Ако се намали загадувањето до ЕУ стандардите, ќе се избегнат над 800 смртни случаи годишно


Скопје, 1 ноември, 2018 - 15:30 (META) 

Повеќе од 3.000 лица годишно умираат како резултат на загадениот воздух во Македонија, предупреди Европската агенција за животна средина (ЕЕА) во последниот европски извештај за квалитетот на воздухот, објавен во понеделникот. Македонија е прогласена за земја со најзагаден воздух и во врвот по бројот насмртни случаи по глава на жител, покрај Косово, Србија, Унгарија и Бугарија.

Според Светската здравствена организација, смртноста од последици од загадениот воздух во Македонија е над 125 лица на 100.000 жители, повеќе од двојно повисока од европскиот просек, кој е 60 прерани смртни случаи годишно на 100.000 жители.

Најмалку 800 смртни случаи годишно ќе се избегнат ако Македонија го доведе нивото на загадување на воздухот до максималните граници пропишани со директивите на Европската унија, покажуваат податоците на неколку истражувања. Според проценките на Светската банка, првпат направени за 2011 година, кои оттогаш традиционално се повторуваат, во Македонија годишно се губат 1.350 човечки животи поради загаденоста со суспендирани честички ПМ10 и ПМ2,5. Последните податоци на Светската здравствена организација, пак, за 2016 година, проценуват дека загадувањето на воздухот предизвикува околу 2.500 смртни случаи годишно.

И покрај различните проценки, кои се должат, меѓу другото, и на различниот временски и географски опфат, сите проценки се единствени во тврдењето дека барем половина од жртвите би се избегнале ако загадувањето на воздухот се сведе на европските гранични вредности, а околу 80 отсто со препораките на Светската здравствена организација.

– Ако ги намали емисиите до европските стандарди, Македонија ќе избегне повеќе од 800 смртни случаи, илјадници денови изгубена продуктивност и околу 151 милион евра заштеди од лекувања годишно – нагласува Светската банка во својата проценка од 2012 година.

И македонските стручњаци имаат свои проценки. Вкупно 1.903 прерани смртни случаи, годишно поради загадување од ПМ 2,5 честички се пресметани во научниот труд на Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје и Драган Ѓорѓев од Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, што на 15 октомври е објавен во Биомедицинскиот журнал на научни и технички истражувања (BJSTR). Студијата опфаќа загадување со ПМ2,5 честички во седум градови во Македонија во периодот од 2012-2016 година. Авторите проценуваат дека загадувањето предизвикува 22,3 отсто од вкупната смртност, освен онаа од надворешни причини.

– Ако загадувањето се намали за еден микрограм на метар кубен, ќе спаси 195 животи… Ако граничните вредности се усогласат со оние на ЕУ, 908 животи ќе бидат спасени, а 1.547 ако се постигне препорачаното максимално ниво од СЗО – стои во трудот на Димовска и Ѓорѓев.

Прерано изгубените животи поради загадувањето на воздухот се тема на уште десетина научни истражувања. Едно од најцитираните е истражувањето „Влијание врз здравјето и економската цена на загадувањето на воздухот во Скопје“ на меѓународен тим научници, меѓу кои двајца Македонци. Трудот е неколку пати објавуван во стручни списанија и на конференции, а последен пат во април годинава во Меѓународниот журнал за истражувања на животната средина и здравјето. Истражувањето, извршено за 2012 година, проценува дека во 2012 година, само во Скопје, загадувањето на воздухот предизвикало прерана смрт на 1.199 лица, 547 болнички лекувања од кардиоваскуларни болести и 937 од респираторни заболувања, што општеството го чинело меѓу 570 и 1.470 милиони евра.

– Ако загадувањето се намали до европските гранични вредности, ќе се спасат 545 животи или 45 отсто, а ако се намали до границите пропишани од Светската здравствена организација, ќе се спасат 926 животи, или 77 отсто – проценува меѓународниот тим.

Автор: Игор. К. Илиевски


МВР: Продолжуваат мерките за спречување на диви трки на моторциклисти


Скопје, 5 јули, 2018 - 10:34 (META) 

Во периодот од 20 часот (04.07.) до 01.30 часот (05.07.) од страна на Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за внатрешни работи Скопје и Полициското одделение за сообраќајно ескортно обезбедување, повторно беа превземани посебни мерки и активности во делот на сообраќајот за спречување на организирање и учество во диви трки на моторциклисти, информираат од МВР.

„Притоа од страна на полициските службеници од Одделението за Безбедност на сообраќајот на патиштата привремно беа задржани пет мотоцикли, поради постоење на сомнение дека во нив се вградени одделни системи, составни делови, самостојни технички единици и опрема што се разликува од основно вградените издувни системи, согласно член 54 од Законот за возила, а против нивните сопственици ќе  бидат преземени  мерки по Законот за безбедност на патниот сообраќај  и Закон за возила. Покрај ова, а согласно законските норми, беа преземени вкупно 27 мерки за сторени сообраќајни прекршоци по разни основи“, се вели во соопштението на МВР.


ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за блокада на референдумите за мигрантите е скандалозна


Скопје, 22 септември, 2017 - 18:02 (META) 

Државниот инспекторат за локална самоуправа донесе крајно недемократска и скандалозна одлука со која се спречува одржување на референдуми и со тоа ја попречува демократијата во државата, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Државниот инспекторат за локална самоуправа е институција под контрола на Зоран Заев која очигледно по диктат мора да го блокира и оневозможува одржувањето на локалните референдуми за градењето на мигрантски населби и кампови кои ги планира владата согласно акцискиот план и стратегијата која ја донесоа. Референдумот е граѓанско и пред се уставно загарантирано право кое гледаме дека Заев од петни жили се обидува да го оспори“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија велат дека одржувањето на референдумите во неколку општини во ист ден со локалните избори е „единственото логично и рационално решение, бидејќи на тој начин се намалуваат трошоците за одржување и нема ништо спорно во таа одлука на општинските совети“.

„Уставниот суд мора веднаш да го отфрли ова решение на државниот инспекторат. Никој не смее да им забранува на граѓаните да се произнесат за ова крупно општествено прашање во ист трошок со локалните избори“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.


Советот за етика во медиумите и ЗНМ го осудија инцидентот во Општина Ново Село


Скопје, 26 јули, 2017 - 12:41 (META) 

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осуди вчерашниот инцидент во кој екипа на струмичката телевизија „Канал Вис“ била спречена да ја следи јавната седница на Советот на Општина Ново Село од градоначалникот и од советник во општината и ѝ биле упатени навреди и недолични зборови.

Советот за етика повикува да се преземат неопходни мерки за расчистување на ваквите настани, особено кога новинарот е спречен да информира за теми од широк јавен интерес, како што било случај на вчерашната седница, на која се расправало за одлука за референдум за отворање рудници.

„Затвореноста на институциите, организациите или функционерите не може да биде метод со кој ќе се спречува известувањето за теми и за прашања од интерес на јавноста. Од друга страна, новинарите мора да бидат ослободени од какви било закани и притисоци, а државата, во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, е одговорна за преземање на сите активни мерки за да се создаде и да се одржува поволна клима за слобода на изразување“, се вели во реакцијата.

Инцидентот го осуди и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

„Колешката Стојне Митева и снимателот Кире Пиличев биле навредувани со најгрди зборови и спречени да известуваат од седницата на Советот на Општина Ново Село одржана вчера, а на која се расправало за распишување референдум за или против работата на рудникот Иловица. За ЗНМ е недозволиво градоначалник на една општина, во случајов Блажо Велков, да спречува новинари во професионално работење, иако станува збор за јавна седница, какви што треба да бидат сите седници на еден општински совет. Уште понедолично е колегите да бидат навредувани од советници избрани од граѓаните. Тие наместо да се залагаат за отчетност и за транспарентност пред избирачите, а тоа најдобро се прави преку медиумско пренесување на нивната работа, се обидуваат да ги спречат новинарите во исполнување на своите обврски“, се вели во соопштението од ЗНМ, кое побара одговорност од градоначалникот и од советникот.

Градоначалникот на општина Ново Село, Блажо Велков, не дозволил на новинарската екипа на „Канал Вис“ да го снима неговото излагање за референдум за рудникот Иловица. На вчерашната јавна седница на Советот, тој го натерал снимателот да ја исклучи камерата, а советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Божин Јованов, ги пцуел и ги навредувал медиумските работници на телевизијата, информираат од „Канал Вис“.


Кампања на ХЕРА за заштита од секаква дискриминација


Скопје, 22 февруари, 2017 - 14:17 (META) 

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување (ХЕРА) заедно со Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, а со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија, од денеска ја почнува кампањата за заштита од дискриминација врз сите основи, вклучувајќи ја и сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

Пораката на кампањата е „Ако е вообичаено, не значи дека е праведно. Три пати мери, еднаш сечи, но никогаш не дискриминирај!“

Главен резултат на проектот е основањето на координативни тела за заштита од дискриминација од страна на советите на општините Штип, Куманово и Струмица. Тие ќе имаат цел заеднички да работат на зголемување на информираноста на граѓаните како да препознаат и каде да пријават дискриминација.

– Што се однесува до заштитата од дискриминација на ЛГБТИ-заедницата, во текот на оваа година, Министерството за труд и социјална политика спроведе консултативен процес за изменување на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Се надеваме дека во текот на 2017 година ќе се усвојат измени кои ќе вклучуваат сексуална ориентација и родов идентитет како основи за дискриминација, што воедно ќе ги охрабри ЛГБТИ-луѓето да пријавуваат дискриминација – велат од ХЕРА.

Комисијата за заштита од дискриминација во текот на 2016 година одлучуваше во неколку случаи на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Во повеќето случаи комисијата повторно не успеа да ја препознае дискриминацијата и соодветно да ги примени одредбите на Законот за спречување и заштита од дискриминација.


Комисијата за заразни болести со препораки за грипот, 7.800 лица се заболени во декември


Скопје, 28 декември, 2016 - 9:51 (META) 

Комисијата за заразни болести информираше дека во системот „Мој термин“ во декември биле евидентирани повеќе од 7.800 лица заболени од грип и очекуваат тој број да се зголеми.

На седницата одржана вчеравечер, донеле неколку препораки меѓу кои и да се изврши темелна дезинфекција на сите детски градинки и училишта, како и континуирано да се одржува зголемено ниво на хигиена и почесто да се проветруваат просториите.

Комисијата даде препорака да се ограничат посетите на хоспитализираните пациенти во болниците, како и да се изврши вонредна темелна дезинфекција во сите јавни здравствени установи каде има хоспитализирани пациенти.

Од комисијата препорачуваат и избегнување на престој во поголеми собири каде што има присуство на поголем број луѓе, како и да се одбегнува контакт со заболени лица.

Според информациите на комисијата, во училиштата и во градинките не е забележано поголемо отсуство на заболени деца, а имајќи предвид дека се наближува училишниот распуст, можноста за пренос на грипот меѓу учениците во училиштата се намалува.


Богов: Банките ги имаат контролните механизми за спречување нелегални трансакции


Скопје, 11 април, 2016 - 14:31 (META) 

Народна банка не ги контролира нелегалните трансакции, а механизмите за нивна контрола ги имаат банките, чии системи се под надзор на централната банка.

Ова беше појаснето на брифингот со новинарите на гувернерот Димитар Богов и на неговите соработници, во врска со сите прашања за улогата на Народна банка во расветлување на поврзаноста на физички лица или компании со сметки во офшор-земји како Панама, по повод аферата „Панама пејперс“.

Народна банка еднаш годишно ги контролира овие системи и според репрезентативен примерок на трансакциски сметки, се утврдува дали банката е изложена на одредени ризици, меѓу кои и можноста преку неа да се перат пари.

Доколку банката е изложена на таков ризик, Народна банка укажува што треба да се подобри во тој систем, за ризиците од нелегални трансакции да се сведат на минимум.

– Народна банка се грижи ризиците од вакви трансакции кај банките да бидат минимални, а во однос на нелегалните трансакации постапува Управата за финансиско разузнавање. Во однос на спречување на нелегални трансакции, важна е улогата на банката. Најпрво, таа го оценува ризикот од постоење такви трансакции преку најразлични воспоставени мехнизми и прописи. Многу е важно банката добро да го познава својот клиент. Вработените на шалтерот се првите што имаат контакт со клиентите, кои, пак, од друга страна, се категоризираат со одредено ниво на ризик за перење пари. Во зависност од нивото на ризикот се преземаат понатамошните активности. Во банката постојат и служби за спречување на перењето пари. Доколку има таква трансакција, тие ја известуваат Управата за финансиско разузнавање – велат од Народна банка.

Гувернерот Димитар Богов истакна дека има верба во институциите, дека доколку постои нелегална трансакција и Управата за финансиско разузнавање има дојава за такво нешто, тие понатаму ќе постапуваат по ова прашање. Барем засега, како што тврди гувернерот, немаат сознанија за нелегални трансакции.

Тој не одговори прецизно на прашање „дали тврди дека сите трансакции се легални“, бидејќи испитувањата сепак се на репрезентативен примерок и е невозможно сите трансакции да се контролираат.

Кога се врши плаќање од Македонија кон странство, од Народна банка појаснија дека потребно е во банката да се приложи документација што ќе ја покаже основата за трансакцијата. Трансакциите, пак, што се врз основа на странски директни инвестиции кои доаѓаат од земји кои важат за офшор-дестинации, во Народна банка ги гледаат од аспект на основата врз која се исплаќаат тие средства и, според Богов, тие трансакции не се многу и не се невообичаени и нема ништо спорно.

– Народна банка не ја оценува легалноста, туку дали има основа да се направи таа трансакција, односно дали плаќањето се врши врз основа на увоз, услуги, кредити. Има други институции што оценуваат дали е легална или нелегална – објасни Богов.

На прашањето дали случајот со офшор-сметките во Панама ќе ја поттикне Народна банка на вонредни контроли на системите на банките, Богов истакна дека ако има такви индиции, тогаш ќе се постапува по тоа прашање.

Како што информираше Богов, досега Специјалното јавно обвинителство не побарало од нив одредена информација во врска со сметки за одредени лица, а надлежните институции не издале барање за информации за т.н. „швајцарски сметки“.