мерка притвор. Судија на претходна постапка за трите лица определи притвор во времетраење од 30 дена.

Еден од осомничените се гони за кривично дело убиство од член 123, став 2 од Кривичниот законик, односно „убиство извршено на свиреп начин“. Другите двајца се товарат за кривично дело помагање од член 365 од Кривичниот законик.

Основното јавно обвинителство – Охрид ја продолжува истрагата за овој случај.


Притворени тројцата Срби што учествуваа во тепачката во Охрид


Охрид, 2 јануари, 2016 - 14:15 (META) 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против 29-годишниот Б.У. од Краљево, Србија, поради основан сомнеж дека извршил убиство.

Во пријавата, поради постоење основани сомневања дека му помогнале, опфатени се и М.П. (26) и Ѓ.П. (25), исто така од српскиот град Краљево. На тројцата пријавени одредена им е мерка притвор во траење од 30 дена.

Според досегашната истрага, на 1 јануари годинава, околу 2 часот, во кафе-барот „Табана“ на улицата Цар Самоил во Охрид, се случило нарушување на јавниот ред и мир со жестока вербална расправија помеѓу две групи во кои од една страна бил сега починатиот Димитар М. (27) со двајца негови пријатели од Охрид, а од другата страна биле сега притворените српски државјани.

Вербалната расправија со меѓусебна турканица се случила во објектот „Табана“, каде имало организирана прослава за дочекот на Нова година и каде сега притворените биле сместени.

Тројцата млади луѓе од Охрид по полноќ дошле во кафе-барот, застанале на шанкот каде биле сега притворените. Во еден момент, тука настанала меѓусебна вербална расправија и туркање по што од персоналот биле разделени. Потоа сега починатиот Димитар М. излегол од угостителскиот објект сакајќи да замине, а прво пријавениот Б.У. излегол надвор од објектот за да го запре и да се пресмета со него. Тука, на плочникот пред објектот, го стигнал и го нападнал, удирајќи го брутално со раце и со нозе во пределот на главата и по телото, по што од силните удари настанала смрт. Веднаш потоа Б.У. влегол во објектот каде на влезот бил пречекан од второпријавениот и од третопријавениот и се упатил кон неговата соба да се преоблече. Неговите пријатели, за да го прикријат делото, најнапред го сместиле Б.У. во собата на нивни пријателки во истиот објект, а подоцна откако се осигурале дека е безбедно, го вратиле во неговата соба.

За целосно расчистување на овој случај, СВР Охрид го обезбеди местото на настанот и во содејство и присуство на јавен обвинител изврши криминалистичко-технички увид за обезбедување материјални траги. По наредба од судија во претходна постапка, извршен е претрес во седум соби во објектот „Табана“, за пронаоѓање на сторителите на кривичното дело. Во една од собите, пронајдени се сега притворените српски државјани. Во нивната соба, пронајдени и обезбедени се траги од крв и на дел од облеката на првопријавениот.

СВР Охрид ги презеде сите неопходни оперативни мерки и истражни дејства, направи увид на местото на настанот, се спроведе постапката за препознавање на сега притворените, како и анкетирање на очевидци и вработени во угостителскиот објект „Табана“. Сите активности беа реализирани во содејство и во координација со јавниот обвинител. По негова наредба, вчера беше извршена обдукција врз телото на сега починатиот.


За речиси една година повеќе од 8.000 македонски државјани побарале азил во Германија


Скопје, 9 декември, 2014 - 16:14 (META) 

За период од 11 месеци годинава, 8.197 македонски државјани побарале азил во Германија. Како што соопшти германското министерство за внатрешни работи, Македонија е во групата на земји од каде и натаму доаѓаат најголем број политички азиланти.

Главната причина е финансискиот мотив, но, според германските закони, на секој возрасен барател, покрај обезбеден престој, храна, медицинска грижа, облека и образование за децата, му следува и помош од 130 евра месечно.

Инаку, македонските азиланти се на 6. место според бројот на барања, кои годинава во Германија се за 57 проценти повеќе од лани, а најмногу во последните 14 години.

Најголем број барања доаѓаат од Сиријци, повеќе од 35.000, следуваат Србите со повеќе од 23.000 апликации, а потоа на листата се Еритрејците, Авганистанците и Ирачаните.